Носија од Леринско Поле

Носијата од Леринско Поле се надоврзува на носијата од Битолско Поле, но со забележливи разлики во обликувањето и украсувањето на одделните облеки. Населението во овој предел, нознато под етнонимот Моштенци, ја зачувало својата традиционална носија, особено женската.[1] Истата доживеала бројни промени, но сепак, на почетокот на 20-ти век, одредени елементи од нејзиниот состав, со постаро културно потекло, останале препознатлив белег на оваа заедница.[2]
Во Македонија, селата каде се носела моштенска носија се Бач, Живојно, Гермијан и Совиќ (Сович).[3][4] Некои села во леринско (поточно тие спомнати тука[5]) имаат носија која се одделува од таа во останатиот лерински крај.
Женската носија
[уреди | уреди извор]Од традиционалната женска носија најдолго се зачувала кошулата, чија спечифична везбена декорација, изведена исклучиво со крвчиња, остро и на прв поглед ја диференцира од поголемиот број македонски кошули. Везот на долниот дел на кошулата се одржувал се до Втората светска војна, додека ракавните везови се напуштиле од порано.[4]
Над кошулата се носела горна безракавна облека од црн шајак тн. „ќурдија“, со расцепени поли, украсена со волнена оптока и купечки гајтани, а на градите со апликации „чапрази“ од индустриска материја. Зимно време носеле „ресачка“ од црн шајак, со реси од внатрешната страна, но поинаку украсена од костурскиот „власеник“. Подоцна, ќурдијата ја заменале со долга, безракавна облека, широка во долниот дел, која достигнува до везот на кошулата „ф’стан“, волнен за зиме, памучен за лето, или со „антерија“ од пругаста лито ткаена ткаенина алаџа, полнета со коноп.[4]
Се опашувале со волнен „прегач“, скутина од две дипли, а на главата носеле бели „даркми“. На градите се кителе со метален накит од сребрени синџири, поткитени со пари, а на појасот носеле метални пафти „ѓубеци“.[4]
Во периодот на невестинството, невестите од крајот на 19-ти и почеток на 20-ти век облекувале кошула позната како орјаните поли. Полуракавите локално познати како калчунки се носеле под ракавите на таа кошула, додека на градите се врзувало таканаречено гушалче. Како дел од постарите културни обележја во овој регион, се појавува и зелената сагија, која се препашувала со појас. Врз појасот, во предниот дел, се носел прегач украсен со буфки. За време на невестинството, врз коланот се ставале пафти наречени губеци, а на градите се носел украсен ќостек точе, украсен со синџири. Косата имала една плетенка, на која се закачувал декоративен ќустек направен од повеќе синџири. Главата најпрво се заврзувала со марама, по што се покривала со белата ткаенина наречена Даркма. На нозете се обувале чорапи и чели.[2]

Машката носија
[уреди | уреди извор]Машката носија била изработувана од бело памучно платно, поточно во летниот период. Во зимскиот период се изработувале облеки од клашна. Во составот на носијата биле застапени платнени гаќи и кошула, клашнен елек, волнени чорапи, и капа. Народната носија во овој крај била изработувана за различни периоди од животот на човекот со кои се одредувала возраста, брачната состојба, социјално економската положба. Но оваа носија почнала да се напушта од среднината на ХХ век.[3]
Распостранетост
[уреди | уреди извор]Оваа носија е распостранета во Општина Лерин (со исклучок на Горните села) и во Општина Новаци (Бач, Живојно, Гермијан и Совиќ)
Галерија
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Томовски, Крум (1996). Етнологија на Македонците. Скопје: МАНУ. стр. 154. ISBN 9989-649-25-1.
- 1 2 Јаневски, Владимир (2024). Македонски народни носии. Скопје: Здружение на етнокореолози на Македонија. стр. 167. ISBN 978-608-65803-2-2.
- 1 2 Огненовски, Трајко (2009). Битолски регион, Население и Населби. Битола: Општина Битола. стр. 57. ISBN 978-86-17-12355-4 Проверете ја вредноста
|isbn=: checksum (help). - 1 2 3 4 Пенушлиски, Кирил (2002). Народната Култура на Егејска Македонија. Скопје: Мисла. стр. 389. ISBN 86-15-00248-7.
- ↑ Јаневски, Владимир (2013). Етнокореолошки карактеристики на Македонските Народни Ора (по избрани примери) (PDF). Скопје: д-р Зоранчо Малинов. стр. 56. ISBN 978-9989-642-82-1.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]| „Носија од Леринско Поле“ на Ризницата ? |