Црква „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче

Од Википедија — слободната енциклопедија
Свети Апостоли Петар и Павле

Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ во Горно Лисиче

македонска православна црква
Епархија Скопска
Архијерејско намесништво Скопско
Парохија Горнолисичка
Местоположба

Карта

Место Горно Лисиче
Општина Аеродром
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Апостол Павле и Апостол Петар
Осветување 14 септември 1975; пред 48 години (1975-09-14)
Архитектонски опис

Свети Апостоли Петар и Павлецрква која се наоѓа на југоисточниот крај на населбата Горно Лисиче веднаш до патот кој води кон селото Долно Лисиче. Постојат записи според кои првобитната црква е изградена во почетокот на 13. век. Современата црква е осветена на 14 септември 1975 година од страна на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Доситеј.

Во кругот на црквата се наоѓа и крстилница, камбанарија, конак, парк со фонтана и вештачки езерца.

Секоја година во црквата се одржува испраќањето на коњаниците кои се дел од традиционалниот Илинденски Марш до Крушево[1] и Велигденските средби.

Историја[уреди | уреди извор]

Според народното предание оваа црква била доста стара и постоела пред доаѓањето на Турците. Изгледот на тогашната црква не е познат. Османлиите во освојувачкиот налет при заземањето на Скопје и околината, целосно ја разрушиле црквата.[2]

Срушената црква била само физички уништена. Таа духовно меѓу месното население продолжила да живее уште сè до изградбата на примитивната градба при крајот на 19. век. Споменот на црквата бил толку силен, што месното население своите христијански обреди, да не биде откриено од Османлиите, продолжило да ги извршува на местото на разрушената црква која од памтивека им била посветена на двајцата апостоли Петар и Павле, кои биле сметани како заштитници на селото низ вековите.[2]

Почетоците на поновата историја на црквата непосредно се поврзани со времето кога овој дел на Горно Лисиче и пошироко го владеел познатиот скопски бег по името Гали-бег. Се знае дека Гали-бег бил доста побожен човек, муслиман, кому османлиската власт му го дала во владение целиот имот (сосе луѓе) на Горно Лисиче, кое во турско време било наречено Акбаш. Мотивот за изградба на црквата има своја приказна. Гали-бег не можел да има деца и според стари кажувања од Лисичани, на Гали-бег му се сонило дека желбата да има свои деца можела да му се оствари само ако им даде на христијаните во селото посебно место (вакаф), каде што мирно и спокојно ќе ги извршувале своите молитви и обичаи.[3]

Гали-бег ги повикал кај себе повидните селани им ја кажал неговата намерада им даде место за црква и им кажал за неговиот сон и желбата за деца. Селаните му кажале дека кога ќе биде готова црквата, ќе го известеле. По добиената дозвола, според усните преданија, веднаш се започнало со одбележување и оградување на црковниот двор со бело платно. Крстот бил поставен на источната страна. Според усните кажувања, по изградбата на црквата, на бегот му се родиле двата сина Шукри (подоцна бег на Горно Лисиче) и Шаин (подоцна бег на Долно Лисиче) и ќерката Ајша. Шукри-бег, почитувајќи го аманетот на татко си, околу 1880 година им дозволил на селаните да го покријат крстот и да го оградат просторот. На ова дозволување, дошло и до противење на противења на некои муслимански великодостојници. Црквичката била оплотена со плот од врбови прачки и покриена со слама. Оваа градба од црква кратко постоела бидејќи од страна на Турците набргу била запалена.[4]

Околу 1890 година, црквата повторно била подигната. Новата просторија имала димензии 4x4, а била од керпичи (земјени тули). Темелите биле од камен специјално донесен од горниот тек на Маркова Река. Оваа црква опстојала околу десетина години. Околу 1900 година целата скопска област ја зафатиле поројни врнежи кои предизвикале незапамтени поплави. По изливањето на Маркова Река скоро сите горнолисички куќи биле однесени, а водената стихија ја поплавила и разрушила црквата.[5]

Црквата повторно била обновена во 1915 година. Дотогаш христијанските обреди селаните ги вршеле на отворено или во црквата во село Драчево. Во 1915 година тогашната бугарска власт по барање скопската митрополија дала дозвола за изградба на разрушената црква. Црквата била градена доброволно од месното население, а во изградбата учествувале и бугарски војници кои со војнички коли носеле камења од блискиот каменолом. Градежните дејности завршиле во 1916 година. Пролетта истата година црквата била осветена. Новоизградената црква била просторно голема и архитектонски убава. На темелите биле подигнати цврсти ѕидови од печена тула и жолт камен, додека иконостасот бил еден од поубавите во целата скопска околија. Во неа биле направени и помошни простории, кои подоцна биле употребени како училници. Во нив децата од Горно Лисиче од 1920 до 1924 година учеле на српски јазик.[6]

