Драчево

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Драчево
Drachevo-Macedonia.jpg

Поглед на дел од селото и населбата Драчево, од патот кон Три Круши

Драчево се наоѓа во Македонија
Драчево
Драчево (Македонија)
Координати 41°56′12″ СГШ 21°31′18″ ИГД / 
Општина Општина Кисела Вода
Население 19246 жит.
Пошт. бр. 1050
Надм. височина 240 м
Flag of Macedonia.svg Портал „Македонија“


Драчево е населба во Општина Кисела Вода, во градот Скопје. Поради својата големина и бројот на жители Драчево е прераснато во градска населба на градот Скопје. Сепак административно и статистички Драчево се уште се дели на село и населба.

Географиja и местоположба[уреди]

Поглед на дел од Драчево и дел од Скопската котлина од манастирот Света Петка - Три Круши
Поглед на дел од селото Драчево со возвишението Марков Рид

Драчево се наоѓа во јужниот дел на Скопската котлина на 12 километри оддалеченост од центарот на Скопје (во југо - источен правец). Населбата е рамничарска и низ неа минува локален пат за повеќе скопски села. Со центарот и другите делови на Скопје Драчево е поврзано преку автобуски линии, а истотака Драчево претставува и железничка станица на пругата Скопје - Гевгелија. Драчево е сместено на јужниот раб на Скопската котлина во подножјето на планината Китка, дел од најголемиот македонски планински масив Мокра Планина, под возвишението наречено Марков Рид, на надморска височина помеѓу 240 и 250 метри[1]. Непосредно на запад Драчево е расположено на десниот брег на Маркова Река. На север, запад и исток од Драчево се простира пространата Скопска котлина со соседните населени места Долно Лисиче и Под Станица на север, Студеничани и Морани на исток и југо-исток, Пинтија и Усје на запад, Батинци на југ и југо-запад и Горно Лисиче на северо-запад. Од Драчево водат и регионални патни правци кон: Горно Количани и селата во подножјето на планината Китка (кон југ), Зелениково и селата по течението на Вардар кон Таорската Клисура (кон исток) како и кон Јурумлери, Илинден и Скопското поле (кон север). Низ селото Драчево тече потокот Мала Рада. Во селото Драчево постојат повеќе маала именувани по селските родови кои се распоредени горе и долу од главната улица „Драчевска“ како и околу улица „Китка“ која ја сече главната, а тоа се: Саве, Тоше и Кече Маала во горниот дел и Крко, Арсо, Крџе и Дашко Маало во долниот дел[2].

Историja[уреди]

Во пишаните историски извори Драчево за прв пат се споменува во 1300 година[3]. Во XV век Драчево било дел од Скопскиот санџак, а според пописот од 1452/53 година во Драчево живееле 40 семејства и тројца неженети (околу 200 жители), сите православни Македонци, со исклучок на само 1 муслиман[4]. Потоа во XV век Драчево од страна на турскиот султан Мехмед II било дадено на Исак-бег кој на 13 август 1466 го завештал на медресата и теќето во Скопје[5]. На следните пописи во XVI век бројната состојба на населението била следна: во 1528/59 година во Драчево живееле 127 македонски христијански семејства, 7 неженети и 4 муслимански семејства, во 1544/45 живееле 155 македонски христијански и 3 муслимански семејства, а во 1568/69 живелее 149 македонски христијански семејства и 59 неженети ергени, без муслимани[6]. Во тој период Драчево било едно од најголемите населени места во Скопската нахија и воедно едно од економски најнапредните места со највкалитетни земјоделски производи и обврска за плаќање на данок од 34909 акчиња годишно[7]. По овие записи долго време немало никакви споменувања на Драчево со до средината на XVIII век, при што може да се заклучи дека за време на турското владеење можно е Драчево во еден период да замрело со живот, па повторно да се обновило[8].

