Народни носии од Серско
Народните носии од Серско — народни носии носени во областа околу Сер, Валовишта, Долна Џумаја, Зихна, и други предели во серскиот крај.
Машките носии
[уреди | уреди извор]Машката носија од Серско Поле се состоела од неколку стандардни елементи: бела долга кошула изработена од дебело домашно платно, украсена со нежен бел вез во техниката задигла. Таа се носела вовлечена во бели платнени гаќи кои имаат долги и широки ногавици. Околу половината се ставал учкур – вркузан, еден вид долга платнена лента со богато везени краеви во повеќе бои, провлечена низ широк пораб на гаќите. Дополнително, се носел и појас од волнена преѓа, ткаен на црвена основа и украсен со суптилни орнаменти. Во празнични денови, носијата се дополнувала со бел платнен фустан – богато набрано здолниште.
Во некои села во Серско Поле, секојдневната машка носија вклучувала шалвари направени од лесна домашна волнена ткаенина. За зимските и празничните верзии, се носеле сини волнени шалвари, украсени по рабовите со црни свилени гајтани. На нозете се носеле објала – вид црни подколеници од шајак, внатре потплтени со конопено платно. Тие биле богато извезени со срмен вез, со карактеристични црвени акценти, а по краевите биле опточени со модри гајтани.
Како горен дел од носијата се среќавале неколку видови облеки: антерија – кроена од памучно платно во пруги; елек – безракавна допојасна облека од куповна ткаенина и минтан – допојасна облека со долги ракави, исто така од пругасто памучно платно.
Во турскиот период, за главата бил предвиден исклучиво фес – филцена капа во бордо боја, со црн свилен пискул на врвот. Како дополнителна покривка се користела чалма – издолжена правоаголна марама што се обвиткувала околу фесот. Наместо неа, понекогаш се носела и дезенирана шамија на црвена основа, украсена со цветни мотиви.[1]
Мажите на полето главно носеле црни облеки. Носеле панталони „беневрети“, од волнен материјал, како во Солун, Кукушко и други места. На грбот носеа памучна кошула, а одозгора елек со ракави или без. Одозгора носеа црна облека до колена украсена со гајтани. На потколениците имаа тузлуци, какви што се носеа на многу места во Македонија. На главите носеа мал фес со голема црна киска, а на половината долг црн волнен или памучен појас. [2]
Женските носии
[уреди | уреди извор]Женската носија од селото Серско Поле, особено на десниот брег на реката Струма, ги вклучувала следниве облеки: гаќи – гашти, направени од бело домашно платно, со долги ногавици украсени со вертикално распоредена орнаментика од колената до глуждовите; појас ткаен од волнена преѓа, со значителна должина, составен од три дипли во боја – црвена, темноцрвена и бела, секоја двојно свиткана; антерија, како горна облека, изработена од домашна пругаста памучна ткаенина, со долги ракави и должина до колена; празнична горна облека наречена памуклија, без ракави, исто така долга до колена, направена од купечко темносинo платно, потплатена и полнета со памук, рачно штепувана; рабовите и џебовите се богато декорирани со срмени ширити.
Меѓу забележаните облици на китење и украсување се издвојуваат неколку елементи што привлекуваат особено внимание: впечатлив подбрадник составен од сребрени низи, украсен со стари сребрени монети – аспри, поврзан со посебен дел што се прицврстувал кај слепоочниците и се спојувал со покривката за глава; колоритни гердани направени од разнобојни монистра, наредени како фриз; и масивни сребрени пафти, како соствен дел од специјално ткаени колани.
Женската носија во селата на левиот брег на реката Струма, според етнографските примероци собрани од С. Верковиќ во средината на XIX век, што се чуваат во Рускиот државен етнографски музеј во Санкт Петербург, се состоела од бела платнена кошула, која се спуштала до петиците и имала долги ракави од црвено платно - богасија, украсени во долниот дел со везови од стилизирани растителни мотиви со геометриски форми. За време на празници, преку кошулата се носела антерија — горна облека изработена од тенка волнена ткаенина со пругаст дезен, со внимателно усогласени бои како црна, црвена, сина и други. Оваа антерија била долга до глуждовите, со кратки ракави, а на предниот дел од градите била богато украсена со срмени ширити, гајтани и срмени везови изведени во терзиска изработка што се одликува со извонредна естетска вредност.
Невестата лицето го прекривала со дулак направен од црвена богасија или свилена шамија во бордо боја а главата со црвен филцен фес. Над челото носела син гајтан нанижан со златници, додека на градите украс со пришиени стари пари и рески.[3]
Жените носеле долги кошули, често извезени со црвени или сини конци. Над кошулите носеле антерии од домашно ткаена памучна ткаенина. Половината ја опашувале со ремени, ткаенини на памучна основа. Најубавото нешто во женската облека беше скутината „прегач“, која била широка, изработена од волнен материјал и украсена со шари кои беа во форма на дијаманти, квадрати или скршени линии. На главите носеа мали фесови, врзани со крпи, а одозгора шамии, кои не беа цврсто приврзани, туку слободно им паѓаа преку рамениците. Во зима носеле купаран/ферман, кратка облека обложена и украсена со јагнешка и лисичја кожа која била до половината. [2]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Здравев, Ѓорѓи (2005). Македонски народни носии. Скопје: Матица македонска. стр. 160. ISBN 9989-48-584-4.
- ↑ 2,0 2,1 К'нчов, Васил (1896). Патуване по долините на Струма, Места и Брегалница ; Битолско, Преспа и Охридско. Софија. стр. 15 и 16.
- ↑ Здравев, Ѓорѓи (2005). Македонски народни носии. Скопје: Матица македонска. стр. 162–164. ISBN 9989-48-584-4.