Прејди на содржината

Министерство за внатрешни работи на Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Министерство за внатрешни работи
Обележје на министерството
Податоци за органот
Основан 6 август 1944
Надлежност Влада на Република Македонија
Седиште Улица „Димче Мирчев“ бр. 9, Скопје, Македонија Македонија
Вработени 11,962[1] (2022)
Годишен буџет 10,241 милијарди MKD[2] (2018)
Надлежен министер Панче Тошковски
Мрежно место
mvr.gov.mk

Министерството за внатрешни работи на Република Македонија (скратено МВР на РМ, МВР) — државна институција во Република Македонија, едно од министерствата во Владата на Република Македонија задолжено за спроведување на законот во државата.[3] Според извештајот од 2015 година, министерството располага со 11.441 вработени.

Мисија и задачи

[уреди | уреди извор]

Министерството во рамките на својата надлежност им укажува стручна помош на граѓаните, правните лица и на државните органи во остварувањето на пропишаните права и обврски, заштитата на животот и личната сигурност на граѓаните и имотот. Министерството за внатрешни работи е одговорно за преземање на сите потребни мерки за откривање на сторителот на кривично дело или соизвршителот, со цел да ги спречи да се скријат или да избегаат, да открие и да обезбеди траги и предмети што можат да служат како доказ за кривичното дело, како и сите информации што би можеле да бидат корисни за успешното спроведување на кривичната постапка.

Организациска поставеност

[уреди | уреди извор]

Организациската структура на министерството ја сочинуваат организациски единици за потребите на министерството и органи во состав на министерството. Организациските единици за потребите на министерството се организациски единици надлежни за вршење на стручни работи во врска со вршењето на внатрешните работи, за потребите на целото министерство. Органи во состав на министерството се: Бирото за јавна безбедност и Управата за безбедност и контраразузнавање. Бирото за јавна безбедност ги врши полициските работи во министерството и чија организација и надлежност е уредена со Законот за полиција. Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) ги извршува активностите за заштита од шпионажа, тероризам или други активности насочени кон загрозување или уривање на демократските институции утврдени со Уставот на Република Македонија со насилни средства, како и заштита од потешки форми на организиран криминал.

Според органограмот на МВР, најголем орган е Бирото за јавна безбедност.[4] Министерството е поделено на осум подрачни единици, односно сектори за внатрешни работи,[5] кои претставуваат организациски единици во рамките на Бирото за јавна безбедност. Тие се распоредени во најголемите градови во државата, како Скопје, Битола, Куманово и други. Секој сектор има свои полициски станици и канцеларии, а за покачување на безбедноста во руралните средини, во 2014 година биле воспоставени и мобилни полициски станици.[6]

Историја

[уреди | уреди извор]

ДФ Македонија

[уреди | уреди извор]

На 2 август 1944 година, во манастирот „Св. Отец Прохор Пчински“, неофицијално се формирало министерството со нужен број оддели на чело со назначен началник, и одлуката траела до формирањето на Народното правителство на македонската држава при Президиумот на АСНОМ.[7] Официјално, на 6 август 1944 година, во селото Рамно, за време на Првото заседание на АСНОМ биле создадени 8 поверенства, меѓу кои и Поверенството за внатрешни работи, под раководство на Киро Петрушев, повереник за внатрешни работи,[8] кој на 16 април 1945 станал министер за внатрешни работи.

СР Македонија

[уреди | уреди извор]

Во времето на СФР Југославија како дел од федералниот план за јавна безбедност, во Македонија и во останатите републики дејствувала милиција. На 13 март 1981 година, поради потребата од обезбедување на јавни личности, справување со кризи и други специјални задачи за кои не била подготвена тогашната милиција, во рамките на тогашниот републички секретаријат на СР Македонија се формирала Единицата за специјални задачи „Тигар“, првата специјална единица во Македонија.

