Бечви


Бечви — дел од машката носија, шајачни панталони со посебен крој.[1][2] Бечвите по рабовите, како и околу џебовите и цеповите, биле украсувани со црни гајтани, дело на локалните терзии. За разлика од машкото мијачко население што носело бечви изработени од бела клашна, во прилепскиот регион (с. Кривогаштани) тие биле изработувани од подебела клашна (шајак) во темноцрвена боја.[3]
Бечвите, во зависност од етнографската целина и локалните обичаи, се разликувале по крој, материјал и украси.
Бечвите во Дебарско-реканска етнографска целина
[уреди | уреди извор]Во Дебарски Дримкол, бечвите биле шиени од бела или црна клашна, со крој сличен на шалвари, но потесни и украсени со црни гајтани. Веројатно биле донесени преку печалбарите од Призрен. Во Голо Брдо, бечвите биле од бела клашна, со тесни ногавици, а од периодот меѓу двете светски војни започнале да се прават и од црна клашна, носени главно зиме. Во Дебарско Поле, бечвите биле широки, украсени со црни гајтани и се приврзувале под колената со „потколенки“ – свилени, памучни или волнени подвески. Во Река, бечвите биле од бела клашна, со широко седло и се врзувале под стомакот, за разлика од соседите кои ги врзувале над стомакот. Се закопчувале со копци од средината на ногавиците до глуждовите и се приврзувале со потколенки. Украсувани биле со црни или зелени гајтани, а понекогаш се правеле и од црна клашна.
Бечвите во Брсјачка етнографска целина
[уреди | уреди извор]Во Малесија, Струшки Дримкол и Охридско Поле, бечвите биле од бела клашна, украсени со црни гајтани. Во Преспа, се изработувале од бел шајак и се носеле до почетокот на 20-ти век. Во Кичевијата, бечвите биле долги до глуждовите, од бела клашна со црни гајтани.
Во Прилепско-Битолско Поле, бечвите од бела клашна, биле носени со шајачни или чоени тозлуци или пртеници (од глуждови до колена). Во горните битолски села, бечвите биле пошироки од шалварите и се врзувале со ленена врвца.
Во Мариово, бечвите биле од бела валана клашна, составени од „заден кутел“ (покривајќи го задниот дел), „преден кутел“ (за стомакот) и две ногавици. Овој стил се појавил во првата половина на 20-ти век и останал во употреба до неодамна.[4]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „бечви“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „бечви“ — Официјален дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „БЕЧВИ“. Macedonism. Посетено на 11 октомври 2021.
- ↑ Здравев, Ѓорѓи (1996). Македонски народни носии 1. Скопје: Матица македонска. ISBN 9989-48-009-5.