Методија Фотев

Од Википедија — слободната енциклопедија
Методија Фотев
Роден(а)14 март 1932
Љубојно, Ресенско
Починал(а)11 февруари 2019
Скопје, Македонија Македонија
НационалностМакедонец
Занимањероманописец
поет

Методија Фотев (Љубојно, Ресенско, 14 март 1932 - Скопје, 11 февруари 2019) — македонски романописец и поет. Завршил учителска школа во Битола. Работел како уредник во РТВ. Член на Друштвото на писателите на Македонија од 1957 година. Добитник е на наградите: „11 Октомври“, „13 Ноември“, „Рациново признание“.

Животопис[уреди | уреди извор]

Основно осумгодишно училиште завршил во Љубојно. Така, војната го затекнала во второто основно одделение. За време на војната, пет месеци посетувал италијанско училиште, а потоа посетувал албанско училиште, за во трето одделение да учи на бугарски. Конечно, во 1944 година есента, до пролетта 1945 година, Фотев го заврши четвртото одделение на основното училиште во Љубојно, на македонски јазик и при македонски учители. Есента отпаувал во Битола каде што го учел петтото одделение три месеци, а потоа се вратил во Љубојно да го продолжи школувањето, зашто тогаш во Љубојно се отворило осумгодишното училиште ,,Димитар Влахов”, кое често се нарекува расадник на македонски интелектуалци. Во 1952 година Мето Фотев ја завршил Учителската школа во Битола и станал еден од првите учители од Долна Преспа. Во 1953 година пристигнал во Скопје, прво работел во Радио Скопје како новинар, потоа, се префрлил во редакцијата на ,,Нова Македонија”. Меѓутоа, поради немање учители во Македонија, го определиле за учител во ЛазарополеДебарско. Учителствувал две години во ова мијачко село и пак се вратил во Скопје. Се запишал на факултет и работел во Радио Скопје.

Од Радио Скопје се префрлил во редакцијата на ,,Нова Македонија”, од каде што го испратиле за дописник во Струмица и во тој град останал девет месеци. Редакацијата го викнала во Скопје и по една година Фотев пак работел во Радио Скопје, во новоотворената редакција Младинска програма, во летото 1956 година.

Во 1955 година, пролетта го печати својот прв расказ ,,Очи” во додатокот на Разгледи ,,Никулци”. Во период од 1956-1970 година, цели 15 години, Фотев работтел во Радио Скопје, менувал неколку редакции и одвреме-навреме објавувал раскази во македонските списанија и весници. Потоа работтел во Телевизија Скопје и бил уредник на драмската редакција, каде постигнал видни резултати на полето на драмата, а особено внимание посветил во неговото творештво.

Така, во 1966 година му излегла од печат неговото првороденче во литературата, романот ,,Потомците на кат”, во издание на ,,Култура”, Скопје. Со овој роман Мето се прославил и како резултат на тоа, во 1967 година ја добил наградата „11 Октомври” токму за романот ,,Потомците на кат”. За него се пишувало во домашните и другите медиум, од што произлегло во 1973 година, издавачкото претпријатие „Народна књига” од Белград овој роман да го издаде на српскохрватски јазик. Година подоцна, скопската „Култура” испечатила второ издание од овој веќе популарен роман.

Во 1969 година во издание на Издавачката куќа „Култура” од Скопје, му излегол вториот роман „Селани и војници”. Истата година, Фотев за ова дело ја добил наградата „13 Ноември”, за потоа во 1977 година „Матица српска” од Нови Сад, да го издаде романот „Селани и војници” на српскохрватски јазик.

Во 1970 година го испечатил својот трет роман „Големите скитачи” во издание на издавачкото претпријатие „Мисла” од Скопје. Ова книжевно дело доживеало во 1974 година, приштинската издавачка куќа „Рилиндија” да го издаде романот „Големите скитачи” на албански јазик.

Четвртиот роман на Фотев е насловен како „Неплодна вода”, издаден во 1978 година. Последниот негов роман е „Вавариум” издаден 2010 година. Тој е добитник на наградите: „11 Октомври”, „13 Ноември”, „Рациново признание”, наградата „Дијалог” и други.

Починал во Скопје на 11 февруари 2019 година.[1]

Книжевно творештво[уреди | уреди извор]

  • Потомците на Кат (роман, 1966)
  • Селани и војници (роман, 1969)
  • Големите скитачи (роман, 1970)
  • Неплодна вода (роман, 1978)
  • Вавариум (роман, 2010);
  1. ПОЧИНА ПИСАТЕЛОТ МЕТОДИЈА ФОТЕВ