Базел II

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Базел 2)

Базел II (англиски: Basel II) или Нова базелска спогодба, е наследник на првата Базелска спогодба за капиталот. Taa e комплексна методологија за утврдување на адекватноста на капиталот, којашто во голема мера одговара и произлегува од тековните состојби на меѓународните финансиски пазари. Имено, појавата и развојот на новите банкарски производи и инструменти и новите методи за управување со банкарските ризици наметнале потреба за сериозни промени во Капиталната спогодба од 1988 година, со која се воспоставуваат основните принципи за утврдување на потребниот износ на капитал за покривање на ризиците на кои е изложена една банка во своето работење. Како резултат на ваквите движења и промени, Базелскиот комитет за банкарска супервизија во 1999 година го започнал процесот на ревизија на Капиталната спогодба, заради развивање на нова рамка за утврдување на капиталната база.[1] Новите правила биле ревидирани во јануари 2001 и во април 2003 година, а исто така, биле направени неколку квантитативни студии за ефектите кои предложените правила би ги имале врз банките.[2] Во јуни 2004 година, Базелскиот комитет го усвоил конечниот текст и го објавил документот „Базел II: Меѓународнa конвергенција за мерење на капиталот и капитални стандарди: ревидирана рамка“ (International Convergence of Capital Measurement and Capital Standards: А Revised Framework),[3] а во јуни 2006 година, Комитетот го објавил документот „Базел II: Меѓународнa конвергенција за мерење на капиталот и капитални стандарди: ревидирана рамка-сеопфатна верзија“ (International Convergence of Capital Measurement and Capital Standards: А Revised Framework - Comprehensive Version)[4] чија службена примена почнала во 2007 година.

Цели на Базел II[уреди | уреди извор]

Новата капитална спогодба, Базел II, пред себе ги поставила следните цели:

И покрај настојувањата да се следат овие цели, сепак постојат одредени отстапувања во поглед на потребната големината на капиталот.

Структура на Базел II[уреди | уреди извор]

Структурата на Базел II ја сочинуваат три столба, дефинирани како: минимум потребен капитал, супервизија и пазарна дисциплина.[5][6]

Прв столб: Минимален потребен капитал[уреди | уреди извор]

Во првиот столб се дефинираат основните компонетите коишто се користат за утврдување на адекватноста на капиталот: гарантниот капитал и активата пондерирана според ризикот. Новата капитална рамка предвидува промени во начинот на утврдување на ризично-пондерираната актива, додека начинот на утврдување на гарантниот капитал останува ист како и во постојната капитална рамка. Промените во утврдувањето на ризично-пондерираната актива се однесуваат на промени во третманот на кредитниот ризик и на вклучувањето на оперативниот ризик.

Кредитен ризик[уреди | уреди извор]

За пресметка на капиталот потребен за покривање на кредитниот ризик, Базел II предлага три пристапи:[7][8]

  • Стандардизиран пристап (Standardized Approach)
  • Основен пристап заснован врз внатрешен рејтинг (Foundation Internal Ratings-based Approach) и
  • Напреден пристап заснован врз внатрешен рејтинг (Advanced Internal Ratings-based Approach)

Стандардизираниот пристап претставува варијанта на пристапот од Базел I, меѓутоа предвидува поширока лепеза на пондери за кредитниот ризик, во зависност од видот на кредитната изложеност (држави, банки, фирми, итн.), а притоа пондерите зависат од кредитниот рејтинг на должниците.[7]

Табела 1: Пондери за ризик на кредитната изложеност кон држави, банки и претпријатија[9][10]

Кредитен рејтинг од ААА до АА- од А+ до А- од ВВВ+ до ВВВ- од ВВ+ до BВ- од B+ до В- под В- Нерангирани
Пондер за ризик за држави 0% 20% 50% 100% 100% 150% 100%
Пондер за ризик за банки 2% 50% 50% 100% 100% 150% 50%
Пондер за ризик за претпријатија 2% 50% 100% 100% 150% 150% 100%

