Носии од Кумановско

Народната носија од Кумановско била носена во градот Куманово и околните села, кои влегуваат во составот на регионите Жеглигово, Средорек и западен дел на Славиште. Женската носија претставува посебна варијанта на носија, а машката е преодна кон машките носии од источниот дел на Славиште, Овче Поле и Скопска Блатија.[2]
Женската носија
[уреди | уреди извор]Женската народна носија од околината на Куманово, во народот означен како Жеглиговски Предел, се состои од бела платнена туниковидна кошула, извезена со богат вез, во гобленска техника, со изразито геометриски форми и посебна нагласеност на црвено-црните тонови. Кошулата се нарекувала голема шареница, додека везот кој се протегал до крајот на ракавите се викал доврњаци. Белата платнена саја од летниот состав и клашнената зимска ќурдија, аловиот појас кемерче, декоративно орнаментираната скутина, крпа, со карактеристични мотиви кола, како и другите платнени и клашнени детали ја оформуваат носијата во една складна целина.
Празничната и невестинската носија се дополнуваат со многу украсни додатоци - ракавчиња, крпи, ручници, како и разновиден накит. Ознаката на невестинството е специјалниот украс на главата челенка, која претставува единствен ваков вид украс во Македонија. Останати украси на женската носија биле: пиле копче, капа со пари, на градите леденик, на појасот пафти. Сето ова ја прави носијата на овој предел извонредно богата, со усогласена складност на формите, боите и орнаментите.[3] Под ракавите на шареницата кај невестинската носија во Кумановско, (крај на 19-ти и почеток на 20-ти век) се носеле полуракави, познати како ракавици, а над неа се ставала кратка допојасна облека со куси ракави што се спуштаат до лактите, наречена з’бан рукавчиња. Половината се врзувала со појас, а врз него се препашувала скутина, која локално се викала пешкир единичарен. Скутината дополнително се украсувала со крпчиња кога била носена од невеста, како и со фабрички изработени шамии, познати како шервети. Околу половината, невестата носела и колан со пате, додека на градниот дел се носела клашнена залога, ткаенина украсена со метални монети и амајлии (метални триаглести форми) кои извршувале заштитно-магиска функција. Како горна облека, невестата носела ќурдија, на која биле закачени прекрсници.
Во косата на невестата бил вплетен коцел, направен од волнени сукани конци, кој делувал како надградена фризура. Главата се покривала со плиток фес, а на неговиот преден дел се прикачувала челенката, додека на задниот дел бил закачен тилник. На фесот биле прикачени и пискули, а целото покривало се фиксирало со памучна шамија наречена шервета. Во раката невестата држела крпче, а на нозете носела чорапе и оп’нци.[4]
Машката носија
[уреди | уреди извор]Мажите во пределите Жеглигово, Средорек и западниот дел на Славиште непосредно на телото носеле поткошулајка од конопно домашно платно и бели везени гаќи со тн. „сорки“. Над нив се носело бела платнена кошула со широки ракави, заменети со набрани ракави со манжетни од ХХ век. Исто така носеле разни облеки од сура клашна – јелек (допојасна безракавна облека), долама (допојасна со долги ракави), чакшири (вид на бечви со црни гајтани по рабовите и џебовите) и јапанџак (долга над колената со кратки ракави и голема јака). Половината се опашувала со четворно-ткаен волнен појас со шарки „на окца“ на горниот дел, и пруги „пруќе“ на темно-бордо основа на долниот дел. На нозете носеле црвени волнени чорапи „колајлии“, заменети со црни дискретно-орнаментирани чорапи, и опинци од свинска или говедска кожа (изработени домашни или од занаетчии); а на главата носеле или фес со бела чалма, или бел платнен навезен нагушњак кој се закопчува зад вратот.[5]
Според сезонската поделба, машката носија од летниот состав е сета од бели платнени облеки - кошула долга до колена, која паѓа во богати набори преку гаќите, чии ногавици се вовлечени во шарени волнени чорапи. Украсните додатоци крпи, ручници се носат на појас, на рамења, а служат и како покривка за глава. Украсите од разнобојни монистра ќустеци се накит што ја дополнуваат празничната носија од овој регион.[3]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Македония в образи — La Macedoine illustree (1919)“.
- ↑ Здравев, Ѓорѓи. Типологизација и класификација на Македонските Народни Носии. стр. 3.
- ↑ 3,0 3,1 Томовски, Крум (1996). Етнологија на Македонците. Скопје: МАНУ. стр. 145 до стр. 146. ISBN 9989-649-25-1.
- ↑ Јаневски, Владимир (2024). Македонски народни носии. Скопје: Здружение на етнокореолози на Македонија. стр. 26. ISBN 978-608-65803-2-2.
- ↑ Здравев, Ѓорѓи (1996). Македонски Народни Носии I. Скопје: Матица Македонска. стр. 23 до стр. 34. ISBN 9989-48-009-5.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Оваа носија е распостранета во пределите општините Куманово, Кратово, Старо Нагоричане и Крива Паланка
- Видео каде е објаснета носијата во зборови слични како тие во книгата Етнологија на Македонците (минути 5:45 до 8:20)