Ценовна стабилност

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Ценовната стабилност (англиски: price stability) претставува основна цел на монетарната политика на среден и долг рок, која има предност во однос на другите цели. Во поново време, стабилноста на цените се јавува како единствена или главна цел на монетарната политика, утврдена со законите за централните банки во речиси сите земји. Исто така, во монетарната теорија, стабилноста на цените се јавува како еден од двата елементи во целната функција на централната банка (заедно со стабилизацијата на производството).

Дефиниција на стабилноста на цените[уреди | уреди извор]

Поранешниот претседател на централната банка на САД, Пол Волкер ја дефинирал ценовната стабилност како состојба кога реалните и номиналните вредности се суштествено исти, набљудувано во соодветно долг хоризонт. Според неговиот наследник Алан Гринспен, ценовната стабилност значи дека очекуваните просечни промени во нивото на цените се доволно мали и доволно постепени, така што не влегуваат во финансиските одлуки на фирмите и луѓето.[1] [2] Слично на тоа, според поранешниот гувернер на Банката на Англија, Робин Леи-Пембертон стабилноста на цените значи дека стапката на инфлација антиципирана од економските агенти е неважна за штедењето, инвестициите и другите економски одлуки.[3] Најпосле, оперативната дефиниција на ценовната стабилност означува амбиент во кој стапката на инфлација, правилно мерена и земена како просек во период од неколку години, изнесува нула.[4]

Општествените ставови во однос на стабилноста на цените[уреди | уреди извор]

Во последниве неколку децении се забележува општа согласност кај јавноста, економската професија и политичарите дека долгорочната стабилност на цените треба да биде главна цел на монетарната политика. Така, едно истражување, спроведено во САД во 1996 година, покажало дека дури 84% од јавноста смета дека спречувањето на високата инфлација е исто толку важно колку и борбата против дрогата или пропаѓањето на училиштата.[5] Понатаму, инфлацијата претставува централно прашање на кое се губат или се добиваат изборите, т.е. политичката поддршка од избирачите многу повеќе е поврзана со ценовната стабилност отколку со пазарните реформи.[6]

Најпосле, во економската професија постои општа согласност за придобивките од стабилноста на цените и во таа смисла, обезбедувањето ценовна стабилност се нарекува „прв голем принцип на монетарната политика“.[7] Сепак, некои економисти сметаат дека централните банки не треба да бидат опседнати со контролата на инфлацијата, туку цел на монетарната политика треба да биде и неутрализацијата на флуктуациите на производството и грижата за стабилноста на финансискиот сектор.[8] Слично на тоа, Мејер смета дека, дури и на долг рок, ценовната стабилност не треба да биде единствената цел на монетарната политика, туку тој се залага за „двоен мандат“ на централната банка, која треба да се грижи за две цели - стабилност на цените и полна вработеност.[9]

Стабилноста на цените како основна цел на централните банки[уреди | уреди извор]

Во поново време постои општ тренд на отворено поставување на долгорочната стабилност на цените како основна, главна цел на централните банки. Така, во многу земји (класичен пример е Бундесбанката, а во поново време - централната банка на Нов Зеланд), со закон е утврдено дека стабилноста на цените е единствена или основна, доминантна цел на централната банка. Исто така, во членот 105(1) од Спогодбата од Мастрихт се вели дека основна цел на Европскиот систем на централните банки е одржувањето на стабилноста на цените. Оваа поставка е преземена и вградена во законите за централните банки во повеќето европски земји, вклучувајќи ја и Македонија.

Притоа, во практичното водење на монетарната политика, стабилноста на цените не се сфаќа како нулта стапка на инфлација, туку оперативната дефиниција на ценовната стабилност се сведува на стапка на инфлација од околу 2% годишно. Така, стабилноста на цените во Канада се дефинира како годишна инфлација пониска од 2%, а оперативната дефиниција на стабилноста на цените во Британија е годишна инфлација од 2.5% или помалку. Европскиот систем на централни банки ја квантифицира ценовната стабилност како инфлација од 0% до 2% годишно. Исто така, истражувањата покажуваат дека, од 1979 година наваму, целта на Федералниот систем на резерви е одржување годишна инфлација од 2%.[10]

Притоа, сегашната преокупираност на централните банки со стабилноста на цените може да се објасни со две основни причини: прво, пробивите во економската наука и, второ, скорешните историски настани. Од една страна, доказите за отсуството на долгорочната размена меѓу инфлацијата и производството, трошоците на инфлација и ограничувањата на стабилизационата политика се важна причина за преминот кон поголема грижа за стабилноста на цените.[11] Од друга страна, поуките од минатото за последиците од инфлаторните политики, посебно искуството од 1970-тите, се јавуваат како дополнителна цврста причина за ориентацијата кон стабилност на цените.[12]