Како и повеќето скопски села, Драчево се раселило кон крајот на XVII век, во периодот по 1689 година Карпошовото востание и повлекувањето на австриската војска. Дел од жителите на Драчево се иселиле заедно со повлекувањето на австриската војска преку Дунав, а селото по овој период запустело[9]. Останатиот дел од Македонците од Драчево се преселиле во во месноста (селото) Салаково на планината Караџица дел од масивот на Мокра Планина во околината на Драчево[10]. Во месноста Салаково која се наоѓа во непристапен шумовит предел на билото на Караџица, идеален предел за засолнување на незаштитеното население, пребегнатите жители на запустеното Драчево живееле еден век, се до крајот на XVIII век и почетокот на XIX век, кога започнале повторно да се враќаат и населуваат на старите огништа на сегашното место долу во подножјето на планината и рамничарскиот предел на Скопското поле[11]. Во овој предел на Караџица како сведоштво од засолнетите драчевци постои месноста-потегот наречен Драчевска Планина, на кој лете се напасувала стоката[12]. Поради својата големина и бројноста на македонското население за време на Отоманското владеење, Драчево никогаш не било почифлижено и не постоеле чифлизи на турски бегови и аги, туку жителите на Драчево биле слободни и имале свои поседи, при што имале обврска да плаќаат даноци.

Говедариште, средсело Драчево, со крстот на Три Круши во позадината

Македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов - Џинот во својот напис „Јужна страна скопска“ од 21 мај 1855 во „Цариградски весник“ за селото Драчево запишал дека е едно од богатите села кое со кромид и други градинарски производи и зеленчуци може да ги снабдува (храни) Скопје, Велес, Прилеп и Битола[13]. Џинот исто така запишал дека Драчево има нов црковен храм „Свети Спас“ и едно мало училиште кое пустее без учител.[14] Добрите, гостољубиви и богати драчевски селани биле изгубени во црквата поради тоа што им служел грчки поп, кој богослужел на грчки јазик, од што селаните ништо не разбирале.[15] Македонскиот револуционер Ѓорче Петров во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1894 година за Драчево запишал дека се наоѓа на 2 часа на југ од Скопје и 1/2 час од десниот брег на Вардар, расположено во полињата помеѓу две тумби, при што целото село и околината биле потонати во зеленило кое било одмор за очите[16]. Понатаму, Ѓорче Петров запишал дека на драчевските бавчи близу до Вардар се одгледувало кромид, грав, пипер со кои се снабдувало Скопје, а покрај земјоделството, градинарството било втор извор на богатство за селаните, а 20 до 30 куќи се занимавале и со грнчарство. Драчево било прво село по благосостојба и богатство во Скопско, а второ по големина (после с.Кучевиште), броело 150 куќи од кои најголемиот дел биле слободни и независни (не биле чифлигари во чифлизи на турските бегови и аги)[17]. За староста на Драчево, Ѓорче Петров, запишал дека тоа е ново село, додека старото било на полињата на Китка Планина и се викало Драчевицасо околу 10-15 куќи чии рушевини и камени огради се уште постоеле во шумата, а се раселило поради својата положба меѓу торбешките села и изложеноста на разбојници[18]. Во времето на национално-ослободителното движење со својот македонски патриотски дух, жители на Драчево се приклучиле во скопската чета на ТМОРО (ВМРО) предводена од војводата Васил Аџаларски. Членови на скопската чета на ВМРО од Драчево биле: Спасе Шиндар, Велко Грчки, Ангелко и Панче Пормовски, Велко и Трпе Ашиковски, Блажо Павлевски, Трајче Китановски, Јане Велковски, Веле Домазетовски, а од нив прочуен по своите подвизи и храброст бил Блажо Павлевски кој го убил турчинот Алим и загинал во нерамна борва со Турците, при што овој подвиг бил опеан во народна песна од жителите на Сопиште каде што се криел одредено време[19].

