Прејди на содржината

Носии од Горноџумајско Поле

Од Википедија — слободната енциклопедија

Носиите од Горноџумајскиот крај биле носени во територијата на денешните општини Горна Џумаја и Симитли, каде регионално се јавуваат мали разлики*.

Машката носија

[уреди | уреди извор]

Мажите од овои крај главно носеле главно црни облеки, меѓу кои била белата платнена кошула. Над неа се носело елек кој бил изработен од шајак, и црна долама која била долга до колената и била опточена со црни гајтани по рабовите. На нозете носеле црни потури, кои биле опашени со тесен појас над нив. На главата, мажите носеле црна капа од овчо крзно, а на нозете носеле волнени чорапи, над кои носеле кожни опинци. [1]

Женската носија

[уреди | уреди извор]

Во Горноџумајско поле постоеле неколку варијанти на женски носии. Во составот на една од најраспостранетите од овој крај, до крајот на ХIХ и почетокот на ХХ век била застапена бела платнена везена кошула со декорација на која и се припишува доста старо потекло.

Од тој период наместо неа започнала да се носи кошула од памучно платно ткаено со кенари, на ракавите украсена со бели рачно плетени тантели. Над неа се облекувала облеката саја која се јавува во два вида, како: летна и зимска горна облека. Првата се изработувала од домашно бело памучно платно, со долги ракави, по рабовите украсена со црни или темно-црвени гајтани. За разлика од неа, зимската, истовремено и празничната облека се изработувала од црна и темно-сина домашна ткаенина, која се носела на специфичен начин со наназад префрлени поли. Според естетските сфаќања на месното население, во составот на носијата намената за девојки и млади жени, посебно впечатливи се сметале црната саја и белата фута. Втората, позната како тенката фута, ткаена во комбинација на бела памучна и бела волнена преѓа, со својата специфична структура се издвојувала со посебен естетски караткер и вредност.

Повозрасните жени во комбинација со црната саја се опашувале со четворна фута – четворно ткаена волнена ткаеница составена од две хоризонтално соединети дипли, со вткаени појаси: зелени, жолти, сини, црвени и црни комбинирани во квадратни поле на црна или темно-сина основа. Појасот е волненм четворно ткаен во комбинација на повеќебројни риги. Чорапите се плетени од црна волнена преѓа, преку должината прошарени со гривни – вид дискретно орнаментирани хоризонтални појаси.

Девојките главата ја покривале со розова забрадка, а невестите со бела, која почнувајки од денот на венчавањето преставувала карактеристично обележје на мажената жена. Невестинскиот и празничен изглед на носијата се надополнувал со округли сребрени пафти, ѓердани од сребрени пари и жолтици – сребрен накит на главата – игла и со обетки. [2]

  1. К'нчов, Васил. Патуване по долините на Струма, Места и Брегалница - Горна Џумаја и казата. Софија. стр. 170.
  2. Здравев, Ѓорѓи (2005). Македонски народни носии (ткаеници, везови, плетила, китење и накит). Скопје: Матица Македонска. стр. 152 до 154. ISBN 9989-48-584-4.

Забелешка

[уреди | уреди извор]