Носии од Дебарско Поле

Од Википедија — слободната енциклопедија
Карта на Дебарско Поле

Дебар бил голем и напреден град во минатото. Познат е и како занаетчиски центар во кој цутеле многу занаети, особено оние сврзани со изработката на народната облека. Во овој град била застапена народна носија, која се издвојувала од соседните предели по своите типски и естетски одлики. Народна носија иста како таа во градот Дебар носеле жените и мажите во соседните села - предел означен како Дебарско Поле. Во XIX век облеките во состав на народната носија, приготвени од материјали од домашно текстилно производство, се обликувале и оформувале како занаетчиски изработки од занаетчиите абаџии, терзии, срмаџии, бикмаџии. [1]

Женска носија од Дебарско поле

Горната облека зобан, што се носи во состав на женската носија, од бела клашна со куси ракави, долга до под колена, со високи засечени процепи од страните, богато е украсена со гајтани, бикме, петлици, со специфични колористични белези. Вакво карактеристично дебарско украсување е застапено и на другите делови од женската носија. [1]

Женската носија[уреди | уреди извор]

Во оваа постара носија, носена во минатото некаде до Првата светска војна, на женските кошули е застапен карактеристичен вез во ажурна техника, со геометриски мотиви на ракавите во разни бои, а долу по полите само бели ажурни чикмиња. Во составот на носијата од овој период се носел волнен ткаен појас, орнаментиран со ситни геометриски мотиви, со куп рески од секоја страна, како и ткаена волнена скутина наречена бовча, која се одликува со јасно одредена орнаментика и жив колористичен спектар. [1] Невестите во составот на својата носија носеле безракавна облека џубе од црна клашна или чоја, долга до под колена, обилно украсена со гајтани и бикме чии колористични белези се вклопуваат со другите облеки од оваа носија. Главата се покрива со мала плитка капа, сета украсена со гајтани и бикме за невестите и со стара пара на челото, која покрај украсната има и функција на амајлија. Врз капата се носи бела, голема, богато извезена дарпна, која со колоритот на извезените кружни мотиви се надоврзува на другите украсни детали од оваа богата носија. На нозете се обувале волнени, плетени чорапи и црни чевли - кондури роганлии. [1]

Машката носија[уреди | уреди извор]

Мажите во дебарската котлина носеле бела платнена кошула, украсена со бел вез од памучни конци и имала широки рамни ракави со манжетни.

Припиени на телото се носеле бели памучни гашти, долги до глуждовите пристегнати на половината со тн. „гашник“. Над кошулата носеле црвен минтан од „алаџа“, со долги ракави, потплатен и исполнет со памук. На нозете носеле или бели клашнени бечви кои биле со широки ногавици и црни гајтани, пристегнати со подвески под колената; или црни/кафеави шалвари од волнена ткаенина со пошироки ногавици од бечвите. Половината се ошашувала со широк волнен „ален“/„моров“ појас, кој завршувал со рески на краевите. За време на празници се носело бела клашнена долама, која била долга до под-колената и кројена со „свитки“ од морова чоја и црни гајтани; заедно со бел платнен фустан кој бил кроен со повеќе клинови. Над се, се носело црно клашнено кепе со голема ресеста јака која се претворала во ќулавка по потреба.

На нозете мажите носеле волнени чорапи, високи до средината на листовите и богато орнаментирани со тн. „зобалки“; „крстови“, „прачки“, идр. Над чорапите носеле опинци од сурова или од обработена кожа, пристегнати со „опчајници“ на ногата, кои биле проврени низ „опути“. На главата носеле или плиток црвен фес со црн пискул, обичен црвен фес со пискул, бело валано капче, или шубара. [2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 „Етнолошко Поднебје на Македонија - Народни носии од Мијачко-Дебарска етничка целина (минути 15:15 - 22:58)“.
  2. „Македонски Народни Носии I - Ѓорѓи Здравев (стр. 71)“.