Прејди на содржината

Народни носии од Мариово

Од Википедија — слободната енциклопедија
Маж и жена во носии од село Крушевица, Мариово (1917)

Народната носија од Мариово била распространета во триесетте села од областа Мариово. Во мариовските села живее чисто македонско население. Мариовската носија е условена од природните и климатските услови и од сточарството, како главна стопанска гранка, па затоа оваа носија е планинско сточарска. [1]

Машката носија[уреди | уреди извор]

Во селата од изолираниот планински предел Мариово, мажите припиени на телото носеле бели платнени гаќи „бубаќарни“ и бела клашнена аба со крој ист како кошулата, но покуса. Кошулата била од лито или четворно „самоткаено“ памучно платно. За време на празници, мажите носеле бело платнено гушале во триаголна форма под отворениот граден дел на кошулата; било украсено со везови, петлици, пулејки, итн. Исто така носеле волнени калци, долги од шаките до лактите кои биле шарени за ергени и млади мажи, а постари мажи носеле бели калци. Половината се опашувала со хоризонтално-пругаста скутина „вутче/прегаче“ и волнен појас, кој се делел на „подвеска“ (2,5х150 см) – за деца до време на пубертет; „ќемер“ (10х300 см) – за ергени; и „појас“ (~20х600 см) – за постари мажи. Ќемерот и појасот задолжително се стегнувале со кожен ремен. [2]

Младоженци на свадба во с. Вепрчани, Прилепско Мариово

На нозете носеле или бели клашнени ѕиври (со црни гајтани по рабовите); бели клашнени бечви; или црни шајачки шалвари тн. „црни бечви“. Исто така носеле волнени чорапи, шарени за млади мажи, а бели за стари мажи; во поново време сите почнале да носат бели чорапи. Чорапите околу горниот раб се прицврстувале со тесни волнени подвески. Над чорапите носеле „пинци“ од свинска или говедска кожа со врвци или „ремење“. Во зимата носеле црни или бели клашнени пртеници/„куси ѕиври“, и црни или бели клашнени обвијала/калчуни (старски доколеници) кои со помош на врвци се обмотувале од глуждовите до под колената. [2]

Семејство во носии од пределот Мариово (1918)

Над кошулата носеле бел/црн четворно-ткаен џамадан (допојасна облека) со два џеба на градниот дел. Над него се носело темно-кафеава шајачка гуна, безракавна и долга до колена, по рабовите со црна оптока и за време на жалост се носела однопаку. За време на зимата, над џамаданот се носело шајаккопоран“ од бел/црн шајак, со долги тесни ракави, долг до бедрите. Сточарите и тие што патувале подалеку од својот крај носеле сакма од козинена ткаенина, а младоженците носеле бела „зетовска сакма“ од наопаку со ракави „јакушки“ до лактовите. Исто така се носело кожув од јагнешко крзно (допојасна облека) со или без долги ракави. [2]

На главата се носело неколку вида капи: црна или бела „валавка / валаница“ во форма на клобук; црвен „тунус“ со долг син/црн пискул; платнена округла капа во форма на плитка шубара, носена од почетокот на ХХ век. Валавката и фесот се обмотувале со платнен обрус / чалма со хоризонтални шарки, а старите носеле бела чалма. [2]

Женска носија[уреди | уреди извор]

Женската носија во пределот Мариово, по своето стилско и ликовно обликување, по складното единство на украсувањето, по изобилството на црвени волнени рески, како и низата извезени орнаменти со геометриски и стилизирани вегетабилни мотиви, се вбројува во најубавите, но и најтешките носии во Македонија и претставува врвен домен на народното творештво. Невестинската носија тежи преку 50 оки (околу 63 кг). [1]

Во Старо Мариово, кое се издвојува од Мало Мариово со некои незначителни разлики во етничките особини, народната носија - руфетот е помариовски. Во селата од Мало Мариово во народното облекување се чувствува влијанието на соседниот предел Прилепско Поле. [1]

Врз белата платнена кошула, богато украсена со густо извезени мотиви во техниките писано, лозено и грабено, се носи сагија, саја, од бело платно или клашна, украсена со вез и богати поткитки од рески - кис. Околу половината се опашуваат, со долг црн плетен појас и ткаена волнена скутина, прегач, вута, украсени со ситни мотиви и поткитени со густи волнени рески. Девојките од Мариово главата ја покриваат со бел тублен, украсен по мариовски, а мажените жени врз тубленот носат обрус од бело платно со извезени и ткаени мотиви и густи рески на двата краја. [1]

Мариовци во нивната носија

Облеките гуна и горница изработени од клашна, украсени по мариовски со волнени оптоки и гајтани, ја оформуваат женската носија за во празници. Најмногу е украсено рувото венчаничко во кое, освен посебно изобилните извезени и вткаени мотиви, се застапени и специјални облеки и детали како знак на невестинството. Тоа е бела гуна, горница, везени ракавчиња, голем коцел, а на главата многу цвеќе, украсот нетоп и обрус преку лицето, како и многуброен масивен метален накит пафти, ѓердани, копци. [1]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Томовски, Крум (1996). Етнологија на Македонците. Скопје: МАНУ. стр. 152. ISBN 9989-649-25-1.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Здравев, Ѓорѓи (1996). Македонски Народни Носии I. Скопје: Матица Македонска. стр. 124 до 126. ISBN 9989-48-009-5.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]