Битка кај Табук

Од Википедија — слободната енциклопедија
Битка кај Табук
Дел од Византиско-арапски војни

Табук на картата на Саудиска Арабија
Датум октомври 630
Место Табук, денешна Саудиска Арабија
Исход Византиска победа, муслиманско повлекување
Завојувани страни
Муслимански Арапи Византија
Команданти и водачи
Мухамед Ираклиј I
Сила
30,000 100,000(муслимански извори)

Битката кај Табук претставува воен поход кој според муслиманските биографи бил инициран од страна на Мухамед во октомври 630 година. Мухамед со сила од околу 30.000 војници започнал напад кон византиската армија кај Табук. Во византиските извори не постојат докази за оваа муслиманска експедиција, додека голем дел од настаните од битката биле опишани во подоцнешните муслимански извори. Истакнувајќи го ова, како и фактот дека армиите никогаш не се сретнале, некои западни научници се сомневаат во автентичноста на деталите околу настанот, иако во арапскиот свет нашироко се смета како историски.

Причини[уреди | уреди извор]

Според Ал Мактум, модерен исламски биограф на Мухамед, причина за војна против Византија било убиството на еден од амбасадорите на Мухамед од страна на гувернерот на ал Балка. Овие настани веднаш довеле до Битката кај Мутах. Но биографот исто така тврди дека освен оваа битка, овој настан бил причината и за започнување на Битката кај Табук. Според истиот извор, византиските сили на чело со императорот Ираклиј I, подготвиле голема армија за справување со муслиманските сили во регионот.

Подготовка[уреди | уреди извор]

Сите муслимани како и сојузници на Мухамед добиле итен повик за да се приклучат кон кампањата. Но Арапите во пустината покажале мал интерес, по кое Мухамед ги потикнал да се приклучат кога им понудил многу подароци[1].

За опасноста на муслиманите пристигнале вести од Сирија, каде според нив, византискиот цар се подготвувал со огромна армија во сојуз на арпаските христијански племиња, чиј вкупен број бил од 40.000 до 100.000, да ги нападнат муслиманите[2][3].

Експедиција[уреди | уреди извор]

Мухамед и неговите сили марширале кон север, односно кон Табук. Со сила од околу 30.000 војници оваа армија била најголема досега соберена од страна на муслиманите.

По пристигнувањето во Табук, армијата на Мухамед била подготвена да се соочи со Византијците. Но византиските сили не биле во Табук. Муслиманите останале таму неколку дена, но византиските сили никогаш не пристигнале во областа за да се соочат со арапските сили.

Оваа експедиција довела до зголемување на моралот на муслиманите и воен углед во Арабија. По експедицијата, според муслимански извори, голем дел од арапските племиња ги напуштиле византиските сили и се приклучиле кон Мухамед.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Muir, William (10 August 2003). Life of Mahomet. Kessinger Publishing Co. стр. 454. ISBN 978-0766177413. Архивирано од изворникот на 2014-10-06. Посетено на 2015-07-22.
  2. Saed Abdul-Rahman, Muhammad (29 October 2009). The Meaning And Explanation Of The Glorious Qur'an (Vol 4), Tafsir ibn Kathir. MSA Publication Ltd. стр. 137. ISBN 978-1861796509.
  3. „Tafsir ibn Kathir,On 9:81, Text Version“. Архивирано од изворникот на 2020-08-20. Посетено на 2015-07-22.