Прејди на содржината

Вооружена престрелка во Куманово (2015)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Вооружена престрелка во Куманово

Разрушени куќи, последици од вооружената престрелка
Датум 9-10 мај 2015
Место Куманово, Македонија
Исход Победа на македонската полиција и специјалните единици.[1][2]
Завојувани страни
 Македонија Ослободителна народна армија
АНА
Команданти и водачи
Ѓорѓе Иванов
Никола Груевски
Гордана Јанкулоска
Мирсад Ндрецај
Мухамед Красниќи
Сами Укшини
Бег Ризај
Демe Шеху
(сите водачи што не биле убиени биле приведени)
Сила
Непознато 50-70 терористи
Жртви и загуби
8 убиени,
37 повредени
14 убиени,
36 приведени
Вооружена престрелка во Куманово (2015) во рамките на Македонија
Местоположба на Куманово во Македонија

Вооружена престрелка во Куманово — полициска акција за разбивање на вооружена терористичка група, која траела на 9 и на 10 мај 2015 година во Куманово. Полициската акција се одвивала во кумановската населба „Диво Насеље“, дел од градската месна заедница „Тоде Мендол“, во близина на автопатот Е75.

Акцијата започнала рано утрината во 04:30 часот во саботата на 9 мај и траела речиси непрекинато 28 часа, сѐ до 10:00 часот во неделата на 10 мај. Акцијата завршила со победа на македонските специјални сили и целосно неутрализирање и елиминирање на терористичката група, која дел ѝ се предале на македонските власти во текот на вечерта во саботата на 9 мај.

Настаните во Куманово се случиле во период на сериозна политичка криза во Македонија и во период кога, од 5 мај, започнаа антивладини протести.

Во првичните разговори со лицата, кои претходно се предале на полицијата, било посочено дека цели на групата биле напади на државни и цивилни цели, кои би започнале со спроведување од средината на мај.

Организатори

[уреди | уреди извор]

Според сомненијата, како што кажал и портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Иво Котески, истакнати членови на групата се претпоставува дека биле: Мухамед Красниќи т.н. Малишева, Мирсад Ндрецај т.н. командант Нато, Сами Укшини т.н. командант Соколи, Бег Ризај алијас командант Бегу и Дем Шеху, алијас Јунику, сите косовски државјани.

Според искажаното од надлежните во македонското Министерство за внатрешни работи може да се заклучи дека станувало збор за една од најопасните терористички групи, а самиот портпарол на македонското МВР има истакнато дека групата била закана за целиот регион и била вклучена во бројни напади, а нејзините членови биле барани со меѓународни потерници.[2]

По утврдувањето на индетитетот на уапсените препознаени се Мухамед Красниќи, Сами Укшини и Деме Шеху. Меѓу убиените се Мирсад Ндрецај и Бег Ризај.

Завршница

[уреди | уреди извор]

Соопштението дадено на конференција за печатот за тоа дека операцијата за разбивање на терористичката група во Куманово е завршена го дал портпаролот на МВР и изјавил дека „групата која беше стационирана во неколку објекти и претставуваше закана по безбедноста на граѓаните на Република Македонија е целосно неутрализирана и елиминирана“.[1][2]

Претходно, околу триесетина членови на терористичката група се предала безусловно на полицијата, кои главно биле македонски државјани и еден албански државјанин. Меѓу кои биле и тројца од водачите Мухамед Красниќи, Сами Укшини и Демe Шеху.

Жртви и загуби

[уреди | уреди извор]
Горан Стојменовиќ, еден од загинатите специјалци, сликан истата година.

Од страна на македонските безбедносни сили загинале осум припадници на специјалните единици на македонската полиција, а биле повредени дури 37 други полицајци во уличните борби низ тесниот и густо населен урбан дел на приградската населба во Куманово.

