Зубовце (Гостиварско)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Зубовце
Zubovce 01.JPG

Поглед кон селото

Зубовце се наоѓа во Republic of Macedonia
Зубовце
Местоположба на Зубовце во Македонија
Координати 41°49′45″ СГШ 20°52′40″ ИГД / 
Општина Општина Врапчиште
Население 762 жит.
Пошт. бр. 1238
Надм. вис. 558 м

Зубовце — село во Општина Врапчиште, во околината на градот Гостивар.

Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Зубовце лежи во подножјето на Шар Планина измеѓу Дебреше на југ и Врапчиште на север. Селото лежи по текот на Зубовскиот Поток на надморска висина од 556 метри. Селото има три главни извори на вода и тоа: Сугарски, Калапетроец и Лапнимушица. Селскиот атар е доста голем. Нивите се наоѓаат во источниот рамничарски дел како: Долен Цес, Цапркојца, Крс, Мал П'т, Чапрага,Дапче, Дреноец, Кобел, Манастирско, Под Лаг, Кара Зела, Голема Нива, Клукоо, Лажец, Крило, Бунарче, Цигалче, Орашлика, Крепи Куќица, Пскарсник и Калишаноец. Ливадите се наоѓаат на местата: Слатина и Ливадје, а додека шумите на местото Костур-Самар над самото село.[1]

Зубовце е населба од збиен тип.Куќите се групирани по маала, кои се наоѓаат покрај потокот од лева и десна страна.

Историja[уреди | уреди извор]

Фрагмент од псалтир од првата половина на 16 век, најден во Зубовце

Зубовце е стара населба. За прв пат се споменува во 1595 година. Според усните преданија на селаните, првите зубовчани дошле од чисто македонското место Пилигринци, кое тогаш се наоѓало во рамничарскиот дел на Полог на 3 km источно од денешното село. Покрај тоа место постоел главен пат т.н. Алабачки Пат по кој оделе дервишите. Поради нивните зулуми селаните се иселиле од таму и дошле на денешното место.[2]

Демографија[уреди | уреди извор]

На крајот од 19 век Зубовце е македонско село в Гостиварска нахија на Тетовска каза на Османлиската империја. Според Кнчов]] во 1900 година Зубовци има 720 жители[3], додека веќе во 1905 година има 752 жители кои се поделени во две цркви.[4] Според Селишчев во 1929 година Зубовце е центар на општина од 4 села во Горнополошкиот срез и има 109 куќи со 705 жители.[5]

Според пописот од 2002 година селото има 762 жители.[6]

Националност Број
Македонци 478
Албанци 223
Турци 58
Роми 0
Власи 0
Срби 2
Бошњаци 0
други 1

Општествени институции[уреди | уреди извор]

  • Црква „Св. Марена“ - Зубовце[7] - оваа црква е најстарата во селото. Во минатото била разрушена и останале само гробовите да сведочат за постоењето. Во 1840 година селаните повторно ја изградиле и денес претставува едно од големите собири во тој крај на Полог.[8]

Економија[уреди | уреди извор]

Во селото постои индустриска зона во која функционираат неколку фабрики.[10] Во селото функционира фарма за ноеви.[11]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Споменик во центарот на селото од Втората Светска Војна
Гоцев Мост — еден од многуте на Зубовски Поток

Селото е доста познато по своите мостови преку Зубовскиот Поток и по своите чешмии.

Редовни настани[уреди | уреди извор]

  • Одење по Билки -Спроти Ѓурѓовден на 5 мај се оди по билки. Сите девојки заедно низ полето берат растенија од штотуку расцутените плодни дрвја и цеќиња. Се берат билки и се пее:
Слагај билке од планина,
билјаро, билјаро,зар ти плачет машко дете,
билјаро,билјаро, ако палчет нека плачет,
билјаро, билјаро,качите го на нишалка
билјаро, билјаро, ќе му дувнет тивко ветре,
билјаро, билјаро, ќе заросит ситна роса,
билјаро, билјаро, ќе заспиет машко дете,
билјаро, билјаро.

Младите невести и девојчиња прават венчиња од полски цвеќиња и се кршат зелени гранчиња од расцутените плодни дрвја. При берењето на билките, покрај другите се пее:

Ајде билке на билје, билјаро, билјаро
билки да си береме, билјаро, билјаро,
венци да си правиме, билјаро, билјаро,
кобли да наредиме, билјаро, билјаро,
бутин да наредиме, билјаро, билјаро,
куќа да закитиме, билјаро, билјаро...

Со набраното зеленило се закитуваат влезните порти на куќите, самите куќи и клетовите, како и котарите каде што е сместен добитокот. Со венчиња се китат коблите и бутините, лонците каде што се преработува домашното млеко. Со ѓурѓевденското зеленило се најавува родна и бериќетна година, здрав и плоден добиток, среќа и напредок во фалилијата.[13]

  • Водици - Богојавление - традиционално се прославува на 19 јануари. Од утринските часови се пее:
Во Јордање крештајусја Тебја Господи, Троическое јависја Поклонение.
Родителе со глас Свидетелство ваше тебје, Возљубљенога тја сина Именуја.
И дух видје голубиње Известуваше словесе Утврждение.
Јављенсја Христе Боже И мир просвеиште Слава тебја..

