Грнчари

Координати: 41°01′06″N 21°03′12″E / 41.01833° СГШ; 21.05333° ИГД / 41.01833; 21.05333
Од Википедија — слободната енциклопедија
Грнчари

Поглед кон селото од ридот на Преспанскиот крст

Грнчари во рамките на Македонија
Грнчари
Местоположба на Грнчари во Македонија
Грнчари на карта

Карта

Координати 41°01′06″N 21°03′12″E / 41.01833° СГШ; 21.05333° ИГД / 41.01833; 21.05333
Регион  Пелагониски
Општина  Ресен
Област Долна Преспа
Население 311 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7318
Повик. бр. 047
Шифра на КО 23006
Надм. вис. 860 м
Слава Илинден
Грнчари на општинската карта

Атарот на Грнчари во рамките на општината
Грнчари на Ризницата

Грнчари — село во Општина Ресен, во областа Долна Преспа, во околината на градот Ресен, сместено во близина на источниот брег на Големото Преспанско Езеро.

Потекло на името[уреди | уреди извор]

Во врска со името на ова село, Влоѓимјеж Пјанка пишува дека е примарно професионално рамно на апелативот „грнчар“ во множина и укажува дека село со име Грнчар има кај гратчето Мелник во Бугарија.[2]

Грнчарци пренесуваат сеќавање дека западно од селото некогаш постоела работилница за изработка на керамички производи (грнци, врчки, стомни, тави, пајнци и др.), чија поширока локација и денес го носи името Герамидница (Ќерамидница). Се верува дека по таа работилница (герамидница) по нејзиниот производ (грнчарија) и по нејзините работници (грнчари) селото го добило името и ден-денес го носи своето име Грнчари.[2]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Влезот во Грнчари во насока кон раскрсницата Макази

Селото е сместено во југоисточниот дел на Ресенското Поле, на една од падините во подножјето на планината Баба, односно нејзиниот разгранок Вртешка, претежно поставено на левата страна на патот Макази-Маркова Нога (македонско-грчка граница). Сместено е на надморска височина од околу 875 метри.[2] Селото е оддалечено 11 километри од градот Ресен.[3]

Се пренесува предание дека Грнчари е преместено село. За негова претходна местоположба се спомнува местото Скочино, југоисточно од денешната, во реонот на Среден Рид, каде што некогаш минувал т.н. „Битолски пат“. При ова уште се додава дека преместувањето се случило некаде во XVIII век заради потребите од доближување до плодните делови на рамницата. Меѓутоа, овој податок не бил можел да биде веродостоен од причини што и двете села (Грнчари и Скочино) паралелно постоеле уште во средината на XVI век. Можно е жителите на село Скочино да се преселиле во соседните поголеми села, па и во селото Грнчари.[2]

Грнчари се граничи со следниве села: со селото Подмочани на север, со селото Курбиново и подрачјето на Општина Битола (во тој склоп со селото Маловиште) на исток, со Рајца на југ и со селата Езерани и Асамати на запад.[2]

Атарот на Грнчари се простира на површина од 1135 хектари (околу 11,35 км2) и зафаќа рамничарско земјиште и шумовито земјиште претежно обраснато со листопадна шума (даб, бука, јавор, јасен, дрен и леска). Околу 1960 година, на месностите Присен (меѓу Грнчари и Подмочани) и Рајцка Корија (меѓу Грнчари и Рајца) е засаден бор. Покрај ова, во атарот на Грнчари постојат ниски (источно од селото) и високопланински пасишта на месностите Кодро и Широка Орница. Од вкупната површина на атарот, 564,8 хектари се обработливо земјиште, 118 хектари пасишта и 376,4 хектари шуми.[2][3]

Низ атарот на Грнчари тече поток, кај месното население познат под името Стара Река. Покрај овој, постојат и други потоци (Рудина, Јазот и Скочинска Река, која тече меѓу Грнчари и Рајца). Во летниот период сите значително го намалуваат својот водотек, дури и пресушуваат.[2]

Грнчари е големо и убаво село од собран тип со околу 250 куќи и 17 вили, сите обновени или новоизградени и внатре современо опремени. Околу куќите постојат поголеми или помали вкусно оградени дворни места, во кои се сместени стопанските и други објекти (штали, плевни, магацини, тремови, гаражи, а во некои се засадени цветни или овошни градини). Според групираноста на куќите и семејствата, селото е поделено на четири маала: Макаловска (северниот), Асановска (источниот), Мединовска (западниот) и Рисјанска (јужниот дел на селото).[2]

Грнчари претставува граница помеѓу областите Долна и Горна Преспа. Селото се смета дека е дел од областа Долна Преспа, иако соседното село Подмочани, на само 2 километри северно од него се смета како горнопреспанско.

