Финансиска стабилност

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Финансиската стабилност е состојба во која финансискиот систем може непречено и ефикасно да ги извршува своите функции.

Поим за финансиска стабилност и финансиска нестабилност[уреди | уреди извор]

Финансиската нестабилност може да се дефинира како множество на околности кои се доволни да резултираат со појава на финансиски потрес/криза споредбено со нормалните шокови.[1] Овие шокови можат да потекнуваат или од реалната економија или пак од самиот финансиски систем. Финансиската стабилност во тој случај е дефинирана како недостиг на финансиска нестабилност Според едно истражување, направено од Леван и Валенсија во 2012 година, почнувајќи од 1970 година, просечните банкарски кризи предизвикувале трошоци во висина од 12,4 % од БДП на даночните обврзници, изразени преку фискалните трансфери кон финансискиот сектор.[2]

Мерење на финансиската стабилност[уреди | уреди извор]

Индикатори за стабилноста на финансискиот систем на Меѓународниот Монетарен Фонд[уреди | уреди извор]

Во 1999 година, ММФ започнал да подготвува единствен систем од индикатори за финансиска стабилност (FSI – Financial Stability Indicators). Индикаторите се поделени во две групи:[3]

  • Индикатори кои се однесуваат на банкарскиот сектор и индикатори за пазарот на недвижнини (основен систем),
  • Индикатори кои се поврзани со банкарскиот сектор и индикатори кои се однесуваат на небанкарските финансиски институции, домаќинствата, финансиските пазари и пазарот на недвижнини (дополнителен систем).

Индикаторите за финансиска стабилност во банкарскиот сектор се класифицирани според шест области на потенцијална ранливост:

Притоа, секоја од овие шест групи има различна улога во оцена на финансиската стабилност: индикаторите за адекватноста на капиталот служат за мерење на капацитетот на банкарскиот сектор да ги апсорбира потенцијалните загуби; индикаторите за квалитет на средствата го следат квалитетот на кредитите и концентрацијата на банкарското портфолио; индикаторот за способноста на менаџментот ја нагласува важноста на раководењето за здравјето и стабилноста на банките; различните податоци за маржите, приходите и трошоците можат да се користа за мерење на профитабилноста; мерките за ликвидност се однесуваат на способност на банките да се справат со паричните текови; чувствителноста на пазарен ризик се однесуваат на промените на цените на пазарот, каматните стапки, валутните курсеви, недвижнините, итн.

Индикаторите за финансиска стабилност во нефинансискиот сектор главно се насочени кон левериџот (задолженоста), ликвидноста и способноста за сервисирање на долговите. Четири најчесто користени индикатори за сосотјбата на секторот на претпријатијата се:

  • Коефициент на долгот во однос на капиталот – го мери левериџот или степенот до кој активностите се финансирани од сопствени средства.
  • Поврат на капиталот – ја утврдува профитабилноста и ефикасноста во користење на капиталот.
  • Коефициент на готовината (тековна ликвидност) – однос помеѓу краткорочните средства и краткорочните обврски.
  • Сервисирање на долговите – капацитет за плаќање на достасаните обврски.

Во секторот на домаќинствата вообичаено се користат два индикатори:

  • Коефициент на долгот на домаќинствата во однос на БДП – го мери целокупното ниво на долгот (потрошувачки и хипотекарни кредити) како дел од БДП,
  • Коефициент на долгот во однос на приходите – го мери капацитетот за покривање на отплатите на долговите (камата и главнина).

Индикаторите за осигурителниот сектор се аналогни на оние од банкарскиот сектор. Понатму, може да се изврши поделба на индикаторте во осигурителниот сектор посебно за животно и за неживотно осигурување. Овие индикатори се:

  • Адекватност на капиталот
  • Квалитет на средствата
  • Реосигурување
  • Адекватност на барањата за оштета
  • Способност на менаџментот
  • Добивка и профитабилност
  • Ликвидност
  • Сензитивност на пазарен ризик

Макропруденцијални индикатори на Европската централна банка[уреди | уреди извор]

Индикаторите на ЕЦБ се дел од методолошко-статистичката рамка за макропрудентна анализа на банкарскиот сектор во ЕУ. Рамката прифатена од ЕЦБ има три блокови:[4]

  • Прв блок – оцена на тековните финансиски услови врз база на историски податоци.
  • Втор блок – анализа на актуелните или потенцијалните извори на ризик на кои се изложени банките и идентификација на големината на овие изложености. Во оваа анализа се земаат предвид историските и идните можни сценарија за изложеноста на банките на ризици.
  • Трет блок – отпорност на банките наспроти различните ризици и нивната ранливост.

И рамката на ЕЦБ се користат неколку групи на индикатори:[5]

  • Индикатори на профитабилноста: Во ова множество на индикатори се наоѓаат мерките за финансиската состојба на банките. Овие индикатори се аплицираат на ниво на ЕУ/Еврозона и на национално ниво врз база на пондерирани просеци за да се увидат разликите во големината на банките. Исто така, постојат посебни индикатори за мали, средни, големи банки. Клучни индикатори се: поврат на капиталот и поврат на средствата.
  • Индикатори на солвентноста: способноста на една компанија на долг рок да ги исполнува своите обврски кон добавувачите, клиентите, државата и другите доверители.
  • Квалитет на средствата и ликвидносни индикатори: Податоците за сомнителни и нефункционални средства се историски поглед на квалитетот на кредитот. Банкарскиот сектор се подготвува за можни загуби од нефункционални и сомнителни кредити со помош на резервации. Индикаторите за ликвидност ја покажуваат способноста на банките да ги задоволат неочекуваните одливи на парични средства.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Borio C., Drehman M. (2009), “Financial instability and macroeconomics: bridging the gulf”, Research paper, September 2009 p. 3.
  2. Leaven L., Valencia F. (2012), “Systemic banking crisis database: an update”, IMF Working Paper WP/12/163, p. 18.
  3. IMF (2013), „Modifications of the current list of financial soundness indicators“ (пристапено на 20.1.2018)
  4. Agresi A.M., Baudino P., Polini Paulo (2008), “The ECB and IMF indicators for the macro-prudential analysis of the banking sector: a comparison of the two approaches” – ECB Occasional Paper, p. 29.
  5. Agresi A.M., Baudino P., Polini Paulo (2008), “The ECB and IMF indicators for the macro-prudential analysis of the banking sector: a comparison of the two approaches” – ECB Occasional Paper, p. 29.