Носии од Дурачка Река

Носиите од Дурачка Река биле носени во издвоениот планински предел по течението на Дурачка Река, во чиј состав влегуваат само четири села: Дурачка Река, Станци, Б'с и Д'рнак. Носијата претрпела многу промени и во голем дел станала слична на носијата од соседниот предел Источен дел на Славиште, но сепак се разликува со свои посебни карактеристики.[1] Таа покажува извесни сличности со носијата од јужните делови на Осоговијата, кон Кочанско, а во некои елементи се надоврзува и на носијата на преселниците во шопската оаза Радовишки Шоплук.[2]
Женската носија
[уреди | уреди извор]Со одредени варијантни разлики во материјалот, обликувањето и украсувањето на поодделните облеки, се јавува носијата од пределот Дурачка Река, што го сочинуваат повеќе села по текот на истоимената планинска рекичка. Врз платнената кошула кенарлија во овој предел жените облекуваат безракавен долг елек од пругасто шарена волнена ткаенина, ноставен со конопно платно.[3] Белата платнена кошула со кенари, која до периодот меѓу двете светски војни била скромно украсена со везбена декорација, подоцна почнала да се украсува со шарени рачно плетени ојки и сорки. Под влијание на носијата од источниот дел на Славиште, од втората половина на минатиот век, кошулата започнала да се украсува и со бели рачно плетени тантели во долниот дел. Влијанија од носијата од Овче Поле се забележуваат и кај горната облека елек, кој е долг до колена и е направен од пругаста ткаенина антерија.[4]
Околу половината жените се опашуваат со волнен ткаен појас кемер и декоративно орнаментирана скутина крпа.[3] Волнената скутина наречена скутача, била составена од една или две струки дипли, со широка орнаментирана бордура во долниот дел. Слично орнаментирање се среќава и кај женските скутини во Радовишки Шоплук и Радовишко-Струмичко Поле.[4] Празничната и невестинската облека е џубе од црна клашна, со богати поткити и украси од волнени и срмени гајтани, и ткаена крпа јашмак.

Волнени орнаментирани црвени „чорапи колајлии“ и домашно изработени опинци со долги волнени врвци го оформуваат обувањето на нозете во овие планински села.[3] Како фризура, жените носеле кркми, кои ги правеле со сечење на косата над образите и ушите, што претставувало обележје за омажени жени. Ваквиот начин на кратење на косата се среќава и во Радовишки Шоплук и Мариово.[4]
Невестите од почетокот на 20-ти век покрај кенарната кошуља, на градите носеле грудњак и облекувале два елека: ширитлија елек со узбојки и алов елек. На половината опашувале поес, а на предниот дел носеле две скутини: пешкир скутача со три преткава и пеперуглија скутача. Скутината дополнително се украсувала со крпа, врз која се носело монистрено коланче со пафти. На градите носеле гердан. Како горни облеки носеле фермене и џубе, а врз нив во горниот дел се префрлал специфичниот јашмак.[1] Невестинското џубе кое имало посебно изразен локален карактер било направено од црн шајак и богато украсено со срмени или црвени гајтански апликации. Поради оваа мошне украсна облека, жените од овој крај, како и оние што ја носеле а припаѓале на други шопски региони, се нарекувале црноџупки.[4] Косата кај невестите се плетела во плетенки со вплетени коцели, а главата се покривала со плиток фес, украсен со монистрени украси, метални монети и китки од природно цвеќе. Над фесот се префрлала шамија.[1]
Машката носија
[уреди | уреди извор]Машкиот рувет се состоел од бела платнена кошула широки или рамно-кроени ракави, чакшири од дебел кафеав или црникав шајак кои биле опточени со црни гајтани по рабовите и околу џеповите и алов појас со црни шарки кој се опашувал околу половината. Елекот (допојасна облека) порано бил од кафеав шајак (природната боја на волна), а потоа се ткаел од црвена/синкава ткаенина со вертикални црно-бели шарки. Наместо елекот можело да се носи минтан од волнена ткаенина „антерија“ со долги ракави и црни и бели пруги, или џамадан од црн шајак со долги ракави и црни/сини гајтани по рабовите. Чакширите со долги ногавици биле скроени од кафеав или црн шајак.
Под колената се носеле црвени појасчиња „подвески“, а младоженците носеле калчини од кафеав шајак украсувани со црни гајтани. На нозете носеле волнени чорапи кои биле орнаментирани по целата должина на црвена основа, и опинци од свинска или говедска кожа со врвци за врзување, а кон крајот на минатиот век на главата носеле фесче обвиено со црна/сина чалма, а потоа носеле или шубара од јагнешка кожа, или качкет „кескета“ – градска капа.[2] Шубарата го потенцирала шопскиот дух на носијата.[4]
За време на зимско време се носело долама од кафеав шајак со долги ракави и црни гајтани по рабовите, а над неа се носело кушљак кој бил долг до под колената со ќуљавка.[2]
Наводи
[уреди | уреди извор]- 1 2 3 Јаневски, Владимир (2024). Македонски народни носии. Скопје: Здружение на етнокореолози на Македонија. стр. 190–193. ISBN 978-608-65803-2-2.
- 1 2 3 Здравев, Ѓорѓи (1996). Македонски Народни Носии I. Скопје: Матица Македонска. стр. 154 и стр. 155. ISBN 9989-48-009-5.
- 1 2 3 Томовски, Крум (1996). Етнологија на Македонците. Скопје: МАНУ. стр. 155 и стр. 156. ISBN 9989-649-25-1.
- 1 2 3 4 5 Здравев, Ѓорѓи (2005). Македонски народни носии. Скопје: Матица македонска. стр. 142–145. ISBN 9989-48-584-4.