Галапагос
светско наследство на УНЕСКО | |
---|---|
Критериум | природен: vii, viii, ix, x |
Навод | 1 |
Запис | 1978 г. (2-ро заседание) |
Дополнувања | 2001 и 2003 |
Загрозено | 2007–2010 |
Галапагос (официјално име: Archipiélago de Colón; други шпански имиња: Islas de Colón или Islas Galápagos) — архипелаг од вулкански острови во Тихиот Океан, распространети околу екваторот и оддалечени 972 км. западно од Еквадор, на кого и му припаѓаат. Најпозната одлика на архипелагот е неговата флора и фауна.
Галапагос заедно со водата која го опкружува образува: покраина Галапагос, национален парк Галапагос и морски биолошки резерват Галапагос. Островите бројат 23.000 жители, а основен јазик е шпанскиот.
Геолошки гледано островите се млади, а прочуени се поради огромниот број на ендемски видови проучувани од страна на Чарлс Дарвин за време на пловидбата на бродот „Бигл“. Неговите забелешки и збирки придонеле за раѓањето на Дарвиновата теорија за еволуција по пат на природен избор.
Првата поморска навигациска мапа на островите беше направена од пиратот Емброуз Каули (Ambrose Cowley) во 1684 г. Тој ги именувал островите според имињата на некои од неговите пирати или според имињата на англиските благородници кои му помогнале. Во поново време, еквадорската влада на островите им дава шпански имиња. Иако овие имиња се официјални, многумина (особено еколошките истражувачи) и понатаму ги користат старите англиски имиња, најмногу поради тоа што тоа се имињата кои ги користел Чарлс Дарвин при неговата посета на островите.
Географија
[уреди | уреди извор]Островите се наоѓаат на источниот дел од Тихиот Океан, на 973 км. оддалеченост од западниот брег на Јужна Америка. Најблиско копно со голема површина е Еквадор (државата на која му припаѓаат) на исток, на север најблиску се наоѓа Кокосовиот остров на оддалеченост од 720 км, а на југ Велигденскиот Остров и островот Сан Феликс оддалечени 3.200 км.
Координатите на архипелагот се 1°40'СГШ–1°36'ЈГШ, 89°16'ИГД–92°01'ЗГД. Распространети околу екваторот, островите ги опфаќаат и северната и јужната полутопка, а вулканите Волф и Еквадор на островот Изабела се сместени точно на екваторот. Најјужниот остров Еспањола и најсеверниот остров Дарвин се на меѓусебна разделеченост од 220 км. Но, Меѓународната хидрографска организација (МХО) го смета архипелагот во целост како дел од јужниот дел на Тихиот Океан. Вкупно, архипелагот зафаќа 7.880 км2 копнена површина распространета на 45.000 км2 водена површина. Најголемиот остров Изабела зафаќа површина од 4.640 км2 што претставува половина од вкупната површина на Галапагос. Највисока точка е вулканот Волф кој се наоѓа на надморска височина од 1.707 m.
Има вкупно 15 големи, 3 мали острови и 107 карпи и островчиња. Островите се наоѓаат на т.н. Галапагос тројна крстосница, место каде се вкрстуваат три тектонски плочи. Исто така се наоѓа врз т.н. Галапагос жариште, место каде качулка составена од врели камења која се наоѓа во слојот околу течното Земјино јадро се издигнува низ слојот и ја топи Земјината кора создавајќи вулкани. Се претпоставува дека најстариот остров се формирал пред 5 до 10 милиони години. Најмладите острови, Фернандина и Изабела сè уште се во образба, а последната вулканска ерупција е забележана во април 2009 г. кога лава од вулканскиот остров Фернандина започна да тече и кон крајбрежјето на островот, но и кон централната калдера (голема дупка, слична на кратер, но со многу поголеми димензии, која се создава при рушење на вулканската купа за време на вулканска ерупција.
Поголеми острови
[уреди | уреди извор]18-те острови (со површина над 1 км2) од архипелагот прикажани по азбучен ред:
- Балтра (Јужен Симор) (Baltra (South Seymour)) — мал остров сместен во близина на центарот на Галапагос создаден со геолошко издигнување на земјиштето. Се работи за остров со сува клима и вегетација составена од т.н. солени грмушки (atriplex), бодликави кактуси итн. свети дрвја (palo santo).
До 1986 г. аеродромот Балтра беше единствениот аеродром на Галапагос, но сега има два кои опслужуваат летови од континентот. Другиот се наоѓа на островот Сан Кристобал, но приватните авиони мора да слетуваат на аеродромот во Балтра затоа што само тој го има неопходните простории за авионите да можат да останат преку ноќ.
Веднаш по пристигнувањето во Балтра сите посетители со автобус се пренесуваат до едно од двете пристаништа. Првото се наоѓа во мал залив каде бродовите кои го крстарат Галапагос чекаат патници. Второто пристаниште го поврзува Балтра со Санта Крус.
Во текот на 1940-тите години научници како дел од експеримент решија да преместат 70 од копнените игуани на соседниот остров Северен Симор. Овој потег имаше неочекувани последици за време на окупацијата на Балтра во текот на Втората светска војна. Месните копнени игуани изумреа. Во текот на 1980-тите години копнени игуани од Северен Симор беа однесени во Научно-истражувачката станица Чарлс Дарвин како дел од проектот за размножување и ренаселување и како резултат на тоа во 1990-тите години копнените игуани повторно станаа дел од Балтра. До 1997 г. научниците имаат изброено 97 игуани кои живеат во Балтра од кои 13 се родени на островот.
Во 2007 г и 2008 г. аеродромот во Балтра беше реновиран и сега вклучува и ресторани, продавници и подобрена зона за посетители.