При примената на пристапот на внатрешно рангирање, банката најпрвин треба да ги класифицира сите кредитни изложености во следниве групи: држави, банки, фирми, банкарство на мало, проектно финансирање и капитални вложувања. Двата пристапа засновани врз внатрешниот рејтинг им дозволува на банките самите да го пресметаат кредитниот ризик со употреба на нивните внатрешни модели. Притоа, овие два пристапа вклучуваат пресметка на неколку елементи: веројатноста за неплаќање (Probability of default, PD), загубата во случај на неплаќање (Loss given default, LGD), изложеноста во случај на неплаќање (Exposure at default, EAD) и делотворната рочност (Maturity). Притоа, во основниот пристап, банките сами ја пресметуваат само веројатноста за неплаќање врз основа на податоците за најмалку пет година, додека другите елементи се зададени од страна на супервизорот. Во напредниот пристап, банките ги пресметуваат сите елементи врз основа на податоците за најмалку седум години. Исто така, во напредниот пристап, банката сама ја одредува делотворната рочност на кредитната изложеност, додека во основниот пристап се применува единствен урнек за сите изложености. За да ги применат двата напредни пристапа, банките мора да исполнат определени услови, зададени од страна на супервизорот.[7][11]

Оперативен ризик[уреди | уреди извор]

Вклучувањето на оперативниот ризик во основата за пресметка на капиталната база, претставува една од најзначајните новини на Базел II. Оперативниот ризик е многу значаен ризик на којшто се изложени банките, поради што тие треба да имаат соодветна заштита од евентуалните загуби коишто би можеле да настанат како резултат на овој ризик. Оттука, предвидена е примена на три различни методологии за вклучување на оперативниот ризик во утврдувањето на капиталната база:[12]

  1. базичен индикатор;
  2. стандарден пристап; и
  3. напреден пристап за мерење.

Според првиот пристап, потребниот капитал за покривање на оперативниот ризик се пресметува така што просечниот годишен бруто-доход на банката во претходните три години се множи со 0,15. Вториот пристап е сличен на првиот, меѓутоа наместо единствениот пондер од 15% се предвидени различни пондери за одделните деловни линии на банката. Според третиот пристап, банката применува сопствен модел за пресметка на загубата од оперативен ризик при ниво на доверба од 99,9%.[12]

Регулаторен капитал[уреди | уреди извор]

Во однос на пресметката на регулаторниот капитал, Базел II прави разлика меѓу три нивоа на капитал:[13]

  • Капитал од нивото 1 (Tier 1 Capital): Тој го претставува најважниот и најквалитетниот дел од капиталот, а негов основен дел е акционерскиот капитал, а под одредени услови, кон него се додаваат и некои хибридни форми на капитал.
  • Капитал од нивото 2 (Tier 2 Capital): Тој се состои од општите резерви на банката заедно со субординираниот долг. Притоа, овој капитал не може да биде поголем од капиталот од нивото 1.
  • Капитал од нивото 3 (Tier 3 Capital): Овој капитал содржи разни облици на субординиран долг (кои не се вклучени во капиталот од нивото 2), кон кои може да се вклучи и добивката од трговските активности. Меѓутоа, капиталот од ова ниво може да се користи само за покривање на пазарниот ризик.

Во продолжение, при пресметката на регулаторниот капитал, некои ставки се одбиваат од горните три нивоа на капитал. На пример, такви ставки се: гудвилот, вложувањата на банката во подружници (под одредени услови), вложувањата во капиталот на други банки итн.[14]

Втор столб: Надзор над адекватноста на капиталот[уреди | уреди извор]

Вториот столб се однесува на процесот на супервизија на адекватноста на капиталот, како и на моделите и методите кои банките ги користат за управување со ризиците. Институциите за супервизија треба да утврдат дали банките формираат адекватен капитал во согласност со прописите. Овие институции ги контролираат и интерните методи кои банките сами ги создале и усвоиле. Тие обично очекуваат од банките да ја одржуваат адекватноста на капиталот на ниво повисоко од пропишаното, минималното, односно на ниво кое одговара на ризиците на кои е изложена конкретната банка. Така, супервизорите треба да ги поттикнат банките самостојно да ги мерат и контролираат ризиците, преку изградба на внатрешни системи, процедури и стратегии.

