Носии од Мала и Долна Река

Носии од Мала и Долна Река — македонски народни носии од повеќе села во средниот дел на реката Радика, означен како Мала Река и Долна Река, во кои живее население што го носи етнонимот Мијаци. Познати се како сточари, но и како најизразити македонски печалбари. Особено е карактеристична нивната носија, зачувана како единствена, не само кај Мијаците во матичната област, туку и кај нивните преселници[1] - с. Елхоец[2] - Копачка, с. Смилево - Битолско, с. Ореше и Папрадиште - Азот и гр. Крушево.[1]
Машка носија
[уреди | уреди извор]Машката народна носија од Мала Река, пред се, поради белата клашнена облека украсена со црни гајтани, спаѓа во групата на западни носии. До крајот на 19-ти век, празничната носија била масивна и повеќеслојна. Основен дел од облеката била кошулата, изработена од бело или кенарно памучно платно.[3] Носијата имала бројни облеки од дебела валана клашна, со карактеристични украси од црни гајтани, носи белези на планинско сточарска носија. Клашнените бечви се украсени со редови црни гајтани, од кои најмногу зетовските со седум реда. Околу половината се носи темноцрвен ткаен волнен појас, прошаран со попречни бели пруги. На горниот ден од телото се носи минтан и темнокафено зобанче, кепе, со голема јака од која може да се направи ќулавка.[1] Дополнително, се користело кепе направено од темнокафена клашна.[3] Со ткаениот темноцрвен појас, изработен со техниката четворно и украсен со линеарни орнаменти се опашувала половината, додека како декорација, младите мажи носеле елбасанско ризле, префрлено преку рамо или го врзувале околу вратот.[3] Капата кече е плитка и рамна, слична на црногорската, но без украси и е само црна. Врз сите облеки од празничната и свечената носија се носи бела клашнена долама, долга до колена, тесна во горниот дел и со ракави, широка и многу набрана во долниот дел, украсена со црни гајтани и бикме. За младоженците, во обредниот состав на носијата, оваа облека е украсена со зелени гајтани, и се означува како зелена зетоска долама.[1]

Вакви или слични на оваа носија носеле мажите и во другите соседни предели од околината на Дебар, а се протега на југ до Охридското Поле и Струшкото Поле, зафакајќи ги Порече, Кичевија, Железник и Дебрца. Со незначителни разлики, ваква носија носат и Торбешите од Долна Река и Жупа, Турците во Горна Жупа (околу Коџаџик), како и Албанците.[1]
Женска носија
[уреди | уреди извор]
Мијачката носија од Мала Река е една од најатрактивните во Македонија, истакнувајќи се со својата уметничка вредност и сложено слоевито облекување. Таа е плод на вековна традиција, во која се мешаат уникатни културни елементи карактеристични за Мијаците.[3] Носијата на жените ја карактеризира белата долга платнена туниковидна кошула, по полите украсена со бели ажурни везови чикмиња. Ракавите се богато извезени со специфичен ажурен вез кинатица, и обилно украсени со црвени волнени рески.[1] Невестинска кошула - тнока, имала богато извезени ракави со филигрански украси и сребрени монети, па затоа се нарекувале и ковани рокави. Во составот на женската носија има повеќе клашнени облеки диференцирани по возраст, во која влегуваат клашеник за мажени жени, со раскошна декорација од срмен вез, филигрански украси и срмени гајтани и долама за девојки, порано од бела а подоцна од темноцрвена клашна, украсена со срмени везови и филигрански украси. Масивниот метален накит - пафти, игли, низалка, го дополнуваат целокупниот состав на оваа изразито богата народна носија.[1]

