Лескоец (Ресенско)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Лескоец

Поглед на сретселото

Лескоец во рамките на Македонија
Лескоец
Местоположба на Лескоец во Македонија
Лескоец на карта

Карта

Координати 40°57′59″N 20°52′59″E / 40.96639° СГШ; 20.88306° ИГД / 40.96639; 20.88306Координати: 40°57′59″N 20°52′59″E / 40.96639° СГШ; 20.88306° ИГД / 40.96639; 20.88306
Регион  Пелагониски
Општина  Ресен
Област Горна Преспа
Население 0 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7310
Повик. бр. 047
Шифра на КО 23025
Надм. вис. 1000 м
Слава Ѓурѓовден
Лескоец на општинската карта

Атарот на Лескоец во рамките на општината
Лескоец на Ризницата

Лескоец — село во Општина Ресен, во областа Горна Преспа, во околината на градот Ресен, сместено во близина на брегот на Големото Преспанско Езеро.

Потекло на името[уреди | уреди извор]

Во врска со името на селото, Влоѓимјеж Пјанка пишува дека произлегува од зборот „леска“ (вид шумско растение).[2] Ваквиот заклучок ја потврдуваат и преданијата на денешните лескочани. Кај некои од жителите, провејува и друго мислење, дека нивното село го добило името од некојси Леско, кој прв дошол на ова место и изградил своја куќа.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Поглед во селото

Селото се наоѓа на околу 2 километри западно од Големото Преспанско Езеро и одморалиштето „Царина“, сместена во длабока долина на планината Галичица, оградена со ридовите Осој и Стрнана, на надморска височина од околу 1000 метри.[2]

Се претпоставува дека селото не ја менувало својата местоположба во текот на својата историја.[2]

Лескоец се граничи со следниве села: со Отешево и подрачјето на Општина Охрид (со селото Пештани) на север, со Стење на исток, со територијата на Албанија на југ, а во тој склоп со селото Горна Горица и повторно со подрачјето на Општина Охрид на запад (овој пат со селата Трпејца, Љубаништа, Елшани и Коњско).[2]

Атарот на Лескоец зафаќа површина од 2491 (околу 25 км2) и зафаќа исклучително ридско-планинско карсно земјиште обраснато со листопадна шума од најразлични видови и тревнати терени. Во близина на селото постојат три помали месности, кои се користеле како обработлива површина. Од вкупната површина на атарот: 117,5 хектари се обработливо земјиште, 1003 хектари пасишта и 957,2 хектари шума.[2]

Атарот на Лескоец не поседува доволно вода за сите потреби. Вода се пиело од единствената селска чешма, чиј водотек во летниот период значително се намалува, како и од неколкуте селски бунари. Во 1938/39 година, во месностите Горно и Долно Суво Поле биле направени „локви“, вештачки базени, за напојување на стоката.[2]

Лескоец е село од собран тип со околу 30 домаќинства куќи, ѕидани од камен и земја, повеќето на приземје, без оградени дворни места во кои се наоѓаат и други објекти (штали, плевни, зимници, фурни, бунари и др.).[2]

Историја[уреди | уреди извор]

Лескоец е старо христијанско село во кое секогаш живееле православни Македонци. Под различни облици на денешното име (Лесково, Лесковац, Лескоец, и Лесковец) неговото постоење е забележано во повеќе извори од различни периоди.[2]

Во XIX век, Лескоец се наоѓало во Битолската каза, нахија Долна Преспа, во Отоманското Царство.

До 1912 година, Лескоец било под турска власт, во тој склоп и беговски чифлик. Во текот на подготовките за Илинденското востание земало активно учество со своја востаничка чета од 12 луѓе под раководство на Јоше Глобочки (од Подмочани). Во текот на востание, селото било ограбено и запалено. Загинале 6 жители.[2]

Во Првата балканска војна (ноември 1912), селото се нашло под српска власт, а во текот на Првата светска војна под бугарска окупација. Подоцна, со поместувањето на фронтот, низ селото поминале и војските на Антантата. Во еден момент, селото се нашло на самиот Македонски фронт, поради што од 1916 до 1918 година лескочани биле евакуирани во селото Горна Горица. Во овие војни, способните лескочани биле мобилизирани во војските на спротивставените страни. Загинале двајца мобилизирани војници.[2]

По завршувањето на Првата светска војна, Лескоец повторно се нашло под српска власт. Во овој период, во селото постоела жандармериска станица и штаб на пограничните единици, а селото било во состав на општината Стење.[2]

Во Втората светска војна селото паднало под окупација на фашистичка Италија (мај 1941 година), со што се нашло во составот на т.н. Голема Албанија. По капитулацијата на Италија (8 септември 1943 година) паднало под окупација на фашистичка Бугарија, под која останало до ослободувањето на 5 септември 1944 година.[2]

