Банка за меѓународни порамнувања

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Банка за меѓународни порамнувања (англиски: Bank for International Settlements) е меѓународна организација која им служи на централните банки во нивната потрага по монетарна и финансиска стабилност, поттикнува меѓународна соработка во тие области и служи како банка за централните банки.[1]

Историја[уреди | уреди извор]

Банката за меѓународни порамнувања (БИС) е основана на 17 мај 1930 година. Таа е најстарата меѓународна финансиска институција во светот и претставува главен центар за меѓународна соработка на централните банки.

Банката за меѓународни порамнувања била основана во контекст на Планот на Јанг (1930), кој се занимавал со прашањето за исплатитие за репарација наметнати на Германија со Версајскиот договор по Првата светска војна. Банката била создадена и да послужи како старател за меѓународните кредити издадени за финансирање на репарациите и да промовира соработка меѓу центрлните банки. Прашањето за репарациите брзо избледело, што овозможило банката целосно да ги фокусира своите активности на соработка меѓу централните банки и дополнително други агенции во потрага по монетарна и финансиска стабилност.

БИС извршува неколку функции:[2]

  • претставува форум за дискусија и за анализи меѓу централните банки и во меѓународната финансиска заедница
  • претставува центар за економски и монетарни истражувања
  • делува како страна во финансиските трансакции меѓу централните банки
  • делува како агент, т.е. посредник во меѓународните финансиски операции

Промени во улогата на Банката за меѓународни порамнувања[уреди | уреди извор]

Од 1930 година, соработката меѓу централните банки се одвивала во рамките на Банката за меѓународни порамнувања преку редовни состаноци во Базел, на гувернерите на централните банки и експерти од централните банки и други агенции. Во поддршка на оваа соработка, банката развила сопствени истражувања за финансиската и монетарната економија и со тоа давала важен придонес за собирање, компилација и дистрибуција на економска и финансиска статистика.

На полето на монетарната политика соработката во рамки на Банката за меѓународни порамнувања веднаш по Втората светска војна до 1970-тите се фокусирала на спроведување и одбрана на Бретон Вудскиот систем. Од 1970-тите до 1980-тите години фокусот бил на управување со прекуграничните текови на капитал по нафтените кризи и меѓународната должничка криза. Кризите во 1970-тите години го наметнале прашањето за регулаторна супервизија на меѓународно активните банка, што резултирало со Базелската Спогодба од 1988 година и нејзината ревизија Базел 2 од 2001-2006. Во поново време, прашањето за финансиската стабилност во пресрет на економската интеграција и глобализација, како што било нагласено и со Азиската криза од 1997 година, добива поголемо внимание.

Освен поттикнување на соработка во монетарната политика, Банката за меѓународни порамнувања отсекогаш извршувала традиционални банкарски функции за заедницата на централни банки (на пример,трансакции со злато и девизни трансакции), како и функции како старател. Банката за меѓународни порамнувања служела како агент на Европската унија за плаќање (1950-1958), во враќањето на конвертибилноста на европските валути по Втората Светска Војна. Слично на тоа, Банката за меѓународни порамнувања служела како агент и во неколку аранжмании за Европскиот девизен курс вклучувајќи го Европскиот Монетарен Систем (1979-1994), кој предходел на преминот кон единствена валута.

Банката за меѓународни порамнувања исто така обезбедувала или организирала итна финансиска поддршка за меѓународните монетарни системи кога имало потреба за тоа. Во текот на финансиската криза 1931-1933, Банката за меѓународни порамнувања организирала кредити за поддршка на централните банки на Германија и Австрија. Во 1960-тите, таа обезбедила специјален кредит за поддршка на францускиот франк (1968) и два таканаречени групни аранжмани (1966 и 1968) за поддршка на британскиот стерлинг. Во поново време, Банката за меѓународни порамнувања обезбедила финансии во рамките на програмите за стабилизација на Меѓународниот Монетарен Фонд (на пример, за Мексико во 1982 и Бразил во 1998 година).[3]

Организација и управување[уреди | уреди извор]

Банката за меѓународни порамнувања има 647 вработени од 54 земји. Сите вработени се должни да се однесуваат во согласност со општите принципи напишани во кодексот за однесување на вработените. Повелбата за усогласеност на Банката за меѓународни порамнувања ги опишува водечките принципи за управување и усогласеност во банката.

