Горан Илијевски
Горан Илијевски, познат и како Горан Илијевски – Мечето (Гостивар, 18 декември 1974 – Куманово, 10 мај 2015) — македонски бранител, специјалец во Единицата за брзо распоредување - ЕБР и еден од осумте специјалци кои загинаа во вооружената престрелка во Диво Насеље, Куманово на 9 и 10 мај 2015 година.[1]
Горан Илијевски | |
---|---|
18 декември 1974 – † 10 мај 2015 (40 г.) | |
Роден во: | Гостивар, Македонија |
Починал во: | Куманово |
Служба во: | Македонија |
Чин: | Специјалец во МВР |
Единици: | ЕБР |
Битки/војни: | † Вооружена престрелка во Куманово (2015) |
Одличја: |
Животопис
[уреди | уреди извор]Горан Илијевски е роден на 18 декември 1974 година во Гостивар, со татко Тимосија, мајка Донка и сестра Гордана. Основно училиште завршил во О.У. „Братство - Единство“ во Гостивар, додека пак средно образование завршил во ЦСНО „Злате Малакоски“, исто така во Гостивар. Своите додипломски студии ги започнал во студентската 2009/2010 година на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св.Климент Охридски“ во Скопје.
Покрај големата желба за заштита на својата татковина, средношколска љубов му претставувала и музиката. Во средношколските денови, бил еден од познатите диџеи во тогашната дискотека „М“ во Гостивар. Горан претставувал голем другар, пријател и добар сограѓанин за гостиварци, меѓу кои бил познат под прекарот „Мечо“. Во 2002 година се венчава со својата сопруга Билјана, со која што ја има единствената ќерка Дона.
Горан е човекот кој ја возобнови традицијата за Богојавление – Водици, позната и како фрлање на градскиот крст во водите на реката Вардар во Гостивар, по околу 70-годишна пауза.[2] Во интервјуто за Канал 5 телевизија, тој изјавил:
„Гостивар, ако не е единствен, тогаш е меѓу ретките градови што не го одбележува Водици. Таа традиција, според некои сознанија, е прекината пред повеќе од 70 години. По повеќе обиди, успеавме да го организираме сето ова, бидејќи градот и православните христијани го заслужуваат.“
Во мај 2001 година, за време на воениот конфликт во Македонија, се пријавил како доброволен резервист во СВР - Гостивар. Со самото формирање на Единицата за брзо распоредување (ЕБР), која во тоа време го носела името Баталјон за брзи интервенции (ББИ), по успешно поминатите селективни проверки бил примен и упатен на обука, а подоцна станал дел и служел сè до својата смрт на 10 мај 2015 година.
Положувањето на својот живот за заштита на својата татковина Македонија и македонскиот народ говори за неговата херојска визија и мисија како човек. Неговиот погреб бил извршен со највисоки државни почести на старите градски гробишта во Гостивар.[3] Горан е посмртно одликуван со медал за храброст од страна на Претседателот на Република Македонија.
На 1 јули 2015 година, на 23-та седница на Советот на општина Крива Паланка, бил изгласан предлогот за именување улица во чест на бранителот, Горан Илијевски, кој загина во полициската акција во кумановското „Диво насеље“. На седницата советничката Соња Мазаковска поднела иницијатива во чест на Горан Илијевски – по потекло, по мајка, кривопаланчанец, дел од улицата „Херој Карпош“ во кривопаланечката населба Бавчалак, да биде именуван со неговото име. Иницијативата едногласно била поддржана од сите советници од Советот на општина Крива Паланка, а присутни биле и членови на најблиското семејство на Илијевски и негови роднини од Крива Паланка.[4]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Осуммина загинати спасија илјадници животи“. Дневник. 10 мај 2015. Архивирано од изворникот на 6 август 2016. Посетено на 25 февруари 2024.
- ↑ „По седум децении возобновување на традицијата и прослава на празникот Водици во Гостивар“. 16 јануари 2015. Посетено на 25 февруари 2024.
- ↑ „Најблиските се простија од Горан Стојменовиќ и од Горан Илиевски“. 11 мај 2015. Посетено на 25 февруари 2024.
- ↑ „ВО КРИВА ПАЛАНКА ИМЕНУВАНА УЛИЦА ПО БРАНИТЕЛОТ ГОРАН ИЛИЈЕВСКИ“. 1 јули 2015. Посетено на 25 февруари 2024.