Република Македонија

[уреди | уреди извор]

Во 1991 година, со осамостојувањето на Македонија бил прифатен западниот модел и милицијата била преименувана во полиција. Со започнувањето на воениот конфликт во 2001 година, министерството активно се вклучило во одбраната на територијалниот интегритет, во соработка со АРМ. Откако поминале неколку месеци од почетокот на конфликтите, во рамките на МВР се формирала специјалната единица од доброволци, Единицата за брза интервенција „Лавови“. Две години по завршувањето на војната оваа единица била расформирана при што во рамките на министерството се формирала „Специјалната единица за брзо распоредување“, во која преминале поголем дел од доброволците, а која потоа била преименувана во Единица за брзо распоредување (ЕБР).

Една од поважните операции во поновата историја на министерството била „Планинска бура“ од 2007 година, кога била совладана вооружена група од 90-тина терористи без никакви загуби за министерството. Следната голема акција на полицијата се случила во мај 2015 година, кога во полициска акција во Куманово, по 28-часовна вооружена улична борба, загинале 8 специјалци вработени во министерството.[9]

Список на министри

[уреди | уреди извор]

Следува список на сите министри за внатрешни работи по осамостојувањето на Македонија:

# Име
(роден–починал)
Мандат
1 Јордан Мијалков
(1932–1991)
20 март 199119 декември 1991
2 Љубомир Фрчковски
(1957-)
10 јануари 199223 февруари 1996
3 Томислав Чокревски
(1934-)
23 февруари 199630 ноември 1998
5 Павле Трајанов
(1952-)
30 ноември 199827 декември 1999
6 Доста Димовска
(1954-2011)
27 декември 199913 мај 2001
7 Љубе Бошкоски
(1960-
13 мај 20011 ноември 2002
8 Хари Костов
(1959-)
1 ноември 20022 јуни 2004
9 Силјан Аврамовски
(1960-)
2 јуни 200417 декември 2004
10 Љубомир Михајловски
(1954-)
17 декември 200426 август 2006
11 Гордана Јанкулоска
(1975-)
26 август 200612 мај 2015
12 Митко Чавков
(1963-)
13 мај 201511 ноември 2015
13 Оливер Спасовски
(1976-)
11 ноември 201519 мај 2016
14 Митко Чавков
(1963-)
20 мај 201631 август 2016
15 Оливер Андонов
(1971-)
1 септември 20162 септември 2016
16 Оливер Спасовски
(1976-)
2 септември 201629 декември 2016
17 Агим Нухиу
(1977-)
29 декември 20161 јуни 2017
18 Оливер Спасовски
(1976-)
1 јуни 20173 јануари 2020
19 Наќе Чулев

(1972-)

3 јануари 2020 31 август 2020
20 Оливер Спасовски
(1976-)
31 август 202029 јануари 2024
21 Панче Тошковски

(1982-)

29 јануари 2024 Во служба
  1. „Извештај за следењето на примената на начелото на соодветна и правична застапеност за 2022 година“ (PDF). Народен правобранител на Република Македонија. септември 2023. Архивирано од изворникот (PDF) на 2025-01-04. Посетено на 21 ноември 2024.
  2. „Буџет на Република Македонија за 2018 година“. Министерство за финансии на Република Македонија. Архивирано од изворникот на 2019-10-19. Посетено на 2018-11-22.
  3. Закон за полиција, I. Општи одредби, Член 3.
  4. Органограм на Министерството за внатрешни работи Архивирано на 20 декември 2016 г..
  5. Сектори за внатрешни работи и ПС Архивирано на 21 јули 2017 г..
  6. МРТ, „Поблиску до службите на МВР преку мобилната полициска станица“, 26.06.2014
  7. Акти на Првото заседание на АСНОМ, Решение на Антифашисткото собрание на народното ослободуење на Македонија како врховно законодателно и исполнително народно претставително тело и највисок орган на државната власт на Демократска Македонија (АСНОМ), стр. 2, Член 10.
  8. Акти на Првото заседание на АСНОМ, Решение за организација поверенства при Президиумот на АСНОМ и именување на нивните раководители, стр. 5, Член 1, точка 2 и Член 2.
  9. „Осум загинати полицајци во Куманово“. Кајгана. 10 мај 2015. Архивирано од изворникот на 2016-04-08. Посетено на 2 јануари 2018.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]