Синиот фенер

Од Википедија — слободната енциклопедија
Синиот фенер
Корицата на првото руско издание
АвторВиктор Пелевин
Изворен насловСиний фонарь
ЗемјаРусија Русија
Јазикруски
Жанррасказ
ИздавачТекст
Издадена
1991 г.
Медиуммек повез
Страници320 стр.
ISBN5-85950-013-0

„Синиот фенер“ (руски: Синий фонарь) — збирка раскази на рускиот писател Виктор Пелевин од 1991 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Збирката содржи 20 раскази:

  • Животот и патешествијата на шупата број XII: Во дворот на една зграда се наоѓа шупата број XII, која многу ги сака велосипедите. Еден ден, сопственикот ја испразнува шупата, а еден месец подоцна, во неа ставаат буре со туршија. На почетокот, шупата негодува поради настанатата промена, но подоцна се навикнува и станува рамнодушна на новата состојба. Така минуваат години, но еден ден, кога во дворот се појавува велосипед, кај шупата се будат спомените и оживуваат старите копнежи. Поради тоа, бурето намерно предизвикува краток спој со каблите и шупата ја зафаќа пожар. Истата вечер, директорката на продавницата за чии потреби е изнајмена шупата, се враќа дома и здогледува велосипед што свети и лебди над патот, а потоа се крева на небото.[1]
  • Пустиникот и Шестопрстиот: Пустиникот и Шестопрстиот ги набљудуваат небесните тела и разговараат за границите на нивниот свет и за постоењето на другите светови. Потоа, тие се враќаат во општеството, но тамошните жители ги заробуваат и ги префрлаат преку Ѕидот на светот. Пустиникот и Шестопрстиот најпрвин се движат по црна подвижна лента, а потоа скокаат долу на плочките и се кријат во некои сандаци, каде ја минуваат ноќта. Утредента, Пустиникот му ги покажува на Шестопрстиот боговите. Додека се кријат во сандаците, по наговор на Пустиникот, двајцата вежбаат за да ги зацврстат мускулите на рацете, зашто Пустиникот има нејасна претстава дека тоа е неопходно за да полетаат, иако не знае што претставува летањето. Еден ден, еден од боговите ги пронаоѓа во засолништето, го обележува Шестопрстиот и двајцата ги става во друг свет чии жители го сметаат Шестопрстиот за месија, а Пустиникот за негов ученик. Пустиникот им држи проповеди на жителите на тој свет советувајќи ги да не јадат ако сакаат да се спасат од неизбежниот колеж. И навистина, по некое време, тој свет пристига до погонот број 1, но боговите, гледајќи дека жителите на тоа општество се изгладнети, им ги поштедуваат животите. Единствено Пустиникот и Шестопрстиот се згоени, па затоа, само нив ги фаќаат со намера да ги заколат. Тогаш, Шестопрстиот го повредува богот во окото и успева да летне до таванот, нему му се придружува и Пустиникот и заедно успеваат да избегаат низ скршениот прозорец на слобода. Надвор, тие се воодушевени од убавината на светот и летнуваат кон југ.[2]
  • Врколачки проблем во Централна Русија: Саша патува во селото Коњково, а кога се стемнува, тој навлегува во една шума, каде здогледува група луѓе. Наеднаш, од шумата му приоѓа девојката Лена, која го предупредува дека наскоро ќе се случи необичен настан. Саша им се придружува на непознатите, кои набргу се претвораат во волци, а таа промена му се случува и нему. Сите заедно одат во Коњково, каде глутницата го осудува волкот Николај, кој се обидел да ги извести весниците за постоењето врколаци. Бидејќи Николај не сака да попушти, а групата не смее да го казни, Саша е принуден да се бори со него. Во борбата, Саша го убива Николај, кој потоа се буди претворен во човек, кој целиот избезумен бега од местото. Подоцна, глутницата се враќа на почетното место во шумата и Саша признава дека случајно им се придружил, но водачот му објаснува дека неговото присуство воопшто не е случајно. Тогаш, се појавува полната месечина и Саша заспива, а кога се буди, тој се наоѓа во автомобил, заедно со водачот и Лена, сите претворени во луѓе.[3]
