Носии од Драма


Носии од Драма — народни носии од североисточниот дел на Егејска Македонија, денес во Грција, Драмско Поле и околните населени места. Неколку села од драмскиот регион се истакнувале со висока естетика во народната носија: Волак, Зрново, Плевна и Куманич. Овие села имале големо влијание врз целата област, создавајќи уникатна културна специфичност која се задржала дури и по масовните егзодуси во текот на 20-от век.
Женска носија
[уреди | уреди извор]Во селото Волак и околните населени места во Драмско Поле, жените носеле бела платнена туниковидна кошула, долга над глуждовите, украсена со вез на долниот околен дел и на долниот дел од ракавите. Над неа се облекува сина риза, од памучно платно во сина боја, со покуси ракави и поли за да не се гледа декорацијата на претходната, нејзиниот естетски изглед го надополнува везената декорација на ракавите и на долниот дел од полите. Во празнични прилики над овие две облеки се облекувале една или две саи од домашна памучна или волнена ткаенина, кои пак, носени на специфичен начин – префрлени поли назад, имаат посебен декоративен ефект.
Над сината риза и над сајата се опашува појас ткаен на црвена основа со вткаени жолти и црни прави шарки, обликуван од двојно предиплена дипла, обмотан неколку пати околу струкот.
Скутината е од волнена преѓа ткаена на црвена основа со ситни орнаментални форми комонирани во хоризонтални редови. Главата се покрива со црна или темно сина квадратна крпа дијагонално предиплена, на предниот дел – на темето специфично украсена со везена декорација на црвена основа, на аглите накитена со рески од разнобојни конци. Чорапите се исплетени од бела волнена преѓа орнаментирани со декорација распоредена на стапалата и околу глуждовите.[1]
Носии за млада невеста
[уреди | уреди извор]Основен дел од носијата за млада невеста била кошулата, која во драмско се нарекува риза, чиј долен дел бил украсен со сложена ткаена орнаментика, што претставува реткост меѓу македонските народни носии. Над неа се носел шутак, врз кој се ставале долги кадифени ракави. Следна облека бил клашникот, кој се опашувал со појас. На појасот се прикачувала индустриска шамија, наречена подихрамник, а врз неа се врзувала скутината наречена ихрам, украсена со пафти. На градите се закачувало копче-синџир. Косата се плетела во две плетенки и се покривала со чемберче, врз кое се врзувала скапа шамија. Краевите од шамијата наречени пера, се прикачувале со китка од цвеќе украсена со златни монети и сребрен накит – кована китка. На нозете облекувале чорапи, а како обувки носеле кондури во празнични денови или опинци за работни прилики.
Покрај основните типови на драмска носија, постоеле и посебни подваријанти кои се носеле сè до почетокот на 20 век. Во топлите месеци, младите невести особено претпочитале да носат сини платнени горни облеки познати како саи или с'ре. Овие облеки, иако спаѓале во свечениот ансамбл и се носеле за време на големите пролетни и летни празници, според сведоштвата на постарите жители, во пракса биле користени и како секојдневна работна облека – што укажува на одредена противречност. Горните обоени облеки претставуваат одраз на постари културни влијанија кои се преплетуваат не само во Драмско, туку и во соседните пределски целини. Посебна карактеристика на драмските кошули е нивната орнаментика, која се изведувала на два начина: ткаена - тафилталисани ризи или везена - киндисани ризи.
Прв или основен дел кај овие подваријанти била к'памата – кратка допојасна облека исполнета со памук, украсена на ракавите и градите со кадифе или шарен фабрички материјал. Врз неа се носела ризата, орнаментирана со ткаени мотиви на долниот дел и ракавите, додека на градниот дел бил пришиен фабричен материјал наречен пазувки. Над ризата се облекувала сина саја, која се стегала со појас. На предниот дел се поставувала скутината, позната и како ихрам, а како накит се носеле пафти и впечатлив крст на градите. Косата била исплетена во плетенки, а на челото се врзувало чемберче. Врз него се ставала белата платнена покривка - тулбен, а потоа волнената индустриска покривка - скапа шамија. Главата дополнително се украсувала со цветови, златни монети и кована китка.[2]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Здравев, Ѓорѓи (2005). Македонски народни носии. Скопје: Матица македонска. стр. 157. ISBN 9989-48-584-4.
- ↑ Јаневски, Владимир (2024). Македонски народни носии. Скопје: Здружение на етнокореолози на Македонија. стр. 210–214. ISBN 978-608-65803-2-2.