Битка кај Јармук
| ||||||||||||||||||||||||||||||||
|
Битката кај Јармук се одвила во август 636 година помеѓу силите на Византија и Праведниот Калифат на територијата на денешна Сирија. Битката е дел од Византиско-арапските војни и Муслиманското освојување на Сирија, а завршила со победа на Праведниот Калифат.
Битката траела шест дена односно од 15 до 20 август на реката Јармук која денеска се наоѓа на границата меѓу Сирија и Јордан, источно од Галилејско Море. Оваа битка се смета за една од решавачките во воената историја[7][8] и претставувала прва поголема во текот на муслиманските освојувања по смртта на Мухамед.
Со цел да ги врати изгубените територии, византискиот цар Ираклиј I во мај 636 година започнал експедиција во Левант. Како што се приближувала византиската армија, така арапските сили тактички се повлекувале од Сирија и своите единици ги прегрупирале кај Јармук во близина на Арабија, место каде откако добиле дополнителна армија тие ја поразиле византиската армија која била во поголем број. Битката се смета за една од најголемите победи на Халид ибн ал-Валид, кој преку оваа победа ја задржил својата репутација како еден од најголемите тактичари и команданти на коњаница во историјата[9].
Заднина
[уреди | уреди извор]Византискиот импераратор по крајот на долгата и исцрпувачка војна со Персија конечно успеал да ја порази во 628 година кога ги вратил изгубените територии во Месопотамија[10][11]. Но исчезнувањето на Персија во исто време значело и бришење на тампон зоната помеѓу Византија и арапските племиња кои претходно не претставувале опасност за Византија. Во овие години, муслиманските племиња доживеале големи промени преку појавата на пророкот Мухамед, кој успеал да ги обедини преку знамето на исламот.
Новата религија на смртта на Мухамед во 632 година започнала да се шири на територијата на рапскиот Полуостров. По смртта на Мухамед, Абу Бакр како прв муслимански калиф, го завршил обединувањето на арапските племиња започнати од Мухамед[12]. Во 634 година Абу Бакр испратил повик за џихад (света војна), со кое започнал процесот на проширување и арапските освојувања.
Први на удар биле областите кои биле под власта на Византија кон северните делови и тоа Сирија и Месопотамија. Персиска Месопотамија паднала без поголем отпор додека Византија со тешки напори ја пречекала арапската експанзија. Веќе во 633 година, Арапите упаднале во Палестина и ги уништиле византиските гарнизони кај Газа, по кое Абу Бакр наредил преместување на главните муслимански одреди од Ирак кон Сирија. Арапите за краток период се нашле пред портите на Дамаск. Ираклиј, кој тогаш се наоѓал во северна Сирија, не заминал лично во војна против Арапите бидејќи неговото здравје се влошило. Поради тоа бил испратен неговиот брат Теодор.
Недалеку од Ерусалим, кај Аџнадајн дошло до битка меѓу двете сили во јули или август 634 година во која византиските сили претрпиле голем пораз[13] и биле принудени да се повлечат кон Ерусалим. Газа била заземена без поголем отпор, по кое Арапите навлегле во Палестина.
Во 634 година починал Абу Бакр и на негово место застанал Омер, кој решил да ја заземе византиска Сирија. Избегнувајќи ги добро утврдените градови како Кесарија и Ерусалим, Арапите се упатиле кон север и го натерале на Ираклиј да ги повлече своите војски од Емеса кон Антиохија[14], за да на крајот започнал опсада на Дамаск. Опсадата на Дамаск траела шест месеци од март до септември 635 година, кога градот паднал.
Византиски противнапад
[уреди | уреди извор]По крајот на Битката кај Емеса, муслиманите се наоѓале недалеку од Алеп, како и до Антиохија, место каде престојувал Ираклиј I. Сериозно вознемирен од серијата неуспеси, тој подготвил противнапад за да си ги врати изгубените територии[15][16]. Во 635 година, персискиот император Јаздегерд III направил сојуз со Византија, кога Ираклиј ја омжил својата ќерка, согласно традицијата, за персискиот принц. Додека Ираклиј подготвувал голема офанзива кон Левант, Персија се насочила кон денешен Ирак. Но кога Ираклија го започнал својот противнапад во мај 636 година, персискиот император се повлечел поради исцрпената состојба на неговата влада[17].