  • Принцот на Госплан: На работното место во Госснаб, Саша Лапин игра компјутерска игра при што играта и стварноста се измешани така што неговите постапки се дел од играта. Шефот на Саша, Борис Григорјевич, го праќа во Госплан кај Итакин за потпис на некои деокументи, но Итакин не е таму, па Саша го бара во мензата, но не го наоѓа ни таму. Затоа, Саша оди кај шефот на Итакин, Борис Емелјанович, кој игра компјутерска игра со тенкови. Саша влегува во тенкот на Борис Емелјанович и заедно одат кај друг тенкист, кој ги потпишува документите. Потоа се појавува Итакин, кој набргу испаѓа од играта, а Саша продолжува да игра понатаму, преминувајќи во седмото ниво, каде е совладан од еден стражар. Кога се освестува, Саша разговара и пие со стражарот, кој му ги дава клучевите од собата во која се наоѓа принцезата. Така, Саша пристига во нивото 12, но таму открива дека принцезата е обична кукла и во налет на бес ја распарчува. Потоа, пак го среќава Итакин и тогаш Саша ја запира играта и оди во продавницата за да купи пијалак, но без успех. Затоа, тој се враќа во Госплан, но таму е завршено работното време и Саша, без никаква причина, следи еден од вработените кого пред влезот на неговиот дом го убиваат двајца припадници на палестинската организација. Меѓутоа, убиството не е стварно, туку вработениот доживува срцев удар. Саша се отрезнува и се враќа во Госснаб, каде е празно и само Борис Григорјевич вежба со своите самурајски мечеви. Тогаш, Саша го вклучува својот компјутер, легнува на работната маса и почнува да сонува.[4]
  • Вести од Непал: Еден ноемвриски ден, Љубов Григорјевна Сухоричко излегува од трамвајот право во калливата улица и набрзина се упатува во трамвајското депо каде е вработена. Таму ја чека директорот, кој ја укорува поради слебите резултати во работата. Затоа, Љубов оди кај работниците, распрашувајќи се за најновите изуми. Оттука, таа оди во мензата, каде чита брошура за Катманду. Неа повторно ја среќава директорот, кој ѝ дава налог да помогне во изработката на фабричкиот плакат. Во истата канцеларија се собираат повеќе вработени за да одржат состанок и тие слушаат вести на радиото, кое известува за убавините на Непал и за тамошното верување за патувањето на душата по смртта. Наеднаш, сите присутни ја напуштаат просторијата и Љубов повторно излегува од трамвајот на калливата улица.[5]
  • Деветтиот сон на Вера Павловна: На почетокот од перестројката, Вера работи како чистачка во јавното ВЦ на Тверскиот булевар. Таа размислува за смислата и за тајната на животот и бара совет од колешката Мањаша, која нешто ѝ шепнува. Неколку месеци подоцна, јавното ВЦ е реновирано, а на Вера ѝ ја зголемуваат платата, а по некое време, ВЦ-то е затворено и на неговото место се отвора комисион, а Вера продолжува да работи како чистачка. Нејзе ѝ се причинува дека трговците и посетителите на комисионот се измачкани со измет. Вера ретко се гледа со Мањаша, но при нивната средба, ја обвинува за настанатите промени и ја убива со секира по што се онесвестува. Кога се буди, од ѕидот протекува силен млаз што ја исфрла Вера на улица. Набргу, целиот град е поплавен со измет, а потоа и целиот свет. Вера заспива, а кога се буди, до неа со чамец доаѓа маршалот Пот Мир Суп. Таа пропаѓа во пукнатината што се отвора на СССР и слуша разни гласови, но не може да се види себеси. Тогаш, Вера пропаѓа и повторно заспива, а следниот ден се буди и го гледа сопругот како ги полни куферите.[6]
  • Синиот фенер: Раскажувачот лежи во болничка соба во која пациентите си раскажуваат приказни за мртовци. Младиот Коља се плаши и ги пријавува кај медицинската сестра, која доаѓа во собата и ги опоменува пациентите, но по нејзиното заминување, тие продолжуваат со раскажувањето страшни приказни.[7]