Поглед на главната улица „Драчевска“ и средсело „Говедариште“

Поради својата големина и значајна местоположба, од времето по отоманското владеење, за време на српската и бугарската окупација па се до по Втората светска војна се до шеесетите години на ХХ век, Драчево било седиште на Драчевската општина.[20] Во 1965 година, општината Драчево престала да постои, а Драчево било припоено кон Општина Кисела Вода во рамки на градот Скопје каде што административно припаѓа се до денес. По катастрофалниот Скопски земјотрес, 1963 година, со одлука на советот на тогашната Општина Драчево бил усвоен урбанистички план во договор со градот Скопје за изградба на приградската населба во непосредна близина на селото, во која требало да се вселат 3000 семејства од Скопје кои ги загубиле своите домови во земјотресот[21]. Населбата Драчево била плански изградена со 2100 ниски приземни монтажни бараки кои ги граделе градежни фирми од целата тогашна Југославија и набрзо почнало да се населува население од сите краишта на Македонија. За потребите на населбата биле отворени уште 2 основни училишта, а се отворило и средно училиште. Со изградбата на населбата, Драчево започнало да го добива денешниот свој лик и физиономија на посебно урбано населено место.

Потекло на името Драчево[уреди]

Точното значење на името Драчево во нашата наука се уште не е утврдено. Села со имиња Драчево, постојат во повеќе словенски земји: Русија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Бугарија, Србија. Името Драчево го носи уште едно село во Зихненско во Егејска Македонија, а во Македонија постојат и 2 села со имиња Драчевица (Демиркаписко и Скопско во непосредна близина на Драчево). Во Албанија постои градот Драч, а со коренот драч- постојат и други населени места во Македонија (Драчиште, Драче) и други земји.

Сепак постојат две главни теории за потеклото на името Драчево. Првата теорија смета дека во основата на името Драчево може да се наоѓа личното име Драче кое претставува деминутивно образување изведено од антропонимот Драгољуб, Драгомир, Драгослав[22]. Личното име Драче во Македонија е регистрирано во XVI век, а во XV век е забележано личното име Драчо, па оттука некои проучувачи сметаат дека името Драчево, означува „село кое му припаѓало на Драче“[23]. Втората теорија за потеклото на името се поврзува со растението што се вика драч или драча (драка) (лат. Paliurus aculeatus) и има значење на „место каде што има драч“[24]. Драчот бил име за сите бодликави грмушки, а до ден денес за изгребување или бодење се користат глаголите „дречи“, „драскање“. Втората теорија, дека името на Драчево означува место каде што има трнливи и бодликави грмушки е потврдена и во делата на истражувачите П.Скок и Јован Трифуноски[25].

Археолошки локалитети[уреди]

  • Белчевица, некропола од римското време. Во дворот на училиштето, при садењето на овошни насади, во 1955 година учениците откриле гробница градена од квадратни тули со скелет покрај кој биле положени стаклени сатчиња ‡ лакримарии.
  • Љубуш, старохристијански ротонди. На еден зарамнет врв во близината на утоката на Пеленица во Маркова Река, оддалечен 3 km југозападно од селото, има остатоци од римско утврдување чии одбранбени ѕидови го опкружуваат целото плато големо околу 1,5 хектар. Откопани се темели од повеќе градби меѓу кои и темели од две цркви ‡ ротонди. Според Ф. Месеснел, едната имала пречник повеќе од 10 m и под покриен со мозаик, организиран во повеќе правоаголни полиња. Од мотиви во полињата на мозаикот се присутни рибини лушпи, крстови, плетенки како бордури и раскошен кантарос од кој излегуваат бршленови ластари со лисја.
  • Пинтија (Ќуприја), некропола од доцноантичкото време. На 2 km северозападно од централниот дел на селото, во 1952 година, при подготовките на нивите за садење на лозја се откриени повеќе гробови и една гробница градена од римски надгробни споменици. Најдените прилози се чуваат во Музејот на Македонија во Скопје.
  • Тресалиште, осамен наод од доцноантичкото време. Во 1949 година во месноста Стефановски Дол е откриена надгробна стела со релјеф и латински натпис. Стелата се чува во Музејот на Македонија во Скопје.


Економија[уреди]

Драчево е економски високо развиено и активно населено место. Поради поволната географска положба во Драчево постои многу активен економско-стопански живот на населението. Населението на Драчево во најголем дел е вработено во фирми во Скопје и работи секундарни и терциерни стопански дејности, меѓутоа значаен дел од населението коешто живее во селото сѐ уште се занимава со земјоделство-полјоделство, односно градинарство. Во Драчево во се поголем пораст е и приватното претприемништво преку отварање на сопствени бизниси и помали претпријатија на неговите жители.