- Вартоломеј (Бартоломју) (Bartolomé (Bartholomew)) — вулканско островче на многу мало растојание од источниот брег на островот Сантјаго. Тој е еден од помладите острови во архипелагот Галапагос. Вартоломеј и соседниот остров Сантјаго (Џејмс), како и заливот Саливан на овој остров, ги добиле имињата според доживотниот пријател на Чарлс Дарвин, Бартоломју Џејмс Саливан (Sir Bartholomew James Sulivan), капетан на бродот „Бигл“ (HMS Beagle).[1] Овој е еден од малкуте острови кои се дом на галапагоСкиот пингвин кој е единствениот вид на див пингвин по должината на екваторот. Зелената желка е уште едно животно кое живее на островот.
- Волф (Венман) (Wolf (Wenman)) — остров чие име го доби според германскиот геолог Теодор Волф (Theodor Wolf). Неговата површина изнесува 1,3 км2 и има максимална височина од 253 m. На овој остров можат да се видат: крзнени фоки, разни видови на тропски морски птици, водни игуани, ајкули, китови, делфини и галапагоскиот галеб. Најпознатиот жител на островот е вампирската сипка која делумно се храни со крв исклукана од други птици и ја има само на овој остров.
- Хеновеса (Кула) (Genovesa (Tower)) — остров чие име потекнува од Џенова, Италија, град за кој се верува дека е местото на раѓање на Колумбо. Неговата површина е 14 км2 и има најголема височина од 76 m. Овој остров се формирал како остаток од голем кратер кој потонал. Го нарекуваат "птичјиот остров" што дефинитивно не е неоправдано. Во заливот Дарвин можат да се видат фрегати и галапагоски галеби кои се единствените ноќни видови на галеб во светот. Исто така има и: рибарки, разни тропски птици, лебеди, ветрушки и дарвинови сипки. "Чекорите на принц Филип" е место каде овие птици може да се набљудуваат. На островот се наоѓа и голема шума со "свети дрвја".
- Дарвин (Кулпепер) (Darwin (Culpepper)) — остров кој името го доби според Чарлс Дарвин. Зафаќа површина од 1,1 км2 и најголема височина од 168 m. Тука може да се видат: крзнени фоки, разни видови на тропски морски птици, галапагоски галеби, водни игуани, морски лавови, китови и водни желки.
- Еспањола (Худ) (Española (Hood)) — остров кој името го добил во чест на Шпанија. Познат е и како Худ, според виконтот Самуел Худ. Зафаќа површина од 60 км2 и најголема височина во износ од 206 m.
Еспањола е најстариот (3.5 милиони години), а воедно и најјужниот остров. Поради неговата специфична положба на овој остров има голем број на ендемски видови. Овој остров има свои посебни автентични видови на: дроздови, тропидурус (lava lizard) (вид на гуштер) и желки. За време на сезоната на парење водните игуани на Еспањола добиваат карактеристична црвена боја на кожата. Еспањола е единственото место каде галапагоскиот албатрос снесува јајца. Некои птици се обиделе да се размножуваат на островот Хеновеса, но неуспешно. Стрмните гребени на Еспањола служат како совршена писта за полетување за овие птици кога летаат до местата во океанот каде се хранат во близина на Еквадор и Перу.
Еспањола има две места за посетители. Заливот Гарднер е место за пливање и нуркање, а има и убава плажа. Пунта Суарез има мигриран, месен и ендемски животински свет: светло обоени водни игуани, тропидуруси, галапагоски дроздови, галапагоски галеби, разни видови на тропски птици, галапагоскиот сокол, три видови на Дарвиновите сипки и албатросот.
- Изабела (Албемари) (Isabela (Albemarle)) — остров кој го доби името во чест на кралицата Изабела. Тој е најголемиот остров во Галапагос со површина од 4.640 км2 и највисока точка од 1.707 m. Неговиот облик налик на морско коњче е резултат на спојувањето на 6 големи вулкани во едно парче земја. На овој остров има: галапагоски пингвини, корморани кои не може да летаат, водни игуани, пеликани и Сели Лајтфут морски ракови (Sally Lightfoot crabs). На рабовите и во калдерите на вулканите на островот може да се набљудуваат копнени игуани, галапагоски желки, како и дарвинови сипки, галапагоски соколи, галапагоски лебеди и многу интересен растителен свет. Пуерто Виљамил (Puerto Villamil) кој е третата по големина населба на архипелагот се наоѓа на југоисточниот крај на островот и е единствениот остров низ кој директно поминува линијата на екваторот. Исто така е и единственото место во светот каде може да се види пингвин во својата природна средина на северната полутопка.
- Марчена (Биндло) (Marchena (Bindloe)) — остров именуван по Фреј Антонио Марчена (Frey Antonio Marchena), има површина од 130 км2 и највисока точка од 343 м.
Овој остров го населуваат галапагоски соколи и морски лавови, а е и дом на ендемско животно, тоа е марченскиот лава гуштер (тропидурус).
- Пинсон (Данкан) (Pinzón (Duncan)) — остров кој своето име го добил според браќата Пинсон кои биле капетани на каравелите Пинта и Ниња. Има површина од 18 км2 и највисока точка од 458 m.
- Пинта (Абингдон) (Pinta (Abingdon)) — остров именуван според каравелата Пинта. Зафаќа површина од 60 км2 и максимална височина од 777 m. Тука може да се видат: морски лавови, галапагоски соколи, гигантски желки, водни игуани и делфини. Островот беше дом на последната пинта желка која ја викаат Осамен Џорџ. Тој повеќе не живее на островот, туку беше пренесен во научно-истражувачката станица Чарлс Дарвин на островот Санта Крус каде научници се обидуваат да го размножат.
- Рабида (Џервис) (Rábida (Jervis)) — остров кој го носи името на манастирот Рабида каде Кристофер Колумбо го оставил својот син на пат кон Америките. Зафаќа површина од 4,9 км2 и најголема височина од 367 m. Рабида има карактеристична црвена боја поради големото количество на железо кое го содржи лавата на овој остров. Во лагуна близу до плажата живеат бело-образести диви патки, а на истото место свои гнезда имаат направено кафеави пеликани и сули. До неодамна имаше и фламинга во лагуната, но тие се преселија на други острови, најверојатно поради недостатокот на храна на Рабида. На овој остров се забележани и 9 видови на сипки.