Убиени биле следниве припадници на специјалните единици на македонската полиција:

На страната на терористите, на лице место биле пронајдени 14 мртви тела во униформи, чиј идентитет сѐ уште не е познат. Како што изјавил и портпаролот на македонското МВР „во моментов не може да се исклучи дека има и други загинати терористи со оглед на фактот што објектите од кои ја напаѓаа полицијата се значително оштетени и можно е во други простории кои дополнително треба да се проверат да има други тела“.[1]

Нема цивилни жртви.

Обвинение

[уреди | уреди извор]

Јавното обвинителство на Република Македонија покренало постапка за приведените во акцијата во Куманото веднаш по самото нивно приведување, откако МВР поднело кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против определен број лица за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност“.[3]

Од 37 обвинети за тероризам и терористичка организација, 33 луѓе беа осудени за делата а за четири лица е донесена ослободителна пресуда. За седуммина беше изречена казна од доживотен затвор.[4]

Претседателот Ѓорѓе Иванов истакна дека причината за конфликтот е тоа што Република Македонија не е дел од ЕУ и НАТО.[5]

За самата полициска акција стигнале бројни реакции од страна на амбасадата на САД во Скопје, руското Министерство за надворешни работи, мисијата на ОБСЕ во Скопје, делегацијата на Европската Унија во Скопје и други организации испратиле пораки за смиреност на населението и жалење за жртвите.

Во соопштението на руското МНР издадено уште на 9 мај 2015 година, само неколку часа по акцијата, се велело дека „со загриженост ги следиме информациите за вооружен инцидент кој се случи на 9 мај во Куманово. Се надеваме дека во најскоро време ситуацијата ќе биде нормализирана, а сите околности ќе бидат темелно истражени“.[6]

По изречените казни, во Скопје се организираше протест во знак на поддршка на обвинетите, а во Косово беше запалено македонското знаме од револтирани граѓани. Исто така, Владата на Косово додели вкупно 219 илјади евра за семејствата на осудените во случајот, кои според приштинската новинска агенција „Ботапрес.инфо“, средствата се доделуваат на семејствата на осудените за тие да ги покријат трошоците во судската постапка.[7]

57-годишен човек се појавил пред Врховниот суд за време на читањето на пресудите со петарди и објект во налик на експлозив, при што во обид да ги нападне полицајците кои го обезбедувале објектот бил уапсен.[8]

  1. 1,0 1,1 1,2 „Котески: Заврши акцијата во Куманово, терористите елиминирани и неутрализирани“. Вест. Скопје: МПМ Македонија. 10 мај 2015. Архивирано од изворникот на 2015-05-14. Посетено на 10 мај 2015.
  2. 2,0 2,1 2,2 „Заврши акцијата во Куманово, терористите елиминирани и неутрализирани“. Дневник. Скопје: МПМ Македонија. 10 мај 2015. Архивирано од изворникот на 2015-05-14. Посетено на 10 мај 2015.
  3. „Обвинителство почна постапка за приведените во акцијата во Куманово“. Дневник. Скопје: МПМ Македонија. 10 мај 2015. Архивирано од изворникот на 2015-05-14. Посетено на 10 мај 2015.
  4. „Осудени 33 обвинети за Диво Насеље, седуммина на доживотен затвор“. Радио Слободна Европа. 2 ноември 2017. Посетено на 10 ноември 2017.
  5. "Lack of EU and NATO integration to blame for conflict". b92 (англиски). 11 мај 2015. Посетено на 27 ноември 2017.
  6. „Русија изрази загриженост за инцидентот во Куманово“. Дневник. Скопје: МПМ Македонија. 9 мај 2015. Архивирано од изворникот на 2016-04-02. Посетено на 10 мај 2015.
  7. „Косовската влада доделува 219 илјади евра за семејствата на осудените за „Диво Насеље". Правдико. 10 ноември 2017. Архивирано од изворникот на 2017-11-10. Посетено на 10 ноември 2017.
  8. „Петарди наредил како самоубиец бомбаш - детали од инцидентот пред судот за време на процесот за Диво Насеље“. Телма. 2 ноември 2017. Посетено на 10 ноември 2017.