Личности[уреди | уреди извор]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Карактеристично за Зубовце е прославата на празникот Прочка. Во текот на денот во бавчите (градините) се палат огнови. Запалените китчиња слама им се дават и на децата, а тие, трчајќи низ бавчите на сиот глас извикуваат:

Бегај крту бегај,
бегај ќ’те изгорам
Бегај крту, бегај,
бегај ќ’те изгорам.

На овој начин како и со запалениот оган се бркале кртовите кои им нанесувале големи штети на градинарските култури. Пред да падне првиот мрак, се палат големите маалски огнови, наречени Баба вештица, направени од слама, од пченкарница и од смрека. На времето меѓу зубовските маала, постоел и натпревар кое маало ќе има најразгорен оган, со највисок пламен. Околу огновите, децата трчале и ги прескокнувале пламените јазици. Со јагленчињата од огнот на малите деца им цртале крстиња на челото за здравје и заштита од уроци. Попладнето на Поклади, според стариот обичај, младите одат на посета кај постарата фамилија за традиционално да побараат прошка без разлика дали некој некому му згрешил или не. Проштавај ако сум се огрешил нешто годинава! – е вообичаеното обраќање на помладите кон постарите. Нека ти е просто и блосоено и од мене и од Бога – одговара оној од кого се бара проштевање. Вечерта во секој зубовски дом се подготвува свечена вечера. Традиционално се коле петел или кокошка и се подготвува зубовскиот специјалитет калејнца – ориз во тава. Се прави и алва, а се вари и по едно јајце за секој член од потесното семејство и уште едно за куќата. По завршувањето на вечерата, се изведува вообичаеното ацкање (амкање) јајце. Домаќинката зема кадела (урка, рачно изработена направа за предење волна) на која на плетена волнена врвка го врзува вареното јајце. Јајцето го ниша околу софрата. Сите со зинати усти, се обидуваат да го лапнат јајцето без да се служат со рацете. Ацкањето (амкањето) трае се додека некој не го лапне јајцето, кое потоа се лупи и секој од семејството каснува по малку за здравје. Во една лушпа од јајцето се налева црвено вино или како што го викаат крто вино. Домаќинката послужува со зборовите: напиј се крто вино, а оној што ќе се напие од лушпата наздравува: ај да ги снема кртовите од бавчите. На вечерата се изведува уште еден обичај наречен јадец. Тој што ќе го најде т.н. јадец во месото се обложува со надлажување. Надлажувањето може да трае за целото време на велигденските пости.[17]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Жителите на Зубовце во минатото и денес егзистенцијата за своите семејства ја обезбедувале и од печалбарство. Многумина од нив биле и се врвни угостители во Србија, Романија, Германија, Бугарија, како и во Египет и во Турција.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Trifunovski, Jovan F. (1976) (на француски). Polog (Etudes Anthropogeographiques) (1 издание). Belgrad: Academie Serbe des Sciences et des Art.
  2. Трифуновски, Ј.. Села кои сега не постојат во Полог. стр. 162.
  3. Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900.
  4. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, стр.124-125.
  5. Афанасий Селищев. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. - София, 1929, стр.25.
  6. Министерство за Локална Самоуправа. База на општински урбанистички планови
  7. „Света Огнена Марина – Марена“ (на македонски). Македонска нација. Вторник, 28 јули 2009. http://www.mn.mk/kultura/323-sveta-ognena-marina-marena. конс. 1 мај 2010 г. 
  8. Ст. Новаковић, Балканска питања, стр. 532
  9. Академик Томе Серафимовски ја даруваше црквата "Св. Тома"“, Вест, Понеделник 10/13/2008 (конс. 1 мај 2010 г). (на македонски)
  10. „Ќе се градат пет фабрики во гостиварско Зубовце“ (на македонски). Утрински Весник. петок, 04 септември 2009. http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=01968EECB99D244EB329F38B3945A88F. конс. 16 август 2010 г. 
  11. „Фарма за ноеви „Штраус““ (на македонски). http://www.noevi.com.mk/. конс. 16 август 2010 г. 
  12. „Зубовце го прослави патрониот празник на заштитничката Огнена Марија“ (на македонски). МИА. http://www.mia.com.mk/default.aspx?mId=6&vId=66527165&lId=1&title=%D0%9C%D0%90%D0%9A%D0%95%D0%94%D0%9E%D0%9D%D0%98%D0%88%D0%90+-+%D0%9B%D0%9E%D0%9A%D0%90%D0%9B%D0%9D%D0%90+%D0%A1%D0%90%D0%9C%D0%9E%D0%A3%D0%9F%D0%A0%D0%90%D0%92%D0%90. конс. 16 август 2010 г. 
  13. „Зубовце“, Гале Фиданоски, издавач Месна заедница Зубовце, 2000
  14. „МАНЕ ЈАКОВЛЕВСКИ, ГОДИНАШЕН КУМ НА МАНИФЕСТАЦИЈАТА ВОДИЦИ -Реномиран угостител и голем верник“ (на македонски). Вечер. 5 септември 2006. http://star.vecer.com.mk/tekst.asp?tid=4801. конс. 16 август 2010 г. 
  15. „Прашалник за ревизија на лично досие“ (на македонски). МВР на СРМ. http://novamakedonija.com.mk/Uploads/Image/2012/septemvri/dosie-7143.jpg. конс. 26 септември 2012 г. 
  16. Цел на тајните југословенски полициски служби“, Нова Македонија, среда 26.9.2012 (конс. 26 септември 2012 г). (на македонски)
  17. „Зубовце“, - Гале Фиданоски, Зубовце 2008

Надворешни врски[уреди | уреди извор]