- Сан Кристобал (Чатам) (San Cristóbal (Chatham)) го носи името на светецот-заштитник на морепловците "Свети Кристофер". Англиското име го доби според првиот гроф на Чатам, Вилијам Пит (William Pitt) Неговата површина зафаќа 558 км2 и највисоката точка достигнува 730 m. Овој е првиот остров кој го посетил Чарлс Дарвин за време на неговото патување со бродот „Бигл“. На овој остров има: фрегати, морски лавови, гигантски желки, сино-канџести и црвено-канџести сули, тропски птици, водни игуани, делфини и галапагоски галеби. Од растителниот свет има растенија како Calandrinia galapagos, Lecocarpus darwinii и дрвја како на пример Lignum vitae. Во високите предели на Сан Кристобал се наоѓа најголемото слатководно езеро во архипелагот кое се вика Лагуна Ел Хунко (Laguna El Junco). На јужниот крај од островот се наоѓа и главниот град на покраината Галапагос, Пуерто Бакеризо Морено (Puerto Baquerizo Moreno).
- Санта Крус (Неуморен) (Santa Cruz (Indefatigable)) — остров чие име го доби според Светиот крст на шпански јазик, а англиското име потекнува од британскиот брод ХМС Индефетигабл (HMS Indefatigable). Зафаќа површина од 986 км2 и максимална височина од 864 m. На Санта Крус живеат најголем број на луѓе на архипелагот во градот Пуерто Ајора (Puerto Ayora). Тука се наоѓаат научно-истражувачката станица Чарлс Дарвин и канцелариите на службата на националниот парк Галапагос. Тука, овие две институции исто така управуваат и со центар за размножување на желки, во кој се раѓаат млади желки, кои ги одгледуваат и подготвуваат за пуштање во нивната природна средина. Високите предели на Санта Крус нудат бујна флора и се познати по тунелите од лава. Има голем број на големи желки. Заливот "Црна желка" е место опкружено со мангрови кои морските желки, раите и малите ајкули понекогаш ги користат за парење. Исто така тука се наоѓа и Церо Драгон (Cerro Dragón) познат по лагуната со фламинга, а по пат може да се видат и копнени игуани во потрага по храна.
- Санта Фе (Барингтон) (Santa Fé (Barrington)) — остров кој името го доби според град во Шпанија. Зафаќа површина од 24 км2 и најголема височина од 259 m. На Санта Фе има шума со "свети дрвја" и Opuntia cactus, кои се најголемите кактуси на архипелагот. Избраздените гребени се рај за галапагоските галеби, тропските птици и птици слични на ветрушките. Често може да се видат видови на копнени игуани специфични само за Санта Фе, како и лава гуштери (тропидуруси).
- Сантјаго (Сан Салвадор, Џејмс) (Santiago (San Salvador, James)) — остров чие име е еквивалент на името на англискиот светец Џејмс, а исто така го знаат и како Сан Салвадор, првиот остров кој го открил Колумбо во Карипското Море. Овој остров зафаќа површина од 585 км2 и највисока точка од 907 m. Тука може да се најдат: водни игуани, морски лавови, крзнени фоки, копнени и водни желки, фламинга, делфини и ајкули. Свињите и козите кои ги донеле луѓето и кои многу им наштетиле на ендемските видови се истребени. (свињите до 2002 г., а козите до крајот на 2006 г.). Може да се видат и дарвинови сипки и галапагоски соколи, како и колонија на крзнени фоки. Во заливот Саливан може да се видат и последиците од неодамнешен (пред околу 100 години) излив на лава.
- Северен Симор (North Seymour) — остров кој името го добил по англискиот благородник лорд Хју Симор (Hugh Seymour). Зафаќа површина од 1,9 км2 и најголема височина од 28 m. Овој остров е дом на голем број на сино-канџести сули, галапагоски галеби и фрегати. Беше формиран со геолошко издигнување.
Се наоѓа на мала оддалеченост северно од аеродромот Балтра. Северен Симор е островче кое за разлика од повеќето острови не е од вулканско потекло, туку настанало со сеизмичко издигнување. Островот е рамнински, со гребени само на неколку метри од брегот на чии рабови седат галапагоски галеби и тропски птици. Има и малечка шума на сребрено-сиви "свети дрвја", најчесто без лисја на гранките, чекајќи го дождот за да расцветаат. Островот е преполн со живот. При посета на овој остров човек може да се најде очи в очи со морски лав или водна игуана. Јата од пеликани и галапагоски галеби се хранат покрај брегот. Северен Симор е одлично место за размножување на птиците и е дом на едно од местата каде многубројни јата на сино-канџести сули и прекрасни фрегати ги снесуваат своите јајца. Може да се види како парови на сино-канџести сули го вршат целокупниот чин на парење со разменување на подароци, свиркање и црцорење, истегнување на нивните вратови кон небото, ширење на крилјата и танцување со цел да ги покажат своите светлосини нозе. Прекрасните фрегати си седат во ниските грмушки и ги гледаат нивните пораснати пилиња. Фрегатите се огромни темни акробати со размер на крилјата од 2.3 m. Мажјаците можат да ги надуат своите вратови налик на големи црвени балони. Сулите и фрегатите имаат интересен меѓусебен однос. Сулите се одлични ловци и фаќаат риби во групи. За разлика од нив, фрегатите ловат во стил на пирати, удирајќи ги сулите за да ги натераат да го испуштат пленот и потоа акробатски се спуштаат и ја земаат храната која паднала во водата.
