Зеленград

Од Википедија — слободната енциклопедија
Зеленград
Поглед на Зеленград.jpg

Воздушен поглед на селото Зеленград

Зеленград is located in Македонија
Зеленград
Местоположба на Зеленград во Македонија
Зеленград на интерактивна карта

Координати 42°01′58.25″N 22°16′45.84″E / 42.0328472° СГШ; 22.2794000° ИГД / 42.0328472; 22.2794000Координати: 42°01′58.25″N 22°16′45.84″E / 42.0328472° СГШ; 22.2794000° ИГД / 42.0328472; 22.2794000
Регион Logo of Eastern Region, North Macedonia.svg Источен
Општина Coat of arms of Probištip Municipality.svg Пробиштип
Област Злетовско-пробиштипско
Население 7[1] жит.
(поп. 2021)[2]

Пошт. бр. 2212
Повик. бр. 032
Шифра на КО 21014
Зеленград на општинската карта
Древено во Општина Пробиштип.svg

Атарот на Зеленград во рамките на општината


Зеленград — село во Општина Пробиштип, во Злетовско-пробиштипскиот регион, во околината на градот Пробиштип.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Ова мало и високопланинско село се наоѓа во североисточниот дел на територијата на Општина Пробиштип, во изворишното сливно подрачје на Злетовска Река, а чиј атар се допира со подрачјето на општините Кочани и Кратово.[3] Селото е планинско, сместено на надморска височина од 1.130 метри. Од градот Пробиштип, селото е оддалечено 18 километри[3]

Зеленград е распослан на стрмните планински висови меѓу Зеленградска Река од север, Ештерец од југ и Злетовска Река од запад. На исток доминира планината Пониква (1.600 м.н.в.).

Во близина на селото минува регионалниот пат 2232, од кој се двои земјениот пат кој води до селото.

Селото има разбиен тип и е составено од повеќе маала, како што село Зеленград, Гноиште, Пајаковица, Орлов Камен, Чифлик и Самари.

Историја[уреди | уреди извор]

Подрачјето на Зеленград е населено уште од доцната антика и римското време, за што сведочат наоѓалиштата во неговата околина.[4]

Самото име Зеленград несомнено е од словенско потекло и најверојатно го добило по тврдината Градиште која се наоѓа до маалото Самари. Ова наоѓалиште е во суштина рид кој стрмно се издига над левиот брег на Злетовска Река. На врвот има остатоци од одбранбен бедем и остатоци од керамика. Судејки по откопаните питоси и монети, евидентно е дека во ова зеленградско маало во римскиот период постоела населба.

Сепак, селото не се појавува во записите од средниот век. Не е споменато ниту во една даровница, повелба на Деспот Оливер, кој го дарува манастирот Лесново (додуша на едно место се спомнува Пајаковица, но само како месност, а не и населба или маало), додека соседните села се присутни.

Истото се повторува и во турските пописни дефтери од 1573 година, кога Зеленград не се појавува како населба. Ако имало некаков живот во ова село, турските попишувачи не би го испуштиле од предвид. Селото Луково од другата десна страна на Злетовска Река во овој попис е прикажано и е заведено како „ненаселено“.

Ако се знае дека во тој период потесниот и поширокиот атар на Зеленград е покриен со густа шума (и 300 години подоцна и Ѓорче Петров за ова село ќе забележи дека има 16 куќи кои се обични колиби) не е тешко да се претпостави дека населението, кое главно се занимава со сточарство, од повеќе причини, даноци, грабежи, насилија многу лесно го менуваат местото на живеење и подоцна се враќаат на истото место. Меѓу другото, таа принудна изолација, во тие несигурни периоди им овозможува, на некој начин, и добри услови за издршка.

Селото реално влегува во групата на новосоздадени села, населено во почетокот на XVIII век. Првите родови кои се доселиле во маалото Село потекнувале од областа на Горна Пчиња.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот на селото зафаќа простор од 14,4 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 809,7 хектари, на пасиштата отпаѓаат 489,5 хектари, а на обработливото земјиште 126,2 хектари.[3]

Во основа, може да се каже дека селото има мешовита земјоделска функција.[3]

Во минатото, мештаните се занимавале со сточарство и со експлоатација на шумите.

