Илинденски марш Горно Лисиче-Крушево

Од Википедија — слободната енциклопедија
Илинденски марш Горно Лисиче-Крушево
Почнува27 јули
Завршува2 август
Зачестеностгодишно
ЛокацијаЦрква „Св. Апостоли Петар и Павле“, Горно Лисиче, Скопје
Првпат1978 година
Последен пат2023 година
Жанркоњанички марш
ОрганизаторЗдружение „Илинденски марш 1978 година“

Илинденски марш Горно Лисиче-Крушево — традиционален настан и коњанички марш односно поворка во чест на Илинденското востание и Крушевската Република. Маршот почнува од Горно Лисиче, Скопје и завршува во Крушево. Настанот бил започнат од 1978 година и е организиран од Здружението на граѓани „Илинденски марш 1978 година“.

Историја[уреди | уреди извор]

Прв потфат[уреди | уреди извор]

Самоиницијативниот марш, составен од тројцата Лисичани качени на коњи: Борис Змејковски, Борче и Гоце Стефковски, започнал неколку дена пред Илинден. Било тргнато од Горно Лисиче и за да стигнат до Крушево минале низ Брезница, Здуње, Македонски Брод, Сланско, Дреново. На 31 јули 1978 година, трите лица качени на коњи пристигнале во Крушево. Тие се сместиле кај Крушевското Езеро и штом по нивното сместување таму, тие биле распрашувани од општинската и месната милициска власт и им било наведено дека не смеат да бидат сместени таму. Тогаш во нивна одбрана застанал Владо Карески, кој бил внук од брат на Никола Карев кој ги примил да се сместат во неговата нива. Коњаниците ја постигнале својата цел и се поклониле пред споменикот „Илинден“. Тоа било прв марш во чест на Илинден во цела СР Македонија. По нивното враќање, тројцата учесници и нивните најблиски биле уапсени и притворени во Полициската станица „Беко“. Најголем сомнеж за овој потфат до Крушево, бил фрлен кон Пандил Стефковски кој дотогаш бил организатор на повеќе илегални родољубиви организации и спроведувач на многубројни акции за растурање на летоци со антијугословенска содржина и бил човек за слободна и обединета Македонија. Притворени биле држени три дена при што при испрашувањето биле тепани. Биле пуштени без образложение и не било покренато кривично гонење кон пуштените лица. Потоа, со судска одлука бил забранет маршот кон Крушево.[1]

Возобновување[уреди | уреди извор]

Во 1998 година била направена иницијатива за повторно организирање на маршот. Иницијативата била покрената од Зоран Цветковски, Гоце Стефковски, Гоце Трпковски, Борче Василевски и Ванчо Богоевски. Истата година бил организиран вториот марш. Маршовите во 1998 и 1999 година биле спроведувани од Месната заедница Горно Лисиче. На 1 февруари 2000 година, во просториите на месната заедница, било одржано основачкото собрание за основање на Здружението на граѓани „Илинденски марш 1978 година“. На тоа собрание присутни биле: Гоце Стефковски, Зоран Цветковски, Борче Василевски, Борче Василевски, Ванчо Богоевски, Владимир Змејковски, Гоце Трпковски, Орде Стојановски кои биле во улога на основачи. Како гости на основачкото собрание, присуствувале биле и првите коњаници Борис Змејковски и Борче Стефковски, Стојан Трпковски, Димче Темелковски, Киро Секуловски, Зоран Јовевски, Тони Трифуновски, Светлан Трпковски, и Павле Трпевски. Истата година било правно регистрирано, чиј што прв претседател бил Гоце Стефковски.[2]

2000-ти[уреди | уреди извор]

Изданието од 2003 година доживеала најголем број на коњаници поради стогодишниот јубилеј од Илинденското востание. Тие го почнале своето дефиле од Плоштадот „Македонија“ каде биле поздравени од тогашниот градоначалник на Град Скопје, Ристо Пенов, и се упатиле во црквата „Св. Петар и Павле“.