Земјоделство и градинарство[уреди]

Одгледување на патлиџани (домати) со колци во Драчево
Поглед на нива посадена со млади кромитчиња (во позадината е возвишението Марков Рид со дел од гробиштата и капелата Св. Лазар)

Во Драчево, посебно во селото, се уште значаен дел од населението се занимава со земјоделство, односно градинарство во најголема мера, а потоа и полјоделство, овоштарство и сточарство. Земјоделското производство, за разлика од минатото, денес претежно е за сопствени домашни потреби, но вишокот производи и натаму се продава на пазарите во Скопје и во населбата Драчево. Од вкупно 1145 ха обработлив површина на селото, 200 ха се државно земјиште, а 945 ха се приватна сопственост, 70% се во рамничарскиот, а 20% во ридестиот дел[26]. Од обработливата површина под градинарство се 338 хектари, под жита се 229 хектари, по индустриски култури 70 хектари, под фуражни култури 60 ха, а останатите 448 хектари се под лозја, овошни насади и необработено земјиште (утрини, за напасување)[27]. Најзастапени полјоделски култури се житните (пченица, пченка и јачмен) и градинарските (кромид и млад кромид, праз, домати, зелена и црвена пиперка, зелка, морков, марула, спанаќ, компир, краставици, тиква идр.), а во многу помала мерка и индустриските култури. Драчево од секогаш, како и денес важело за место со најразвиено градинарство и раноградинарство во Скопско, посебно одгледувањето на кромид, лук, праз, марула, зелка кои и денес највеќе се одгледуваат во драчевските бавчи и ниви. Уште од минатото па и се до денес Драчево е најпознато по производството на кромид и лук, од посебните високовалитетни драчевски сорти кои „траат од ново до ново“[28]. Градинарските култури се одгледуваат под пластеници, но во голем дел се одгледуваат и на отворено без оранжерискиот начин. Во минатото во Драчево се одгледувале и многу индустриски култури, најповеќе тутун, а во помала мера и коноп, лен, кои по Скопскиот земјотрес во 1963 биле напуштени и исчезнале[29]. Голем дел од населението на селото Драчево се занимава со расадничарство и продажба на расад за градинарски растенија како кромид, лук, марула, домат (познатата сорта скопски јабучар), млад кромид и лук (арпаџик), пиперки како и расад за овошки и цвеќиња. Продажбата на расад е најзастапена во пролетните месеци, кога на многу куќи во селото го нудат на продажба. Покрај полјоделството, доста застапени се и лозарството и овоштарството преку одгледување на овошки и лозја на ридскиот предел јужно од Драчево. Во селото Драчево доста е развиено живинарството, пред се одгледување кокошки, а ситното сточарство е во многу мала речиси незначителна застапеност и највеќе се одгледуваат кози и овци за сопствени потреби. Повеќе семејства се занимаваат и со одгледување на расад за цвеќиња, а во селото Драчево работи приватната фирма за одгледување и расадник за цвеќиња „Китка“. Поради местоположбата и близината на други села, за потребите на земјоделството во селото Драчево работи земјоделска аптека, продавница на „Агроунија“ за семенски материјал и земјоделски вештачки ѓубрива, продавница за делови земјоделска механизација (трактори, комбајни) и техника. Покрај овие стопански субјекти во селото Драчево постојат и мелница за жито и брашно, фурна за производство на леб и бели печива, приватна поликлиника, занаетчиски дуќани (берберница) и други услужни објекти.