- Фернандина (Нарбороу) (Fernandina (Narborough)) — остров кој го доби името во чест на кралот Фернандо II Арагонски кој го спонзорираше патувањето на Колумбо. Фернандина зафаќа површина од 642 км2 и најголема височина од 1.494 m. Ова е најмладиот и најзападен остров. На 13 мај 2005 г. на овој остров започна нов и многу еруптивен процес. Облак од прав и пареа се издигна на височина од 7 км. и лава започна да се спушта низ падините на вулканот и да се слива кон морето. Пунта Еспиноза е мало парче земја на овој остров на кое се собираат илјадници игуани и тоа најмногу на црните вулкански карпи. Тука живеат и: прочуените корморани кои не можат да летаат, како и галапагоски пингвини, пеликани, галапагоски морски лавови и галапагоски крзнени фоки. Исто така Фернандина е остров на кој може да се споредуваат различните видови на лава и да се набљудуваат мангровите шуми.
- Флорејана (Чарлс или Санта Марија) (Floreana (Charles or Santa María)) — остров кој го доби името според првиот претседател на Еквадор Хуан Хосе Флорес (Juan José Flores). За време на неговата администрација владата на Еквадор стана сопственик на архипелагот. Исто така го викаат и Санта Марија, според една од каравелите на Колумбо. Зафаќа површина од 173 км2 и максимална височина од 640 m. Ова е еден од островите со најинтересна историја и еден од првите кои биле населени. На овој остров своите јајца ги снесуваат фламингата и зелените водни желки (од декември до мај). Тука може да се најде галапагоската ветрушка (patapegada), морска птица која поголемиот дел од животот го поминува во воздух. Уште од 18 век, во заливот Пошта (Post Office Bay) китоловци чуваа дрвени буриња кои им служеа како пошта од каде можеа да се подигнуваат писма и да се испраќаат до нивните крајни одредишта, најчесто во Европа и САД, со помош на бродовите кои поминувале оттаму. Во местото „Ѓаволска круна“ можат да се видат корални облици и подводна вулканска купа.
Помали острови
[уреди | уреди извор]- Дафне Мајор (Daphne Major) — мал остров точно северно од Санта Крус и точно западно од Балтра. Но, овој тешко пристаплив остров го нема на картата од 1684 г. на гусарот Емброуз Каули. Овој остров е важен поради повеќедецениските проучувања на сипките од страна на Питер и Роузмари Грент (Peter and Rosemary Grant).
- Јужна Плаза (South Plaza Island (Plaza Sur)) — остров именуван во чест на поранешен претседател на Еквадор, генералот Леонидас Плаза. Зафаќа површина од 0,13 км2 и највисока точка од 23 m. Флората во Јужна Плаза вклучува Opuntia кактуси и Sesuvium билки кои заедно создаваат црвеникав килим над разновидните облици кои ги има создадено лавата. Има многу игуани (копнени, водни, но и некои хибриди од двата видови) и голем број на птици кои може да се набљудуваат од гребените на јужниот дел од островот како што се галапагоските тропски птици и галапагоските галеби.
- Безимен остров — мало островче кое најмногу се користи за нуркање.
Временски услови
[уреди | уреди извор]Иако се наоѓа на екваторот, морската струја Хумболд (Humboldt) носи студена вода кон островите со што предизвикува чести врнежи речиси во текот на целата година. Повремено, временските услови се под влијание на феноменот Ел Нињо, кој носи потопло време и поројни дождови.
Во текот на годишното време кое се нарекува гаруа (од јуни до ноември) температурата покрај морето изнесува 22 °C, има постојан студен ветер кој дува од правец југ југоисток, има чести врнежи кои траат речиси по цели денови, а густа магла го сокрива островот. Во текот на топлата сезона (од декември до мај), просечната температура на морето и воздухот се искачува до 25 °C, сонцето постојано грее, воопшто нема ветер и има повремени, но силни врнежи од дожд.
На големите острови времето се менува со зголемување на надморската височина. Температурата постепено опаѓа со зголемување на височината, додека врнежите се зголемуваат поради кондензирањето на влага во облаците на падините. Количеството на врнежи се менува од место до место, и тоа не само со надморската височина, туку и во зависност од местоположбата на островите и годишните времиња (сезоните).
Следнава табела од врнежливата 1969 г. ја покажува разликата во количеството на врнежи на различни места на островот Санта Крус:
Место | Станица „Чарлс Дарвин“ |
Фарма „Девин“ | „Медија Луна“ |
---|---|---|---|
Надм. висина | 6 м | 320 м | 620 м |
јануари | 23,0 мм | 78,0 мм | 172,6 мм |
февруари | 16,8 мм | 155,2 мм | 117,0 мм |
март | 249,0 мм | 920,8 мм | 666,7 мм |
април | 68,5 мм | 79,5 мм | 166,4 мм |
мај | 31,4 мм | 214,6 мм | 309,8 мм |
јуни | 16,8 мм | 147,3 мм | 271,8 мм |
јули | 12,0 мм | 42,2 мм | 135,6 мм |
август | 3,8 мм | 13,7 мм | 89,5 мм |
септември | 18,5 мм | 90,9 мм | 282,6 мм |
октомври | 3,2 мм | 22,6 мм | 96,5 мм |
ноември | 11,0 мм | 52,8 мм | 172,7 мм |
декември | 15,7 мм | 84,1 мм | 175,3 мм |
ВКУПНО | 469,7 мм | 1.901,7 мм | 2.656,4 мм |
Врнежите исто така зависат и од географската положба. Во текот на март 1969 г. количеството на врнежи над станицата Чарлс Дарвин на јужниот брег на Санта Крус изнесуваше 249 мм, додека на островот Балтра во текот на истиот месец изнесуваше 137.6 мм. Причина за ова е тоа што кога се работи за јужните ветрови кои преовладуваат во овој регион, Балтра се наоѓа зад Санта Крус, па поголеииот дел од влагата во дожд преминува на високите места на Санта Крус.
Но, кога се работи за количеството на врнежи секоја година си е за себе. Кај станицата Чарлс Дарвин, количеството на врнежи во текот на март 1969 г. изнесуваше 249 мм, но за време на март 1970 г. тоа изнесуваше 1,2 мм.
