Народни носии од Преспа

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Жена од Јанковец во народна носија, Горна Преспа, почеток на XX век

Народните носии од Преспа се носеле во селата по брегот на Преспанското Езеро означени со топонимот Преспа. Во овој регион се носат две различни носии, секоја од нив со поинакви стилски и естетски карактеристики - носијата од Горна Преспа, кон која со незначителни разлики се приклучува и народното облекување од градот Ресен, и носијата од Долна Преспа.

Носии од Горна Преспа[уреди | уреди извор]

Жени во народна носија од Ресен, Горна Преспа во почетокот на XX век

Во Горна Преспа женската носија се состои од кошула од тенко платно, украсена со извезени стилизирани вегетабилни мотиви на ракавите, од волнени или свилени разнобојни конци, врз која се облекува џупа од пругасто - шарен материјал и шегун од бела клашна со куси ракави, украсени со волнени поткити и гајтани. Скутината предсемник се опашува под половината, каде што се наоѓа многупати обвиен црн, долг, плетен волнен појас. Карактеристика на невестинството е горната облека џубе од црна чоја со раскошни украси од срма.

Носии од Долна Преспа[уреди | уреди извор]

Женска народна носија од Долна Преспа

Долна Преспа се наоѓа во најјужниот граничен дел и само неколку села се на територијата на Македонија, а сите останати од другата страна на границата.

Народната носија од овој предел е веќе сосема изобичаена. Од некои зачувани примероци дознаваме дека некогашните облеки, односно оние што биле во употреба до крајот на 19 век, биле сосема поинакви од тие во Горна Преспа. Кошулите се со богат вез на ракавите, клашнените облеки - шегуни, ресачки, декоративните ткаени скутини чултар, со богатите реснати украси од чоја, како и шарените плетени чорапи, сите во светлоцрвена боја, ја оформуваат носијата од овој регион. Но наместо оваа носија, во која доминирале извезени и вткаени мотиви во светли и живи бои, под влијание на комитските акции во предилинденскиот период, а особено по востанието од 1903 година, почнуваат, како израз на жалост за неуспешниот обид за ослободување, да се носат облеки главно во црна боја. Тие носии, во кои сите делови од носијата се приготвени и украсени со материјали во црна боја, брзо се прошируваат и во другите соседни региони - Прилепско Поле, Битолско Поле, Горни Битолски села, Леринско Поле.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]