Христо Смирненски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Христо Смирненски
Hrsmirnenski.jpg
Портрет на Христо Смирненски
Роден Христо Димитров Измирлиев
17 септември, 1898
Кукуш
Починал 18 јуни, 1923
Софија, Бугарија
Националност Македонец
Познат македонски писател и поет
Занимање писател, поет и офицер


Христо Димитров Измирлиев, познат со псевдонимот Христо Смирненски (17 септември, 189818 јуни, 1923) бил македонски и бугарски поет.[1][2]

Биографија[уреди]

Христо Смирненски е роден на 17 септември 1898 во Кукуш, Егејска Македонија (денес во составот на Грција). Неговиот татко бил занаетчија, поточно слаткар. Во 1913 година градот Кукуш бил разорен до темели како резултат на одмазда на завојуваните страни заради Македонија. Петнаесетгодишниот Христо се нашол меѓу илјадниците бегалци на пат кон Бугарија. Целото семејство се населило во Софија, каде Христо започнал да учи во техничкото училиште, а подоцна се префрлил во јункерската школа за млади офицери. Христо потоа студирал право, но неговата вистинска преокупација била книжевноста. За сето време се стремел да се здобие со што посолидно марксистичко образование, засновајќи на страната на обесправените пролетери. Христо Смирненски се разболел од тифус, но набргу ја надминал оваа болест. Веднаш после тифусот, Христо се разболел од туберкулоза и починал на 18 јуни 1923 година[3].

Книжевно творештво[уреди]

Во период од пет години пред својата смрт, Христо Смирненски создал едно импозантно литературно дело. Тој пишувал претежно поезија, но и проза, главно хумористично-сатирична тематика.

Автор е на една единствена книга на поетско-револуционерна поезија - „Да биде ден“ (1922), која се смета за неповторлива во својата творечка автентичност.

Неговата поезија е социјално-револуционерна. Слично како и Никола Вапцаров, и Христо Смирненски пее со восхит, со занес за револуционерните настани, за експлоатираниот работник и за самите револуционери. Поважни песни со ваква тематика се: „Левски“, „Христо Ботев“, „Јохан“, „Да биде ден“, „Кон висините“, „Роза Луксембург“, „Низ бурата“, „Први мај“, „Смртта на Делеклуз“ и други.

Од друга страна пак имал напишано песни инспирирани од Октомвриската револуција, и такви песни се: „Москва“, „Црвените ескадрони“, „Советска Русија“, „Северниот Спартак“ и други.

„Автономна Македонија“[уреди]

Текстот „Автономна Македонија“ потекнува од 1922 година. Тој е за прв пат објавен во весникот „Маскарад“ на 10 декември 1922 во Софија. Овој весник е формиран по иницијатива на самиот Смирненски и на неговиот брат Тома Измирлиев и се печато неполни две години (1922-1923).

„Автономна Македонија“ е напишана на македонски јазик, поточно на еден од источните дијалекти на македонскиот јазик од кој доминира кукушкиот говор. Написот е потпишан со псевдоним „Баш-комита“[4].

Исто така треба да се забележи дека во текстот Смирненски се подбива со акциите на лажните македонски автономисти во редовите на емиграцијата во Бугарија (се мисли на следбениците на Тодор Александров и Протогеров) кои во тој период почнуваат со масовни убиства и терористички акции. Зад грбот на овие квази патриоти стои мрачната сенка на крупната бугарска буржоазија. Ова е период кога братоубиствените борби помеѓу македонците во Бугарија земаат страшен замав. Споменатиот „Стамболија“ е Александар Стамболиски, кој во неомври 1922 година го посетува Белград и бара конструктивни патишта кон решавање на македонското прашање. Тој бил убиен потоа.[5]

Текст[уреди]

Ќеф е бе, браќа жими Ристос. Еве ти нагантот или парабелот, еве ти бомби, еве ти пушка- карај да ја ослободиме. Прескочи граница, утепај еден српски џандар, па се качи на планината да гледаш сеир. Ама доле сељнуријата ќе види зорт сетне- да види , да е јунак да се качи на планината и раат да биде. Србине се лутат на нас. Чудат се што ни дошло на ум, та не кандисем. Па и Стамболијата ги еди вакви трици Белград, ама ќе му се види тесен и Стамбол. Зашто бе, браќа. Али е лошо да имаше еден ваков занајаткако нашиот - ни работа работиш, ни вергија платиш, ќеф ти гори на планината, ќеф ти доле во селото, за ручање- шо дал Господ, сè ќе се најде. Нели си комита. Ако те каздиса некој, дигни му парабелот- бум, ајде со здравје. Хеле какво матно е времето - да ти е ќеф да тепаш.

Па колко за Македонија, ќе бидит автономна. Ќе стреламе, ќе дигаме ѓурултија, ќе бегаме кога потребе, па Грци и Срби ќе колат, ќе бесат, ќе палат куќите- што ќе чиниш: ова е автономија. Не е шега работа! Автономијата значи да се изравни Македонија, та да може автомобил да оди по неа. Ене го Тането. Во ѓурултијата во Тракија минал границата од турско во грчката како на дунунма. Бре пиштоли, бре бомби- да каздиса грчуљата. Кога се собрале многу - ќе бега што ќе чини. А па Грците удриле една автономија над бугарските куќи - да ти е драго да гледаш.

Ушче ми е ќеф за Неврокоп. Ја направивме автономијата шарена како велигденско јајце. Ама ќе речеш, ти не во Солун или во Битола, ами во Неврокоп. Вака можеме, вака правиме. Еве ти сега во Ќустендил. Ќе му удриме тамо една автономија, па и дечињата ќе поминат. Елбете и правителство ќе каздиса мало, ама кај ќе ни фати? Па много да се не закача, оти ќе направиме една автономија во Софија, па ќе го видиме тогај. Оти како ни е дошло до гуша, ќе се предвикнеме некое сабајле: -Ураа, да живеј автономна Македонија во Добруџа биле!

Извори[уреди]

  1. Гане Тодоровски, Љупчо Стојменски, Ефтим Манев - „Бугарски поети: 10x10“, Скопје, 1996, Детска радост, ISBN 10 : 9989301972, ISBN 13 : 9789989301971
  2. стр. 158, Литература на македонскиот јазик, Георги Сталев, Просветно Дело, Скопје, 1995
  3. стр. 158, Литература на македонскиот јазик, Георги Сталев, Просветно Дело, Скопје, 1995
  4. стр: 154 и 155, Томислав Тодоровски и Стефка Прокопиева, Примери од литература, Просветно дело, 1944
  5. стр: 154 и 155, Гане Тодоровски, Примери од литература, Просветно дело, 1944

Видете исто така[уреди]

Надворешни врски[уреди]

  • Христо Смирненски на Викиизвор.
  • Уметност од Христо Смирненски на страницата www.slovo.bg (бугарски)(англиски)(француски)
  • Уметност од Христо Смирненски на страницата liternet.bg (бугарски)(англиски)(француски)