Димитар Думбалаков
Димитар Атанасов Думбалаков | ||
Роден | 21 март 1872 Сухо, Лагадинско, Егејска Македонија | |
---|---|---|
Починал | 31 октомври 1915 Градско, Македонија |
Димитар Атанасов Думбалаков (21 март 1872 - 31 октомври 1915) — македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член на Македонскиот комитет, бугарски офицер и мајор.
Животопис
[уреди | уреди извор]Думбалаков е роден во 1872 година во лагадинското село Сухо, Егејска Македонија, тогаш во Османлиското Царство, денес Сохос, Грција. Тој е брат на Трендафил и Михаил Думбалаков, а татко му и двајцата негови чичковци загинале во борба против османлиската власт [1]. Учи во грчкото (патријаршиско) училиште во своето родно село, а во 1884 година се запишал во Солунската бугарска (егзархиска) гимназија. Во 1890 година завршува 5 класа и се запишува во Военото училиште во Софија, што го завршува во 1893 година и пристапува во бугарска служба како офицер на 4-от коњички полк во Јамбол.
За време на Мелничкото востание во 1895 година Думбалаков собира пари од офицерското братство во Јамбол, купува оружје и сам се вклучува во борбите како аѓутант при Серската дружина на Стојко Костов и Тома Давидов, а подоцна како раководител на чета води борби на 19 јуни при Јакоруда, а на 28 јуни кај Доспат [2]. Поради заминувањето од офицерската служба и учеството во востанието, поручникот Думбалаков е отпуштен. Во 1896 година е испратен од офицерските братства да им помогне на школскиот другар Гоце Делчев во купувањето и пренесување на материјали и оружје со пари собрани од офицерските братства и од Штипската околија на Македонската револуционерна организација.
Во март 1896 година Думбалаков повторно доаѓа на воена служба во Лом, каде што заедно со Борис Сарафов е на чело на офицерските братства. Од 1902 година служи во Добрич, каде што исто така создава офицерски братства. По расцепот во Врховниот комитет е против Борис Сарафов и привремено се откажува од активна работа на македонското дело, но во 1902 година застанува на страната на крилото Михајловски - Цончев и учествува во подготовка на Горноџумајското востание, кое избувнало на 23 септември 1902 година. На 8 октомври четата на Думбалаков се бори во Пирин.
По востанието доаѓа во контакт со Македонската револуционерна организација и учествува во подготовката на Илинденското востание и во снабдувањето со материјали и оружје. По постигнатата спогодба меѓу ВМОК и МРО Атанасов на 22 јули на чело на чета влегува во Македонија и се среќава со водачите на Серскиот револуционерен округ во Банско. На окружниот конгрес е решено тој да застане на чело на Неврокопскиот реон. Думбалаков ја напаѓа касарната во Обидим и води борби кај Момина Клисура, под врвот Харами Бунар, реката Ретиже и селото Годлево. По востанието четата на Дембалаков ги обезбедува бегалците од Разлог кон Бугарија.
По востанието Думбалаков повторно се враќа на воена служба во Бугарија, но по Младотурската револуција во 1908 година заминува за Македонија, каде што се занимава со публицистична активност.
Во 1909 година се враќа во Бугарија. Во 1912 година заедно со Петар Дрвингов е еден од главните организатори на Македонско-одринското ополчение. Во Балканските војни командувал со 3. солунска дружина, која се бори за Малград (Малгара), Шарќој, Кешан и Булаир. Борбата на Солунската чета на врвот Емирица против српска армија им овозможува бугарски сили да излезат од опкружување.
По Втората балканска војна во периодот 1913 - 1915 година се занимава со публицистика. По влегувањето на Бугарија во Првата светска војна, Атанасов командува со Втора дружина на Третиот пешадиски полк при Единаесеттата пешадиска македонска дивизија, која се бори со француските сили во Велешко. Думбалаков е повреден на 31 октомври 1915 година и малку подоцна умира. Погребан е свечено на 1 ноември во дворот на црквата "Свети Пантелејмон" во Велес.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- "20 години от првото Македонско возстание", спомени на Димитар Атанасов публикувани во в-к "Волjа", бр. 746 и 747, Софиjа, 1915 г.
- "Хилми паша за новите Балкани", интервjу на Димитар Атанасов публикувано во в-к "Камбана", год. III, бр. 1815, Софиjа, 10 февруари 1914 г.