Прејди на содржината

Прва македонска ударна бригада

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прва македонска ударна бригада
Формирање на бригадата крај Локов, Струшко
Активна8 јуни 1944–26 јуни 1945
Дел од48-ма дивизија на НОВЈ
МаршМарш на Првата македонска ударна бригада
БиткиЗавршни операции за ослободување на Македонија
Сремски фронт
Одликувања
Команданти
Истакнати
команданти
Вангел Чукаловски
Тихомир Шаревски
Обележја
Знаме

Првата македонска ударна бригада (с. Локов, Струшка Малесија, 8 јуни 1944 – 26 јуни 1945) – воена единица на НОВ и ПОМ, која потоа во состав на Четириесет и осмата (македонска) дивизија на НОВЈ.[1]

Бригадата била формирана од околу 500 борци на два македонски баталјона на Првата македонско-косовска бригада (Кичевско-дебарскиот баталјон и Ресенско-охридскиот), борци на Партизанскиот одред „Јане Сандански“, Велешкиот партизански одред, Костурскиот партизански одред и новопристигнати борци. При штабот на бригадата престојувала и англиска воена мисија.[2]

Во месец јуни 1944 година, бригадата започнала со издавање на весникот „Народен војник“ како свој орган, во кој се пишувало за борбите и животот во бригадата.[2]

Воени дејствија

[уреди | уреди извор]

Успешно ги напаѓала германските сили на комуникациите Струга-Дебар, Струга-Кичево, Охрид-Струга и Ресен-Охрид, и дејствувала против балистичките сили на поширокото подрачје на Дримкол, Малесија, Галичко и Гостиварско.

Во содејство со други воени единици, учествувала во првиот напад на Дебар, на 9 јули 1944 година. По жестоките борби во градот, бригадата се повлекла во селото Долно Мелничани.[2]

19 јули - Со заседа од бригадата на патот Дебар-Струга биле уништени 2 германски камиони, а 2 онеспособени. Бил убиен 21 германски војник.[3]

1 август - Во зората заедно со 1.албанска бригада го нападнале Дебар. Градот бил прочистен и касарната блокирана. Дебар бил држен од 1 до 3 август. Непријателот имал околу 110 мртви и ранети и 3 заробени. Дел од силите на 1.бригада кои ги затвориле правците за Дебар и ги обезбедувале силите кои се бореле во градот, ја разрушиле телефонската линија, мостови и патишта. Единиците од Косовската бригада, кои го штителе грбот на 1 бригада уништиле 1 тенк, 6 камиони и убиле 70 германски војници.[3]

Народен војник, весник на I-та македонска бригада

На 3 август, бригадата се повлекла во Дебрца на планината Караорман, во пределот на Бела Вода - Алипашица. За време на германската офанзива за чистење на теренот од партизански единици, бригадата водела постојани борби.

Од 28-30 август бригадата успеала да уништи дел од пругата Струга-Кичево во должина од 3 километри, како и повеќе мостови и телефонски линии во пределот на село Ботун, с. Мелничани и с. Могорче. На 31 август 1944 година бригадата се повлекла во с. Подвис, Кичевско, каде била извршена реорганизација на командниот состав на штабот на бригадата и баталјоните. Исчистени биле железничките станици во Сливово, Пресека и Ботун, при што биле убиени 8 и заробени 3 германски војници. Биле запленети 3 тешки и 4 лесни митралези, 30 пушки, 40000 куршуми, 4 шмајзери, 1 минофрлач со 500 мини, 1 мотоцикл, многу облека, храна и санитетски материјал.[3]

На 1 септември 1944 година следувал напад на градот Кичево, бригадата го зазела градот, одржала митинг и се повлекла во правец на Крушино.[2] Во наредниот период, бригадата дејствува во рамките на 48 Македонска дивизија. Следувале операции за разоружување на бугарската војска по капитулацијата на Бугарија, борбите за ослободување на Прилеп, и борбите за ослободување на Кичево на 8 октомври 1944 година. На 15 октомври бригадата влегла во ослободениот Охрид, но поради силниот притисок од нови германски единици, следувале 13 дневни борби околу градот Струга, и напади на германските единици на патот Ресен - Охрид. На 7 ноември 1944 година бригадата учествувала во конечното ослободување на Охрид.

