Брсјачка носија
Брсјачката носија се носела во Брсјачката етнографска целина, која го зафаќа југозападниот дел на Македонија. Таа е, всушност, најголемата етнографска целина во чиј состав влегуваат многу помали и поголеми пределски целини, секоја со свои посебни етнички особини и со карактеристични народни носии.[1] Нејзината територија опфаќа бројни котлини и населени места опкружени со големи планински масиви: Струшки Дримкол, Струшко Поле, Малесија, Дебарца, Охридско Поле со Охридските крајбрежни села, Преспа, Железник, Кичевија, Порече, Прилепско-битолско Поле, Битолски Горни села и Мариово.[2]

Региони
[уреди | уреди извор]Во составот на Брсјачката етнографска целина влегуваат носиите од следниве региони:
- Струшки Дримкол
- Струшко Поле
- Малесија
- Дебрца и Охридско Поле
- Кичевија, Порече и Железник
- Преспа
- Горни Села
- Поле
- Мариово
- делови од подгрупата Средновардарска.
Заеднички карактеристики
[уреди | уреди извор]Белите волнени (клашнени) носии, кои се карактеристични за Дебарско-Мијачката и делови од Горновардарската етнографска целина, во голема мера се присутни и кај носиите од Брсјачкиот вариетет. Посебно женските носии се издвојуваат по богатата индивидуалност. Еден од најпрепознатливите елементи бил црниот волнен појас плетен во облик на гајтан, кој до неодамна се носел во својата најстара форма. Женските кошули – а во некои случаи и машките – биле украсени со богат вез (на полите, градите и ракавите) во доминантни црвени нијанси (алена и ѓувезна), користејќи многу стари орнаменти со геометриски карактер. Особено биле интересни невестинските покривки за глава – сокаи, гајтани, убруси и марами – кои имаат долга традиција на употреба. Важна особеност е и сложената структура на облеките, нивните делови и украси, кои се одликуваале со масивен и рустичен изглед, особено изразен кај невестинските носии. Во некои области, како Струшки Дримкол, Малесија и Охридско Поле, женските кошули, слично како оние во Дебарско-Мијачкиот крај, во долниот дел биле украсени со бели везови наречени чикмиња.[2]
Во женската носија од овој дел на Македонија посебно се изразени разликите на облеките во поодделните пределски целини. Горните облеки, многу разновидни по начинот на украсување, имаат разлики и во димензиите - од тесни и куси, до под појас, почнувајќи од северниот дел тие се зголемуваат во должина колку се оди по на југ кон Охридското Езеро. Машката носија е поизедначена, главно од платнени и клашнени облеки.[1]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 Томовски, Крум (1996). Етнологија на Македонците. Скопје: МАНУ. стр. 150. ISBN 9989-649-25-1.
- ↑ 2,0 2,1 Здравев, Ѓорѓи (2005). Македонски народни носии. Скопје: Матица македонска. стр. 103. ISBN 9989-48-584-4.