Волшебниот рид

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Волшебниот рид“ (германски: Der Zauberberg) е роман на германскиот писател Томас Ман од 1924 година.

Структура[уреди | уреди извор]

Романот се состои од седум глави:[1]

  • Прва глава
* Доаѓање
* Број 34
* Во ресторанот
  • Втора глава
* За крстилницата и за дедовиот двоен лик
* Кај Тинапелови и за моралната настроеност на Ханс Касторп
  • Трета глава
* Невина намрштеност
* Задевање. Смртната причесна. Прекината радост
* Сатаната
* Остроумност
* Збор повеќе
* Секако, жена
* Господин Албин
* Сатаната дава нечесни предлози
  • Четврта глава
* Потребно купување
* Кратка расправа за сетилото за време
* Се обидува да говори француски
* Политички сомнителна
* Хипе
* Анализа
* Сомнеж и размислување
* Разговори на масата
* Стравот расте. За едниот и за другиот дедо и за прошетката со чамец во самракот
* Термометар
  • Петта глава
* Вечната супа и ненадејната јаснотија
* Боже мој, па јас гледам
* Слобода
* Карактерот на живата
* Енциклопедија
* Хуманиора
* Проучување
* Мртовечко оро
* Валпургиска ноќ
  • Шеста глава
* Промени
* Уште некој
* За божјата држава и за злобното спасение
* Плашлив бес и уште една многу мачна работа
* Одбиен напад
* Operationes spirituales
* Снег
* Како војник и како јунак
  • Седма глава
* Прошетка крај морскиот брег
* Менер Пеперкорн
* Vingt-et-un
* Менер Пеперкорн (продолжение)
* Менер Пеперкорн (крај)
* Големата затапеност
* Изобилството на хармонијата
* Крајно сомнителни работи
* Големата раздразнетост
* Удар на гром

Содржина[уреди | уреди извор]

