Ново Маало

Од Википедија — слободната енциклопедија
     Позиција на маалото во рамките на Скопје во 1899 година.

Ново Маало (турски: Yeni Mahala или Çiftçi) — маало на градот Скопје.

Местоположба[уреди | уреди извор]

Маалото започнувало источно од Градскиот Трговски Центар, па сѐ до Олимписки базен „Центар“. Веднаш до него било Влашкото Mаало, од западна страна и Маџир Mаало од источна. Денес е дел од општина Центар.

Историја[уреди | уреди извор]

Маалото било едно од неколкуте коишто се наоѓале од десната страна на реката Вардар во тоа време. Ова маало се сметало за ново бидејќи градот Скопје претходно се наоѓал исклучиво на левата страна од реката Вардар. Во ова маало, живееле сиромашни, но и богати семејства, а едно од нив е семејството Икономови, сопственици на фабриката “Европа”. Тука биле најубавите бавчи во Скопје. Жителите живееле во мали новоизградени куќи, поради што ова маало се нарекувало и Ново маало. Маалото нагло се ширело, пред сé поради многубројните доселеници од селските предели на Скопска Блатија.

Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, маалото било христијанско, со 34 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 79 мажи христијани, со 4 новороденчиња. Исто така имало и 11 мажи христијани коишто тазе се доселиле со своите семејства во маалото. Се проценува дека маалото во тој период имало 188 жители.[1]

Фамилијата Икономови живеела во голема куќа изградена во 1918 год., модерно уредена, со англиски клозети, водовод, струја и сл.[2] Маалото прилично настрадало од скопскиот земјотрес во 1963 година, при што забрзано се урбанизира и најголем дел од куќите се срушени.

Сегашност[уреди | уреди извор]

Денес површината на ова некогашно маало, практично се смета за строг центар на модерно Скопје. Од некогаш сиромашно земјоделски лик, низ историјата има претрпено ногу промени, особено по скопскиот земјотрес.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2021.
  2. „Животот во Скопје: Kој во кои маала живеел, што се работело, како се градело?“.