Управувањето со банката е одредено со нејзиниот Статут, кој последен пат бил ревидиран во јуни 2005 година по прегледот направен на управувањето на банката од страна на три водечки, независни правни експерти.

Трите најважни тела за донесување на одлуки во рамки на банката се:

Одлуките донесени на секое од овие нивоа се однесуваат на водењето на банката и како такви се главно од административна и финансиска природа, поврзани со нејзините банкарски операции, политиките за внатрешно управување со Банката за меѓународни пормнувања и распределбата на буџетските средства на различни бизнис области. Административните и буџетските правила на банката се однесуваат и на комисиите во рамките на Банката за меѓународни порамнувања. Другите аспекти од управувањето со комисиите се одговорност на телата на кои секоја од комисиите поднесува извештај.

Банката за меѓународни порамнувања има 60 членки-централни банки и секоја од нив има претставник и право на глас во собранието. Гласачката моќ е пропорционална на бројот на акции што Банката за меѓународни порамнувања ги издала во земјите на секој член претставен на состанокот. На годишното собрание, клучните одлуки од страна на членките централни банки се фокусирани на распределба на дивидендата и профитот, одобрување на годишниот извештај и сметките на банката, приспособување на надоместокот што се исплаќа на членовите на одборот на директори и избор на екстерни ревизори. Годишното собрание се одржува на крајот на јуни или на почетокот на јули. Мора да биде свикано вонредно собрание со цел да се измени Статутот на банката, да се промени акционерскиот капитал или да се ликвидира банката.[4]

Претставништва[уреди | уреди извор]

Банката за меѓународни порамнувања има две регионални канцеларии:

Овие претставништва служаат како центри за активностите на Банката за меѓународни порамнувања во нивните региони, зајакнувајќи ги врските и промовирајќи соработка меѓу Банката за меѓународни порамнувања и регионалните централни банки и супервизорските органи. За таа цел, двете канцеларии поттикнуваат размена на информации и податоци, олеснуваат организирање на состаноци и семинари и придонесуваат во финансиските и економските истражувања на банката за Азија и за Северна и Јужна Америка. Претставништвата исто така обезбедуваат подршка и во банкарските услуги што ги врши Банката за меѓународни порамнувања во азиско-тихоокеанскиот регион и во Северна и Јужна Америка и обезбедуваат помош преку редовни посети на централните банки.[5]

Активност[уреди | уреди извор]

Место за средба на централните банки[уреди | уреди извор]

Повеќе од 5000 извршни директори и претставници од централните банки и супервизорските агенции учествуваат на состаноците организирани од Банката за меѓународни порамнувања секоја година.

Најважни состаноци кои се одржуваат во рамките на Банката за меѓународни порамнувања се редовните состаноци на гувернерите и високи претставници од членките централни банки, кои се одржуваат на секои два месеци во Базел овие собири претставуваат можност за учесниците да дискутираат за светската економија и финансиските пазари и да разменат мислења за актуелни прашања кои се од интерес или грижа за централните банки. Главниот резултат од овие состаноци е подобро разбирање од страна на учесниците на случувањата,предизвиците и политиките кои влијаат врз различни земји и пазари. Атмосфера на отвореност, искреност и неформалност меѓу учесниците е од клучно значење за успехот на состаноците на Банката за меѓународни порамнувања.