Византиските подготовки започнале кон крајот на 635 и почетокот на 636 година. Веќе во мај Ираклиј имал концентрирано голема сила во Антиохија, северна Сирија. Армијата се состоела од Византијци, Словени, Франки, Грузијци, Ерменци и христијански Арапи[18]. Овие сили биле организирани во пет групи, а за еднички водач бил Теодор Триториј. Вахан, кој претходно бил командант на силите во Емеса бил назначен за командант на пешадијата[19][20], а под негова команда се наоѓала ерменската војска. На чело на Словените бил Букинатор, Џабала ибн ал-Ајхам на христијанските арапски сили, додека останатите европски контигенти под Григориј и Дарјан. Самиот Ираклиј ја надгледувал операција од Антиохија. Византиските извори го споменале и и Никетас, син на персискиот имератор но не е сигурно кои војски биле под негова команда[21].
Во исто време, армијата на Праведниот Калифат била поделена на четири групи: едната под команда на Амр, втората под Шурабил во Јордан, третата под Јазид во Дамаск и последната под Абу Убаид и Халид во Емеса. Бидејќи географски биле поделени, Ираклиј се обидел да ги порази искористувајќи ја оваа диферентност. Тој не сакал да се победи во една битка, туку сакал централно да се пори во детали преку концентрација на секоја од четирите муслимански групи и нивно уништување одделно. Тој сметал дека со повлекување на муслиманските сили и со нивно посебно уништување ќе се исполни неговата стратегија за повторно враќање на изгубените територии. Засилување било испратено и кон Кесарија на чело на неговиот син, иден Константин III Ираклиј, најверојатно со задача да ги нападне силите на Јазид кој го имал ставено градот под опсада[22]. Царската византиска армија се преселила надвор од Антиохија и северна Сирија некаде во средината на јуни 636.
Византиската царската војска ја имала следната задача:
- Лесно вооружените христијански Арапи ќе маршираат кон Емеса од Алеп
- Дарјан ќе се движи преку брегот и ќе оди кон Емеса од западниот дел
- Григорија треба да ја погоди десната страна на муслиманите и во Емеса треба да пристигне преку Месопотамија
- Канатир ќе маршира кон Бејрут, од каде треба да се нападне дамаск од запад
- Вахан ќе служи како резерва и кон емеса ќе замине преку Хама[23]
Муслиманска стратегија
[уреди | уреди извор]Муслиманите ги откриле подготовките на Ираклиј. Известен за можноста дека може да биде нападнат со одвени сили кои бил можат да бидат уништени, Халид го повикал советот. Таму тој го советувал на Абу Убаид да ги повлече силите од Палестина и од северна и централна Сирија, со кое целата муслиманска војска ќе биде сконцентрирана на едно место. Абу Убидах наредил концентрација на војската во големата рамница, како и контрола на областа за да се олесни доаѓањето на Омер, на кој начин би била поразена самата византиска војска. Но, во рамницата во близина на Џабија, муслиманните биле предмет на постојани напади од Гасенидите. Околината исто така не била сигурна поради тоа што византиските сили биле поставени во Кесарија и муслиманите се плашеле дека би можело да бидат нападнати од нивната задна страна. Така, по советот на Халид, муслиманските сили се повлекле кон Дарах, воспоставувајќи кампови во источниот дел на Јармук. Оваа формација претставувала дефанзивна позиција.
Византиски тензии
[уреди | уреди извор]Византиската армија, пред почетокот на битката била потресена од големи нереди и недисциплина. Во камповите дошло до крвави борби меѓу одредени групи и одреди. Според некои извори, тензиите започнале кога ерменската армија го прогласила на Вахан за цар, но оваа причина најверојатно не е точна. Се смета дека во 636 година дошло до ерменска побуна против Ираклиј I, на чело со независниот принц Шахорун кој владеел со источниот дел на Анадолија. Исто така, меѓу влавните војсководци, Теодор и Вахан, како и помеѓу Георгиј и Канатир, владеело соперништво.[24]. Во еден момент, Канатир ја одбил послушноста над другите. Џабала и неговите арапски сили постојано биле игнорирани, која била фатална грешка бидејќи тие најдобро го познавале теренот. Недовербата меѓу Грци, Ерменци и Арапи сè повеќе растело, а како причина бил верскиот конфликт на православните и монофизитите. Сите овие причини во голема мера придонеле до катастрофалниот исход на битката.[25]
Сили
[уреди | уреди извор]Околу бројот на учесниците во битката постојат различни процени. Изворите даваат голем број на армија, поеѓу 80,000 - 100,000 изантиски војници според хроничарот Теофан (9 век), до 200,000-400,000 кои ги наведуваат муслиманските извори, односно Јахја ал Баладури или Ибн Калдун и Ал Вакиди (400.000).