  • Прва глава: Младиот Ханс Касторп патува од родниот Хамбург во Давос, Швајцарија, во посета на својто роднина Јоахим Цимсен кој веќе половина година се лекува во еден санаториум. Јоахим го пречекува на железничката станица, а потоа двајцата пристигаат во санаториумот „Бергхоф“.[2]
  • Втора глава: Родителите на Ханс умреле уште кога тој бил мало дете. Кратко време, тој живеел со дедо му, а по неговата смрт продолжил да живее кај вујко му Тинапел. Како ученик, Ханс бил просечен, па дури и лош така што една година ја повторувал. Потоа, тој започнал да студира бродоградба и се наоѓа при крајот на студиите. Меѓутоа, откако здравјето малку му се влошува, тој одлучува да го посети роднината Јоахим со намера три недели да се одмори во санаториумот.[3]
  • Трета глава: Утредента по доаѓањето во „Бергхоф“, Ханс се запознава со пациентите, со главниот лекар, д-р Беренс и со неговиот помошник, д-р Кроковски, а подоцна го запознава и необичниот господин Лодовико Сетембрини кој, исто така, е пациент во санаториумот. За време на еден ручек, Ханс забележува една пациентка, госпоѓата Клавдија Шоша, а потоа целиот ден се чувствува непријатно. Тоа го забележува Сетембрини, кој вечерта го советува Ханс веднаш да си замине од санаториумот. Ноќта, Ханс има кошмарен сон. Госпоѓата Шоша го потсетува на некого, но никако не може да се сети на кого.[4]
  • Четврта глава: Иако е почетокот на август, времето наеднаш се менува и паѓа снег. Деновите што ги минува Ханс во санаториумот се монотони и тој нестрпливо чека да помине предвидениот рок и да се врати дома. Еден ден, за време на прошетката низ шумата, Ханс се присетува на еден настан од детството и тогаш сфаќа дека госпоѓата Шоша го потсетува на еден ученик во неговото училиште кој му бил многу мил. По враќањето во санаториумот, Ханс присуствува на предавањето на д-р Кроковски за љубовта. Ханс никако не може да престане да мисли на госпоѓата Шоша и неговиот интерес за неа е толку отворен, што и таа го забележува него. Ханс често се дружи со господинот Сетембрини, кој му држи предавања на разни теми со намера правилно да го насочи неговиот духовен развој. Деновите незабележително минуваат, но неколку дена пред неговото враќање дома, Ханс го фаќа настинка со мала температура. Беренс го прегледува, му дијагностицира заболување на белите дробови и го советува да остане на лечење.[5]
  • Петта глава: Ханс минува три недели во постела, а за тоа време постојано мисли на госпоѓата Шоша. Подоцна дознава дека д-р Беренс ја слика госпоѓата Шоша и тоа му предизвикува љубомора. Тој нема воспоставено никаков контакт со госпоѓата Шоша, но најпосле, еден ден, во чекалната за рендгенското снимање, тој има можност да седи во нејзината близина и тоа му предизвикува голема возбуда која ја забележува и воздржаниот Јоахим. Постепено, Ханс сфаќа дека е лудо вљубен во Шоша, но нема храброст да се запознае со неа, туку се задоволува со ситни случајни средби. Најпосле, сите пациенти ја забележуваат неговата љубов, а Сетембрини пак го наговара да го напушти санаториумот. Еден ден, д-р Беренс ги кани Ханс и Јоахим во неговата канцеларија и Ханс го забележува портретот на госпоѓата Шоша. Незабележително доаѓа зимата, а Ханс почнува многу да чита, особено дела од анатомијата и физиологијата. КОга умира еден пациент, Ханс и Јоахим се единствените пациенти кои му оддаваат почит, а потоа Ханс добива желба да им укаже внимание на пациентите кои се тешко болни. За Поклади, во санаториумот се одржува маскенбал и Ханс го води првиот непосреден разговор со Шоша. Тогаш, тој отворено ѝ ја изразува својата љубов, а таа му кажува дека утредента ќе го напушти „Бергхоф“. [6]
  • Шеста глава: Минува зимата и доаѓа пролетта, а Ханс не може да се ослободи од споменот на Шоша, која пред да замине му ја подарила својата рендгенска снимка. На Велигден, Сетембрини го известува Ханс дека ќе се исели од санаториумот и ќе се пресели во селото Давос. Сепак, тие продолжуваат да се дружат и летото, Ханс и Јоахим го запознаваат господинот Лео Нафта, соседот на Сетембрини. Така, тие почнуваат да се дружат и со него при што имаат можност да ги слушаат бескрајните разговори меѓу Нафта и Сетембрини, кои имаат соема спротивни философски и политички сфаќања. Д-р Беренс постојано му го продолжува престојот на Ханс во санаториумот, убедувајќи дека не е целосно излечен и така минува цела година. Во меѓувреме, Јоахим е потиштен поради долгото лечење и си заминува со намера да ја продолжи својата офицерска кариера. Ханс, пак, одлучува да остане, иако д-р Беренс му кажува дека е здрав и дека може да се врати дома. Есента, во „Бергхоф“ доаѓа вујкото на Ханс, Џејмс Тинапел, кој има намера да го врати Ханс дома, но Ханс е рамнодушен кон него и воопшто не ни прашува за родниот крај. Така, по неколку дена, вујкото Џејмс заминува наеднаш, без да се поздрави со Ханс и оттогаш неговите роднини се откажуваат од помислата да го вратат дома. Низ разговорите со Нафта, Ханс дознава за неговот минато: тој е Евреин кој уште во детството го загубил таткото, кој бил неправедно убиен од христијанското население по што мајка му и децата морале да побегнат во друг град; тој бил одличен ученик, а по смртта на мајка му се покрстил и се преселил во еден езуитски воспитен завод, оставајќи ги браќата и сестрите во дом за сираци. Воден од желбата за напредување во општествената хиерархија, Нафта се истакнува во заводот; тој заминува во манастир, а потоа се запишува на богословски студии, но е принуден да ги прекине поради болест; така, неговите претпоставени го испраќаат на лечење во Давос каде тој останува веќе шест години. Кога доаѓа втората зима од неговиот престој, Ханс се воодушевува на снежните предели, купува скии и тајно учи да скија. Еден ден, тој заминува многу далеку во планината, го зафаќа снежна бура, но со последните сили доаѓа до една колиба, каде има привиденија и за малку ќе заспие од замор. Сепак, со силата на волјата, тој се буди и вечерта успева да стигне до селото, а потоа се враќа во „Бергхоф“. Од преписката со Јоахим, Ханс дознава дека тој е среќен во воената служба. Меѓутоа, по некое време, Јоахим пак се разболува и заедно со мајка му доаѓа на кратко лекување во „Бергхоф“. Во разговорите со Нафта, Ханс дознава дека Сетембрини е масон. Доаѓа есента, но здравјето на Јоахим се влошува и тој е принуден да го продолжи престојот во санаториумот. Ханс дознава од д-р Беренс дека на Јоахим му нема спас и тој ја повикува неговата мајка. Набрзо, Јоахим умира, а телото му го пренесуваат во родното место, каде го погребуваат со воени почести.[7]
  • Седма глава: Годините минуваат, а Ханс губи претстава за времето што го минал во санаториумот. Во меѓувреме, госпоѓата Шоша се враќа, но во друштво со богатиот Холанѓанец, Питер Пеперкорн, сопственик на плантажи за кафе на островот Јава. Со својата исклучителна појава, Пеперкорн веднаш ги освојува симпатиите на сите пациенти во „Бергхоф“. И Ханс се запознава со него и, по почетната љубомора, се однесува со голема симпатија кон него. Така, тој почнува да се дружи со него и често го посетува во деновите кога е болен, а кон госпоѓата Шоша е воздржан. Сепак, во една прилика, Ханс ѝ кажува дека сè уште ја сака и дека вечно ќе ја чека. Еден ден, Ханс и Пеперкорн водат искрен разговор за односите меѓу Ханс и Шоша во минатото, а трогнат од искреноста на Ханс, Пеперкорн му го нуди своето безгранично пријателство. За време на еден заеднички излет до блискиот водопад, Пеперкорн држи долг говор, иако никој не може да го чуе, а ноќта извршува самоубиство, земајќи змиски отров. По неговата смрт, госпоѓата Шоша си заминува, а Ханс го зафаќа апатија: најпрвин се забавува играјќи карти, а потоа го зафаќа страст кон музиката. Кога во „Бергхоф“ пристига данската девојка Елен Бранд, пациентите откриваат дека таа има парапсихолошки способности, а д-р Кроковски почнува да ја проучува. Во тоа време, заедно со неколку други пациенти, Ханс учествува во спиритистички сеанси со Елен. За време на една сеанса, тој го повикува духот на Јоахим, кој се појавува во собата, а тогаш Ханс ја прекинува сеансата. Со текот на времето, во санаториумот доаѓа до голема промена во однесувањето на пациентите, кои стануваат агресивни и постојано се караат, па дури и се тепаат, а наоколу се раширува гласот и за една голема афера во која учествуваат неколку полски пациенти. Лошото расположение ги зафаќа и Нафта и Сетембрини така што, по една расправа, Нафта го предизвикува Сетембрини на двобој. За време на двобојот, Сетембрини одбива да пука, а тогаш Нафта пука во себе и умира. Така минуваат седум години од престојот на Ханс во „Бергхоф“. Тој не одржува никакви односи со роднините, а ниту управата на санаториумот не му обрнува никакво внимание, зашто е сигурна дека тој ќе остане вечно тука. Здравјето на Сетембрини е многу лошо. Кога почнува Првата светска војна, Ханс наеднаш се буди од малодушноста, набрзина го напушта санаториумот. Како доброволец учествува во една битка за Западниот фронт при што пре днего паѓа граната, тој се фрла во калта и тука завршува приказната за него.[8]