Панорамски поглед на Грнчари од ридот на кој се наоѓа Преспанскиот крст, а во позадина се гледа и самото Преспанско Езеро

Историја[уреди | уреди извор]

Грнчари е старо национално и верско мешано село во кое отсекогаш сложно живееле православни Македонци и Албанци муслимани. Под различен облик на името (Грнчани, Грнцари, Гернчјари, Грнчара и Грнчари) се спомнува во повеќе извори од различни периоди.[2]

Во XIX век, Грнчари се наоѓало во Битолската каза, нахија Долна Преспа, во Отоманското Царство.

До 1912 година, Грнчари било под турска власт, а тој склоп и беговски чифлик.[2]

Во Првата балканска војна (ноември 1912), селото се нашло под српска власт, а во текот на Првата светска војна под бугарска окупација. Подоцна, со поместувањето на фронтот, низ селото поминале и војските на Антантата. Во еден период од војната (1916-1917), селото било засолниште за евакуираното население од селата на Долна Преспа (Долно Дупени, Наколец и Сливница), како и Претор и Асамати.[2]

По завршувањето на Првата светска војна, Грнчари повторно се нашло под српска власт. Во ова време, Грнчари било во состав на општината Подмочани.[2]

Во Втората светска војна селото паднало под окупација на фашистичка Италија (мај 1941 година), со што се нашло во составот на т.н. Голема Албанија. Во тоа време, во селото имало италијанска војска и карабињери. По капитулацијата на Италија (8 септември 1943 година) паднало под окупација на фашистичка Бугарија, под која останало до ослободувањето на 5 септември 1944 година. Загинале тројца жители.[2][4]

Селото Грнчари со своја прва училишна зграда селото се здобило во 1922 година, со задружен дом во 1949 година, со електрична енергија во 1960, со систем за наводнување во 1957, со телевизиски прием во 1965, со водовод во 1973, со асфалтен пат во 1970, со асфалтирани улици и амбуланта во 1985 и 1999, со телефонски приклучоци во 1983 година.[2]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Регионалниот пат Макази-Маркова Нога поминува низ самото село

Основни занимања на грнчарци секогаш биле поледелството и сточарството. Во рамките на поледелството најмногу се произведувало жито (пченица, ’рж, јачмен, пченка и др.), потоа градинарски култури (пиперки, домати, лук, кромид, зелка, грав, бостан и др.). Повремено се садело тутун и се одгледувале лозја. Денес, најразвиено е овоштарството (јаболка). Во рамките на сточарството најмногу се чувале говеда (волови, крави, коњи), потоа овци и кози. Доста се одело и на печалба во странство.[2]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948769—    
1953815+6.0%
1961962+18.0%
19711.049+9.0%
19811.205+14.9%
ГодинаНас.±%
1991808−32.9%
1994476−41.1%
2002417−12.4%
2021311−25.4%

Во текот на своето постоење, Грнчари го бележело следниот демографски развој: во 1568/69 година селото имало 43 христијански семејства (опширен пописен дефтер за казите Горица, Биглишта и Хрупишта); во 1889 година, 76 куќи, од кои 17 македонски и 59 помачки и 131 жител Македонец и 243 жители Помаци од машки пол (С. Верковиќ).[2]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Грнчари имало 465 жители, од кои 165 Македонци христијани и 300 Албанци муслимани.[5] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Грнчари имало 480 жители.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 150 Македонци, 250 Турци и 250 Албанци.[7]

Селото е големо, но се намалува бројот на населението. Во 1961 година, селото броело 962 жители, од кои 597 биле Турци, 194 Албанци, а 170 жители Македонци, додека во 1994 година бројот се намалил на 476 жители, од кои 362 се Албанци, 92 Македонци и 22 Турци.[3]

Според пописот од 2002 година, во селото Грнчари имало 417 жители, од кои 79 Македонци, 326 Албанци, 11 Турци и 1 останат.[8]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 311 жители, од кои 54 Македонци, 230 Албанци, 4 Турци, 1 останат и 22 лица без податоци.[9]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Грнчари:

Година Македонци Албанци Турци Срби Ост. Лица без под. Вкупно
1948 769
1953 179 55 581 0 0 815
1961 170 194 597 1 0 962
1971 157 838 49 0 5 1.049
1981 164 963 61 0 17 1.205
1991 102 354 43 0 309 808
1994 92 362 22 0 0 476
2002 79 326 11 0 1 417
2021 54 230 4 0 1 22 311

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Родови[уреди | уреди извор]

Грнчарци се потомци на следниве постари семејства:[2]

  • македонски: Бакревци (доселени од Подмочани во 1932 година), Бочкаровци (доселени од Кривени во 1939 година), Бубулевци (доселени од Царев Двор во 1922 година), Геџовци, Гроздановци (доселени од Лева Река во 1928 година), Дуна (доселени од Белица преку Гопеша и Јанковец во 1920 година), Зенговци (доселени од Ресен во 1943 година), Јанакиевци (доселени од Лева Река во 1928 година), Јончевци (доселени од Избишта во 1920 година), Коњскари (доселени од Горица преку Коњско во 1894 година), Кажановци (доселени од Кажани, Битолско), Курбинци (доселени од Курбиново во 1908 година), Лесковчани (доселени од Лескоец во 1919 година), Љангуровци (староседелци), Марковци (доселени од Мала Преспа), Митревци (доселени од Гопеша во 1948 година), Нечовци (доселени од Подмочани околу 1860 година), Пеликудовци, Поповци (доселени од Сливница во 1917 година), Стерјовци-Перевци, (доселени од Сливница во 1928 година), Симовци (доселени од Отешево околу 1903 година), Теговци (доселени од Брајчино преку Наколец во 1934 година), Тодоровци (доселени од Лева Река).
  • албански: Асани, Ајрулаи (доселени од Арвати околу 1850 година), Неџипи (доселени од Попли), Гега (доселени од Мокра, Албанија, во 1893 година), Елмази (доселени од Арвати во 1975 година), Емини, Занамани-Рустеми (доселени од Подмочани во 1850 година), Сали (доселени од Брзешта, Албанија, околу 1850 година), Ибули (доселени од Попли), Љумани (доселени од Елмаз кај Ереска, преку Колоња, во 1904 година), Кајгани, Фејзулаи (доселени од Ресен во 1920 година), Јашари-Јајаи (доселени од Обедник, Битолско), Абдулаи (доселени од Турција), Мехмети (доселени од Ѕвезда, Корчанско, преку Крани околу 1880 година), Макаловци (доселени од Царев Двор и Дрмени), Мифтари (доселени од Царев Двор во 1928 година), Решиди-Далипи (доселени од Прењеси кај Ќафасан преку Наколец во 1925 година), Селими (доселени од Попли), Скопевци (доселени од Албанија), Тахири (доселени од Албанија преку Љубојно и Подмочани околу 1900 година), Садику (доселени од Царев Двор) и Шулаповиќ (доселени од Љубаништа, Струшко, во 1930 година).

Се пренесува сеќавање дека семејствата Дуна (подоцна иселени во Белград) и Митровци се од влашко потекло.

Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1949 година, родови во селото се:

Македонски

  • Староседелци: Ѓеџовци (5 к.), Лангуровци (1 к.), Паликудовци (2 к.), Марковци (2 к.), Миленковци (2 к.), Тодоровци (1 к.)
  • Доселеници: Теговци (1 к.) доселени се од селото Брајчино. Подалечно потекло од селото Рупишта кај Костур; Концкари (2 к.) доселени се во 1927 година од селото Коњско. Таму припаѓале на родот Ивановци. Подалечно потекло од селото П’пли во егејскиот дел од Преспа; Лесковчани (1 к.) доселени се од селото Лескоец; Нечовци (1 к.) доселени се од селото Подмочани; Јанаќијовци (1 к.) доселени се во 1928 година од селото Лева Река од родот Дамулевци. Таму биле староседелци; Гроздановци (2 к.) доселени се од селото Лева Река; Јанчевци или Поповци (1 к.) доселени се во 1920 година од селото Избишта; Бакревци (1 к.) доселени се од селото Болно; Бочкаровци (1 к.) доселени се во 1934 година од селото Кривени; Кажановци (1 к.) по потекло се од селото Кажани кај Битола. Од таму се селеле во Долна Бела Црква и во Подмочани, и на крај овде; Зенговци (1 к.) доселени се во 1943 година од Ресен; Стерјовци и Перевци (2 к.) доселени се во 1928 година од селото Сливница; Поповци (2 к.) доселени се во 1917 година од селото Сливница; Курбинци (2 к.) доселени се во 1908 година од селото Курбиново; Бубулевци (1 к.) доселени се од селото Царев Двор; Симовци (1 к.) доселени се пред 1903 година од селото Отешево.