Во овие војни, стенчани биле мобилизирани во војските на спротивставените страни, а во 1917 и во 1918 година, цивилното население било евакуирано во селото Горна Горица. Селото било целосно разурнато.[2]

Со своја прва училишна зграда селото се здобило во 1945 година, а дотогаш децата учеле во соседното село Стење. Електрична енергија добило во 1960 година, а асфалтен пат во 1988 година. Во 1985 година во месноста Умиште била изградена краварска фарма.[2]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Туристичко-информативна табла од НП „Галичица“ на сретселото

Населението главно се занимавало со поледелство, сточарство и печалбарство. Најмногу се произведувало жито (’рж, пченица, пченка, јачмен) и градинарски култури (грав, леќа, кромид, пипер, домати, праз, лук), додека во рамките на сточарството се одгледувале волови, овци, кози и коњи. На печалба најмногу се оделе во времето на турското владеење и по ослободувањето на земјата од фашизмот.[2]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948279—    
1953298+6.8%
1961239−19.8%
1971160−33.1%
198187−45.6%
ГодинаНас.±%
199117−80.5%
199412−29.4%
200212+0.0%
20210−100.0%

Во текот на своето постоење, Лескоец го бележело следниот демографски развој: во 1889 година селото имало 16 куќи, 22 семејства и 117 жители (С. Верковиќ).[2]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Лескоец имало 92 жители, сите Македонци христијани.[3] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Лескоец имало 64 жители.[4]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Лесковец се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 19 куќи.[5]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[6]

Според пописот од 2002 година, во селото Лескоец живееле 12 жители, сите Македонци.[7]

Според последниот попис од 2021 година, во селото немало жители.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 92 64 279 298 239 160 87 17 12 12 0
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[8]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[9]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]

Родови[уреди | уреди извор]

Лескочани пренесуваат предание дека првите луѓе кои се населиле на ова место биле од Чукус крај Елбасан, Албанија, а за нивни потомци се сметаат денешните семејства Стерјовци, Мијаловци и Ивановци. Подоцна се населиле Ничовци од Нивици, Римановци од Туминец и Симолевци од Горна Горица.[2]

Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1949 година, родови во селото се:

  • Доселеници: Миајлевци (5 к.), Стерјовци (6 к.) и Ивановци (10 к.) се сметаат за најстари во селото. И доселени се од некое место Цура (?). Некои други кажуваат дека се од Облаково, или пак привремено престојувале таму. Некое време живееле и во селото Буф кај Лерин, пред да се населат во Лескоец; Раповци (2 к.) доселени се однекаде; Симовци (1 к.) доселени се околу 1881 година од селото Горна Горица во Мала Преспа; Ничовци и Илиовци (7 к.) доселени се кон крајот на XVIII век од селото Нивици во егејскиот дел од Преспа; Котевци (4 к.) и Ристовци (2 к.) стари доселеници со непознато потекло; Ѓоргијовци (3 к.) доселени се од селото Стење. Потекнуваат од домазет. Таму припаѓале на родот Оџаковци; Ќито Чакоски (1 к.) и Никола Спириќ (1 к.) доселени се од селото Јанковец. Тие се Власи.[12]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Ресен, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Ресен.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Ресен. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Ресен.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Царев Двор, во која покрај селото Лескоец, се наоѓале и селата Волкодери, Горно Дупени, Дрмени, Евла, Коњско, Лавци, Отешево, Перово, Покрвеник, Прељубје, Стење, Стипино, Царев Двор и Шурленци. Во периодот 1950-1952 година, селото било дел од некогашната Општина Стење, во која влегувале селата Коњско, Лескоец и Стење.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Селото е опфатено во избирачкото место бр. 1670 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на селски дом во Стење. Во ова избирачко место се опфатени населените места: Лескоец, Стење, Отешево и Коњско.[13]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 434 гласачи.[14]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Поглед на црквата „Св. Никола“, околу која се наоѓаат и селските гробишта
Археолошки наоѓалишта[15]
Цркви[16]
Пештери[17]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

До 1949 година, неколку семејства се иселиле во Романија, Турција и во Канада.[12]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 2,16 Јовановски, Владо (2005). Населбите во Преспа (PDF). Скопје: Ѓурѓа. стр. 194–198. ISBN 9789989920554. Посетено на 22 октомври 2016.
  3. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 241.
  4. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 168-169.
  5. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 15.
  6. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  7. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 25 октомври 2016.
  8. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  9. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  10. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  11. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  12. 12,0 12,1 Русиќ, Бранислав. Фонд Русиќ. Архивски фонд на МАНУ к-5, АЕ 97.
  13. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  14. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  16. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  17. Колчаковски, Драган (1993). Категоризација на позначајните пештери во Република Македонија. 1 (1. изд.). Скопје: Институт за географија,ПМФ.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]