Идната 2004 година, дваесетина коњаници биле дел од маршот. Тие го повтортиле своето дефиле од Плоштадот „Македонија“ и се упатиле во црквата „Св. Петар и Павле“ каде биле благословени од Г.г. Стефан.[3] Учесниците минале низ Петровец, Катланово, Извор.[4] Додека биле во Прилеп, тие биле пречекани од градоначалникот на Општина Прилеп, Сашо Пирганоски. Тогаш ја посетиле куќата на Ченто и учестувале во културно-уметничка манифестација на плоштадот во Прилеп, манифестација одржана поради нив.[5]

Жени во македонска народна носија за време на испраќањето на коњаниците, 2009 година.

На манифестацијата во 2009 година покровител и воедно учесник била министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, а присутни биле и градоначалниците на Скопје и на Аеродром, Коце Трајановски и Ивица Коневски. Таа година рутата била Горно Лисиче кон Долно Лисиче (каде преспале ноќта 27 спрема 28 јули). Утрото 28 јули тргнале и поминале низ Општина Петровец и доштле до Езеро Младост каде одмориле. Потоа влегле во Велес и биле пречекани од градоначалникот на Општина Велес, Горан Петров. Во градот тие положиле цвеќе на Споменикот „Коњаник“. На 29 јули се упатиле кон Општина Чашка односно низ селата Теово и Стари Град. Следниот стигнале во прилепското село Стровија. Од Стровија, на 31 јули, се упатиле кон Крушево.[6]

2010-ти[уреди | уреди извор]

Коњаниците пристигнати во Крушево во 2011 година.

Во 2010 година, коњаниците најпрвин тргнале од дворот на Општина Аеродром во Мичурин, и се упатиле кон црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“. Патувањето до Крушево минало низ Велес, Чашка и Општина Долнени.[7] Во 2011, триесетина коњаници го посетиле Крушево.[8]

Во 2012 година било 16-тото издание на коњаничкиот марш. Меѓу 25-те коњаниците имало машко дете јавач од 13 години, како и девојче од 15 години. Маршот кој започнал вечерта на 27 јули, опфатил преноќување во црквата „Света Тројца“ во Долно Лисиче, наредниот ден коњаниците биле во Општина Петровец, а потоа маршрутата била: Велес, Теово, Богомила, Стровија, пелагониските Црнилиште, Костинци и Ропотово. Од велешкото Езеро Младост ним им се придружиле и коњаниците од Здружението „Илинденски марш 1903“ од светиниколското село Немањица.[9] Коњаниците на 28 јули минале низ Велес при што се поклониле на Споменикот на велешките илинденци.[10]

Во 2013 година, коњаниците биле свечено испратени, во дворот на Општина Аеродром.[11] Таа година, 25 коњаници тргнале кон Крушево кои биле благословени од претставници на Македонската православна црква. Покровител на изданието од 2013 година, бил претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов.[12]

Коњаничкиот марш 2016 бил составен од дваесет и седум коњаници. На 27 јули, во присуство од дваесетина членови - играорци од месното КУД „Никола Јонков Вапцаров“, коњаниците тргнале прво тргнале од паркот „Јане Сандански“ во населбата Јане Сандански и се упатиле кон Горно Лисиче каде во црквата „Свети Петар и Павле“ добиле благослов за претстојниот шестдневен пат. Тогаш, покровител на тоа издание бил премиерот Емил Димитриев.[13] Во 2018 година, повторно покровител на настанот бил претседателот Ѓорѓе Иванов кој на манифестацијата им го доделил признанието „Повелба на Република Македонија“ до организаторите на коњичкиот марш односно Здружението на граѓани „Илинденски марш 1978“.[14]

2020-ти[уреди | уреди извор]

Во 2020, како коњаник учествувал Вејчеслав Поповски кој бил потомок на Никола Петров Русински.[15] Таа година, на 30 јули минале низ Богомила. Тогаш еден учесник, поради повреда на неговиот коњ, пеш одел до Крушево.[16]

Во 2021 година, поворката била повторена со почеток од паркот „Јане Сандански“, а коњаниците добиле благослов од Г.г. Стефан во лисичката црква.[17] Во тоа издание од 2021, учествувале 20 јавачи од кои двајца јавачи биле девојки.[18]

Естрадни настапувачи[уреди | уреди извор]

За време на манифестацијата, во дворот на Црква „Св. Апостоли Петар и Павле“ настапувале голем број на познати уметници од поп и фолк естрадата од Македонија.