Модерните историчари исто така даваат различни податоци. Според Никол, бројот бил 100,000, Акам 150,000, Кенеди 80,000, Каеги 20,000 византиски војници. Што се однесува до муслиманските војници, модерните историчари ги прифаќаат податоците дека арапската армија броела околу 25,000 војници според Никол, 40,000 Халдон и Акрам, Баладури (24.000), Ибн Калдун (30.000) или Ал Вакиди (40.000).
Византиската војска била составена од платеници, поради кое, нејзиниот соста бил етнички мешан. така освен Византијци имало ерменци, арапски племиња, Персијци, туркмено-хунски номади од Украина и германски племиња од Италија (Лангобарди). Војниците биле регрутирани во внатрешноста на империјата, и потекнувале од Илирик и Тракија од Балканот, Исаврија, Понта и Кападокија. Исто така и нивниот верски сосав бил мешан како православни и монофизитски христијани, пагани и евреи.
Од друга страна, муслиманската војска во првите години од освојувањата била составена од прецизно одбрани војници, и не вклучувала голема маса од војници кои по природа не биле воинствени. Теоретски, секој маж кој бил член на муслиманската заедница имал воена обврска према државата. Мотивираноста кај муслиманските војски била на големо ниво. Главните арапски пешадиски линии ги сочинувале војниците од градовите над кои арапските калифи имале најголема доверба.
Битка
[уреди | уреди извор]Скоро три месеци двете страни ги поминале без да се придвижат. Византијците по наредба на Ираклиј се обиделе да го решат спорот по дипломатски пат. Вархан започнал преговори со некои арапски водачи преку својот офицер[26], ерменецот Георгиј и гасанидскиот водач Џабала, но самите Арапи не биле заинтересирани и на 23 јули започнале напад кон војската на Теодор и Џабала во која издвојувале убедлива победа и ја вратиле гасанидсската престолнина Џабија.
Византијците, имајќи го на увид раздорот на муслиманите, решиле да нападнат. Еден ден пред битката, Вахан за последн пат пробал да го реши проблемот без борба. Се сретнал со Халид и му понудил големо количество на пари во замена за муслиманско повлекување, но и овој предлог бил одбиен по кое следниот ден започнала битката.
Прв ден
[уреди | уреди извор]Битката траела шест дена. Започнала на 15 август 636 година[27] со двобојот на најдобрите војници од двете страни. Постои приказна во која се зборува како Григориј поминал на муслиманска страна и го примил исламот и починал како маченик[28], но најверојатно овие податоци се од апокрифна природа. Од друга страна, можно е некои од арапските племиња да поминале на страната на муслиманите. Првиот ден Вахан ја испратил пешадијата и стрелците, битка која траела до залезот на сонцето[28].
Втор ден
[уреди | уреди извор]На вториот ден од битката, на 16 август, Вахан наредил напад во зори и така ги фатил своите непријатели непоготвени и во молитва. По три напади, муслиманското десно крило попуштило и Вахан стигнал до неколку арапски логори. Но кога муслиманската армија започнала со повлекувањето, тие биле пречекани од сопствените жени кои започнале да маваат големи камења кон нив, кажувајќи им дека треба да се вратат на бојното поле. Слично се случило и при повлекувањето на левото муслиманско крило. Во текот на овој ден, Византиците сепак биле сопрени. Халид ја испратил резервната коњаница назад во борба како и своето лево крило, по кое противнападот бил успешен и дошло до повлекување на двете страни.
Трет ден
[уреди | уреди извор]На третиот ден, Вахан повторно започнал со напади и Арапите повторно морале да се повлечат. Но, нивните жени повторно ги дочекале со нивните повици и навреди и ги истерале назад во борба. Според еден извор, еден муслимански војник кажал дека би му било многу полесно да се соочи со Византијците наместо со своите жени.
Постои несогласувања околу тоа кога Халид го извршил својот одлучувачки напад кој на муслиманите им ја донесел победата. Акрам смета дека тоа се случило на шестиот ден, додека Гаванми смета дека тоа било третиот или четвртиот ден. Никол зборува околу начинот на кој Халид го извршил нападот. Дали Халид ги излагал на Византијците да сојдат во заседа или го искористил нивниот момент на криза преку нивната лоша координација.