Исто така, вториот столб разработува некои прашања што не се опфатени со првиот столб, како:

  • Каматниот ризик на банкарската сметка. Базелскиот комитет го смета каматниот ризик за исклучително важен при што националните супервизори имаат право да им наметнат обврска на банките да го намалат нивото на изложеност или да издвојат соодветен капитал за покривање на овој ризик.
  • Стрес-тестирање. Банките што ги применуваат пристапите за пресметка на кредитниот ризик засновани врз внатрешните модели треба да спроведуваат стрес-тестирање и да обезбедат дополнителен капитал ако овие тестови ја покажат потребата за тоа.
  • Дефиниција за неплаќање на обврските (Deafult). Базелскиот комитет го дефинира неплаќањето на обврските како настан што ги исполнува еден од следниве два услова: прво, банката утврдила дека должникот не ќе може целосно да ги исплати своите обврски кон неа, без таа преземе мерки за присилна наплата на своето побарување (на пример, преку активирање на обезбедувањето) или второ, должникот доцни во исплатата на која и да било обврска повеќе од 90 дена. Притоа, банките мора да ја користат оваа дефиниција за неплаќање во нивните внатрешни пресметки на веројатноста за неплаќање, загубата при неплаќање и изложеноста при неплаќање.
  • Резидуален ризик (Residual risk). Првиот столб на Базел II им дава можност на банките да го намалат кредитниот ризик со примена на соодветни инструменти (обезбедување, кредитни деривати, итн.), но и покрај тоа, може да постои резидуален ризик, т.е. поголема изложеност на ризик од првобитно пресметаната. Оттука, супервизорите мора да проверат дали кредитните политики на банките овозможуваат тие целосно да го покријат кредитниот ризик или пак останува некаков резидуален ризик.
  • Ризик од концентрација (Concentration risk). Бидејќи овој ризик не е покриен со првиот столб, супервизорите треба да проверат дали постои преголема концентрација на кредитниот ризик кон еден поединечен должник или кон група поврзани должници, кон една географска област, итн.
  • Оперативниот ризик. Во два од методите за мерење на оперативниот ризик се користи бруто-приходот како груба мерка на изложеноста на банката. Оттука, супервизорите треба да проверат дали постојат специфични активности на банките кои носат дополнителен оперативен ризик.
  • Секјуритизацијата. Супервизорите треба да проверат дали секјуритизацијата што ја применуваат банките навистина го отстранила кредитниот ризик или пак и понатаму останал некој резидуален ризик во банката, а во тој случај, банката треба да обезбеди соодветен капитал.

Понатаму, во овој столб се дефинира процената на исполнетоста на условите за примена на напредните методи за мерење на потребниот капитал. Најпосле, вториот столб дефинира четири клучни супервизорски принципи:[15][16][17]