Занаетчиство[уреди]

Селото Драчево во минатото покрај градинарството и земјоделието, било надалеку познато во Скопско и по грнарчството и грначрскиот занает, за кој доаѓале ученици и од Скопје, а во 1935 година се изградила и фабрика за тули и керамика[30]. Доказ за ова е родот Чапкуновци чиј предок од Скопје дошол да го изучи грнчарскиот занает во Драчево и така останал и го основал родот таму, а покрај нив со грначрство се занимавале и други родови како Грначаровци, Дандаровци и други. Поради развиеноста на грначарскиот занает, во минатото грначрски производи од Драчево се продавале во околните села и на пазарот во Скопје. Покрај овој занает во минатото во Драчево биле развиени и фурнаџискиот, шивачкиот, ќурчискиот, коларскиот, берберскиот и чевларскиот занает. Со процесот на индустријализација, најголемиот дел од овие занаети згаснале, а денес преовладуваат современите модерни занаети како: автомеханичарство, автолакерство, автолимарство, пекарство, слаткарство, берберници и фризерски салони.

Стара македонска куќа (чардаклија) во Драчево

Индустрија, трговија и бизнис[уреди]

Драчево е сместено непосредно до индустриската зона југоисточно од Скопје. Покрај големите индустриски капацитети изградени во социјализмот, и денес активно се отвараат се повеќе фабрики, погони, хали и магацини од двете страни на патот (ул. „Првомајска“) кој води кон Драчево. Во Драчево работат пазар и голем број на трговски и услужни дуќани. Економскиот живот на населбата Драчево е многу поинаков и голем дел од нејзиното население е вработено во секундарни и терциерни стопански дејности од областите на трговијата, индустриското производство, науката, безбедноста, просветата и културата. Во населбата Драчево постои трговски центар со огромен број на трговски претпријатија, продавници, аптека, продавници за компјутери и бела техника, занаетичски дуќани, ресторани, кафе-барови, спортски обложувалници, услужни претпријатија, механичарски работилници, вулканизери и авто-сервиси. Во самото Дрчаево или во непосредната близината се наоѓаат и голем број на индустриски капацитети од хемиската и металната индустрија (како „ОХИС“, „Тулана“ некогашно „ТИПО“, новоотворената фабрика за челични конструкции „Прототип Стил“), стоваришта, сервиси и работилници, пункт на шумското стопанство „Караџица“, бензинска пумпа на „Макпетрол“, салони за производство и продажба на мебел, градежни материјални итн.

Демографија и население[уреди]

Според пописот од 2002 година, Драчево (селото и населбата) брои 19246 жители, со што претставува најголемо и најнаселено место надвор од потесното подрачје на градот Скопје. Етничкиот состав на населението е следниот:

  • Македонци 17310 (89,94%)
  • Албанци 201
  • Роми 615
  • Турци 376
  • Срби 289
  • Власи 44
  • Бошњаци 408
  • останати 303
Националност село Драчево населба Драчево
Македонци 7 741 9 269
Албанци 22 179
Турци 106 270
Роми 339 276
Власи 16 28
Срби 64 225
Бошњаци 268 140
други 85 218


За селото и населбата Драчево се водат одделни статистички податоци. Според пописот од 2002 година, селото Драчево броело 8641 жител (7741 се Македонци - 89,58%), а населбата Драчево броела 10605 жители (9269 се Македонци - 87,40%).

Во 2006-та година Драчево имало 38.587 жители.Етничкиот состав е следниот:

Со ова од 2002 година до 2006 година Македонците се зголемиле за 20.108 жители ,а Ромите за 24.Другите етнички заедници се во опаѓање.Според религијата најдоминантна религија е Христијанството(Православието)со околу 97% од населението,а муслиманството со околу 2%.Денес Драчево има над 40.000 жители и претставува најголемо населено место во околината на Скопје.

Родови[уреди]