Празничните, свечените и невестинските носии се најбогати. Специјалниот украс за на глава сокај и главинка, украсните киски и везената дарпна, како покривки за глава, двата појаса здолначе и препашка со богати поткити од рески, скутината кифчена, како и специјалните чевли емении придаваат на носијата од овој регион посебни декоративни одлики.[1] Кај невестинската носија од Мала Река од почетокот на 20-ти век, на предниот дел се носела скутината - ленена бовча (предена) , а врз неа кивчена скутина. Над нив се поставувала шамија калемкер, а потоа колан со пафти, локално наречени Гуљмиш пафти или попоклии пафти. Под пафтите се додавала низалка, која се среќава како синџир низалка или како плетена низалка. Косата имала една плетенка, а на челото се ставал преврзок, а врз сокајот се префрлала кована дарпна, покривка украсена со синџири и трепки. Дополнително, се носела игленица (накит), а на градите ѓердан наречен жјата низалка од златни пари. На нозете се облекувале темноцрвено клашнени чораби или назовци, а како обувки жлти чегли.[3]
Женските носии од мијачките села во другите предели на Македонија, кои по своите зачувани карактеристични мијачки етнички особини се издвојуваат како оази меѓу соседното население, по своите основни белези се еднакви со народната носија од матичниот предел, но и со одредени варијантни разлики. Народните носии од селата Смилево, Ореше и Папрадиште и од градот Крушево се посебно впечатливи по запазеноста и раскошната убавина во обликувањето и украсувањето на одделните облеки, по специфичниот карактеристичен ажурен вез, обилноста на реските и другите декоративни украси, како и по изразито богатиот метален накит.[1]

Во повеќе села на Долна Река, измешани со македонско христијанско население, живеат помуслиманети Македонци - Торбеши, кои зборуваат македонски, со мијачки говорни одлики. Примањето на муслиманската вера внело промени во нивниот начин на живот, а со тоа и во нивната носија.[1] Промените се случиле во текот на последните неколку столетија, кога нивната носија потпаднала под силно влијание на поголемите урбани центри, при што со своите елементи и стилски карактеристики влегува во типот на градска носија позната како ала турка. Младите невести во Долна Река носеле џере кошула, додека долниот дел од облеката се состоел од широко, набрано здолниште познато како гаки, во чиј долен дел се облекувале украсни ногавици изработени од гајтани, при што особено се истакнувале традиционалните црвени невестински гајтани. Половината се препашувала со волнен појас, над кој се ставал свилен појас наречен шал. Предниот дел, невестите го украсувале со скутина позната како „невестински бовчалок“. Горниот дел од облеката вклучувал краток срмен елек, кој бил богато украсен со срмени гајтани и конци. Овој елек бил дополнет со памучни индустриски шамлии, кои биле поставени под мишките и на задниот тилен дел. Косата на невестата била исплетена во неколку плетенки, а тепелокот со ушници кој се носел на главата бил покриен со копринена (свилена) шамија. Над шамијата се префрлал - шал (свилен појас), кој невестата го носела во текот на невестинскиот период. Во овој период, биле покривани и рацете на невестите со риза – ткаена крпа. Волнените чорапи биле познати како калчини со клободан, а како обувки користеле виделни кундри.[3]
Носијата на мажите, по материјалот, кројот, начинот на украсување и воопшто по целокупниот состав, е истоветна со мијачката машка носија. Во носијата на жените се чувствува ориенталното влијание. Врз кошулата од бело тенко памучно или свилено платно се носат широки платнени гаќи и скутина бовча, најчесто разнобојна, а за невести бела и елечиња украсени со срма и бикме, како и многу монистрен накит.[1]
Наводи
[уреди | уреди извор]- 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 Томовски, Крум (1996). Етнологија на Македонците. Скопје: МАНУ. стр. 148 и 149. ISBN 9989-649-25-1.
- ↑ Здравев, Ѓорѓи (1996). Македонски Народни Носии I. Скопје: Матица Македонска. стр. 76. ISBN 9989-48-009-5.
- 1 2 3 4 5 6 Јаневски, Владимир (2024). Македонски народни носии. Скопје: Здружение на етнокореолози на Македонија. стр. 68–75. ISBN 978-608-65803-2-2.
Надворешни Врски
[уреди | уреди извор]- Оваа носија е распостранета во регионите Долна Река, Мала река и Голема река