Во наредниот период бригадата учествувала во борби со балистички формации околу селото Зајас, а потоа во операции во реонот на Гостивар, каде на 17 ноември 1944 година биле поразени силите на Џемаил Хасани и Мефаил Шеху. Кон крајот на ноември и декември 1944 година, бригадата води борби за чистење на теренот околу Гостивар од балистички и други вооружени формации.

Сремски фронт

[уреди | уреди извор]
Смотра на I македонска бригада од 48 дивизија на Сремскиот фронт, април 1945

Со новата воена реформација извршена на 6 декември 1944 година, Првата македонска ударна бригада формациски влегла во новиот состав на Четириесет и осмата дивизија на НОВЈ, која пак била дел од Петнаесеттиот македонски корпус. Било предвидено бригадата да учествува во конечното ослободување на Југославија, поради што била упатена во Срем во јануари 1945 година, да учествува во пробивањето на Сремскиот фронт. Следувал маршот на бригадата во правец Тетово-Скопје-Врање, и патување со воз од Врање до Белград и Стара Пазова. Таму бригадата добила ново советско оружје, и била реорганизирана за прилагодување на новите услови за војување на Сремскиот фронт.[2] Бригадата учествувала во жестоки борби кај Винковци на 12 април 1945 г., и други места, со борбен пат до ослободувањето на Загреб и гонење на непријателските сили кон Цеље и Дравоград, Словенија. Потоа, на 12 јуни добила наредба за враќање, и пристигнала во Скопско на 20-26 јуни 1945 година.

Според познатите податоци, од редовите на оваа бригада во текот на Втората светска војна загинале 378 борци, од кои 127 на територија на Македонија, а 251 во борбите на Сремскиот фронт.[2]

Меѓу жртвите на Сремски фронт се:[4]

Борци од I-та македонска бригада загинати на Сремски фронт
  1. Адамоски Славко,
  2. Андоноски Здраве,
  3. Андреески Митре,
  4. Андрески Мише,
  5. Апостолоски Милорад,
  6. Асанлијски Славчо,
  7. Ацкоски Стојко,
  8. Базгалоски Никола,
  9. Белески Крсте,
  10. Богданоски Методија,
  11. Булески Крсте,
  12. Вангелов Трифун,
  13. Василески Мито,
  14. Вељаноски Владо,
  15. Велковски Славе,
  16. Вретоски Бранко,
  17. Георгиески Славко,
  18. Гоцев Ристо,
  19. Данилоски Василе,
  20. Деркоски Трајче,
  21. Димоски Димитар,
  22. Дуцкиноски Илија,
  23. Ѓоргон Коста,
  24. Ѓулкоски Ѓоре,
  25. Ѓурчески Стојко,
  26. Здравкоски Благоја,
  27. Ибраимоски Дуре,
  28. Исни Исмаил,
  29. Јозевски Васил,
  30. Качаков Димитар,
  31. Костоски Васил,
  32. Костуранов Ѓорги (Јошески),
  33. Лазароски Кодага,
  34. Левкоски Петар,
  35. Матески Злате,
  36. Мечески Вангел,
  37. Митрески Костадин,
  38. Младеноски Митре,
  39. Новески Биљан,
  40. Новески Ламбе,
  41. Симјаноски Цветко,
  42. Стојчески Благоја,
  43. Стојчески Ѓорѓи,
  44. Стефаноски Трајан,
  45. Тасески Стојан,
  46. Трајаноски Стојмир,
  47. Трајчески Александар,
  48. Тренески Васил,
  49. Треноски Љубе,
  50. Угриноски Ристо,
  51. Устамитов Димитар,
  52. Чулески Јонче,
  53. Шаптески Иван

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 1210 стр.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Д-р Марјан Димитријевски, Македонската војска 1944-1945, ИНИ, Скопје, 1999, стр. 75-79
  3. 3,0 3,1 3,2 „От главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија: Поглавни борби и акции во јули и август“. Илинденски пат (7 и 8). 1944. стр. 64–65.
  4. Тмушић, Драгољуб (1987). Сремски фронт: 23.X.1944 — 13.IV.1945. Нови Сад: Дневник.

Литература

[уреди | уреди извор]
  • Илија Јордановски, Македонски пролетери. Прва македонска народноослободителна ударна бригада, Белград, 1971;
  • Прва македонска народноослободителна ударна бригада, Скопје, 1991;
  • Д-р Марјан Димитријевски, Македонската војска 1944-1945, ИНИ, Скопје, 1999, 73-79.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]