  • СССР Тајшоу Чжунаг: Во едно сиромашно село во Кина живее Чжанг Седми, кој пијан лежи во амбарот, криејќи се од партискиот активист наречен Бакарниот Енгелс, кој луѓето ги испраќа на работа. Наеднаш, него го посетуваат непознати луѓе, кои со голем автомобил го носат во Москва, каде го нарекуваат Колбасов и го поставуваат на многу висока државна функција. Подоцна, Чжанг станува и претседател на земјата, но еден ден, ненадејно е сменат од власта. Кога ги отвора очите, тој гледа дека пак се наоѓа во својот амбар, а кога излегува на улица, него го фаќа Бакарниот Енгелс и го праќа на работа. По три години, Чжанг се враќа дома и во дворот открива јапонски тенк. Разгледувајќи ја неговата внатрешност, тој се потсетува на местата што ги видел за време на престојот во Москва, а потоа повторно го покрива тенкот.[8]
  • Мардонзи: Мардонг е тибетски поим што означува камена гробница; исто така, тој поим се однесува на сектата што ја основал Николај Антонов во 1993 година. Тогаш, тој ја објавува книгата „Дијалози со внатрешниот мртовец“ во која тврди дека смртта не постои, зашто секој човек, уште при раѓањето, во себе носи внатрешен мртовец кого го храни во текот на својот живот, а со смртта на човекот само се актуелизира внатрешниот мртовец. Во неговата втора книга, „Но. Улица. Фенер. Аптека.“ од 1995 се дадени практичните техники за „потрупувањето“, додека во третото дело, „Пазар“ од 1998 година е развиено учењето дека во човекот постојат повеќе внатрешни мртовци кои се наоѓаат еден во друг. Во 1999 година, на Антонов му се случува актуализација на внатрешниот мртовец, а на неговиот мардонг, подигнат крај еден пат, редовно се собираат неговите следбеници.[9]
  • Денот на булдожеристот: Иван Померанцев, вработен во воена фабрика во Уран Батор, е повреден на работното место. Додека закрепнува, во неговиот дом доаѓаат двајца претставници од фабриката, кои го известуваат дека е утврдено дека се работи за несреќен случај и дека за него пишуваат весниците. Иако физички закрепнува, тој се чувствува необично, како да не може да се сети на себеси. Тој и соседот Валерка одат во седиштето на советот на комунистите, каде за време на посетата на музејот Иван се онесвестува. Утредента, Иван се сеќава на нешто и од кутијата на хармониката го зема пиштолот, решен да отпатува некаде. За време на мајската парада, Валерка го носи кај пријателот Петар, кој го удира со табуретката в лице и му го зема пиштолот. Потоа, тој го напушта станот на Петар и заминува кон станицата.[10]
  • Онтологија на детството: Во расказот се дадени размислувањата за среќата присутна во раното детство, кога детето го осознава светот, а подоцна, паралелно со растењето, светот станува посложен и животот ја губи смислата.[11]
  • Вграден потсетник: Никсим Сколповски е уметник што на група работнички донесени од фабриката им го објаснува новиот правец во уметноста — вибрационализмот. За таа цел, тој им покажува кукла обвиткатана со жици и ја уништува управувајќи со далечински управувач, истакнувајќи дека куклата во себе носи потсетник на смртта.[12]
  • Средишница: Проститутката Љусја, која безуспешно бара муштерии по хотелите, ја среќава проститутката Нели. Двете се вознемирени од вестите за убиствата на проститутките кои се принајдени со шаховски фигури во устите. Тие се качуваат во автобус што го возат двајца офицери на морнарицата. Автобусот запира на пусто место и офицерите им се закануваат на проститутките со пиштоли. Тие ја принудуваат Нели да направи потег на шаховската табла, со намера потоа да ја убијат, но таа го зема пиштолот, ги совладува напаѓачите и им наредува да ги превезат до нејзиниот дом. Во станот на Нели, таа и Љусја имаат полов однос, а потоа Нели ѝ признава дека во минатото била маж (Василиј) што извршил неколку операции за промена на полот. Тогаш, Љусја признава дека и таа била маж (Андрон) при што двајцата се познавале. Во меѓувреме, двајцата офицери се возат со автобусот, а во нивниот разговор се открива дека тие се жени. Притоа, едниот офицер не може повеќе да ја издржи својата улога и си заминува, а другиот продолжува понатаму.[13]