Историја
[уреди | уреди извор]Европејците го открија архипелагот Галапагос кога четвртиот епископ на Панама, шпанецот Фрај Томас де Берланга (Fray Tomás de Berlanga) отплови до Перу за да разреши несогласување меѓу Франсиско Писаро (Francisco Pizarro) и неговите подофицери. Откако прекина да дува ветер бродот на де Берланга замина во погрешен правец и неговиот екипаж стигна до островите од архипелагот на 10 март 1535 г. Според еден научен труд од 1952 г. кој го направија Тор Хејердал (Thor Heyerdahl) и Арне Скјосволд (Arne Skjølsvold), остатоци од глинени садови и други артефакти пронајдени на неколку места на островот налагаат дека островите биле посетени од некои јужноамериканци уште пред доаѓањето на шпанците.[2] Но, сè досега не се пронајдени остатоци од гробови, обредни садови или градби што налага дека во тоа време немало трајно населување.[3]
Островите за првпат се појавија на мапите околу 1570 г. и тоа во оние кои ги нацртаа Абрахам Ортелиј и Меркатор. Островите беа наречени "Insulae de los Galopegos" (Острови на желките).
Првиот англиски капетан кој го посети Галапагос беше Ричард Хокинс (Richard Hawkins) во 1593 г. До почетокот на 19-от век архипелагот често беше користен како скривница најчесто од страна на англиски пирати кои ги ограбуваа шпанските галии кои пренесуваа злато од Јужна Америка до Шпанија.
Во 1793 г. Џејмс Колнет (James Colnett) ги опиша флората и фауната на Галапагос и упати на тоа дека китоловците кои дејствувале во Тихиот Океан би можеле да ги искористат островите како база. Китоловци и поморски трговци на крзно убија и заробија илјадници галапагоски желки за да го извадат и искористат нивното сало. Исто така ги чуваа желките на бродовите за да им послужат како свежи белковини затоа што овие животни можат да преживеат без храна и вода со месеци. Ловењето беше причина нивниот број да се намали во голема мера, па дури доведе и до исчезнување на одредени видови. Освен китоловците најголеми виновници беа ловците на фокино крзно кои ја доведоа бројката на ова животно близу до исчезнување.
Прв постојан жител на Галапагос беше Патрик Воткинс (Patrick Watkins), ирски морепловец кој беше оставен на островот Флорехана од 1807 до 1809 г. Според подоцнежни откритија [4][5] Воткинс успеал да преживее ловејќи, одгледувајќи зеленчук и тргувајќи со китоловци сè додека конечно не успеал да украде брод и да стигне до Гвајакил (Guayaquil).
Во 1818 г. капетан Џорџ Вашингтон Гарднер (George Washington Gardner) од Нантукет (Nantucket) со неговиот брод "Глоуб" ("Globe") откри "жариште" на китови на неколку милји западно од јужноамериканскиот брег во близина на екваторот. Тој се врати во Нантукет во 1820 г. со преку 2000 буриња полни со китова маст како и вестите за неговото откритие. Ова доведе до прилив на китоловечки бродови кои сакаа ова да го искористат и Галапагос стана место каде постојано застануваа китоловците пред одењето и по враќањето од областа каде ловеле која со текот на времето го добила името Офшор Граундс (Offshore Grounds). Ова доведе до воспоставување на еден вид неофицијална "пошта" на Галапагос каде китоловечките бродови одеа да подигнуваат и оставаат писма, како и да ги проверуваат и поправаат своите бродови.
Од оваа причина во октомври 1820 г., китоловечкиот брод Есекс (Essex) од Нантукет кој беше на пат кон Офшор Граундс, застана на Галапагос. На островот кој тогаш го викаа Чарлс, додека поголемиот дел од екипажот ловеше желки, кормиларот Томас Чапел (Thomas Chappel) од сè уште непознати причини запали оган кој брзо се прошири и излезе надвор од контрола. Некои од ловците на желки едвај спасија жива глава и мораа да избегнат оган кој доаѓаше од сите страни само за да стигнат до бродот. Наскоро речиси целиот остров беше во пламени. Членовите на екипажот рекоа дека дури и по ден пловење во спротивен правец од островот сè уште можеле да ги видат пламените на хоризонтот. Еден член на екипажот кој по неколку години се врати на Галапагос го опиша целиот остров како црна пустелија.[6]
На 12 февруари 1832 г. Еквадор го припои островите Галапагос кон својата територија нарекувајќи ги Архипелаг Еквадор. Ова беше уште едно од неколкуте имиња кои се користеа и сè уште се употребуваат како називи на архипелагот. Првиот гувернер на Галапагос, генералот Хосе де Виљамил доведе група на осуденици да го населат островот Флорејана, а во октомври 1832 г. им се придружија некои занаетчии и фармери.
На 15 септември пловидбата на Бигл го доведе бродот за истражување ХМС Бигл, кој беше под водство на капетанот Роберт Фицрој (Robert FitzRoy) до Галапагос за да надгледува доближувања до пристаништа. Капетанот и другите морнари, вклучително со неговиот придружник, младиот природонаучник Чарлс Дарвин направија белешки во однос на геологијата и биологијата на островите: Чатам, Чарлс, Албемари и Џејмс по што си заминаа на 20 октомври за да продолжат со нивната експедиција околу светот. Дарвин, кој во тоа време беше пред сè геолог, беше импресиониран од бројот на вулкански кратери кои ги видоа. Подоцна, кога зборуваше за архипелагот го нарекуваше: -„онаа земја на кратери”. Неговото проучување на неколку вулкански облици за време на престојот на островите доведе до неколку важни геолошки откритија, меѓу кои и првото точно објаснување за тоа како настануваат вулканските карпи наречени туф.[7] Дарвин забележа дека дроздовите се разликуваат од остров до остров, но од друга страна мислеше дека птиците кои сега го носат името дарвинови сипки не се во сродство и не ги класификуваше по острови.[8] Англичанецот Николас Лоусон (Nicolas Lawson), тогашен вршител на должноста гувернер на Република Екватор се сретна со нив на островот Чарлс и додека се движеа кон затворската колонија му рече на Дарвин дека желките се разликуваат од остров до остров. Кон крајот на патешествието Дарвин претпоставуваше дека разместеноста на дроздовите и желките би можела да ја: -„наруши стабилноста на видовите”.[9] По враќањето во Англија беа анализирани примероци од птици и беше откриено дека многу различни видови на птици се вид на сипки кои ги има само на островите. Овие факти беа клучни кога Дарвин ја развиваше неговата теорија за еволуција по пат на природен избор која беше претставена во "За потеклото на видовите".[8]
Хосе Валдизан (José Valdizán) и Мануел Хулиан Кобос (Manuel Julián Cobos) се обидоа да направат нова колонизација, започнувајќи со експлоатација на вид на лишај (Roccella portentosa) кој го има на островите, а се користи како агенс за бојадисување. Откако Валдизан беше убиен од некој од неговите работници, Кобос од континентот на островот Сан Кристобал донесе група од преку стотина работници и си ја проба среќата со садење на шеќерна трска. Беше многу строг во раковедењето со плантажата што придонесе тој да биде убиен во 1904 г. Во 1897 г. Антонио Гил (Antonio Gil) направи друга плантажа на островот Изабела.