  1. Банките треба да воспостават процес за оцена на нивната вкупна адекватност на капиталот според ризиците со кои се соочуваат, како и стратегија за одржување на потребното ниво на капитал. Во тој поглед, клучно значење имаат следниве прашања: врвниот менаџмент има централна улога во управувањето со ризиците; потребниот капитал треба да биде јасно врзан за нивото на ризикот и да биде вклучен во стратегискиот план; банката треба да врши целосна процена на сите видови ризици; банката треба да воспостави систем на следење и известување за ризиците; и банката треба да воспостави систем на внатрешна контрола и ревизија.
  2. Супервизорот треба да го оцени внатрешниот систем на банката за мерење на потребниот капитал и да преземе соодветни мерки, ако не е задоволен со тој процес. Супервизорскиот процес вклучува: теренска контрола, вонтеренска контрола и средби со менаџментот. Притоа, супервизорите треба да посветат посебно внимание на: пресметката на изложеноста на ризиците и врската меѓу неа и пресметаниот потребен капитал, квалитетот на внатрешната контрола, квалитетот на структурата на капиталот, следењето на пресметката на капиталот од страна на менаџментот, влијанието на надворешните и екстремните ефекти врз капиталот, слабостите во пресметката на потребниот капитал, итн.
  3. Супервизорот треба да бара од банките да имаат капитал над минималното ниво. Во праксата, од банките се очекува да го одржуваат потребниот капитал над минималното ниво определено со Базел II, поради повеќе причини, како: ризиците кои не се соодветно опфатени во првито стол, специфичните околности во кои работи банката, состојбата на националниот пазар, потребата за повисок кредитен рејтинг на банката, итн.
  4. Супервизорот треба да интервенира во раната фаза во случај банката да не поседува доволно капитал за покривање на ризиците. Притоа, супервизорот треба да преземе мерки за итно зголемување на капиталот, како: суспендирање на исплатата на дивиденда, итно прибирање нов капитал, итн. Во тој поглед, супервизорот треба да бара од банката да поднесе план за зголемување на нејзиниот капитал до безбедното ниво.

Трет столб: Пазарна дисциплина[уреди | уреди извор]

Третиот столб ја истакнува големата улога на пазарот во контролата на профилот на ризичност на банките. Тој се однесува на принципите на пазарна дисциплина, кои ги обврзуваат банките да ги објавуваат во јавноста сите релевантни информации за ризиците на банката. Овие информации им даваат можност на останатите учесници на пазарот да имаат увид и оценка за управувањето со ризиците и капиталот на банката. Утврдена е и обврска ваквите информации да се обелоденуваат годишно или полугодишно, а некои банки тоа го прават и квартално, преку објавување на соодветните политики кои ги води банката, целите, управувањето со ризикот и слично. Финансиските извештаи што ги објавуваат банките мора да бидат потпишани од надворешните ревизори и да бидат составени според меѓународно прифатените сметководствени стандарди. Банките што котираат на берзата треба да објавуваат и дополнителни информации во согласност со барањата на самата берза. Во однос на објавувањето информации, третиот столб го насочува вниманието кон структурата на капиталот, изложеноста на ризиците и адекватноста на капиталот на банката. Притоа, третиот стол бара овие информации да бидат „материјални“, т.е. оние информации „чие необјавување или погрешно објавување може да ја промени или да влијае врз процената или врз одлуката на корисникот што се потпира врз тие информации во економското одлучување“. Според третиот столб, повеќето банки треба да ги објавуваат информациите шестмесечно, со три исклучоци: малите банки со стабилен профил на риизчност може да ги објавуваат информациите еднаш годишно, големите меѓународни банки треба квартално да ги објавуваат информациите за адекватноста на капиталот и за капиталот од нивото 1, додека општите информации за политиките и процедурите може да се објавуваат еднаш годишно.[18]

Базел II препорачува банките посебно да ги објавуваат годишните извештаи и извештаите за супервизорските органи. Третиот столб се однесува како на квантитативните така и на квалитативните информации, а тие треба да ги опфатат бакарските групи и подружниците, структурата на капиталот и адекватноста на капиталот. Квалитативните информации за профилот на ризчноста треба да ги опфатат целите и политиките за управување со ризиците, организацијата на функцијата за управување со ризиците и употребата на техниките за заштита од ризиците. Квантитативните информации за профилот на ризичноста треба да ги опфатат следниве прашања: кредитната изложеност според главните производи; географската, секторската и рочната распределба на кредитната изложеност според главните производи; како и кредитите, резервациите и отписите според секторите, географските области и клиентите. Најпосле, банките со изложеност на каматен ризик во банкарската сметка треба да објават информации за моделите со кои ја вршеле пресметката.[19]