  • Забелешка: Оваа табела е нецелосна.
Година Уметници
2001 Благица Павловска[19]
2004[3][4] Тоше Проески, Кристина Арнаудова, Благица Павловска, Орце Стевковски, Борис Трајанов
2009[6] Танец, Некст тајм, Благица Павловска, Виданка Георгиевска
2016 Благица Павловска
2021[17] Некст тајм, Трио Џентлмен

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 82-87.
  2. Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 87-90.
  3. 3,0 3,1 „Утре почнува Илинденскиот марш“. Дневник. 26 јули 2004. Архивирано од изворникот 2023-02-04. Посетено на 4 февруари 2023.
  4. 4,0 4,1 „Дваесет комити на коњи тргнаа за славното Крушево“. Дневник. 29 јули 2004. Архивирано од изворникот 2023-02-04. Посетено на 4 февруари 2023.
  5. „Коњаниците денеска во Прилеп“. Време. 31 јули 2004. Архивирано од изворникот 2023-02-04. Посетено на 4 февруари 2023.
  6. 6,0 6,1 „Подготовки на коњаниците за традиционалниот Илинденски марш кон Крушево“. mn.mk. 27 јули 2009. Архивирано од изворникот 2012-08-30. Посетено на 4 февруари 2023.
  7. „Стартува Илинденскиот коњанички марш“. makfax.com.mk. 27 јули 2010. Архивирано од изворникот 2023-01-29. Посетено на 29 јануари 2023.
  8. „Триесетина коњаници утре го почнуват Илинденскиот марш кон Крушево“. Дневник. 26 јули 2011. Архивирано од изворникот 2023-02-04. Посетено на 4 февруари 2023.
  9. „Илинденските коњаници утре тргнуваат на традиционалниот марш кон Крушево“. mkd.mk. 26 јули 2012. Архивирано од изворникот 2012-08-01. Посетено на 29 јануари 2023.
  10. „Коњаниците од Илинденскиот марш во Велес“. Општина Велес. 25 јули 2012. Архивирано од изворникот 2023-01-28. Посетено на 29 јануари 2023.
  11. „Коњаниците денес тргнуваат од Лисиче до Крушево“. mkd-news.com. 27 јули 2013. Архивирано од изворникот 2023-01-28. Посетено на 29 јануари 2023.
  12. „Иванов: Илинденскиот марш е предизвик, но и привилегија и чест“. a1on.mk. 27 јули 2013. Архивирано од изворникот 2023-01-28. Посетено на 29 јануари 2023.
  13. „Коњаниците од Горно Лисиче го почнаа илинденскиот марш“. Влада на Република Македонија. 27 јули 2016. Архивирано од изворникот 2016-07-28. Посетено на 29 јануари 2023.
  14. „Коњаниците од Горно Лисиче го почнаа илинденскиот марш“. novatv.mk. 27 јули 2018. Архивирано од изворникот 2023-02-04. Посетено на 4 февруари 2023.
  15. „Правнукот на војводата Русински по патеките на илинденците“. vecer.press. 31 јули 2020. Архивирано од изворникот 19 февруари 2023. Посетено на 19 февруари 2023.
  16. „Комитите минаа низ Азот: Од Скопје пеш маршира со коњаницата кон Мечкин Камен“. denesen.mk. 30 јули 2020. Архивирано од изворникот 2023-02-19. Посетено на 19 февруари 2023.
  17. 17,0 17,1 „Во вторник почнува 43-от ИЛИНДЕНСКИ МАРШ, дваесетина коњаници ќе јаваат до Крушево“. bulevar.mk. 22 јули 2021. Архивирано од изворникот 2023-01-28. Посетено на 29 јануари 2023.
  18. „Коњаниците тргнаа за Крушево, меѓу нив се и две девојки“. faktor.mk. 27 јули 2021. Архивирано од изворникот 2021-07-27. Посетено на 29 јануари 2023.
  19. Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 87.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]