Влашки

  • Доселеници: Дуња (1 к.) доселени се во 1920 година од селото Белица кај Струга; Митровци (1 к.) доселени се во 1948 година од селото Гопеш кај Битола.

Албански

  • Староседелци: Кајгановци (3 к.), Ќеримовци (1 к.), Брачковци (5 к.), Таревци (7 к.), Скопевци (2 к.), Асановци (7 к.), Еминовци (5 к.), Ибулевци (5 к.), Алевци (1 к.), Изеировци (8 к.), Мемишовци (9 к.), Карапашовци (1 к.), Макаловци (6 к.), Шаовци (1 к.) и Кокаловци (4 к.)
  • Доселеници: Кочибеговци (3 к.) доселени се од околината на Колоња во јужна Албанија; Селимовци или Грци (2 к.) потекнуваат од предок кој како дете бил донесен од некое место во Грција; Мемишовци (1 к.) доселени се однекаде; Елмазовци (1 к.) доселени се од селото Арвати; Замановци (1 к.) доселени се од селото Подмочани; Решитовци (1 к.) доселени се во 1925 година од селото Наколец; Решидовци или Шемовци (1 к.) доселени се од селото Козјак; Геговци (2 к.) доселени се од Мокра во Албанија; Таировци и Камберовци (2 к.) доселени се од селото Подмочани; Тафовци (3 к.) исто така од Подмочани; Ајруловци (1 к.) доселени се од селото Арвати; Мечовци (3 к.) доселени се од селото Крани; Деволовци (3 к.) доселени се од Девол во Албанија; Алковци (3 к.) доселени се од селото Рајца кај Мокра во Албанија; Шаиповиќ (1 к.) доселени се од селото Лабуништа кај Струга; Красатковци (2 к.) доселени се во 1920 година од Ресен; Мифтаровци (1 к.) доселени се во 1928 година од селото Царев Двор; Зали (2 к.) доселени се од Албанија; Садевци (2 к.) доселени се од селото Подмочани.[10]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

  • Поранешно основно училиште

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Ресен, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Ресен.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Ресен. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Ресен.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Подмочани, во која покрај селото Грнчари, се наоѓале и селата Асамати, Горна Бела Црква, Долна Бела Црква, Езерани, Козјак, Курбиново, Подмочани, Претор и Рајца. Во периодот 1950-1952 година, селото било дел од некогашната Општина Подмочани, во која влегувале селата Асамати, Грнчари, Курбиново, Подмочани, Претор и Рајца.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 1659 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на селски дом.[11]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 687 гласачи.[12]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Главната селска црква „Св. Атанасиј“, во чиј двор се наоѓаат и селските гробишта
Археолошки наоѓалишта[13]
Цркви[14]
Манастири
Џамии
  • Џамија — главна селска џамија без име
Теќиња
  • Теќе — изградено во 1935 година

Редовни настани[уреди | уреди извор]

  • Илинден (2 август) — црковно-народен собир и главна селска слава

Личности[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Постари иселеници од селото има во Скопје, САД (три семејства) и во Аргентина (осум семејства).[10]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 2,16 Јовановски, Владо (2005). Населбите во Преспа (PDF). Скопје: Ѓурѓа. стр. 80–87. ISBN 9789989920554. Посетено на 19 февруари 2017.
  3. 3,0 3,1 3,2 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 88. Посетено на 19 февруари 2017.
  4. Загинати: Мимиш Мемишовски, Џеладин Реџеповски и Ќемал Сеитовски.
  5. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 241.
  6. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 170-171.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 19 февруари 2017.
  9. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  10. 10,0 10,1 Русиќ, Бранислав. Преспанска област. Архивски Фонд на МАНУ, к-2, АЕ 87.
  11. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  12. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  13. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  14. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  15. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  16. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]