Осврт кон романот[уреди | уреди извор]

„Волшебниот рид“ го означува почетокот на вториот период од творештвото на Ман. Делото настанало така што Томас Ман престојувал кај својата жена во Давос во текот на три недели, а потоа побегнал пред да го задржат лекарите, кои веќе ги откриле симптомите на неговата болест. Тој започнал да работи на романот уште во 1912 година, но во работата го прекинала Првата светска војна, така што романот го завршил дури во 1924 година. На почетокот, Ман имал намера да напише расказ за Давос, но потоа делото го проширил во роман, напишан во традицијата на германскиот воспитен роман, но со широк, европски план. И во ова дело е прикажана сликата на Европа пред Првата светска војна, слика на општество во криза, растргнато од спротивни идеологии.[9] [10]

Дејствието се одвива во текот на осумте години пред избувнувањето на Првата светска војна. За време на престојот во санаториумот за белодробни болести во Давос, главниот лик, Ханс Касторп, се колеба меѓу болеста и здравјето, меѓу смртта и животот, меѓу напредните и конзервативните гледишта, сѐ додека војната не го одведе на бојното поле. Санаториумот претставува експериментален производ на науката и заработувачката, магијата и луксузното претпријатие, истовремено лековито чистилиште и Венерин брег. Таму, госпоѓата Шоша, руската Венера, го држи Танхојзер од Хамбург заробен седум години на тој волшебен рид. За тоа време, долу во рамнината, живее светотот на Буденброкови, кој ја претставува позадината составена од здрави луѓе, трговска активност, синџирот на предците и гласот на родниот крај. Болеста што го заробила Ханс Касторп го оддалечува од луѓето од рамнината и постепено и незабележливо го преобразува, му ја одзема волјата, му ги менува инстинктите и му ја засилува фантазијата. На прв поглед, како Ман да ја симпатизира болеста, како неговата уметност да значи верност кон слабоста, страдањето и смртта, како неговата должност да е откривањето на трошноста, ограниченоста и привременоста на животот. Имено, „Волшебниот рид“ е меѓународно собиралиште на оние кои се борат со смртта, а темата на агонијата и смртта се провелкуваат како лајтмотив низ целата книга. Чувствителноста, декаденцијата, траснпарентната разновидност која стапува во разговор со смртта е најнежната инструментација на душата. Но, таа не се залага за идејата на смртта, туку истапува како истражувач на животот. Зашто, само во царството на сенките потполната светлина делува како усреќување и само во сознанието за смртта животот станува свесен за самиот себе. Поради тоа, Ман пишува: „Ако имам некаква желба во однос на судбината на моето дело, тогаш тоа е желбата за него да се каже дека му е блиско на животот, иако ја познава смртта.“[11]

