Тристан (книга на Томас Ман)

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Тристан“ — збирка со новели на германскиот писател Томас Ман од 1903 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Дејството во насловната новела „Тристан“ се одвива во истата средина (санаториум) во која две децении подоцна Ман ќе го смести дејството на романотВолшебниот брег“. Писателот Детлеф Шпинел живее во санаториум не затоа што е болен, туку „поради стилот“. Судирот меѓу уметноста и животот е прикажан низ односот меѓу извештачениот писател и сопругот на нежната и болна жена Габриела Клетерјан која го привлекува Шпинел не како жена, туку како естетски предмет. Тој ја заведува со помош на зборовите и на музиката од „Тристан и Изолда“ на Вагнер и со тоа ја турка во смртта, додека на нејзиниот маж му пишува писмо во кое му вели дека го мрази „како самиот живот, вулгарниот и глупав живот“. Со бегството на Шпинел од здравата галама на детето на Клетерјан, новелата завршува на сатиричен начин, иако таа има и трагичен крај претставен преку несреќната судбина на Габриела.

Осврт кон книгата[уреди | уреди извор]

„Тристан“ е втората збирка со новели на Томас Ман, а во неа се наоѓа и новелата „Тонио Крегер“ која, според признанието на самиот автор, од сè што напишал, му била „најблиска до неговото срце“. Во оваа збирка, Ман ја обработил темата на антагонизмот меѓу уметноста и животот, којашто ќе остане централна тема во целокупното творештво на Ман. Притоа, во насловната новела, под влијание на Вагнер и на Шопенхауер, Ман ги поврзал музиката и смртта, убавината и уништувањето - постапка што ја применил претходно во „Буденброкови“.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Miloš Đorđević, „Novele Tomasa Mana“, во: Tomas Man, Tonio Kreger - Smrt u Veneciji. Beograd: Rad, 1963, стр. 135.