Стипона

Координати: 41°03′36″N 20°57′19″E / 41.06000° СГШ; 20.95528° ИГД / 41.06000; 20.95528
Од Википедија — слободната енциклопедија
Стипона
Стипона во рамките на Македонија
Стипона
Местоположба на Стипона во Македонија
Стипона на карта

Карта

Координати 41°03′36″N 20°57′19″E / 41.06000° СГШ; 20.95528° ИГД / 41.06000; 20.95528
Регион  Пелагониски
Општина  Ресен
Население 0 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7310
Повик. бр. 047
Шифра на КО 23040
Надм. вис. 922 м
Слава Голема Богородица
Петковден
Стипона на општинската карта

Атарот на Стипона во рамките на општината
Стипона на Ризницата

Стипона — село во Општина Ресен, југозападна Македонија. Денес нема жители.[2]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа на источната падина на Галичица,[3], надвиснато на нејзините истурени разграноци Бука и Вртелка од северозападната страна, Каца и Мелишта од јужната и Кукуљ од западната страна.[4] Лежи југозападно од градот Ресен, северно од Лавци, а јужно од Евла. Атарот зафаќа површина од 3,27 км2. Над селото извира Стиопонска Река (Стипонка) која минува низ него и тече во југоисточен правец и источно Дрмени се канализира за наводнување на обработливото земјиште југоисточно од него. Во минатото нејзините води се користеле за наводнување на нивите во самото село, а на неа работела и воденица.[4]

Топонимија[уреди | уреди извор]

Попознати топоними во атарот на селото се следниве:[4]

Бел Камен, Бела Земја, Бука, Воденица, Воденичарски Пат, Вртелка, Ветерник, Влачешки Копанки, Глобокана Ледина, Голема Нива, Горна Млака, Голоно, Дива Јасика, Дуљо Чежме, Дачка, Долна Млака, Дупенски Рид, Дупенска Корија, Кладенчено, Каменон, Кукуљ, Каца, Кафтејнци, Лескине, Ливадиште, Манастирка, Марко Трло, Мелишта, Млака, Осој, Песокна, Премрег, Присој, Ракица, Рудникон, Св. Ѓорѓија, Св. Недела, Св. Петка, Средна Млака, Стипона, Стипонска Река, Трпоа Колиба, Трска, Шипон и др.

Историја[уреди | уреди извор]

Во Отоманското Царство[уреди | уреди извор]

Стипона отсекогаш била населена со православни Македонци. За првпат се споменува вотурски пописи од 1519 и 1583 година. Познато е дека во текот на историјата било имот на некој бег, по чија смрт неговата сопруга го подарила на манастирот „Св. Наум“, и селото останало во црковна сопственост сè до крајот на 1940-тите.[4]

Во 1519 г. во Стипона имала 18 куќи, а на пописот од 1583 г. во селото живееле 8 семејства.

Во XIX век Стипона било село во Горнопреспанската нахија на Битолската каза на Отоманското Царство. Според Стефан Верковиќ во 1889 г. селото имало 2 куќи со 4 семејства и вкупно 21 жител.[4]

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 г. Стипона има 30 жители Македонци христијани[5].[6] Во 1902 г. според Л. Огненов селото имало 2 куќи со 22 жители. Во наредниот период селото почнало да расте, и набргу се удвоило.

Селото зело активно учество во Илинденското востание, во кое загинал еден негов жител.

На почетокот на XX век жителите на селото потпаднале под врховенството на Бугарската егзархија. По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во Стипона имало 40 Македонци (сите под егзархијата) и работело бугарско училиште.[5][7]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Стипона се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 5 куќи.[8]

Балкански војни и Прва светска војна[уреди | уреди извор]

Во 1912 г. Георги Трајчев во Стипона попишал 4 куќи со вкупно 41 жител, но во 1925 г. тие се намалиле на 2 куќи со 14 жители.[4] Во Првата балканска војна, во ноември 1912 г. селото потпаднало под српско владение, а во октомври 1915 г. за време на Првата светска војна било под бугарска окупација. Подоцна низ него поминале војските на Антантата.