Љубовта во романот е прикажана со трагична иронија, со разбирање и сожалување. Всушност, тој го остава отворено прашањето дали Ханс Касторп е веќе болен кога пристигнува во санаториумот или болеста му е предизвикана од љубовта кон Клавдија.[12]

Едно од централните места во романот е духовниот двобој меѓу демократот и хуманистот Сетембрини и тоталитарниот догматичар Нафта, двобој кој не е завршен и разрешен. Во својата студија за Ман, Ѓерѓ Лукач го опишува Нафта како претставник на фашистичко-реакционерниот поглед на светот, но во својата беседа „Моето Време“ (1950) самиот Ман вели дека Нафта е олицетворение на „езуитски воспитан комунист, на стравичната догматска диктатура, на железната стега која ја спроведува тоталитарната држава“.[13]

Томас Ман има посебен однос кон мерењето и густината на течењето на времето во „Волшебниот рид“. Така, уште на почетокот од романот, во разговорот меѓу Ханс и неговиот роднина Јоахим, првиот вели: „Но, овде времето мора брзо да ви минува.“ На тоа, Јоахим одговара: „Брзо и полека, како сакаш. Тоа воопшто не минува, ти велам, тоа воопшто не е време, а не е ни живот.“ Всушност, уште во предговорот кон романот, Ман го поставува својот временски мотив, велејќи дека настаните за кои сакаме да раскажуваме мора да претставуваат минато, и тоа колку подалечно минато, толку подобро за раскажувачот. Меѓутоа, во романот не се обработува само ова апстрактно време, туку во ова дело Ман првпат се ослободил од конзервативните општествени и политички ставови карактеристични за периодот пред Првата светска војна и во романот ја прикажува борбата меѓу хуманистичко-демократските и реакционерно-авторитативните погледи на светот, претставени низ ликовите на Сетембрини и Нафта. Угледувајќи се не Гетеовите дела „Вилхелм Мајстер“ и „Поезијата и вистината“, Ман во својот роман гради голема композиција на човековите односи и идеите на неговата епоха, еден вид воспитен роман на времето. Така, во еден приватен разговор од мај 1953 година, самиот Ман потврдил дека за него „Волшебниот рид“ претставува пресврт и дека со него започнал нов живот во мисловен и уметнички поглед. Имено, токму во периодот на создавањето на романот, Ман ги надминал погледите изнесени во збирката статии со наслов „Разнислувањата на еден неполитичен“, а истовремено, тој го отфрлил натуралистичкиот композициски принцип, така што „маскарадата на фабулата повеќе не му значи ништо, а душата, инспирацијата — сè.“[14]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Томас Ман, Чаробни брег. Београд: Просвета, 1956.
  2. Томас Ман, Чаробни брег. Београд: Просвета, 1956, стр. 5-22.
  3. Томас Ман, Чаробни брег. Београд: Просвета, 1956, стр. 23-44.
  4. Томас Ман, Чаробни брег. Београд: Просвета, 1956, стр. 45-108.
  5. Томас Ман, Чаробни брег. Београд: Просвета, 1956, стр. 109-214.
  6. Томас Ман, Чаробни брег. Београд: Просвета, 1956, стр. 215-414.
  7. Томас Ман, Чаробни брег. Београд: Просвета, 1956, стр. 415-653.
  8. Томас Ман, Чаробни брег. Београд: Просвета, 1956, стр. 654-881.
  9. Miloš Đorđević, „Novele Tomasa Mana“, во: Tomas Man, Tonio Kreger - Smrt u Veneciji. Beograd: Rad, 1963, стр. 138.
  10. О. Бихаљи-Мерин, „Натурализам и грађански дух“, во. Томас Ман, Чаробни брег. Београд: Просвета, 1956, стр. XII.
  11. О. Бихаљи-Мерин, „Натурализам и грађански дух“, во. Томас Ман, Чаробни брег. Београд: Просвета, 1956, стр. XII-XIII.
  12. О. Бихаљи-Мерин, „Натурализам и грађански дух“, во. Томас Ман, Чаробни брег. Београд: Просвета, 1956, стр. XVIII.
  13. О. Бихаљи-Мерин, „Натурализам и грађански дух“, во. Томас Ман, Чаробни брег. Београд: Просвета, 1956, стр. XVI-XVII.
  14. О. Бихаљи-Мерин, „Натурализам и грађански дух“, во. Томас Ман, Чаробни брег. Београд: Просвета, 1956, стр. XIV-XV.