Стапка на адекватност на капиталот[уреди | уреди извор]

Во однос на пресметката на стапката на адекватност на капиталот, Базел II бара, покрај кредитниот и пазарниот ризик, банките да обезбедат соодветно ниво на капитал и за покривање на оперативниот ризик. На тој начин, стапката на адекватност на капиталот според Базел II се пресметува така што капиталот на ниво 1, 2 и 3 се дели со збирот на кредитниот, пазарниот и оперативниот ризик. Минималната стапка на потребниот капитал за покривање на ризиците е утврдена на 8%.[20]

Базел II и глобалната финансиска криза[уреди | уреди извор]

Улогата на Базел II, пред и по глобалната финансиска криза, била предмет на постојана дискусија. Како резултат на глобалната финансиска криза којашто започнала во 2007 година некои истакнувале дека таа всушност ги покажува недостатоците на рамката на Базел II, а други, пак, ја критикувале за зголемување на ефектите од кризата. Во претходните неколку години националните финансиски регулатори и меѓународните финансиски организации преземале значајни активности за зајакнување на финансискиот систем и зголемување на неговата отпорност. Како дел од тие активности, од особено значење се активностите на Базелскиот комитет за банкарска супервизија. Од појавата на кризата до денес, Комитетот изработил повеќе предлози за унапредување на постојната капитална рамка и зајакнување на прудентните стандарди и направил измени во различни делови од спогодбата. Во таа насока се и последните измени на Базелската капитална спогодба, познати како Базел III, коишто ги усвоил највисокиот орган на Базелскиот комитет во август и септември 2010 година. Комитетот тврдел дека новите стандарди ќе водат кон подобар квалитет на капиталот, зголемена покриеност на ризикот и зголемена ликвидност покрај останатите придобивки.[1]

Ноут Велинк, поранешен претседател на Комитетот, во 2009 година напишал статија во која ги истакнал стратешките активности кои треба да ги преземе Комитетот како одговор на настанатата криза. Тој предложил поцврста регулаторна рамка која се состои од пет клучни компоненти:

  • подобар квалитет на регулаторниот капитал;
  • подобро управување и супервизија на ликвидноста;
  • подобро управување со ризикот и супервизијата, вклучувајќи подобрени насоки во вториот столб;
  • подобрување на транспарентноста, која е најважен елемент на третиот столб, а се однесува особено на секјуритизацијата, вонбилансните изложувања и активностите поврзани со тргувањето; и
  • поголема прекугранична супервизорска соработка.

Базел II.5[уреди | уреди извор]

За време на светската финансиска криза се наметнала потребата од определени промени во пресметката на капиталот за покривање на пазарниот ризик. Овие промени, познати како Basel II.5, вклучувале три области:[21]

  • пресметка на ВаР во стресен период (stressed VaR)
  • дополнителен надомест за ризикот (incremental risk charge)
  • сеопфатна мерка на ризикот за инструментите кои се зависни од кредитната корелација

