Носија од Бабуна

Носијата од Бабуна се носела во велешкиот регион, посебно во пределот Бабуна, во чиј состав влегуваат помалите предели Азот и Клепа, и го сочинуваат повеќе села по течението на истоимената река.[1]
Машката носија
[уреди | уреди извор]Мажите во пределот Азот северно од планината Бабуна носеле бела кошула - ајта, кроена од тириплик платно, гаќи од платно, волнени ѕиври, елече со прави „крваво“ и „белко“ шарки кое се носело над кошулата, која на половината била обмотана со црвен волнен појас со прави шарки и усукани „преткавани“ рески. На нозете носеле бели клашнени објала, долги од глуждовите до под колената, чорапи од волнена преѓа кои биле долги до колена и биле орнаментирани во хоризонтални редови на црна основа.
Околу појасот се носело бришалка – правоаголна крпа со орнаментација на крајот, и скутина „вута“ ткаена во црно-бели хоризонтални редови за помлади мажи, а постарите со црно-кафеави редови. На главата носеле шубара од црна овча кожа. Кај постарите луѓе подолго време се задржал авџискиот елек.[2] Како посебен дел се издвојува овчарската облека кепаре од дебела волнено козинена ткаенина, која го чувала овчарот во планина од студ и дожд.[3]
Женската носија
[уреди | уреди извор]Жените од пределот Азот носеле бела платнена кошула со везови на долниот дел и на рацете (од рамената до лактите), над која носеле елек од шарено платно „алаџа“ во пруги, долг до под колена и станува поширок од половината надолу. Над него се носело ќурдија од црна клашна (иста во форма како елекот) и црвена волнена скутина „вута“ со вертикални прави шарки. На половината се опашувало појас „ѕуница“ или „ќемер“ од црвена волнена преѓа. На нозете носеле црвени чорапи од волнена преѓа и бришалка од бел памук со орнаментација на крајот, која се носела на појасот.
Карактеристично е што постариот тип кошули биле украсени со вез, кој отсуствува кај поновите (од периодот меѓу двете светски војни). Исто така постариот тип кошули имале слободно отворени ракави, додека кај поновите секогаш ракавите завршувале со дискретна манжетна - корилче. Транзиција меѓу овие два типа на ракави се следи кај носијата од с. Богомила, каде што широко кроените ракави на венчалната „гувеалска“ кошула завршуваат набрано со вденато гајтанче. Оваа кошула позната и како околешка имала вез по долните рабови.[2]
Носии од Велешко (Ќучук-кол и Гроот)
[уреди | уреди извор]
Северните велешки села се во составот на Велешкиот крај, кој припаѓа на Северното Повардарије. Во рамките на овој крај влегуваат и помалите пределски целини Гроот и Ќучук-Кол**.[4][3]
Машката носија
[уреди | уреди извор]Мажите во северните велешки села носеле кошула и гаќи од бело платно, клашнен копоран и елек од клашна или шарено пругасто платно „алаџа“ со закопчување на градите. Се користел и авџиски елек кој се закопчувал на страна и се сметал за новоприфатен. Преку елекот се носело антерија „памуклија“ (полнета со памук). На нозете носеле шалвари со широки ногавици или бечви од бел/црн шајак, и волнени објала или клашнени калци над чорапите. За летно време носеле бела крпа „бришалка“ (иста како таа од Овче Поле), која се носела на главата и понекогаш на појасот. До крајот на турското владеење носеле фес, кога истовремено се носело и шубара која се носела и после турското владеење.
Од некогашната стара носија се спомнати ф’станот, доламата и силавот. Носијата на башиноселците се издвојувала во некои делови од онаа во другите села. Во нејзиниот состав егзистирала гуња (иста како битолската), „лито“ либаде за во летото, а „подлачно“ либаде од јагнешка кожа за во зимата; црн шајачен копоран (носен од најимотните газди), кој бил заменат со бунда од модра/црна чоја од лисичина кожа.[2]
Женската носија
[уреди | уреди извор]Жените од велешко носеле бела платнена кошула со везови на долниот дел и ракавите, бела/црна клашнена ќурдија, појас „ѕунуца“ од волнена преѓа, елек од шарено платно „алаџа“ во пруги, црвена фута „со црни прачиња преткавано“, а на главата се носело шамии во разни бои.
Овој состав на почетокот на 20-тиот век бил изоставен, а во мода биле фустани и в’станки, облеки од здолниште и блуза познати под името „кроазе“ (вид свилен сатенски материјал). На главата носеле шамии а на нозете чејли. Жените во с. Башино Село на почетокот носеле чкурта без ракави а подоцна носеле сако украсено со лисичина кожа и фустани, а под нив чинтијани.[3]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Томовски, Крум (1996). Етнологија на Македонците. Скопје: МАНУ. стр. 153. ISBN 9989-649-25-1.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 Здравев, Ѓорѓи (1988). „Народната носија во Титовелешко“. Македонски фолклор. 42: 291–298.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Здравев, Ѓорѓи (1996). Македонски Народни Носии I. Скопје: Матица Македонска. стр. 130. ISBN 9989-48-009-5.
- ↑ ** – во книгата Македонски Народни Носии I се спомнуваат Aзот и Kлепа како дел од сев. вел. села, но бидејки нивната носија е одделна, затоа се отфрлени од овој опис.