Прељубје

Координати: 41°02′00″N 20°57′40″E / 41.03333° СГШ; 20.96111° ИГД / 41.03333; 20.96111
Од Википедија — слободната енциклопедија
Прељубје

Куќи во селото

Прељубје во рамките на Македонија
Прељубје
Местоположба на Прељубје во Македонија
Прељубје на карта

Карта

Координати 41°02′00″N 20°57′40″E / 41.03333° СГШ; 20.96111° ИГД / 41.03333; 20.96111
Регион  Пелагониски
Општина  Ресен
Област Горна Преспа
Население 7 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7315
Повик. бр. 047
Шифра на КО 23033
Надм. вис. 1.020 м
Прељубје на општинската карта

Атарот на Прељубје во рамките на општината
Прељубје на Ризницата

Прељубје — село во Општина Ресен, во областа Горна Преспа, во околината на градот Ресен.

Потекло на името[уреди | уреди извор]

Во врска со името на селото, Влоѓимјеж Пјанка пишува дека е посесивно, образувано со помош на наставката „-је“ и потекнува од личното име Прељуб. Кај денешните прељупчани нема легенда или предание за самото име.[2]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Куќи во селото

Селото се наоѓа во средишниот дел на територијата на Општина Ресен, во Преспанската Котлина, недалеку од патот Ресен-Отешево.[3] Селото е планинско, сместено на надморска височина од 1.020 метри.[3]

Прељубје се наоѓа на источното подножје на Галичица, на височинка подвоена со две мали долини.[2]

Прељубје се граничи со следниве села: со Лавци на север, со Перово на исток и со Покрвеник на југ и на запад.[2]

Месности во атарот на селото се следниве: Баранѓулец, Вича, Во Лагон, Во Јама, Ледињено, Грмашница, Гркулица, Глабоко Јамче, Долна Ливада, Јасикине, Криво Блан, Каланов Даб, Кај Бачилоно, Лејчиште, Лозјана, Лапине, Марков Камен, Мартинија, Мувла, Нивана Стипонска, Над Куќи (село), Прељубје, Под Ендеци, Под Корија, Рид, Смилон, Св. Никола, Среден Пат, Св. Илија, Среде Ричено, Танејчина Река, Тумба, Црна Земја, Черешна, Селимо Нива, Џаде и други.[2]

Прељубје е село од собран тип, со околу 15 куќи, сите обновени или новоизградени, на приземје и кат, внатре современо опремени. Околу куќите постојат разновидно оградени дворни места во кои се изградени стопански и други објекти (гаражи, магацини, летни кујни и др.) и парцели на зеленчукови, овошни и цветни градини.[2]

Селото добило систем за наводнување во 1957 година, електрична енергија во 1961 година, телевизиски прием во 1965 година, асфалтен пат во 1985 година, со телефонски приклучоци во 1995 година, а водовод во 1997 година.[2]

Историја[уреди | уреди извор]

Нема податоци ниту други сознанија за некогашна дислокација на селото. Само се пренесува сеќавање дека западно од селото, во месноста Рид, некогаш постоело друго село, чии темели на куќите биле препознатливи сѐ до годините на Втората светска војна.[2]

Прељубје е старо христијанско село во кое секогаш живееле православни Македонци. Под различен облик на денешното име (Прељубие, Прељубец, Прељубље и Прељубје) неговото постоење е забележано во повеќе извори од различни периоди. Најрано е споменато во турските пописни дефтери од 1519 година.[2] Тогаш била забележана населба со 48 семејства.

Во XIX век, Прељубје се наоѓало во Битолската каза, нахија Горна Преспа, во Отоманското Царство.

До 1912 година, Прељубје било под турска власт, а во тој склоп и беговски чифлик. Во текот на подготовките за Илинденското востание учествувало со свои востаници вклучени во четите на околните села. Во текот на востанието загинале 2 жители, а селото било ограбено и изгорено.[2]

Во Првата балканска војна (ноември 1912 г.), селото се нашло под српска власт, а во текот на Првата светска војна (октомври 1915 г.) под бугарска окупација. Подоцна, со поместувањето на фронтот, низ селото поминале и војските на Антантата. Во текот на војната, прељупчани биле мобилизирани во војските на спротивставените страни.[2]

Во 1917 година, во селото се појавило епидемија на шпанска треска од која умреле повеќе луѓе. Во тоа време, во атарот на селото биле закопувани и умрените од селата Перово, Волкодери и Евла.[2]

По завршувањето на Првата светска војна, Прељубје повторно се нашло под српска власт. Во периодот помеѓу двете светски војни, Перово било во состав на општината Стење.[2]

