Прва македонска ударна бригада

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прва македонска ударна бригада
Знаме на Првата македонска ударна бригада
Активна8 јуни 1944
28 септември 1944
МаршМарш на Првата македонска ударна бригада
БиткиЗавршни операции за ослободување на Македонија
Одликувања
Команданти
Истакнати
команданти
Вангел Чукаловски
Тихомир Шаревски

Првата македонска ударна бригада (с. Локов, Струшка Малесија, 8 јуни 1944 – 28 септември 1944) – воена единица на НОВ и ПОМ, која потоа во состав на Четириесет и осмата (македонска) дивизија на НОВЈ.[1]

Бригадата била формирана од околу 500 борци на два македонски баталјона на Првата македонско-косовска бригада (Кичевско-дебарскиот баталјон и Ресенско-охридскиот), борци на Партизанскиот одред „Јане Сандански“, Велешкиот партизански одред, Костурскиот партизански одред и новопристигнати борци. При штабот на бригадата престојувала и англиска воена мисија.[2]

Во месец јуни 1944 година, бригадата започнала со издавање на весникот „Народен војник“ како свој орган, во кој се пишувало за борбите и животот во бригадата.[2]

Воени дејствија[уреди | уреди извор]

Успешно ги напаѓала германските сили на комуникациите Струга-Дебар, Струга-Кичево, Охрид-Струга и Ресен-Охрид, и дејствувала против балистичките сили на поширокото подрачје на Дримкол, Малесија, Галичко и Гостиварско.

Во содејство со други воени единици, учествувала во првиот напад на Дебар, на 9 јули 1944 година. По жестоките борби во градот, бригадата се повлекла во селото Долно Мелничани.[2]

19 јули - Со заседа од бригадата на патот Дебар-Струга биле уништени 2 германски камиони, а 2 онеспособени. Бил убиен 21 германски војник.[3]

1 август - Во зората заедно со 1.албанска бригада го нападнале Дебар. Градот бил прочистен и касарната блокирана. Дебар бил држен од 1 до 3 август. Непријателот имал околу 110 мртви и ранети и 3 заробени. Дел од силите на 1.бригада кои ги затвориле правците за Дебар и ги обезбедувале силите кои се бореле во градот, ја разрушиле телефонската линија, мостови и патишта. Единиците од Косовската бригада, кои го штителе грбот на 1 бригада уништиле 1 тенк, 6 камиони и убиле 70 германски војници.[3]

На 3 август, бригадата се повлекла во Дебрца на планината Караорман, во пределот на Бела Вода - Алипашица. За време на германската офанзива за чистење на теренот од партизански единици, бригадата водела постојани борби.

Од 28-30 август бригадата успеала да уништи дел од пругата Струга-Кичево во должина од 3 километри, како и повеќе мостови и телефонски линии во пределот на село Ботун, с. Мелничани и с. Могорче. На 31 август 1944 година бригадата се повлекла во с. Подвис, Кичевско, каде била извршена реорганизација на командниот состав на штабот на бригадата и баталјоните. Исчистени биле железничките станици во Сливово, Пресека и Ботун, при што биле убиени 8 и заробени 3 германски војници. Биле запленети 3 тешки и 4 лесни митралези, 30 пушки, 40000 куршуми, 4 шмајзери, 1 минофрлач со 500 мини, 1 мотоцикл, многу облека, храна и санитетски материјал.[3]

На 1 септември 1944 година следувал напад на градот Кичево, бригадата го зазела градот, одржала митинг и се повлекла во правец на Крушино.[2] Во наредниот период, бригадата дејствува во рамките на 48 Македонска дивизија. Следувале операции за разоружување на бугарската војска по капитулацијата на Бугарија, борбите за ослободување на Прилеп, и борбите за ослободување на Кичево на 8 октомври 1944 година. На 15 октомври бригадата влегла во ослободениот Охрид, но поради силниот притисок од нови германски единици, следувале 13 дневни борби околу градот Струга, и напади на германските единици на патот Ресен - Охрид. На 7 ноември 1944 година бригадата учествувала во конечното ослободување на Охрид.

Во наредниот период бригадата учествувала во борби со балистички формации околу селото Зајас, а потоа во операции во реонот на Гостивар, каде на 17 ноември 1944 година биле поразени силите на Џемаил Хасани и Мефаил Шеху. Кон крајот на ноември и декември 1944 година, бригадата води борби за чистење на теренот околу Гостивар од балистички и други вооружени формации.

Со новата воена реформација извршена на 6 декември 1944 година, Првата македонска ударна бригада формациски влегла во новиот состав на Четириесет и осмата дивизија на НОВЈ, која пак била дел од Петнаесеттиот македонски корпус. Било предвидено бригадата да учествува во конечното ослободување на Југославија, поради што била упатена во Срем во јануари 1945 година, да учествува во пробивањето на Сремскиот фронт. Следувал маршот на бригадата во правец Тетово-Скопје-Врање, и патување со воз од Врање до Белград и Стара Пазова. Таму бригадата добила ново советско оружје, и била реорганизирана за прилагодување на новите услови за војување на Сремскиот фронт.[2] Бригадата учествувала во жестоки борби кај Винковци на 12 април 1945 г., и други места, со борбен пат до ослободувањето на Загреб и гонење на непријателските сили кон Цеље и Дравоград, Словенија. Потоа, на 12 јуни добила наредба за враќање, и пристигнала во Скопско на 20-26 јуни 1945 година.

Според познатите податоци, од редовите на оваа бригада во текот на Втората светска војна загинале 378 борци, од кои 127 на територија на Македонија, а 251 во борбите на Сремскиот фронт.[2]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 1210 стр.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Д-р Марјан Димитријевски, Македонската војска 1944-1945, ИНИ, Скопје, 1999, стр. 75-79
  3. 3,0 3,1 3,2 „От главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија: Поглавни борби и акции во јули и август“. Илинденски пат (7 и 8). 1944. стр. 64–65.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Илија Јордановски, Македонски пролетери. Прва македонска народноослободителна ударна бригада, Белград, 1971;
  • Прва македонска народноослободителна ударна бригада, Скопје, 1991;
  • Д-р Марјан Димитријевски, Македонската војска 1944-1945, ИНИ, Скопје, 1999, 73-79.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]