Аргументи за стабилноста на цените[уреди | уреди извор]

Економската теорија дава бројни аргументи за придобивките од стабилноста на цените. Така, уште Ирвинг Фишер сметал дека централната банка треба да обезбеди стабилна вредност на парите, затоа што луѓето страдаат од парична илузија (money illusion), т.е. тие не ја разликуваат номиналната од реалната вредност на парите. Во таа смисла, како што владата ги стандардизира мерките (за тежина, должина итн.) за да спречи лажење и крадење, така таа треба да обезбеди и стабилна мерка на вредноста на стоките.[13] Исто така, според Милтон Фридман, монетарната политика треба да обезбеди стабилна заднина за функционирањето на економијата, т.е. да ја подмачкува економската машина, која може најдобро да работи ако постои сигурност за идното движење на цените.[14]

Стандардните аргументи во прилог на стабилноста на цените се поврзуваат со трошоците кои ги предизвикува инфлацијата. Оттука, стабилноста на цените овозможува: ефикасно функционирање на ценовниот механизам; рационално деловно однесување и правилна алокација на ресурсите, преку намалувањето на неизвесноста во деловното одлучување; отстранување на непотребната премија за инфлациониот ризик, содржана во номиналните каматни стапки; обезбедување поволен амбиент за стопанскиот растеж итн. Како дополнителен аргумент во корист на потребата од обезбедување стабилност на цените се јавува и својството на инфлацијата да се храни сама од себе, т.е. високата инфлација, преку разни механизми, создава уште поголема инфлација.[15] Исто така, на долг рок, инфлацијата ги зголемува дисторзиите во одредени сектори, кои посебно се осетливи на инфлацијата. Најпосле, според т.н. Шварцова хипотеза (Schwartz hypothesis), ценовната стабилност води кон помала финансиска нестабилност преку намалување на информациските проблеми поврзани со оценката на инвестиционите проекти.[16]

Аргументи против стабилноста на цените[уреди | уреди извор]

И покрај тоа што придобивките од стабилноста на цените се неспорни, економистите даваат и одредени аргументи, според кои носителите на монетарната политика треба да одржуваат одредена позитивна стапка на инфлација. Од технички аспект, аргументите за одредена позитивна стапка на инфлација се засноваат врз проблемите поврзани со мерењето на инфлацијата. Имено, постои мислење дека во праксата, индексите на цените содржат одредена грешка при мерењето на инфлацијата. Затоа, некоја позитивна стапка на инфлација, всушност, претставува нулта инфлација. На пример, истражувањата во Канада покажуваат дека грешката при мерењето на инфлацијата изнесува 0.5 процентни поени,[17] додека грешката во мерењето на инфлацијата во Британија се движи од 0.35 до 0.8 процентни поени.[18] Слично, во САД, во периодот 1982-1996, грешката во мерењето на инфлацијата изнесувала 0.46 процентни поени.[19]

Меѓутоа, ваквите технички проблеми можат да објаснат само мал дел од склоноста на централните банки да одржуваат одредена ниска стапка на инфлација. Во продолжение, економската теорија нуди бројни аргументи за полезноста од одредена позитивна стапка на инфлација. На пример, таков е аргументот наречен стабилност преку инфлација (stability-through-inflation): економијата е поспособна да ги неутрализира шоковите како, на пример, промените на реалните стапки на принос на ризичните инвестиции, ако инфлацијата е позитивна, бидејќи при повисока инфлација и повисоки каматни стапки, економијата е помалку ранлива на шоковите. Мишкин смета дека премногу ниската инфлација може да има негативни ефекти врз реалната активност, т.е. историското искуство потврдува дека дефлацијата често била придружена со длабока рецесија или депресија (САД во 1930-тите, Јапонија во 1990-тите).[20]

Сепак, основни аргументи против потполна ценовна стабилност се следниве:

  • ригидност на цените и номиналните плати при нивното движење надолу (downward price and wage rigidity);
  • т.н. Самерсов ефект (Summers effect), кој укажува на неможноста монетарната политика да предизвика негативни каматни стапки заради нултата каматна стапка, која делува како долна граница на номиналните каматни стапки;
  • негативниот ефект врз реалниот трошок за отплата на јавниот долг.

Ригидноста на платите и цените во движењето надолу се наведува како основен аргумент за потребата од одредена позитивна стапка на инфлација. Имено, раширено е сфаќањето дека во современите економии, цените и платите лесно се зголемуваат, но многу тешко се намалуваат.[21] Ваквото сфаќање е поткрепено и со одредени емпириски докази, кои покажуваат дека при ниски стапки на инфлација, распределбата на промените на цените не е нормална туку е искривена (skewed).[22] Ригидноста на цените ги попречува промените на релативните цени што се јавуваат како последица на продуктивноста на трудот, промените на склоностите на потрошувачите и други фактори. Оттука, се вели дека одржувањето на одредена позитивна стапка на инфлација го олеснува приспособувањето на релативните цени.