  • Ухраб: Пензионерот Василиј Маралов разговара со еден пријател за постоењето на Бога, а утредента се буди со бесмислениот збор „ухраб“. Постепно, тој станува опседнат со зборот кого го забележува во книгата што ја чита, во месарницата, на улицата и, воопшто, насекаде го гледа присуството на ухраб. Најпосле, тој се качува во такси и заминува на крајот од градот и се упатува во полето за најпосле да скокне во длабока дупка, убеден дека тука се наоѓа ухраб. По два дена, случајните минувачи ги пронаоѓаат неговото тело.[14]
  • Музика од столбот: Матеј, Петар и Семјон се тројца работници што го чекаат камионот што треба да го донесе транформаторот. Бидејќи продавницата е затворена, тие јадат печурки со намера да се опијат. Лежејќи на тревата, Матеј слуша непозната древна музика и тогаш му се причинува дека нешто излегува од неговата внатрешност и го набљудува него. Тогаш, го буди Петар, кој ги кине жиците и музиката престанува, а тројцата одат во продавницата за да се напијат. Таму, на телевизија се прикажува познат филм со советски шпион уфрлен кај есесовците. Кога доаѓа камионот, тројцата работници се качуваат во него и заминуваат во шумата. За време на превозот, Матеј се замислува и тогаш се менува сликата: Хајнрих Химлер патува во оклопен транспортер во друштво со Хитлер и со неколку генерали. Кога пристигаат во центарот на Берлин, Хитлер наредува да запре транспортерот и пред насобраните граѓани држи говор за сонот што го сонил во источните земји при што слушал древна музика. По завршувањето на говорот, Химлер негодува во себе за она што го кажал Хителр. Најпосле, камионот пристига на предвиденото место и тројцата работници почнуваат да работат, а Матеј гледа со омраза кон Петар.[15]
  • Луномобил: Еден космонаут раскажува за себе во седиштето на КГБ, но додека трае неговата приказна, тој минува низ разни историски епохи.[16]
  • Откровението на Крегер: Во 1935 година, Т. Крегер, вработен во „Аненербе“ испраќа извештај до Химлер за своите визии за време на медитацијата во кои го гледа Толстој. Химлер наредува да се испита случајот и службениците од „Аненербе“ му кажуваат за големото значење на откровението на Крегер. Потоа, службата прави реконструкција на откровението и врз основа на него, Италија ја напаѓа Абисинија. Подоцна, Ернст Калтенбрунер дознава дека Крегер бил пијан и се обидува да го убеди Химлер за бесмисленоста на откровението, но без успех.[17]
  • Оружје на одмаздата: Кон крајот на Втората светска војна, германската пропаганда го најавува новото оружје кое ќе го промени текот на војната, наречено „оружје на одмаздата“. Бидејќи власта не дава никакви натамошни вести за оружјето, низ народот се шират различни приказни за неговиот облик: едни сметаат дека станува збор за бомба, други за ракета, трети за гас, зрак, радиобранови итн. По војната, американската и советската војска темелно го пребаруваат балтичкиот брег во потрага по фабриката или лабораторијата во која се произведувало оружјето, но не наоѓаат никаква трага. Исто така, оружјето било тема и на Берлинската конференција, но по појавата на атомското оружје, приказната за „оружјето на одмаздата“ паѓа во заборав.[18]
  • Реконструктор: Раскажувачот дава приказ на книгата на П. Стецјук, „Сеќавања на огнените години“ во која пишува за тајната од 1928 година, кога во една фабрика била произведена метална цевка поради која била уништена фабриката, нејзините вработени биел стрелани, а потоа биле стрелани и нивните стрелци. Тајната на цевката била наведена во архивата „У-17-Б“. Стецјук го пронаоѓа дневникот на последниот стрелец, полковникот Савин, кој бил удавен во 1961 година. Стецјук открива дека архивата „У-17-Б“ сепак не е уништена и ја пронаоѓа во камион во градот Николаев. Проучувајќи ја архивата, Стецјук тврди дека Сталин, кој се плашел од пукотниците, наредил да му направат цевка со која фрлал отровни стрели; исто така, во книгата се тврди дека постоеле седуммина вистински Сталини кои живееле во под земја, а кои имале надворешни заменици за јавноста.[19]