Во Втората светска војна селото паднало под окупација на фашистичка Италија (мај 1941 година), со што се нашло во составот на т.н. Голема Албанија. По капитулацијата на Италија (8 септември 1943 година) паднало под окупација на фашистичка Бугарија, под која останало до ослободувањето на 5 септември 1944 година.[2]

Во 1941 година постоел актив на симпатизери на КПЈ и младински актив, а во јуни 1943 година бил формиран НОО.[2]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот е мошне мал и зафаќа простор од само 2,5 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 153 хектари, па затоа селото има полјоделска функција.[3] На атарот има и шуми на површина од 77,6 хектари и пасишта на површина од 21,2 хектари.[2]

Мештаните се занимавале со полјоделство и сточарство. До 1960-тите години најмногу се сеело жито (’рж, пченица, јачмен, овес, уров, просо и пченка) и се саделе градинарски култури (пипер, домати, лук, кромид, праз, зелка, компир, грав, бостан и друго). Во некои периоди се садело тутун. Денес, преовладува овоштарството, односно одгледувањето јаболка. Сточарството е целосно замрено, а порано се одгледувале овци, волови, кози, коњи, свињи и друго.[2]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
194872—    
195374+2.8%
196179+6.8%
197170−11.4%
198138−45.7%
ГодинаНас.±%
199122−42.1%
199423+4.5%
200216−30.4%
20217−56.2%

Во делото „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Прељубје било село со 3 домаќинства и 10 жители.[4]

Според статистиката на бугарскиот етнограф Васил К’нчов („Македонија, етнографија и статистика“) од 1900 година во селото имало 48 Македонци.[5] Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Прељубје имало 48 Македонци под врховенството на егзархијата.[6]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Прељубје се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 20 куќи.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 50 Македонци.[8]

Селото е мало, населено со македонско население и е доведено во фаза на раселување. Така, во 1961 година селото имало 79, а во 1994 година само 23 жители.[3]

Според пописот од 2002 година, во селото Прељубје живееле 16 жители, сите Македонци.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 7 жители, од кои 5 Македонци и 2 лица без податоци.[10]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 48 48 72 74 79 70 38 22 23 16 7
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]

Родови[уреди | уреди извор]

Прељубје е македонско село.[2]

Родови во селото се: Василевци (Јошевци), Ѓурковци и Вељовци (Темелковци Павловци), сите доселени од некое место во Јужна Албанија.

Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1949 година, родови во селото се:[15]

  • Доселеници: Стојковци (5 к.), доселени се од селото Лескоец; Вељовци (Темелковци) (7 к.), потекнуваат од селото Горица во Мала Преспа, од таму се иселиле во Лескоец, па по некое време некој предок прешол во Прељубје; Цурковци (2 к.), по потекло се од селото Туминец во Мала Преспа, од таму се иселиле во Лескоец, па некој предок прешол во Прељубје.

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Ресен, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Ресен.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Ресен. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Ресен.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Царев Двор, во која покрај селото Прељубје, се наоѓале и селата Волкодери, Горно Дупени, Дрмени, Евла, Коњско, Лавци, Лескоец, Отешево, Перово, Покрвеник, Стење, Стипино, Царев Двор и Шурленци. Во периодот 1950-1952 година, селото било дел од некогашната Општина Покрвеник, во која влегувале селата Волкодери, Отешево, Покрвеник, Прељубје и Шурленци.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 1667 според Државната изборна комисија, сместено во простории на селски објект.[16]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 18 гласачи.[17]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Главната манастирска црква „Св. Илија“
Археолошки локалитеи[18]
Цркви[19]
Манастири

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Селска слава
  • Свети Никола Летен (22 мај)
  • Василовден (14 јануари)

Иселеништво[уреди | уреди извор]

До 1949 година македонски иселеници од селото има во Битола (2 семејства) и во Србија (1 семејство).[15]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 2,16 Јовановски, Владо (2005). Населбите во Преспа (PDF). Скопје: Ѓурѓа. стр. 247–251. ISBN 9789989920554. Посетено на 28 јуни 2020.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 243. Посетено на 28 јуни 2020.
  4. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 86-87.
  5. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900. стр. 241.
  6. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рp. 170-171.
  7. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 15.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 28 јуни 2020.
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  12. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  13. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  14. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  15. 15,0 15,1 Русиќ, Бранислав. Преспанска област. Архивски Фонд на МАНУ, к-2, АЕ 87.
  16. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 28 јуни 2020.
  17. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 28 јуни 2020.
  18. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  19. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]