Народни носии од Мариово

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Мариовска носија)
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Мариово на картата на Македонија

Народната носија од Мариово била распространета во триесетте села од областа Мариово. Во мариовските села живее чисто македонско население. Мариовската носија е условена од природните и климатските услови и од сточарството, како главна стопанска гранка, па затоа оваа носија е планинско сточарска.

Опис[уреди | уреди извор]

Машка носија[уреди | уреди извор]

Машка народна носија од Мариово

Во селата од изолираниот планински предел Мариово, машката носија, составена од бројни бели клашнени облеки, ги има сите карактеристики на изразито планинско - сточарска носија. Под кошулата од бело дебело домашно ткаено платно се носи аба, а врз неа џамадан од клашна. На нозете се носат бели клашнени ѕиври - ногавици од бела клашна кои се придржуваат за појасот со волнени врвци; бели ажурно плетени чорапи со подвески - тесни појасчиња за придржување на чорапите под колената и опинци од говедска кожа. Се опашуваат со волнен ткаен појас - кемер врз кој се носи ремен од кожа.

Зимската облека е гуна од бела или црна клашна, безракавна, долга до колена, со специфични украси. Сакма од дебела валана волнено - козинена ткаенина е типично сточарска облека на овчарите.

Празничната носија и рувото на зетот се повеќе украсени. Во нивниот состав е забележливо бело прегаче со шар на прачки, како посебна ознака на ергенството. Бела сакма влегува во составот на специјалната руба венчаничка, а ф'стан - кусо, многу набрано здолниште, е детал од носијата на младоженците и младите мажи.

Женска носија[уреди | уреди извор]

Женска народна носија од Мариово

Женската носија во пределот Мариово, по своето стилско и ликовно обликување, по складното единство на украсувањето, по изобилството на црвени волнени рески, како и низата извезени орнаменти со геометриски и стилизирани вегетабилни мотиви, се вбројува во најубавите, но и најтешките носии во Македонија и претставува врвен домен на народното творештво. Невестинската носија тежи преку 50 „ока“ (околу 63 kg).[1]

Во Старо Мариово, кое се издвојува од Мало Мариово со некои незначителни разлики во етничките особини, народната носија - руфетот е помариовски. Во селата од Мало Мариово во народното облекување се чувствува влијанието на соседниот предел Прилепско Поле.

Врз белата платнена кошула, богато украсена со густо извезени мотиви во техниките писано, лозено и грабено, се носи сагија, саја, од бело платно или клашна, украсена со вез и богати поткитки од рески - кис. Околу половината се опашуваат, со долг црн плетен појас и ткаена волнена скутина, прегач, вута, украсени со ситни мотиви и поткитени со густи волнени рески. Девојките од Мариово главата ја покриваат со бел тублен, украсен по мариовски, а мажените жени врз тубленот носат обрус од бело платно со извезени и ткаени мотиви и густи рески на двата краја.

Облеките гуна и горница изработени од клашна, украсени по мариовски со волнени оптоки и гајтани, ја оформуваат женската носија за во празници.

Најмногу е украсено рувото венчаничко во кое, освен посебно изобилните извезени и вткаени мотиви, се застапени и специјални облеки и детали како знак на невестинството. Тоа е бела гуна, горница, везени ракавчиња, голем коцел, а на главата многу цвеќе, украсот нетоп и обрус преку лицето, како и многуброен масивен метален накит пафти, гердани, копци.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Македонски народни носии“ Етнолошки музеј-Скопје 1963 год.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]