  • Кристален свет: На 24 октомври 1917 година, јункерите Јуриј и Николај чуваат стража на една улица во Петроград при што шмркаат кокаин и разговараат за изумирањето на кулурата и за мисијата на поединецот. Улицата е пуста и тие среќаваат само двајца минувачи — најпрвин еден маж а подоцна една жена при што двајцата не можат да го изговорат гласот „р“. По некое време, кај нив доаѓа јункерски одред со веста дека пронашле три човечки трупа, задавени со синџир од часовник при што часовникот завршуав во рацете на Јуриј. Набргу, Јуриј и Николај среќаваат човек во инвалидска количка во придружба на милосрдна сестра. Човекот во количката има часовник, а кога Јуриј ја пушта музиката од запленетиот часовник, човекот и сестрата бегаат по улицата. Јуриј му раскажува на Николај за предавањата што ги слушал во Швајцарија кај д-р Штајнер, кој му кажал дека има посебна мисија да го брани светот од некој демон. Јуриј и Николај земаат ефедрин и тогаш на Николај му се привидува кристален свет, но набргу се освестува. Најпосле, тие среќаваат човек кој турка количка со лимонада, а потоа го продолжуваат разговорот за Стринберг и за Шпенглер.[20]

Македонски изданија[уреди | уреди извор]

Во 2018 година, книгата била објавена на македонски јазик од издавачката куќа „Бегемот“, како дел од библиотеката „Аквамарин“. Преводот од руски јазик го направил Андреј Јованчевски, а ликовното уредување е дело на Наталија Лукомска. Изданието било финансиски помогнато од Министерството за култура. Книгата била испечатена во тираж од 500 примероци во печатницата Наумовски. Таа е каталогизирана во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-608-4718-90-1.[21]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Збирката зазема посебно место во творештвото на Пелевин, зашто таа е неговото прво објавено дело. За неа, во 1993 година Пелевин ја освоил руската награда „Мал Букер“. Расказите се многу инвентивни и лесно преминуваат од еден во друг жанр при што тие се полни со апсурдна духовитост и егзистенцијална сатира. Преку досетливите наративи, како оној за гаражата која сонува да стане велосипед, Пелевин ја дисецира реалноста која ја земаме здраво за готово. Овие раскази совршено го прикажуваат неговиот талент за создавање книжевна реалност од фантазијата.[22]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Виктор Пелевин, Синиот фенер. Скопје: Бегемот, 2018, стр. 7-19.
  2. Виктор Пелевин, Синиот фенер. Скопје: Бегемот, 2018, стр. 20-63.
  3. Виктор Пелевин, Синиот фенер. Скопје: Бегемот, 2018, стр. 64-101.
  4. Виктор Пелевин, Синиот фенер. Скопје: Бегемот, 2018, стр. 102-158.
  5. Виктор Пелевин, Синиот фенер. Скопје: Бегемот, 2018, стр. 159-180.
  6. Виктор Пелевин, Синиот фенер. Скопје: Бегемот, 2018, стр. 181-205.
  7. Виктор Пелевин, Синиот фенер. Скопје: Бегемот, 2018, стр.206-218.
  8. Виктор Пелевин, Синиот фенер. Скопје: Бегемот, 2018, стр. 219-234.
  9. Виктор Пелевин, Синиот фенер. Скопје: Бегемот, 2018, стр. 235-241.
  10. Виктор Пелевин, Синиот фенер. Скопје: Бегемот, 2018, стр. 242-275.
  11. Виктор Пелевин, Синиот фенер. Скопје: Бегемот, 2018, стр. 276-288.
  12. Виктор Пелевин, Синиот фенер. Скопје: Бегемот, 2018, стр. 289-293.
  13. Виктор Пелевин, Синиот фенер. Скопје: Бегемот, 2018, стр. 294-327.
  14. Виктор Пелевин, Синиот фенер. Скопје: Бегемот, 2018, стр. 328-341.
  15. Виктор Пелевин, Синиот фенер. Скопје: Бегемот, 2018, стр. 342-358.
  16. Виктор Пелевин, Синиот фенер. Скопје: Бегемот, 2018, стр. 359-369.
  17. Виктор Пелевин, Синиот фенер. Скопје: Бегемот, 2018, стр. 370-378.
  18. Виктор Пелевин, Синиот фенер. Скопје: Бегемот, 2018, стр. 379-392.
  19. Виктор Пелевин, Синиот фенер. Скопје: Бегемот, 2018, стр. 393-401.
  20. Виктор Пелевин, Синиот фенер. Скопје: Бегемот, 2018, стр. 402-430.
  21. Виктор Пелевин, Синиот фенер. Скопје: Бегемот, 2018.
  22. Виктор Пелевин, Синиот фенер. Скопје: Бегемот, 2018.