Од септември 1904 г. па преку целата година, експедиција на "Академијата на науки" од Калифорнија предводена од Роло Бек (Rollo Beck) престојуваше на Галапагос и собираше научен материјал од областите на геологијата, ентомологијата, орнитологијата, ботаниката, зоологијата и херпетологијата. Оваа академија изведе уште една експедиција во 1932 г. (експедицијата Темплтон Крокер) за да собере примероци од инсекти, риби, школки, фосили, птици и билки.
Мала бран на европски доселеници пристигна на островите во текот на 1920-тите и 30-тите години. Еквадорските закони на сите колонизатори им обезбедуваа можност за добивање на 20 хектари слободна земја по човек, право да си го задржат државјанството, биле ослободени од плаќање на даноци во текот на првите 10 години од нивниот престој на Галапагос и имаа право слободно да ловат и риболоват на сите ненаселени острови на кои би се населиле.[10] Првите европски доселеници кои пристигнаа беа Норвежани кои за кратко се населија на Флорејана за потоа да се преселат на Сан Кристобал и Санта Крус. Неколку години подоцна, започнаа да пристигнуваат и други доселеници од Европа, Америка и Еквадор во потрага по поедноставен живот[11] Наследници на норвешкото семејство Кастдален (Kastdalen) и германското семејство Ангермејер (Angermeyer) сè уште живеат на островите.
За време на Втората светска војна Еквадор ги овласти САД да направат воена база на островот Балтра и радарски станици на други стратешки погодни места. Балтра исто така стана база на американските воздухопловни сили. Екипажи стационирани на Балтра го патролираа Тихиот Океан во исчекување на непријателски подморници и го штитеа Панамскиот Канал. По војната просториите му беа препуштени на владата на Еквадор. Во денешно време, островот е официјална воена база на Еквадор. Темелите и други остатоци од американската база сè уште може да се видат на островот. Во 1964 г. на островот Изабела беше воспоставена казнена колонија, но беше укината во 1959 г.
Галапагос стана национален парк во 1959 г., а туризмот започна да се развива во текот на 60-тите години со што се воведоа неколку ограничувања за тамошното население. Но, можностите за развивање на туризмот, риболовот и земјоделската индустрија привлекоа голем број на сиромашни рибари и земјоделци од Еквадор. Во текот на 1990-тите и 2000-тите дојде до жестоки судири меѓу делови од месното население и службата на националниот парк Галапагос кои вклучија и фаќање и убивање на гигантски желки и држење на членови од персоналот на службата на националниот парк како заложници со цел да се добијат повисоки годишни цени на морските краставички.[12]
Политика
[уреди | уреди извор]Со островите раководи покраинска влада. Покраината е основана на 18 февруари 1973 г. со претседателски указ на претседателот Гиљерлмо Родригес Лара (Guillermo Rodríguez Lara). Покраината е поделена на кантони. Секоја од нив покрива различен остров. Главен град е Пуерто Бакеризо Морено.
Демографија
[уреди | уреди извор]Архипелагот Галапагос е едно од ретките места во светот кое нема домородно население. Најголемата етничка група ја сочинуваат еквадорските Местизоси, мешани наследници на шпанските колонизатори и американските индијанци кои воглавно пристигнаа во текот на минатиот век од континенталниот дел на Еквадор. Исто така има и голем број на белци, најчесто од шпанско потекло. Сè уште има и некои наследници на првите европски и американски колонизатори.
Во 1959 г. приближно 1.000 до 2.000 луѓе ги нрекуваа островите свој дом. Во 1972 г. беше направен попис на архипелагот на кој беше изброено население од 3.488 жители. До 1980-тите оваа бројка се искачи на преку 15.000 жители, а според проценките од 2006 г. бројот на жители изнесува 40.000. Пет острови се населени и тоа: Балтра, Флорејана, Изабела, Сан Кристобал и Санта Крус.
Заштита
[уреди | уреди извор]Првите закони за заштита на Галапагос беа донесени во 1934 г., а изменети во 1936 г., но дури во текот на 1950-тите беа преземени мерки за контрола на она што ѝ се случуваше на домородната флора и фауна. Во 1955 г. Меѓународната заедница за заштита на природата организираше мисија за соборање на податоци за Галапагос. Две години подоцна, во 1957 г., УНЕСКО, во соработка со владата на Еквадор испрати уште една експедиција да истражи каква е заштитата на островите и да избере место за научно-истражувачка станица.
Во 1959 г., на стогодишнината од објавувањето на Дарвиновата "За потеклото на видовите", еквадорската влада прогласи 97.5% од површината на архипелагот за национален парк, исклучувајќи ги веќе колонизираните области. Истата година беше основана Фондацијата Чарлс Дарвин. Основната одговорност на оваа меѓународна невладина организација основана во Белгија е да истражува и пронајдоците од истражувањата да ги предаде на владата за да се овозможи успешно раководење со Галапагос. Обидите на фондацијата за истражувања започнаа со основањето на научно-истражувачката станица Чарлс Дарвин на островот Санта Крус во 1964 г. На почетокот беа спроведени програми за заштита и зачувување, како истребување на недомородните и зачувување на домородните видови од страна на вработени во станицата. Во сегашно време најголемиот дел од работата ја извршува службата на националниот парк Галапагос преку користење на истражувачки откритија и методологии кои ги разви фондацијата.
