Носии од Радовишки Шоплук

Од Википедија — слободната енциклопедија
Празнични носии од пределот Радовишки Шоплук

Носиите од Радовишки Шоплук, од селата на југозападниот дел на планината Плачковица: Козбунар, Ново Село, Шипковица, Шаинташ, Штурово и Вртешка се издвојува со поинакви облеки и поинаков начин на украсување. [1]

Женска носија[уреди | уреди извор]

Кошулата на женската носија е украсена со везбени мотиви, под влијание на везовите од соседниот предел Радовишко Поле, така што и ова украсување во народот е означено како полско везмо. Горна облека е фустан од пругасто - шарена волнена ткаенина, составен од горен тесен, безракавен дел, и широк, со многу набори, долен дел. На половината се опашува ткаен волнен појас кемер и ткаена волнена декоративно орнаментирана скутина скутач. Во празничниот состав на носијата жените носат по два - три фустана еден врз друг, со што посебно се зголемува широчината на долниот дел, како и џубе од црна дебела волнена ткаенина, со украси од волнени и срмени гајтани, коешто во исто време е облека и за невести. Бројни украси од монистра ја дополнуваат празничната носија на жените од овој предел. [1]

Машка носија[уреди | уреди извор]

Мажите во оваа шопска оаза носеле бела платнена кошула, долга до под-појасот и вовлечена во потурите. Припиени за телото се носеле бели платнени гаќи кои биле долги до глуждовите. Над кошулата се носело безракавно елече од пругаста ткаенина „интерија“, а половината се опашувала со црвен волнен појас везан со хоризонрални шарки. Сточарите над се носеле долама од волнено-козинена ткаенина (кафеава „сура“ боја), долга до под колена и со куси ракави до лактите.

На нозете носеле потури од црн или кафеав шајак, носени над гаќите, со сличен крој како истите. Исто така носеле црвени чорапи, долги до под колена и навезени со „кола“, а младите мажи носеле вид клашнени подколеници „калчиња“. Над чорапите носеле пинци од свинска или говедска кожа, а на главата носеле „каскета“, која била китена за младоженците со „китка“ од 6 метални монети. [2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Етнолошко Поднебје на Македонија – Народни носии од Средна и Источна Македонија (минути 21:49 - 24:26)“.
  2. „Македонски Народни Носии I - Ѓорѓи Здравев (стр. 166 и 167)“.