Од расположливите статистички извори гледаме, на пример, дека во 1931 година 37 домаќинства колку што имало селото располагале со сточен фонд од 687 кози, 393 овци, 85 говеда, 7 свињи, 17 коњи и мулиња. По 40 години подоцна (1971 г.), кога селото имало 138 жители и 33 домаќинства поради уништувањето на козите расте бројот на овци 621 грло, 68 говеда, 28 свињи и 19 коњи и мулиња. Инаку, поради природно-географски услови поледелството за кое и така нема услови за примена на механизација и агротехнички мерки постепено се деградира. Така, на пример од пописот на земјоделството 1959/1960 година гледаме дека со жита, граор и уров биле посеани 105 хектари, а во 1971 г. овие култури се забележуваат на 12-13 хектари. Поради миграцијата на младото и работно способно население видно се намалува и производството на компири. Единствено гравот како поледелска култура и во двете пописни години го има на 6 ха. Поради климатските услови, Зелениград во целата некогошна Злетовска област има најмногу стебла сливи (џанки) и ореви.

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948286—    
1953292+2.1%
1961219−25.0%
1971138−37.0%
ГодинаНас.±%
198119−86.2%
199111−42.1%
199411+0.0%
20027−36.4%

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Зеленград имало 160 жители, сите Македонци.[5] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Зеленград имало 160 жители, сите Македонци.[6]

Селото е мало и во 1961 година броело 219 жители, додека во 1994 година бројот се намалил дури на 11 жители, македонско население.[3]

Според последниот попис од 2002 година, во селото живееле 7 жители, сите Македонци.[1]

Во 2012 година веќе нема постојани жители и тоа значи дека селото е изумрено.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 160 160 286 292 219 138 19 11 11 7
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[7]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[8]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[9]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]

Родови[уреди | уреди извор]

Зеленград е македонско село.[11]

Според истражувањата од 1970-тите, родови во селото се:

  • Доселеници: Савевци (3 к.), доселени се во XVIII век од некое село во Горна Пчиња, се сметаат за основачи на денешното село; Јовчевци (3 к.), Мишаци (5 к.) и Соколовци (3 к.), доселени се од селата на Козјак и Горна Пчиња, нешто после првиот род; Богдановци (5 к.), Митревци (8 к.) и Марковци (4 к.), доселени се од селото Градче кај Кочани; Луковци (2 к.), доселени се од селото Луково; Калуѓерци (1 к.), водат потекло од некој човек кој дошол во почетокот на XX век од некое место во Грција.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Мештаните главно се иселиле во Злетово и во Пробиштип.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

  • Поранешно основно училиште

Во селото имало основно училиште коешто се отворило непосредно по Втората светска војна. Било затворено средината на 1970-тите години поради преселувањето на населението.

  • Месна заедница

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Кон крајот на XIX век, Зеленград било село во Кратовската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Пробиштип, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што биле споени поранешните општини, Пробиштип и Злетово. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Злетово.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Пробиштип. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Пробиштип.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Злетово, во која покрај селото Зеленград, се наоѓале и селата Бунеш, Древено, Злетово, Јамиште, Лесново, Луково, Ратавица, Трипатанци, Турско Рудари и Шталковица. Во периодот 1950-1952, селото било дел на некогашната општина Злетово, во која влегувале селата Злетово, Зеленград, Јамиште, Лесново, Луково и Ратавица.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 1567 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на месната заедница. Во ова избирачко место е опфатено и селото Јамиште.[12]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 14 гласачи.[13] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 13 гласачи.[14]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Главната манастирска црква „Св. Спиридон“
Археолошки наоѓалишта[4]
Цркви[15]
Манастири
Реки[16]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 14 ноември 2022.
  2. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 130.
  4. 4,0 4,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 321. ISBN 9989-649-28-6.
  5. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 222.
  6. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 130-131.
  7. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  8. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  9. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  10. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  11. Апостолов Александар; Кондев Тодор; Апостол Керамидчиев (1974). Злетовска област-Географско-историски осврт. Скопје.
  12. „Описи на ИМ“. Посетено на 3 ноември 2019.
  13. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 3 ноември 2019.
  14. „Локални избори 2021“. Посетено на 16 ноември 2022.
  15. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 28. ISBN 978-608-65143-2-7.
  16. Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 32. ISBN 978-9989-2117-6-8.
Литература
  • Петров Ѓорче, Спомени, Скопје, 1950.
  • Група автори, Злетовска област, 1974.
  • Стеван Симиќ, Историја кратовске области, Белград, 1914.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]