Во 1986 г. 70.000 км2 од океанот околу островите беше прогласен за морски резерват и е втор по големина по австралискиот Голем Корален Гребен. Во 1990 г. архипелагот стана резерват за китови. Во 1978 г. островите се прогласени за светско наследство [13], а во 1985 г. ги прогласи за биосферен резерват. Во декември 2001 г. на ова го приклучија и морскиот резерват. Во јули 2010 г. комитетот за Светски наследства одлучи да го отстрани Галапагос од списокот на драгоцени места загрозени од природни закани или преголемо користење.[14]
Noteworthy species include:
- Галапагоски копнени игуани, Conolophus
- Водни игуани, Amblyrhynchus cristatus, единствената игуана која се храни во море
- Галапагоската џиновска желка, Geochelone elephantopus, позната и како галапаго (galápago), по неа островите го добија името
- Галапагоската зелена желка, Chelonia mydas agassisi, подвид на зелената желка
- Морската краставичка, причината за несогласувањата со рибарите околу цената на овој скап азиски деликатес
- Корморани кои не можат да летаат, Phalacrocorax harrisi
- Фрегати - два вида
- Синоканџеста сула, Sula nebouxii, популарна кај посетителите поради големите сини нозе кои ги истакнуваат при додворување
- Галапагоскиот пингвин, Spheniscus mendiculus, единствениот жив тропски пингвин
- Галапагоскиот албатрос, Phoebastria irrorata, единствениот жив тропски албатрос
- Галапагоскиот сокол, Buteo galapagoensis, главниот мршојадец на островите и „природна полиција“
- Четири ендемски видови на галапагоски дроздови, првиот вид за кој Дарвин забележал дека е различен од остров до остров
- Тринаесет ендемски видови на сипки популарно наречени Дарвинови сипки. Една од нив е шилесто-клунестата сипка Geospiza difficilis septentrionalis која понекогаш ја нарекуваат вампирска сипка поради нејзините навики да цица крв и корисничката на алати сипка клукајдрвка, Camarhynchus pallidus
- Галапагоскиот морски лав, Zalophus wollebaeki, близок роднина на калифорнискиот морски лав, само помал
Природни закани
[уреди | уреди извор]Недомородни растенија и животни како кози, мачки и говеда кои луѓето намерно или ненамерно ги донесоа на островите се главната опасност по Галапагос. Размножувајќи се брзо и немајќи отпор од домородни грабливци тие ги уништија животните средини на домородните видови. Без природни грабливци на островите, домородните животни се без одбрана против недомородните грабливци.
Некои од најштетните недомородни растенија се: гуава (Psidium guajava), авокадо (Persea americana), каскариља (Cinchona pubescens), балса (Ochroma pyramidale), ридска малина (Rubus niveus), разни цитрони (портокали, грејпфрут, лимони), флорипондио, дрвјата хигериља (Ricinus coммunis) и слонската трева, Pennisetum purpureum. Овие растенија зафатија големи површини и уништија ендемски видови во влажните региони на Сан Кристобал, Флорејана, Изабела и Санта Крус. И тоа ова се само неколку од недомородните растенија донесени на Галапагос. Моментално тие се преку 700, а има само 500 домородни и ендемски видови. Оваа разлика создава голем проблем за островите и нивните домородни видови.
Многу од видовите на Галапагос ги донесоа пирати. Тор Хејердал цитираше документи кои споменуваат дека гувернерот на Перу знаеше дека британски пирати ги јадеа козите кои тие самите ги пуштиле на островите и наредуваа кучињата да бидат ослободени за да ги убијат козите.[15] Исто така откако Хосе де Виљамил не успеал да ја колонизира Флорејана, тој наредил козите, магарињата, говедата и другите животни од фармите на Флорејана да бидат пренесени на други острови за понатамошни колонизирања.
Недомородни кози, прасиња, кучиња, стаорци, мачки, глувци, овци, коњи, магариња, крави, живина, мравки, бубашваби и некои паразити и ден денес се дел од островите. Кучиња и мачки напаѓаат мирни птици и уништуваат гнезда на птици, копнени желки и морски желки. Понекогаш и убиваат мали желки и игуани. Прасињата се уште поштетни затоа што заземаат поголеми територии и ги уништуваат гнездата на желките и игуаните, ја јадат храната на домородните животни и ги кршат растенијата во нивната потрага по корени и инсекти. Ова претставува голем проблем на вулканот Церо Азул и на Изабела, а на Сантјаго можно е тие да се причината за исчезнувањето на копнените игуани кои ги имаше во изобилство при посетата на Дарвин. Црниот стаорец (Rattus rattus) напаѓа млади желки кога тие ќе го напуштат гнездото, па во Пинсон тие го сопреа размножувањето во период од преку 50 години. На островот моеа да се видат само возрасни желки. Исто така, онаму каде што го има црниот стаорец ендемскиот стаорец исчезнал. Говедата и магарињата ја јадат целата достапна вегетација и се натпреваруваат со домородните видови за малото количество вода. Во 1959 г. на островот Пинта двајца рибари донесоа три кози, еден мажјак и две женки. До 1973 г. службата на националниот парк го процени бројот на кози на преку 30.000. Кози беа донесени и на Марчена во 1967 г. и на Рабида во 1971 г. Сепак, преку неодамнешна програма за истребување на козите на островот Изабела нивнито број е сведен речиси на нула.
Развојот на живинарската индустрија во населените места е причина за загриженост кај месните заштитници на животната средина кои стравуваат дека домашните птици би можеле да донесат болести и да ги пренесат на домородните диви птици.