На 9 ноември 1944 година црквата била минирана и разрушена од Германците. Се претпоставува дека во неа тие имале склад со оружје и муниција, бидејќи црквата била единствениот објект од таков вид кој одговарал за таква намена. Тогаш Горно Лисиче било и главна стратешка точка во одбраната на Скопје од продорот на единиците на Македонската војска од Велес, каде што Германците складирале големи количини оружје и муниција. Брзиот продор на Македонската војска го оневозможил извлекувањето на големите количини муниција и друг експлозив, што било и најверојатно, една од причините Германците црквата да ја дигнат во воздух.[7]

Веднаш по ослободувањето на Македонија, се започнало со подготовките за обновување на црквата. Во 1946 година бил создаден прв црковен одбор, на чело со поп Ордан. Членовите на Одборот одржале повеќе состаноци на кои масовно присуствувало и месното население. Но поради тогашната политичка состојба и воведувањето на комунизмот како единствена идеологија која не била за изградба на црковни објекти, идејата за црква наишла на неразбирање кај тогашните власти во Скопје. Сепак, без одобрение, месното население ја започнало изградбата на разрушената црква. Најпрво биле обновени темелите, а потоа подигнати и ѕидовите на црквата во висина од 1,5 метар. Но во 1948 година, градењето било прекинато од страна на комунистичката власт и повторно обредите биле вршени под отворено небо.[8]

Дури во 1968 година, стариот црковен одбор со нови приклучени членови покренал иницијатива за добивање дозвола од државните власти за обнова на црквата при што ја добиле посакувата дозвола. Градењето одело доста бавно и мачно поради немањето на доволно финансиски средства но и поради стравот од можното кривично гонење од страна на власта. Во 1974 година, бил избран нов црковен одбор од 19 членови на чело со свештеникот Никола Ковачовски. Тој одбор успеал, со скромните финансиски средства и доброволци, да ги направи завршните градежни активности на црквата како и купување на големиот лустер и големата камбанарија.[9] Во 1975 година, црквата не само што била изградена туку и просторно проширена. На 14 септември 1975, црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ била посветена за време на празникот Св. Елисиј. На денот на посветувањето биле присутни не само Лисичани туку и останати луѓе од Македонија, како и голем број на свештени лица меѓу кои и архиепископот г.г. Доситеј, првиот поглавар на Македонската православна црква.[10]

Во 1991 година од страна на ЦО бил изградени: манастирот „Св. Еремија“ кај населбата Пинтија, салата на Св. Апостоли Петар и Павле и останати инфраструктурни потфати. Со инфраструктурата што ја располагала црквата, започнале да се организираат културно-уметнички и национални манифестации. Така во 1991 година, во дворот на црквата била одржана првата Велигденска средба на која настапиле КУД „Никола Јонков Вапцаров“ кое потекнува од Горно Лисиче, и познатите пејачи Васка Илиева, Фиданка Георгиевска, Македонка Василковска и Трајче Веселинов. Оттогаш, Велигденските средби се одржуваат секоја година во лисичката црква.[11]

Од 1994 година било возобновено одржувањето на слава во чест на Св. Атанасиј со, тогаш, колење на овни и раздавање во вид на манџа. На 1 април истата година, била создадена Втората Горнолисичка епархија парохија во чиј состав влегла и црквата „Св. Троица“ од Долно Лисиче. Оваа парохија опстојувала до 1998 година, кога со посебна одлука од 1 септември 1998 година била извршена нова административна поделба. Според таа поделба, во склопот на новата територија на Горнолисичката парохија влегувале црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“, црквата капела „Св. Христово воскресение“ изградена во 1998 и осветена во 1999 година која се наоѓа кај гробиштата во Горно Лисиче. Третиот објект бил „Св. Еремија“ кој останал во парохијата.[12]

Бината во 2021 година.

Во 2001 година била градена и пуштена во употреба бина од 160 м2 за одржување на приредби и други црковни манифестации по повод верски и национални празници. Тогаш била обновена и фасадата на црквата со чукан камен. Истата година, во црквата било воведено предавање во веронаука од страна на ЦО на црквата во соработка со Скопската митрополија.[13]

Велигденски средби[уреди | уреди извор]

За време на Велигден, на Велика недела, традиционално се одржувани Велигденските средби кои се придружени со културно-уметничка програма со разни уметници од естрадата.

Година Уметници
2022[14] Фортуна Бенд, Влатко Миладиновски, Стојне Николова, Даниела Темелковска, Влатко Лозаноски, Орце Неделковски, Благица Павловска, Сузана Спасовска, ВИС „Аманет“

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2010-08-01. Посетено на 2010-12-31.
  2. 2,0 2,1 Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 112.
  3. Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 112-113.
  4. Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 113-115.
  5. Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 115.
  6. Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 115-116.
  7. Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 116.
  8. Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 116-117.
  9. Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 118.
  10. Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 117-118.
  11. Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 119.
  12. Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 121.
  13. Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 123-124.
  14. „Влатко Лозаноски, Сузана Спасовска...годинава дел од „Велигденските средби" во Горно Лисиче“. skopjeinfo.mk. 18 април 2022. Архивирано од изворникот на 18 април 2022. Посетено на 21 март 2024.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]