По војната селото повторно потпаднало под српска хегемонија и било подложено на денационализација и асимилација, што траело сè до 1941 г. Во тој период Стипона била во состав на Општина Стење, а потоа во Општина Царев Двор.

Втора светска војна[уреди | уреди извор]

Во Вората светска војна селото било окупирано од Италија и ставено во составот на Албанија. По капитулацијата на Италија, Стипона била окупирана од бугарски сили, што траело до 1944 г. Населението се борело на страната на НОАБ. Од крајот на февруари до средината на март 1943 г. во селото престолјувал Битолско-преспанскиот одред НОПО „Даме Груев“.[4]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Стипона имала полјоделско и сточарско стопанство. Атарот на селото опфаќа рамничарски и ридско-алувијални предели. Сочинет е од 250,6 ха обработливо земјиште, 17,6 ха пасишта и 227,2 ха шуми. Пасиштата се наоѓаат во месностите Ветерник, Лавчански Копанки Опаљна и Кукуљ. Во шумите застапени се дабот, буката, јаворот, јасенот, габерот, леската и др.

Сè до 1948 г. селаните се издржувале работејќи на манастирскиот имот. Подоцна, по распуштањето на земјоделските задруги, земјата и стоката била вратена во приватна сопственост на жителите.[4]

Население[уреди | уреди извор]

Урнатини од куќа.
Население во минатото
ГодинаНас.±%
194842—    
195338−9.5%
196144+15.8%
197146+4.5%
198117−63.0%
ГодинаНас.±%
19910−100.0%
199400.00%
200200.00%
202100.00%

Пред неговото напуштање, селото се состоело од седум куќи кои потекнуваат од едно семејство, наречени Митревци, односно Ѓорѓиовци.[4] Селото почнало да се иселува во 1970-тите, кога населението доживеало голем пад. Во текот на следната деценија е сосема иселено. Според пописот од 2002 година, селото немало ниеден жител.[2] Истото било потврдено и на пописот во 2021 година.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 30 40 42 38 44 46 17 0 0 0 0
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Во селото никогаш немало училиште, туку децата посетувале настава во училиштето „Мите Богоевски“ во соседното Горно Дупени.[4]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 1625 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на продавница на селото Горно Дупени.[13]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 82 гласачи.[14]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Црквата „Св. Недела“.
Цркви[15]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Стипона има иселеници во разни околни села како Евла, Долно Дупени, Покрвеник, Долна Бела Црква и на други места.[4] Според истражувањата на Бранислав Русиќ од 1949 г. родови од Стипона (преселени во подалечното или поблиското минато) има во следниве села:[16]

  • Долна Бела Црква: Андреевци, Дамовци, Дојчиновци, Ѓорѓиовци, Соколовци - Петревци, Стипонци (2 куќи). Живеат во свое Стипонско маало.
  • Евла: Босилковци (5 куќи) и Стипонци (1 куќа)
  • Јанковец: Станчевци (1 куќа)
  • Лева Река: Гулабовци (4 куќи)
  • Покрвеник: Стиповци (4 куќи) и Филиповци

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 4 јануари 2021.
  3. Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја (I. изд.). Скопје: Патрија. стр. 286. ISBN 9989-862-00-1.
  4. 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 Јовановски, Владо (2005). Населбите во Преспа: местоположба, историски развој и минато (PDF). Скопје: Ѓурѓа. стр. 308–311. ISBN 978-9989-2117-6-8.
  5. 5,0 5,1 Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
  6. Кѫнчовъ, Василъ (1900). Македония. Етнография и статистика. София: Българското книжовно дружество. стр. 241. ISBN 954430424X.
  7. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 170-171.
  8. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 15.
  9. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  10. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  11. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  12. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  13. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  14. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. Катин, Славе. „Во печалбарскиот крај од Болно до Стипона“. Македонско сонце. Архивирано од изворникот на 12 мај 2019. Посетено на 10 август 2022.
  16. Русиќ, Бранислав. Преспанска област. Архивски Фонд на МАНУ

Надворешни врски[уреди | уреди извор]