Како најголемо село во Скопско, во Драчево постојат голем број на родови, од кои речиси сите се Македонци со православна христијанска вероисповед. Како старинци може да се сметаат оние родови кои се доселиле од збегот односно некогашното село Бразда-Салаково на Мокра Планина и го возобновиле Драчево кон крајот на XVIII век[31]. Овие родови најверојатно пребегнале од Драчево на блиската планина кон крајот на XVII век во времето на Карпошевото востание и продорот на Австријците во војната со Турците кога голем дел од селата во полето биле уништени, за после еден век повторно да се вратат. Родови доселени од селиштето Бразда-Салаково на Мокра Планина (Караџица) кои го возобновиле Драчево кон крајот на XVIII век се: Јаковчевци, Дашковци, Муровци, Кечовци, Серовци (името го добиле од потсмев), Трифуновци, Газиновци, Домазетовци, Крџовци, Манчовци, Арсовци, Штрковци[32]. Сите овие родови пред да се доселат во Драчево, три години се задржале да живеат во селото Драчевица[33]. Доселенички родови се: Крушовци (од Градовци), Павлевци или Павлевчиња (од околината на Велес), Полтурчиновци (од Кумановско) кои името го добиле бидејќи им се родило дете во муслиманска куќа во Студеничани додека се криеле, бегајќи од арамии-„Дебрани“, Ашиковци (од Кумановско или Врањско), Богевци (од Богомила), Бабунци (од пределот Бабуна во Велешко), Коларовци и Боцевци (двата рода од Добри Дол), Грнчаровци (од градот Велес, од некое маало од левата страна на Вардар), Жежовски (од Огњанци), Тутевци (од Прилепско), Морчани и Амаловци (двата рода од Морани), Сомангеловци, Пановци и Стојчевци (сите од Пагаруша), Марлиговци и Барџовци (двата рода од Порече), Китановци и Билимбеговци (двата рода од Белимбегово, денес Илинден), Дандаровци (од околината на Велес), Десковци (од Виниче), Деривол (од Батинци), Јабанџиовски и Манчевци (од Усје), Чапкуновци (од Скопје), Трајановци (од Осинчани), Шиндровци (од Јажинце)[34].

Влезот на Драчево од запад (Скопје)

Доселеници се забележани и од Таор, Галичник, Тетово, Скопје и Јанина[35]. Македонски родови со непознато потекло се: Крковци, Ѓуревци, Станковски или Јузевци, Вујчиновци, Блацки (можно е да се од Блаце), Кудевски, Грчки, Главиновци, Чаршиовци и Зилковци[36].

Општествени институции[уреди]

Во Драчево работата три основни училишта: Ц.О.У. „Рајко Жинзифов“, О.У. „Кузман Шапкарев“, О.У. „Климент Охридски“, како и две средни училишта „Браќа Миладиновци“ (со насоки: гимназија, земјоделско, хортикултура) и попското средно училиште - православната богословија „Свети Климент Охридски“. Исто така во Драчево работи и детската градинка „1ви Мај“. Од здравствените установи во Драчево постои поликлиника, како и повеќе приватни лекарски и стоматолошки ординации. Во Драчево има полициска и противпожарна станица, како и пошта и спортска сала.

Администрација и политика[уреди]

Населеното место Драчево административно и статистички се дели на село Драчево и населба Драчево. За селото и населбата Драчево се водат посебни статистички и пописни податоци. Во рамките на Општина Кисела Вода на подрачјето на Драчево постојат месната заедница село Драчево со претседател Борче Бабунски и месна заедница населба Драчево со претседател Слободан Атанасовски.[37]. Кон подрачјето на Драчево може да се смета и малата населба Подстаница (позната како Велешка Населба) која се наоѓа од левата страна на железничката пруга, спорти железничката станица Драчево.

Културни и природни знаменитости[уреди]

Црквата „Св. Спас“ во Драчево

Културно рекреативен центар Три Круши со црквата Света Петка и Манастир Пеленица. Во селото Драчево постои црквата Свети Спас изградена во 1849 година. За културниот живот на Драчево постои зградата на „Кино Драчево“ која се наоѓа во селото непосредно пред училиштето „Св. Климент Охридски“, во која е сместена месната заедница, а киното не функционира повеќе години.

Цркви и манастири[уреди]

Редовни настани[уреди]

Културно лето Три Круши. Се одржува секое лето во Културно рекреативниот центар Три Круши.Секој петок и сабота во малиот амфитеатар настапуваат естрадни уметници, актери, театри, продефилируваат членови на повеќе културно-уметнички друштва, настапуваат гости од повеќе земји од Европа. Во селото Драчево постои традиција уште од дамнешното минато да се коле жртва („курбан“) за празникот Свети Атанасиј (31.1.)[39]. Прославата на Свети Атанасиј е масовна од сите жители, иако црковните свештени лица не го одобруваат колењето на животни. Пред најголемиот христијански празник Велигден, постои традицијата Покрсти која се одржува до денешни дни кога голема поворка на жители со црковни знамиња и икони (литија) пешачи од селската црква, преку Марков Рид до месноста и манастирот Пеленица и назад. Голем општонароден собор секоја година се одржува и на Спасовден, патрониот празник на селската црква[40].

