Лесновски манастир

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Лесновскиот манастир)
Прејди на: содржини, барај
Лесновски манастир
Поглед на манастирот
Информации
Целосно име Лесновски манастир
Манастир на: МПЦ - ОА
Основан XIV век
Посветен на Гаврил Лесновски
Епархија Брегалничка
Цркви Црква „Св. Архангел Михаил“
Параклис „Св. Наум Охридски“
Параклис „Св. Јован Крстител“
Црква „Успение на Пресвета Богородица“
Црква „Свето Преображение“
Црква „Св. Илија“
Личности
Место
Место во близина на Злетово, Општина Пробиштип Македонија Македонија
Координати 42°00′48″ СГШ 22°13′42″ ИГД / 
Видливи остатоци 6 цркви, конаци, гробови
Оторен за јавност да
Други информации (Злетовска парохија)

Свети Гаврил Лесновски или Лесновски манастирманастир во с. Лесново, Пробиштипско. Главната црква е посветена на Светите Архангели Михаил и Гаврил. Постои мислење дека манастирот бил изграден кога св. Гаврил Лесновски се замонашил или пак по неговата смрт, кога се развил култот за подвижничкиот живот (како што е наведено во краткото негово житие од 1330 година). Времето во кое живеел Гаврил Лесновски не е прецизно утврдено. Постои мислење дека тоа треба да се бара во 11 век, а оттаму заклучокот дека манастирот бил изграден во втората половина на 11 век, кога во крајот северно од Брегалница бил развиен силно култот за пустожителите, меѓу кои и за светиот отец Гаврил.

Легенда[уреди | уреди извор]

Настанувањето на манастирот се поврзува со животот на пустиникот Гаврил Лесновски. За св. Гаврил постојат повеќе житија (хагеографии). Првото е сосема кратко и е напишано околу 1330 година. Во опширното житие на пустиножителот од 1868 година стои дека за време на неговиот живот, манастирот постоел и во него тој се замонашил.

Според едно од житијата во средината на XI век во с. Лесново живееле четворицата големи испосници, светители — Јован Рилски, Прохор Пчински, Јоаким Осоговски и Гаврил Лесновски. Четворицата светители или како народот ги именува четворицата духовни браќа скоро 30 години живееле во пост, молитва и строг послужителски живот во пештера во тогашната многу густо пошумена лесновска гора во близина на селото Лесново. Откако оствариле духовна зрелост кај секој од нив се појавила потреба од поединечно продолжување на сопствената духовна мисија. Заминале на четири различни страни и изградиле манастири, при што Гаврил Лесновски останал во с. Лесново и го подигнал (основал) Лесновскиот манастир.

Историја[уреди | уреди извор]

Црквата „Св. Архангел Михаил“ во 1912 година

За првпат во пишани споменици се спомнува во 1330, кога книжевникот Станислав препишал во манастирот пролог, каде го сместил и краткото житие на Гаврил Лесновски. Денес ракописот се чува во Белград. Во 1341 година деспотот Јован Оливер го обновил, а по неколку години бил проширен со вториот дел. На црковниот собир во Скопје, 1347 година од страна на Стефан Душан бил назначен овој манастир за седиште на новоформираната Злетовска епископија, што ја заменила Мородвиската. Веројатно и тоа било причина манастирот да биде проширен.

Во 1381 година повторно бил приложен на манастирот Хилендар. Во 1558 година, при игуменот Неофит, манастирот бил поправен, а во 1581 при игуменот Спиридон, го препокрил кратовскиот болјарин Никола Бојчиќ. Благодарение на жителите на Кратовско и кривопаланечко, манастирот успеал да дотрае низ целиот среден век, па се до денес, зошто од нив бил неколу пати поправан. При крајот на 17 век запустел, но во 1805 го обновил еромохајот Теодосиј. Во 1814, од една белешка гледаме дека тој бил игумен на манастирот. Овој манастир е еден од побогатите книжевни центри во Македонија. Низ повеќе институции надвор од Македонија се чуваат ракописи што се пишувани во него или потекнуваат од неговата богата библиотека. Познати се збирките во: Белград, Софија, Пловдив.