Други состаноци на високи претставници на централните банки се фокусираат на спроведувањето на монетарната политика, надзор на меѓународните финансиски пазари и прашања поврзани со управувањето со централните банки. Покрај тоа, Банката за меѓународни порамнувања организира чести средби на експерти за прашања поврзани со монетарната и финансиската стабилност како и за повеќе технички прашања како што се правни работи, управување, ИТ системи, внатрешна ревизија и техничка соработка. Иако состаноците на Банката за меѓународни порамнувања се главно насочени на централните банки, сепак тие понекогаш вклучуваат и високи функционери и експерти од други финансиски пазари, членови на академската заедница и учесници на пазарот.

Истражување и статистика[уреди | уреди извор]

Економските, монетарните, финансиските и правните истражувања на Банката за меѓународни порамнувања служат како поддршка на нејзините состаноци и во активностите на Базелскиот комитет. Банката за меѓународни порамнувања е исто така центар за размена на статистички информации меѓу централните банки, како и за објавување на статистички податоци за глобалното банкарство, хартиите од вредност, девизите и пазарите за деривати.

Истражувањата се вршат првенствено од страна на персоналот на Банката за меѓународни порамнувања, дополнети со надворешни истражувачи од централните банки и од академската заедница. Од време на време, Банката за меѓународни порамнувања организира посебни состаноци и конференции со истражувачи од централните банки и академици. Овие истражувања наоѓаат свој пат во редовните изданија на банката како што се годишниот извештај и кварталниот преглед како и надворешни публикации, како што се професионалните списанија.

Семинари и работилници[уреди | уреди извор]

Преку семинари и работилници организирани од страна на Институтот за Финансиска Стабилност, како дел од Банката за меѓународни порамнувања, таа промовира десеминација на работата превземена од страна на супервизорските заедници. Институтот за Финансиска стабилност не само што ги запознава супервизорите на финансискиот сектор низ целиот свет со препораките на Базелскиот комитет за банкарска супервизија, туку исто така обезбедува и практична обука за високо претставници.

Соработката со регионалните групи на централни банки исто така помага да се направат информациите за активностите на Банката за меѓународни порамнувања пошироко познати. Оваа соработка доаѓа во форма на учество на состаноци на регионалните групации на централни банки и организирање на ад хок заеднички состаноци или работилници.

Банкарски услуги за централните банки[уреди | уреди извор]

Банката за меѓународни порамнувања нуди широк спектар на финансиски услуги за да им помогне на централните банки и другите официјални монетарни институции во управувањето со нивните девизни резерви. Околу 140 клиенти, вклучувајќи разни меѓународни финансиски институции, ги користат овие услуги. Финансиските услуги кои ги нуди Банката за меѓународни порамнувања се обезбедуваат од две поврзани соби за тргување: едната во седиштето во Базел и едната во претставништвото во Хонг Конг.[6]

Банката континуирано ја прилагодува својата палета на производи, со цел поефикасно да одговори на се поголемите потреби на централните банки. Освен стандардните услуги како што се депозити по видување и депозити со фиксни каматни стапки, банката развила и голем број на пософистицирани финансиски производи со кои централните банки можат активно да тргуваат со Банката за меѓународни порамнувања за да го зголемат повратот на нивните девизни средства. Банката исто така извршува работи и во име на своите клиенти поврзани со девизи и злато.

Банката за меѓународни порамнувања освен краткорочните кредити што им ги одобрува на централните банки на колатерализирана основа, од време на време исто така и координира итни краткорочни заеми за земјите во финансиска криза. Во овие околности Банката за меѓународни порамнувања дава средства како аванс во име и со подршка и гаранција од група на централни банки.

Статутот на банката не дозволува банката да отвора тековни сметки во име на влади или да издава аванси во нивно име. Банката за меѓународни порамнувања не прифаќа депозити или обезбедува финансиски услуги на приватни лица или корпорации.[7]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. BIS
  2. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, p. 65.
  3. BIS - Историја
  4. BIS - Организација и управување
  5. BIS Регионални канцеларии
  6. BIS - Регионални канцеларии
  7. BIS