Носии од Мавровско Поле и Горна Река
Носијата од Мавровско Поле била носена во селата кои денес се наѓаат околу Мавровското Езеро кое во минатото било поле, а онаа од Горна Река во селата: Бродец, Кракорница, Богдево, Врбен, Трница, Волковија, Тануше, Нистрово и Бибање.[1] Населението во овие планински села (Кораб), кое традиционално се занимавало со сточарство, на почетокот на 19-ти век, започнало да мигрира кон областа Горни Полог, што допринело до одредени промени во носијата на полошкото население.[2]
Женска носија
[уреди | уреди извор]Во пределот Мавровско Поле и Горна Река женската носија по своите типски одлики се надоврзува на носијата од Горни Полог со карактеристичните две скутини - предна и задна. Опашувањето на две скутини врз платнената кошула е многу стар елемент во народната носија, чие потекло може да се поврзе со старословенската културна традиција.[1] До почетокот на 20-ти век, повеќе села во Горни Полог ја прифатиле горнореканската народна носија. Пример за ова е невестинскиот горен дел - мор долама, пронајден во селото Вруток (Горни Полог), кој потекнува од горнореканските носии.[2]

Во носијата на жените двете скутини се со одредени регионални разлики, како по материјалот од кој се изработени, така и по начинот на обликувањето и украсувањето, а тоа повеќе е изразено кај задната скутина.
Во Мавровско Поле таа е исткаена од темноцрвена волна и надиплена, додека во Горна Река задната скутина е иста како предната - волнена ткаенина, извезена и украсена со рески. Во овој предел се носи и црн опрегач заген, надиплен дуљчен за празници и раздуљчен за секој ден. Предната скутина опрегач преен, праштељка, паштерка, е од црвена волнена ткаенина, со извезени вегетабилни мотиви. Спецификата на извезени растителни мотиви на скутините е одлика само на овие предели.
Другите облеки од женската носија - долама, џамадан, се од клашнени или кадифени материјали со извонредно богата декорација од аплицирана срма.[1] Кај невестинската носија од крајот на 19-ти и почетокот на 20-ти век, покрај кошулата кроена со повеќе клинови киндови, вреди да се споменат и минтанот и доламбата - масивно везена срмена облека. Половината се опашувала со скендер-појас, а врз него се ставал свилен тарабулус-појас, познат уште и како пош. Во невестинскиот период, како и на денот на свадбата, наместо скутина или пештерка, невестите носеле индустриска свилена шамија. Од страните на колковите се додавале украсни шамии, а на задниот дел, под појасите, се врзувала решме — шамија украсена со ширити и метални монети. Врз неа се ставал и колан со пари. Косата најчесто се плетела со повеќе плетенки, украсени со волнени конци и монети, наречени китки. На главата се носел фес со трепетулка, на која бил пришиен метален тас. На трепетулката закачувале и низи од монети (вешки), а на градите се носело а’ржонде — украс од монети пришиени на ткаенина. Обетките над слепоочниците се нарекувале ушници лопатарки, а над фесот се префрлала тенка памучна шамија, украсена со монистра што личела на мрежа.[2]
Специфичност на носијата од овој регион е обувањето на нозете со три елементи на чорапи: калчини, чулки - чорапи без стапала, и тозлуци - ногавици од клашна - со срмени украси. Се облекуваат сите заедно и чинат едни ноги.[1]
Машка носија
[уреди | уреди извор]
Машката носија се надоврзува на носијата на Мијаците, со разлики во оформувањето и украсувањето на горните облеки, на кои се застапени срмени везови и гајтани.[1]
Машката носија ги има главно карактеристиките на носијата во другите пределски целини во западномакедонската етнографска целина, додека женската покажува поединечно локално обележје. Во својот комплетен состав, машката носија егзистирала до периодот меѓу двете светски војни. За нејзино рано напуштање пресудно било печалбарството. За разлика од неа, женската се задржала многу подолго.[3]
Но според сеќавањето на информатори, како и од теренските белешки на Ѓорѓи Здравев, мажите од овие предели носеле бела кошула од домашно ткаено платно, над која се носело темно-црвен клашнен минтан со срмена орнаментика околу ракавите. Фанелата, направена од подебела ткаенина, била носена припиена на голо тело.[4]

Над минтанот се носел џамадан со црни и жолти срмени везови на бордо-црвена основа, а над него се носело џубел или љурка од темно-обоена клашна со кратки ракави. Обвиткан околу половината бил свилен појас тн. „пош“ кој бил купуван од истанбул, во жолто-кафеава боја со кариран дезен. На нозете се носеле бели клашнени бечви, опточени со црни гајтани; калчини, срмени зетовски чорапи „чивнаци“, тозлуци, и опинци со „опчаници/кондури“. На главата, мажите носеле плитка клашнена капа.[4]
Наводи
[уреди | уреди извор]- 1 2 3 4 5 Томовски, Крум (1996). Етнологија на Македонците. Скопје: МАНУ. стр. 149. ISBN 9989-649-25-1.
- 1 2 3 Јаневски, Владимир (2024). Македонски народни носии. Скопје: Здружение на етнокореолози на Македонија. стр. 66. ISBN 978-608-65803-2-2.
- ↑ Здравев, Ѓорѓи (1996). Македонски Народни Носии I. Скопје: Матица Македонска. стр. 82 до 85. ISBN 9989-48-009-5.
- 1 2 Мирчевска, Марија (2005). Народна носија на Горнореканците како невербален етнички симбол. Скопје: Етнолог - списание на здружението на етнолозите на Македонија. стр. 154.