Четврти ден
[уреди | уреди извор]Четвртиот ден бил одлучувачки. Муслиманите изгубиле значаен број на стрелци, додека Вахан го поновил нападот. Ерменските одреди помогнати од гасенидските коњаници натерале еден муслимански одред да се повлече. Византиската коњаница ги нападнала сеерните муслимански армии, но останала отсечена од своите пешадии, поради кое започнала да бега кон север. Абу Убаид со два одреди го нападнал византискиот центар и десно крило. Халид со резервната коњаница, која ја поделил на два дела, ги пуштил на другата страна, по кое ерменските и гасенидските сили биле нападнати од три страни. Дошло до жестоки борби, која завршила со повлекување на византиските сили и значајни жртви кај христијанските Арапи.
Кога византиската коњаница заминала кон север, по неа заминале и муслиманските сили. Византиската коњаница била составена од христијански Арапи, и истата се разбегнала по околните села. Некои од нив дезертирале, додека други поминале на муслиманска страна. Дезертерство ги зафатило и другите арапски христијани, кои го чувале мостот преку реката Рукад, така што ова битно место паднало во рацете на муслиманите.
Така, византиската војска во тој ден останала изолирана во својот главен логор.
Пети ден
[уреди | уреди извор]Во петтиот ден, Вахан сакал да започне повторно со преговорите, за муслиманско повлекување. Византиската армија се наоѓала во колапс, концентрирана меѓу два каноњи на реките Јармук и Рукада и отсечена од својот главен логор. Не се знае кога точно муслиманите го зазеле главниот логор на Византија, но се верува дека се случило во петтиот ден.
Шести ден
[уреди | уреди извор]Шестиот и последен ден дошло до конечна битка. Денот започнал со битката меѓу силите на Абу Убаид и Григориј. Во оваа битка загинал самиот Григориј. По ова, муслиманите поминале во офанзива. Најголеми борби се воделе во северозападниот дел на фронтот, околу мостот на реката од каде муслиманите сакале да ги одбијат на Византијците, кои повеќе биле во паника поради својата изолираност. Некои од византиските војници се обиделе да се предадат, некои успеале да побегнал во Емеса и Египет.
Вахан исто така загинал на бојното поле, или пак успеал да побегне и да се замонаши во Синајскиот манастир во Египет. Теодор загинал на бојното поле, Никита успеал да побегне во Египет, Џабала се спасил и започнал преговори со муслиманите за својот народ.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Kennedy 2006, стр. 45
- ↑ Nicolle 1994, стр. 64–65
- ↑ Islamic Conquest of Syria A translation of Fatuhusham by al-Imam al-Waqidi Translated by Mawlana Sulayman al-Kindi Page 352-353 [1]
- ↑ HADRAT 'UMAR FAROOQ By PROF. MASUD-UL-HASAN Published by ASHFAQ MIRZA, MANAGING DIRECTOR, Islamic Publications Ltd 13-E, Shah Alam Market, Lahore, Pakistan Published by SYED AFZAL-UL-HAQ QUDDUSI, Quddusi Printers, Nasir Park, Bilal Gunj, Lahore, Pakistan
- ↑ 5,0 5,1 Akram 2004, стр. 425
- ↑ Britannica (2007): "More than 50,000 byzantine soldiers died"
- ↑ Walton 2003, стр. 30
- ↑ Nicolle 1994, стр. 6
- ↑ Nicolle 1994, стр. 19
- ↑ Haldon 1997, стр. 41
- ↑ Greatrex–Lieu 2002, стр. 189–190
- ↑ Nicolle 1994, стр. 12–14
- ↑ Luttwak 2009, стр. 199
- ↑ Akram 2004, стр. 298
- ↑ Nicolle 1994, стр. 60
- ↑ Kaegi 1995, стр. 112
- ↑ Akram 2009, стр. 133
- ↑ Al-Waqidi & 8th century, стр. 100
- ↑ (ерменски) Bartikyan, Hrach. «Վահան» (Vahan). Armenian Soviet Encyclopedia. vol. xi. Yerevan: Armenian Academy of Sciences, 1985, p. 243.
- ↑ Kennedy 2007, стр. 82
- ↑ Nicolle 1994, стр. 16
- ↑ Akram 2004, стр. 409
- ↑ Akram 2004, стр. 399
- ↑ Kaegi 1995, стр. 132–133
- ↑ Kaegi 1995, стр. 121
- ↑ Kaegi 1995, стр. 130
- ↑ Nicolle 1994, стр. 92
- ↑ 28,0 28,1 Nicolle 1994, стр. 68
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Yarmouk in Sword of Allah at GrandeStrategy by A.I. Akram
- Battle of Yarmuk animated battle map Архивирано на 16 јули 2011 г. by Jonathan Webb
- Battle of Yarmuk, 636 Архивирано на 12 април 2013 г.