Меѓу другите проблеми, галапагоскиот морски резерват се соочува со закана од многубројни незаконски активности од страна на риболовците чија цел се морските животни во рамките на резерватот како на пример ајкулите (ајкули-чекани и други видови) поради нивните перки и собирањето на морски краставички надвор од сезона. Развојот е закана и за копнениот и за водниот жив свет. И развојот на туризмот, и месното население чија стапка на раѓање постојано расте и незаконското доселување им се закануваат на дивиот свет на архипелагот. Укотвувањето на танкерот Џесика во 2001-та г. и подоцнежното изливање на нафта го донесе проблемот на светската сцена.
Во моментов, сè поголемите проблеми вклучително со туризмот и неконтролираниот пораст населението уште повеќе ги уништуваат животните средини.
Во 2007 г. УНЕСКО ги стави островите Галапагос на списокот на загрозени Светски наследства поради закани недомородни видови, In 2007, UNESCO put the Galápagos Islands on their World Heritage in Danger list because of threats posed by invasive species, неорганизиран туризам и прекумерен рибилов. tourism and overfishing.[16] На 29 јули 2010 г., комитетот за Светски наследства одлучи да го избрише Галапагос од списокот затоа што беше направен значителен напредок од Еквадор во соочувањето со овие проблеми.[17]
На 28 јануари 2008 г. службеникот на националниот парк Галапагос Виктор Карион (Victor Carrion) изјави дека 53 морски лавови (13 новороденчиња, 25 млади, 9 мажјаци и 6 женки) беа убиени на островот Пинта, природен резерват Галапагос, откако главите им беа отсечени. Во 2001 г. ловокрадци убија 35 машки морски лавови.[18]
Архипелагот Галапагос влезе во последниот круг на кандидати за едно од 7-те нови светски чуда на природата на фондацијата Нови7Чуда на природата. До февруари 2009 г. архипелагот го заземаше првото место во групата Б, категорија острови.[19]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Grant, K. Thalia and Estes, Gregory B. 2009. Darwin in Galapagos: Footsteps to a New World. Princeton: Princeton University Press. [1] Архивирано на 14 август 2011 г.
- ↑ Heyerdahl, Thor; & Skjolsvold, Arne (1956). Archaeological Evidence of Pre-Spanish Visits to the Galápagos Islands, Memoirs 12, Society for American Archaeology.
- ↑ Lundh, Jacob, 1995. “A brief account of some early inhabitants of Santa Cruz Island.” In Noticias de Galápagos No. 55. Charles Darwin Foundation for the Galápagos Islands.
- ↑ Porter, D. (1815/2007) Journal of a Cruise Made to the Pacific Ocean. Kessinger Publishing.
- ↑ Tarnmoor, Salvator R. (Herman Melville) (1854) Encantadas or the Enchanted Isles. Putnam's Monthly Magazine of American Literature, Science, and Art. March-May 1854.
- ↑ Nickerson, T. (ca. 1876) Account of the Ship Essex Sinking, 1819-1821. Holograph ms. in the Thomas Nickerson Collection, 1819-1876, Folder 1. Nantucket, Massachusetts: Nantucket Historical Society.
- ↑ Grant, K. Thalia and Estes, Gregory B. 2009. Darwin in Galapagos: Footsteps to a New World. Princeton: Princeton University Press. [2]
- ↑ 8,0 8,1 Niles Eldredge (Spring 2006). „VQR - Confessions of a Darwinist“. The Virginia Quarterly Review. стр. 32–53. Архивирано од изворникот на 2013-12-24. Посетено на 2007-12-26.
- ↑ Keynes, Richard ed. 2000. Charles Darwin's zoology notes & specimen lists from H.M.S. Beagle. Cambridge: Cambridge University Press. 23 – August 1836, 291–293
- ↑ Lund, J.P. Galapagos: A Brief History. http://www.galapagos.to/TEXTS/LUNDH-3.HTM#chap12 Архивирано на 20 јули 2011 г.
- ↑ Hoff, S. (1985) Drømmen om Galapagos. Oslo: Grøndahl & Sønn
- ↑ Stutz, Bruce D., 1995, "The sea cucumber war," Audubon 97
- ↑ Grant, K. Thalia. 2009 "Darwin and the Galapagos: Evolution of a Legacy" World Heritage No. 54 [3]
- ↑ http://blogs.nationalgeographic.com/blogs/news/chiefeditor/2010/07/galapagos-no-longer-world-heri.html
- ↑ Heyerdahl & Skjølsvold, op. cit.
- ↑ „World Heritage in Danger List“. UNESCO World Heritage. Посетено на 2007-08-08.
- ↑ „World Heritage Committee inscribes the Tombs of Buganda Kings (Uganda) and removes Galapagos Islands (Ecuador)“. UNESCO World Heritage. Посетено на 2010-07-30.
- ↑ BBC NEWS, Sea lions massacred in Galapagos
- ↑ „New 7 Wonders of the World: Live Ranking“. Архивирано од изворникот на 2009-07-05. Посетено на 2011-01-21.
- Оваа статија вклучуват текст од дело кое сега е во јавна сопственост: Chisholm, Hugh, уред. (1911). Encyclopædia Britannica (11. изд.). Cambridge University Press. Отсутно или празно
|title=
(help)CS1-одржување: ref=harv (link)
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Галапагос“ на Ризницата ? |
- Galapagos Islands Travel Information Архивирано на 6 октомври 2016 г. Туристички информации за Галапагос
- Visiting Galapagos основни и туристички информации за Галапагос
- Charles Darwin's itinerary in Galapagos[мртва врска] информации за посетата на Чарлс Дарвин на Галапагос во 1835 г.
- Galápagos geology – на страницата има и некои општи информации во врска со Галапагос
- Early settlement on the Galápagos Islands Архивирано на 5 февруари 2009 г. – интервју со Јохана Ангермејер (Johanna Angermeyer)
|
0°40′S 90°33′W / 0.667° ЈГШ; 90.550° ЗГД
|