Всушност, уште во 2005 година, Базелскиот комитет предложил да се воведе дополнителен надомест за кредитниот ризик (incremental default risk charge) кој се пресметува со ниво на доверба од 99,9% и временски хоризонт од една година на финансиските инструменти во трговската книга кои се чувствителни на кредитниот ризик. Во 2008 година, Базелскиот комитет направил дополнителна промена со која се опфаќаат и промените на кредитниот рејтинг, проширувањето на крединиот распон и ризикот од неликвидност, па претходниот показател бил наречен дополнителен надомест за ризикот. Во февруари 2011 година, Базелскиот комитет направил ревизија на регулативата за мерење на пазарниот ризик, со барање, покрај вообичаениот ВаР, банките да пресметаат и ВаР во стресни услови, а тоа е ВаР пресметан врз основа на движењето на пазарните варијабли во текот на 250 денови во кои владееле нарушени пазарни услови. Овие два вида ВаР се комбинираат со што се добива вкупниот капитал за покривање на пазарниот ризик.[22] Подоцна, во мај 2012 година, Базелскиот комитет објавил консултативен документ, предлагајќи големи промени во однос на пресметката на капиталот потребен за покривање на пазарниот ризик. овие промени се познати како „Фундаментален осврт врз трговската книга“ (Fundamental review of the trading book). Откако биле примени коментари од пазарните учесници, во октомври 2013 година, Базелскиот комитет објавил втор консултативен документ, а по дополнителните прибрани коментари, во декември 2014 година ја објавил и Студијата за квантитативното влијание (Quantitative impact study). Притоа, капиталот за покривање на пазарниот ризик не се заснова врз ВаР со ниво на доверба од 99%, туку врз очекуваниот кусок (expected shortfall) пресметан со интервал на доверба од 97,5% во текот на 12-месечен стресен период. Исто така, се бара 10-дневниот период пропишан со Базел I и со Базел II.5 да биде променет така што ќе ја земе предвид ликвидноста на пазарните варијабли за време на пет временски периоди: 10 дена, 20 дена, 60 дена, 120 дена и 250 дена.[23]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Нова капитална спогодба (Базел II), НБРМ.
  2. John C. Hull, Risk Management and Financial Institutions (Fourth Edition). John Wiley and Sons, Hoboken, New Jersey, 2015, стр. 336.
  3. BCBS, „International Convergence of Capital Measurement and Capital Standards: A Revised Framework“, Basel Committee on Banking Supervision, Basel, 2004.
  4. BCBS, „International Convergence of Capital Measurement and Capital Standards: A Revised Framework-Comprehensive Version“, Basel: Basel Committee on Banking Supervision, Basel, 2006.
  5. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 275.
  6. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 72 и 203.
  7. 7,0 7,1 7,2 Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 139-142.
  8. John C. Hull, Risk Management and Financial Institutions (Fourth Edition). John Wiley and Sons, Hoboken, New Jersey, 2015, стр. 337-346.
  9. Joël Bessis, Risk Management in Banking (second edition). Chichetser, UK: John Wiley and Sons, 2002, стр. 43-44.
  10. John C. Hull, Risk Management and Financial Institutions (Fourth Edition). John Wiley and Sons, Hoboken, New Jersey, 2015, стр. 338.
  11. Joël Bessis, Risk Management in Banking (second edition). Chichetser, UK: John Wiley and Sons, 2002, стр. 44-45.
  12. 12,0 12,1 John C. Hull, Risk Management and Financial Institutions (Fourth Edition). John Wiley and Sons, Hoboken, New Jersey, 2015, стр. 346.
  13. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 204-205.
  14. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 205.
  15. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 209-212.
  16. Joël Bessis, Risk Management in Banking (second edition). Chichetser, UK: John Wiley and Sons, 2002, стр. 49-50.
  17. John C. Hull, Risk Management and Financial Institutions (Fourth Edition). John Wiley and Sons, Hoboken, New Jersey, 2015, стр. 346-347.
  18. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 215-212.
  19. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 217-218.
  20. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 276.
  21. John C. Hull, Risk Management and Financial Institutions (Fourth Edition). John Wiley and Sons, Hoboken, New Jersey, 2015, стр. 353-354.
  22. John C. Hull, Risk Management and Financial Institutions (Fourth Edition). John Wiley and Sons, Hoboken, New Jersey, 2015, стр. 354-356.
  23. John C. Hull, Risk Management and Financial Institutions (Fourth Edition). John Wiley and Sons, Hoboken, New Jersey, 2015, стр. 373-375.