Во продолжение, ригидноста на номиналните плати го спречува приспособувањето на релативните плати, така што одредена позитивна стапка на инфлација е потребна за да го "подмачка" пазарот на труд - т.н. ефект на маслото (grease effect). Овој аргумент потекнува од Џемс Тобин, кој уште во 1970-тите тврдел дека малку инфлација е добра за економијата, бидејќи го помага приспособувањето на фирмите на промените на пазарот на труд. Имено, ако има одредена инфлација, фирмите можат да ги зголемат платите на едни работници за повеќе од инфлацијата, а на други за помалку од инфлацијата. На тој начин, тие можат да одговорат на промените на побарувачката на труд, а во исто време, вкупниот пораст на платите да биде еднаков со инфлацијата, т.е. реалните трошоци на фирмата да останат исти.[23]

Вториот аргумент во прилог на одредена позитивна стапка на инфлација се поврзува со можноста за водење контрациклична политика. Имено, при одредена позитивна инфлација, доколку економијата се најде во рецесија, централната банка ќе ги намали номиналните каматни стапки, а со тоа и реалните каматни стапки и на тој начин, монетарната политика ќе ја стимулира реалната економија. Но, при нулта инфлација, монетарната политика не може да делува контрациклично, бидејќи намалувањето на реалните каматни стапки би барало одржување негативни номинални каматни стапки, а тоа пак не е возможно. Според тоа, одржувањето ниска позитивна инфлација може да обезбеди поголема флексибилност на макроекономската политика во смисла на олеснување на контрацикличната политика.

Најпосле, имајќи го предвид релативно големиот јавен долг на современите држави, преминот кон нулта стапка на инфлација во голема мерка ќе ги зголеми реалните каматни стапки на јавниот долг, со што значително ќе бидат оптоварени државните буџети.

Противаргументи во прилог на стабилноста на цените[уреди | уреди извор]

Иако аргументите против стабилноста на цените делуваат убедливо, сепак нивното значење не би требало да се преценува, така што некои економисти сметаат дека централните банки треба да тежнеат кон остварување потполна стабилност на цените. Така, според едно истражување извршено врз основа на микроекономски податоци, номиналните плати не се толку ригидни колку што вообичаено се мисли, т.е. кај значителен дел од работниците има намалување на номиналните плати. Понатаму, појавата на искривена распределба на промените на платите не подразбира нивна ригидност, т.е. не е точно дека инфлацијата ја намалува ригидноста на платите. Најпосле, номиналните плати се движат сразмерно на промените на инфлацијата, т.е. работниците не страдаат од парична илузија и, оттука, нема место за инфлацијата како средство за "подмачкување" на пазарот на труд.[24] До слични заклучоци доаѓаат и неколку други истражувања, кои покажуваат ефектот на инфлацијата како масло за подмачкување е мал и брзо се губи, т.е. не постои емпириска потврда дека инфлацијата го подобрува функционирањето на пазарот на труд.[25] [26]

Критиката на аргументите против ценовната стабилност се движи во следните насоки:[27]

  • прво, не е точно дека нултата инфлација ќе го спречи приспособувањето на реалните плати. Имено, во таков променет монетарен режим, најверојатно ќе се промени и однесувањето на платите, т.е. тие нема да бидат ригидни (под притисок на конкурентските сили);
  • второ, приспособувањето на реалните плати не се врши само преку инфлацијата и номиналното намалување на платите, туку има и други механизми. На пример, при нулта инфлација, платите ќе растат со различно темпо според различната продуктивност на трудот, па пак ќе има промени во релативните плати. Исто така, постои и приспособување на релативните плати низ механизмот на внатрешните пазари на труд. Најпосле, инфлацијата само ги зголемува микроекономските шокови кои ги погаѓаат фирмите, па со тоа го отежнува менувањето на релативните плати.

Што се однесува на вториот аргумент - дека нултата инфлација ја отежнува контрацикличната политика во рецесија, се наведуваат следниве противаргументи:

  1. оваа критика се темели врз верувањето дека монетарната политика е способна за т.н. фино дотерување (fine-tuning), кое денес е напуштено;
  2. монетарната политика се занимава со внесување ликвидност во економијата, а не со контрола на каматниТЕ стапки, т.е. при нулта инфлација, дури ако номиналните каматни стапки се нула, ништо не ја спречува централната банка да уфрлува ликвидност;
  3. важни се реалните, а не номиналните каматни стапки;
  4. при нулта инфлација, економијата ќе биде постабилна, па помалку ќе има потреба од контрациклична политика;
  5. иако ќе биде стеснат просторот за намалување на каматните стапки, треба да се има предвид дека ефектите на каматните стапки врз побарувачката се нелинеарни, т.е. при ниски каматни стапки, доволна е мала промена на каматните стапки за да се стимулира економијата.