Досега славистиката идентификува значителен број ракописи од овој манастир, од кои позначајни се: Прологот од 1330 година, Минејот од 1342 година, Паранејсот од 1353 година итн. Голем е и бројот на книжевниците што во манастирот ја вршеле својата книжевна дејност. На прв план тоа е Станислав - првиот книжевник од Лесновскиот книжевен центар и оснивач на калиграфската школа; Партенија, негов ученик, псевдонимниот книжевник Тахота, Калиник, Драјко, Радоња, Силвестер, поп Лазар од Кратово, поп Никола итн. Неговото прераснување во книжевен центар се поврзува со фактот што поседувал економски богат статус. Под негова прбижна потчинетост биле многу цркви и манастири, како и села. Да се спомене дека истиот бил и засолниште за голем број револуционери и ослободителни групи, што се бореле за национална слобода на Македонскиот народ.

Лесновски скрипторум[уреди | уреди извор]

Kнижовно училиште во манастирот се нарекувало Скрипториум. Постоело уште од половината на XI век , но имало и калиграфско (препишувачко) училиште формирано во XIII век. Се до 40-тите години од XIX век во манастирот се наоѓала и најголемата библиотека на Балканот, со огромен фонд на книги и ракописи собирани од најстарите времиња и најдалечни краеви, но и создавани тука на автохтоното македонско подрачје.

Градби[уреди | уреди извор]

Главна манастирска црква[уреди | уреди извор]

Црквата „Св. Архангел Михаил“

Според најстарото житие на свети Гаврил Лесновски, напишано од Станислав Граматик во 1330 година, овој храм и манастирот потекнуваат од 11 век, основан од Свети Гаврил Лесновски, посветен на Свети Архангел Михаил. Возобновен е во 1341 година од Деспот Јован Оливер. Фрескоживописот е завршен во 1347 година најверојатно од четворица зографи. Иконостасот е во длабока резба од 1811-1814, прво дело на тајфата на Петре Филиповски – Гарката.[1]

Параклиси[уреди | уреди извор]

Во дворот на манастирот се наоѓаат два параклиса. црквата „Св. Наум Охридски“ - Лесново, сместена во манастирските конаци; и црквата „Св. Јован Крстител“, сместена во обновениот источен конак. Црквата „Св. Јован Крстител“ била осветена на 9 октомври 2016 година.[2]

Пештерни цркви[уреди | уреди извор]

Во непосредна близина на манастирскиот комплекс се сместени три пештерните цркви: црквата „Успение на Пресвета Богородица“, црквата „Свето Преображение“ и црквата „Св. Илија“.

Метоси[уреди | уреди извор]

Во рамки на манастирскиот имот како метоси влегуваат Зеленградскиот манастир посветен на Свети Спиридон, кој се наоѓа во близина на селото Зеленград; како и Злетовскиот манастир посветен на Богородица Марија, кој се наоѓа во близина на селото Злетово.

Конаци[уреди | уреди извор]

Манастирските конаци се изградени во 19 век. Во нив е сместена камбанаријата и магацинска зграда.

Голема лавра[уреди | уреди извор]

Во непосредна близина на манастирот се наоѓаат остатоци од некогашните над 20 скитови (мали молитвеници во карпи), параклиси и пештерни испосници кои го потврдуваат интензивното монашко живеење поврзано за Лесновскиот манастир, од дамнина наречен „Голема лавра“. Во манастирот некогаш имало и 200, до 300 монаси, вклучувајќи ги и оние кои живееле наоколу. Тие ја формирале до тоа време најголемата монашка заедница на овие простори.

Значење[уреди | уреди извор]

Манастирот Св. Гаврил Лесновски е еден од најзначајните и најубавите средновековни и сакрални споменици на културата, не само во Република Македонија туку и пошироко. Не само што со своето богатство и содржини на иконостасот и фрескосликарството претставува голема мистерија, туку тој е познат и по својата моќ да лекува болни лица. Селаните веруваат дека светецот Гаврил Лесновски ги штити нив, нивното село и манастирот и дека неговиот дух е присутен. Тие исто така веруваат дека не случајно тука се настанати и селото и манастирот и со гордост истакнуваат дека овој простор е библиски.

Масовната посета на манастирот е за време на празниците 21 септември и 28 јануари, кога доаѓаат голем број поклоници, посетители и гости.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]