Прејди на содржината

Носија од Прилепско-Битолско Поле

Од Википедија — слободната енциклопедија
Учител и неговото семејство во носии од с. Црнобуки, Битолско поле
Брачен пар во носии од с. Црничани, Битолско поле
Носии од селата Црнобуки (лево) и Црничани (десно), Битолско поле

Народната носија во пределот Поле (Прилепско, Битолско), до крајот на 19-ти век претставувала единствена целина, по кој, во почетокот на 20-тиот век, започнува процес на раздвојување со кој носиите во двата региона добиваат посебни одлики и карактеристики.[1] Носијата што била носена во големиот рамничарски предел, сместен во средниот дел на брсјачката етничка област, по бројноста на облеките и нивното украсување е позната по тоа што во минатото била една од најдекоративните, но во исто време и најтешките носии што ги носеле жените во Македонија.[2]

Женска носија

[уреди | уреди извор]

Долгите платнени туниковидни кошули се украсени со густо извезени мотиви во разни бон, меѓу кои доминира црвената во сите нијанси. Богатството и разновидноста на извезените мотиви, нивната складност и прецизност, ги карактеризираат везбените украси како едни од најубавите и најдекоративните во Македонија.[2]

Жени од Прилеп во народни носии, почеток на XX век

Платнената летна саја и зимскиот волнен бел клашеник, украсени со извезени мотиви, срма и монистра, ткаената волнена, ситно орнаментирана скутина - опрегач, усогласени по боја, начин на украсување и орнаментика, чинат една целина со останатите делови на носијата.[2]

Зимска облека е валанка, изработена е од дебела црна клашна, украсена со карактеристични украси од гајтани, ширити и монистра. Волнени, плетени, вкусно шарени чорапи и калци (волнени чорапи без стапала), со опинци, го оформуваат обувањето на нозете.[2]

Семејство во носии од село Скочивир, Битолско Поле

Најдекоративна и највпечатлива е невестинската носија, со посебно украсената невестинска скутина чултар, украсот коцле од волнени црни рески, извезената покривка за глава обрус, чии ткаени краишта се со декоративна геометриска орнаментика и рески, и специјалната богато извезена покривка за глава сокај. Во обликувањето на облеките импресионира богатиот народен вез во карактеристична гобленска техника, со изобилно богатство на форми и доминантна црвена боја. И народниот накит, масивен, разновиден и многуброен, ја дополнува целокупната носија, придавајќи и посебна декоративност.[2]

Кај невестите од крајот на 19-ти и почеток на 20-ти век, основниот дел од облеката била кошулата црнета, под која на градите се поставувало везено платно наречено гура. На рацете носеле плетени полуракави. Од горна облека се носел клашеник, препашан со појас од брсјачки тип. На клашеникот се прикачувале украсни полуракави познати како писани ракавчиња. Над појасот се врзувала големата скутина поткитена со реси - чултар, која се украсувала со индустриска шамија - усколец. На половината невестите носеле колан и две рала пафти, а на чултарот прикачувале низи пари, познати како скопци. На градите се носел гердан, а над него се додавал накит наречен плешки. Задниот дел од носијата се надополнувал со неколку видови колани: подвеска, пречник и подкоцелник. Косата невестите ја плетеле во повеќе плетенки, а во долниот дел додавале елемент наречен коцле, како дел од продолжената фризура. До крајот на 19-ти век, главата ја покривале со везен сокај, кој подоцна бил заменет со плитка капа фес, која се прицврстувала со подгушник украсен со метални парички. Над фесот се носел долг обрус, чиј едниот крај се префрлал преку главата, а другиот се закачувал за клашеникот – начин на покривање познат како префрлач. Ако пак обрусот се замотувал околу главата, се нарекувал чалма. За време на свадба, невестата го носела обрусот преку двете рамења – овој стил се нарекувал прекурамник. Честа појава во невестинскиот период, било носењето киска направена од босилек, монистра и метални монети – во рака или вметната во појасот. На нозете се облекувале калци и кондури капаклии.[1]

Мажи и жена во носии од село Тепавци, Битолско Поле (1917)

Машка носија

[уреди | уреди извор]

Машката носија од овој предел се состои од бела платена кошула, долга до колената и навезана на широко-отворените ракави, на градниот дел и на јаката. Под неа се носеле платени гаќи, долги до под листовите, во летото набрани со „гаќник“ од волнено предено. На нозете носеле бечви од бела клашна носени во комбинација со шајачни или чоени „тозлуци“ или „пртеници“ кои биле долги од глуждовите до под колената.[3]

Околу половината се носело волнен појас, ткаен четворно и по боја ѓувезен со прави хоризонтални шари, над кој се носел кожен ремен, а младите носеле силав. Над појасот се носело волнена скутина „унечна/опашалка“ со хоризонтални шарки. Над кошулата се носело џамадан (допојасна облека) од црн шајак, а над него се носела ресачка, исто така од црн шајак, но долга до колената со реси во внатрешната страна. Исто така можело да се носи итн. „кувче“ кое е долго до под-колената.[3]

Брачен пар во носии од Прилепско (1916)
Носии од гр. Крушево, во непосредна близина на Прилепско Поле кој исто така служи како мијачка оаза

Околу прилепско поле се носело кекезија е горна допојасна облека со долги ракави и над сите облеки се носело талаган, кој била горна зимска облека со ракави, „јагуцка“ и долг е до под-колена. Исто така била носена црна или бела чалма (вид на крпа обмотана околу главата).[3] За време на празници се носело минтан (допојасна облека) од дезенирана фанела, бечви од шајак во вишнова боја опточени со црни гајтани, елек од шајак во вишнова боја, џамадан со долги ракави и направен од шајак во вишнова боја со црни гајтани кој бил носен над елекот, плитки чевли тн. „кондури“ од црна кожа, црна шубара од јагнешка кожа и сребрен ќустек носен на градите со четири синџирчиња.[3]

Маж и жени во носии од село Добровени, Битолско Поле (1918)

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. 1,0 1,1 Јаневски, Владимир (2024). Македонски народни носии. Скопје: Здружение на етнокореолози на Македонија. стр. 127. ISBN 978-608-65803-2-2.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Томовски, Крум (1996). Етнологија на Македонците. Скопје: МАНУ. стр. 151 и 152. ISBN 9989-649-25-1.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 Здравев, Ѓорѓи (1996). Македонски Народни Носии I. Скопје: Матица Македонска. стр. 118. ISBN 9989-48-009-5.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]

Труд на Наде Геневска Брачиќ „Народно облекување / Traditional Clothing“ каде е опишана машката и женската носија од Битолско поле