Личности[уреди]

Една од најпознатите личности од Драчево е македонскиот кошаркар Петар Наумоски. Останати познати личности се македонските пејачи Миле Кузмановски , Даниел Коцалев ,Никола Николовски - Никац (познат фудбалер од школата на Реал Мадрид) , како и фамилијата Тодевски (Тамара и Тијана).

Култура и спорт[уреди]

Со децении опстојува културно уметничкото друштво КУД КИТКА и е еден од заштитните обележја на Драчево Во Драчево има два фудбалски клуба ФК Драчево и ССК Младинец. Двете екипи се натпреваруваат во третата фудбалска лига на Р.Македонија. Во минатото постоел и ФК Партизан каде што почнал да игра познатиот Македонски фудбалер, Мирко Петров. Има и една женска кошаркарска екипа ЖКК Младинец која се натпреварува во Првата кошаркарска лига за жени на Македонија и машкиот кошаркарски клуб КК Ангели, кој се натпреварува во 3 Кошаркарска лига. Истотака, на 15 март 2009 е основан и ракометен клуб „РК Драчево“ кој веќе се натпреварува во Првата машка ракометна лига. Во Драчево има голем број на планинари и функционира планинарското друштво ПСК „Драчево“ кое стопанисува и управува со планинарскиот дом „Караџица“.Почна со работа во Драчево и Ансамбл „Драчево 2012“. До сега Ансамбл "Драчево 2012" има патувано на следните места: Врање-Србија, Прага-Чешка, Ајдин-Турција, Паралија-Грција, Барселона-Шпанија, Кумбур-Црна Гора и во Охрид и Крушево, а треба да оди во Истанбул-Турција, Русија, Банско-Бугарија, Италија итн.

Иселеништво[уреди]

На поголемиот дел од населението корените на семејствата им се од Драчево, но има и многу доселеници кои бараат помирен живот надвор од центарот градот а да се во контакт со новите случувања. Има повеќе фамилии кои што ја напуштиле населбата и заминале во Австралија. Иселеници од Драчево се забележани во Горно Лисиче, Долно Лисиче, Морани, Орешани, Билимбегово (денес Илинден), Огњанци, Трубарево, Бањани, Скопје и во Бугарија[41].

Галерија[уреди]

Наводи[уреди]

  1. Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр.9
  2. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр.111
  3. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр. 34
  4. Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр.31-32
  5. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр. 34
  6. Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр.35
  7. Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр.35
  8. Исто
  9. Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр.40
  10. Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр.42
  11. Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр.42
  12. Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр.42
  13. Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници - приредил Блаже Конески - Скопје, Мисла, 1987 год. стр.81
  14. Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници - приредил Блаже Конески - Скопје, Мисла, 1987 год. стр.81
  15. Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници - приредил Блаже Конески - Скопје, Мисла, 1987 год. стр.81
  16. Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр.47
  17. Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр.47
  18. Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр.48
  19. Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр.50-51
  20. „Ќе се спои Кадина со Маркова Река“ 24.3.1957 - рубрика Ретро на весникот „Нова Македонија“ бр.22239, четврток, 24.3.2011 (печатено издание)
  21. Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр.17
  22. Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр.17
  23. Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр.17
  24. Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр.17
  25. Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр.18
  26. Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр.9
  27. Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр.9
  28. Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр.153
  29. Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр.153
  30. Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр.84
  31. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр.112
  32. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр.112
  33. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр.112
  34. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр.113-114
  35. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр.114
  36. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр.114
  37. http://www.kiselavoda.gov.mk/mak/index.asp?id=1
  38. Поставен камен темелник на параклис Воведение на Пресвета Богородица- Скопје
  39. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр.114
  40. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр.114
  41. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр.115