Црква „Свети Апостоли“ (Цариград)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Црквата Свети Апостоли
Havariyyun kilisesi
Άγιοι Απόστολοι
Основни податоци
МестоИстанбул, Турција
КоординатиКоординати: 41°1′11″N 28°56′59″E / 41.01972° СГШ; 28.94972° ИГД / 41.01972; 28.94972
Припадностхристијанство
Осветен4 век
Архитектонски опис
Архитектонски типцрква,
Завршен1846

Црквата посветена на Светите Апостоли (грчки: Ἅγιοι Ἀπόστολοι, Agioi Apostoloi; турски: Havariyyun) е христијанска црква која била изградена во Цариград, главниот град на Источната Римското Царство во 550 година во времето на Јустинијан I. Оваа црква била втора по големина и важност веднаш по Света Софија. По падот на Цариград, за краток период станала седиште на Вселенската патријаршија на Грчката Православна црква. Во 1461 година била разрушена од страна на Османлиите и на нејзино место била изградена џамијата Фатих.

Историја[уреди | уреди извор]

Првата црква посветена на Светите Апостоли била изградена во околу 330 година во времето на Константин Велики, веднаш по префрлањето на престолнината од Рим во Цариград . Црквата останала недовршена по смртта на Константин во 337 година, па неговиот син и престолонаследник Констанциј II неговите мошти ги ставил во оваа црква. Црквата била посветена на Дванаесетте апостоли, а намерата на императорот била да се соберат моштите на сите апостоли во црквата. Сепак, во црквата на почетокот биле донесени моштите само на апостол Андреј, апостол Лука и апостол Тимотеј[1].

Во времето на императорот Јустинијан I, оваа црква не се сметала за доволно голема, па новата црква била изградена на истото место. Новата црква била дизајнирана и изградена од страна на архитектите Антемиј од Трал и Исидор од Милет. Црквата била осветена на 22 јуни 550 година. Моштите на Константин и на трите светитли биле ставени во црквата, како и мавзолејот на Јустинијан и неговото семејство.

За повеќе од 700 години, црквата била втора најважна црква во Цариград , по Аја Софија. Додека Света Софија се наоѓала во стариот дел од градот, оваа се наоѓала во новиот дел од градот, кој постојано се ширел. Во оваа црква биле погребани и голем дел од патријарсите и епископите, а нивните мошти биле почитувани од страна на верниците со векови. Освен дел од останките на трите апостоли, во овој храм се наоѓале и моштите на Свети Јован Златоуст и на други црковни отци, светители и маченици. Во црквата, исто така, се верува дека се наоѓал столбот на бичувањето, односно местото каде Исус бил заврзан и мачен. Во текот на својата историја, црквата се стекнала и со огромно количество на злато, сребро и скапоцени камења донирани од страна на верниците.

Црквата била обновена и најверојатно зголемена во текот на 9 век за време на владеењето на византискиот цар Василиј I. Во текот на 10 век, Константин од Родос дал опис на црквата, кој ги посветил на Константин Порфирогенит.

Во текот на Четвртана крстоносна војна и падот на Цариград во 1204 година, историчарот Никита Хонијат напишал дека крстоносците ги ограбиле императорските гробници, заедно со голема количина на злато и скапоцени камења. Не бил поштеден ниту гробот на Јустинијан I. Гробот на Ираклиј бил отворен и неговата златна круна била украдена. Дел од овие богатства биле однесени во Венеција, каде денеска се наоѓаат или во музејот во Венеција или во базиликата Свети Марко

Кога Михаил VIII Палеолог го повратил градот од крстоносците, тој подигнал статуа на Архангел Михаил во црквата за одбележување на настанот. Во времето на Андроник II Палеолог, црквата била обновена. но по ова следувало заземање на градот од страна на Османлиите.

По заземањето на градот во 1453 година, Мехмед II главната катедрална црква Аја Софија ја претворил во џамија, и му наредил на грчкиот патријарх Генадиј да се пресели во оваа црква, станувајќи административен центар на Грчката Православна црква. Но во областа околу црквата на светите апостоли многу бргу се населиле Турци, па непријателството се зголемило поради добрата локација на христијанската црква. Главно поради ова, седиштето на Вселенската патријаршија било пренесено во манастирот Богородица Памакаристос во областа Фенер.

Наместо да ја претвори оваа црква во џамија како многу други, султанот Мехмед II одлучил да ја разруши целосно и на нејзино место да изгради нова џамија, која денеска се нарекува Фатих џамија, или џамија на Освојувачот.

Погреби[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]