Одбор за финансиска стабилност

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Одборот за финансиска стабилност (англиски: Financial Stability Board) - меѓународно тело кое се грижи за надзор и одржување на стабилноста на глобалниот финансиски систем.

Создавање[уреди | уреди извор]

Одборот за финансиска стабилност бил воспоставен во 1999 година под името Форум за финансиска стабилност, како одраз на големите нарушувања во светскиот финансиски систем предизвикани од Азиската финансиска криза. Имајќи ја предвид несоодветната реакција на ММФ и на Светската банка во справувањето со кризата, министрите за финансии на најголемите светски економии ја согледале потребата од форум кој би собирал министрите за финансии, гувернерите на централните банки, регулаторите и меѓународните организации. Оттука, по иницијативата на Гордон Браун, Ханс Титмејер, штотуку пензионираниот претседател на Бундесбанката, бил задолжен да подготви предлог за основањето на форумот. На почетокот постоеле бројни сомнежи во однос на ползата од таков форум, а особено биле скептични претставниците на САД. По формирањето, Форумот покажал голема активност, објавувајќи материјали за финансиските институции со висок левериџ, за офшор центрите и за движењето на глобалниот капитал, но подоцна следувала поголема пауза во неговата активност при што Форумот продолжил со изработка на извештаи за финансиската ранливост кои ги доставувал приватно до неговите членови, а кои не биле јавно објавувани. Меѓутоа, по финансиската криза од 2007 година, министрите на земјите од групата Г7 го овластиле Форумот за финансиска стабилност да предложи збир од координирани мерки за решавање на кризата.[1]

На првиот самит на земјите од групата Г-20 било препорачано да се прошири неговото членство со вклучување на поголемите новопојавени пазари, а ММФ бил повикан да предложи мерки за решавање на кризата „во блиска координација со Форумот за финансиска стабилност“. Тогаш дошло до размена на писма за разбирање меѓу извршниот директор на ММФ, Доминик Штраус-Кан и претседавачот на Форумот, Марио Драги со цел да се разграничи улогата на овие две тела. Пред вториот лондонски самит на Г20, одржан во април 2009 година, повторно се појавиле различни мислења за улогата на Форумот, зашто некои земји сметале дека ММФ треба да биде главниот финансиски регулатор во светот, додека други земји се противеле на оваа замисла. На крајот, самитот препорачал Форумот да има централна улога во надзорот на светскиот финансиски систем, а истовремено неговото име било променето во Одбор за финансиска стабилност и било одлучено во него да членуваат сите членки на Г20.[2]

Организација и раководење[уреди | уреди извор]

Првиот неформален претседавач на Форумот за финансиска стабилност бил Ендрју Крокет (Andrew Crockett), тогашниот генерален менаџер на БИС, а него го наследил заменик-претседателот на Одборот на федералните резерви, Роџер Фергусон (Roger Ferguson), додека во 2007 година за претседавач на Форумот бил назначен Марио Драги, тогашниот гувернер на Банката на Италија. Секретаријатот на Форумот бил сместен во седиштето на БИС во Базел. До 2007 година, претседателите на трите најважни централни банки во светот, ФЕД, ЕЦБ и Банката на Англија воопшто не присуствувале на состаноците на Форумот, туку ги испраќале своите заменици, додека регулаторните тела биле задолжени да ги испраќаат своите директори.[3]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

  • www.fsb.org (Официјално мрежно место на Одборот за финансиска стабилност)

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Howard Davies and David Green, Banking on the Future: The Fall and Rise of Central Banking. Princeton and Oxford: Princeton University Press, 2010, стр. 266.
  2. Howard Davies and David Green, Banking on the Future: The Fall and Rise of Central Banking. Princeton and Oxford: Princeton University Press, 2010, стр. 266-267.
  3. Howard Davies and David Green, Banking on the Future: The Fall and Rise of Central Banking. Princeton and Oxford: Princeton University Press, 2010, стр. 268-269.