Извори[уреди | уреди извор]

  1. William T. Gavin and Alan C. Stockman. "A Price Objective for Monetary Policy." Economic Commentary. Federal Reserve Bank of Cleveland, April 1, 1992.
  2. Laurence H. Meyer. "Inflation Targets and Inflation Targeting." Federal Reserve Bank of St. Louis Review, 83(6), November/December 2001.
  3. Frederic S. Mishkin and Adam S. Posen. "Inflation Targeting: Lessons From Four Countries." NBER Working Paper 6126, August 1997.
  4. William Poole and Robert H. Rasche “The Impact of Change in FOMC Disclosure Practices on the Transparency of Monetary Policy: Are Markets and the FOMC Better “Synched”?” Federal Reserve Bank of St. Louis Review, 85(1), January/February 2003, стр. 2.
  5. William Poole. "Monetary Policy Rules?" Federal Reserve Bank of St. Louis Review, 81(2), March/April 1999, стр. 6.
  6. Marina Arbetman and Jacek Kugler. "The Politics of Inflation: An Empirical Assessment of the Emerging Market Economies." во: Thomas D. Willett et al., eds. Establishing Monetary Stability in Emerging Market Economies. Westview Press, 1995, стр. 83.
  7. William Poole. "A Policymaker Confronts Uncertainty." Federal Reserve Bank of St. Louis Review, 80(5). September/October 1998, стр. 7.
  8. Frederic S. Mishkin. "What Should Central Banks Do?" Federal Reserve Bank of St. Louis Review, 82(6), November/December 2000, стр. 3.
  9. Laurence H. Meyer. "Inflation Targets and Inflation Targeting." Federal Reserve Bank of St. Louis Review, 83(6), November/December 2001.
  10. Richard Clarida, Jordi Galí and Mark Gertler. "Monetary Policy Rules in Practice: Some International Evidence." NBER Working Paper 6254, November 1997.
  11. Christina D. Romer and David H. Romer. "Institutions for Monetary Stability." NBER Working Paper 5557, May 1996, стр. 24
  12. Thomas C. Melzer. "To Conclude: Keep Inflation Low and, in Principle, Eliminate It." Federal Reserve Bank of St. Louis Review, 79(6), November/December 1997, стр. 3.
  13. John Duffy. "Monetary Theory in the Laboratory." Federal Reserve Bank of St. Louis Review, (80)5, September/October, 1998, стр. 23.
  14. Milton Friedman. "The Role of Monetary Policy." во: Kurt R. Leube, ed. The Essence of Friedman. Hoover Institution Press, Stanford, California, 1991, стр. 398.
  15. Paul Backerman. "Inflation and Inflation Feedback." во: Nathan Schmukler and Edward Marcus, eds. Inflation Through Ages: Economic, Social, Psychological and Hisporical Aspects. Atlantic Research and Publications, 1983, стр. 23-24.
  16. Michael D. Bordo and David C. Wheelock. "Price Stability and Financial Stability: The Historical Record." Federal Reserve Bank of St. Louis Review, 80(5), September/October 1998.
  17. Mishkin and Posen, исто, стр. 52.
  18. Alastair Cunningham. "Measurement Bias in Price Indices: An Application to the UK's RPI." Working Paper No. 47, Bank of England, 1996.
  19. Stephen G. Cecchetti. "Measuring Short-Run Inflation for Central Bankers." NBER Working Paper 5786, October 1996.
  20. Frederic S. Mishkin. "International Experiences with Different Monetary Policy Regimes." NBER Working Paper 7044, March 1999, стр. 19-20.
  21. Truman Bewley. "Work Motivation." Federal Reserve Bank of St. Louis Review, 81(3), May/June 1999.
  22. Michael F. Bryan and Stephen G. Cecchetti. "Inflation and the Distribution of Price Changes." NBER Working Paper 5793, October 1996.
  23. The Economist. "Grease or Sand?", 26 јули 1997, стр. 70.
  24. Kenneth J. McLaughlin. "Are Nominal Wage Changes Skewed Away From Wage Cuts?" Federal Reserve Bank of St. Louis Review, 81(3), May/June 1999.
  25. David Card and Dean Hyslop. “Does Inflation “Grease the Wheels of the Labor Market”?” NBER Working Paper 5538, April 1996.
  26. Erica L. Groshen and Mark E. Schweitzer. “Identifying Inflation’s Grease and Sand Effects in the Labor Market.” NBER Working Paper 6061, June 1997.
  27. William Poole. "Is Inflation Too Low?" Federal Reserve Bank of St. Louis Review, 81(4), July/August 1999, стр. 4-9.