Прејди на содржината

Евангелие според Матеј

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Евангелие по Матеј)
Поврзаноста на синоптичките евангелија.

Евангелие според Матеј, наречено и Евангелие по Матеј — првото евангелие на Новиот завет, чиј автор е апостол Матеј.[1][2] Неговото првенство произлегува од тезата, поставена од историчарите, а прифатена од Православната и Римокатоличката црква, дека се работи за прв евангелски текст.

Дата на пишување

[уреди | уреди извор]

Според податоците кои ги дал Папијас, епископот од Хиреаполис, Матеј го напишал евангелскиот текст на хебрејски јазик. Сепак, за жал, досега не е пронајден ниту еден од примероците напишани на хебрејски јазик. Светлото на денешницата, досега, го имаат видено единствено неговите старогрчки верзии. Притоа, повеќе прашања поврзани со ова евангелие сѐ уште предизвикуваат полемики во научниот свет. Едно од тие прашања, е проблематиката поврзана околу неговото прецизно датирање. Според едни автори, евангелието според Матеј датира од околу 7080 година, а, пак, според други во годините од 85-тата до 90 година.

Сепак, се чини дека овие претпоставени датирања најверојатно се погрешни. Ова поради фактот бидејќи при обидот за нивно датирање не се земал предвид податокот кај Папијас. Имено, за попрецизно датирање на Евангелието според Матеј може да послужи еден цитат кај Папијас, а сочуван од страна на Иринеј Лионски и Евсевиј Кесариски, каде што се вели дека „...Матеј го напиша евангелието во периодот кога апостолите Петар и Павле претстојувале во Рим“. Ова е особено важен податок во обидот прецизно да се датира оригиналниот хебрејски евангелски текст на апостол Матеј. Имено, ако знаеме (врз основа на Делата на светите апостоли) дека Петар и Павле биле затворени во Рим во 60-те години на 1 век, за време на владеењето на Нерон (5468), тогаш произлегува дека Матеј го напишал евангелскиот текст околу 61 – 62 г., но никако после 65 – 68 кога апостолите веќе биле маченички убиени.

Автентичност

[уреди | уреди извор]
Страница од Евангелието според Матеј. Папирус 1, околу 250 г.

Второ прашање кое предизвикува полемики во науката е проблематиката поврзана околу неговата автентичност. Во врска со ова постојат две спротивставени групи мислења. Првата е онаа која се сомнева во неговата автентичност, а втората е онаа која го вреднува за релативно сигурен извор. Па така, како еден од аргументите кои одат во прилог на автентичноста на матеевото евангелие е фактот дека неговиот автор многу добро ја познавал географијата на Палестина, хебрејските обичаи и хебрејската историја. Тој имал и одлично познавање на Стариот завет, а посебно на Мојсеевиот закон.

Според друго верување, евангелието не било напишано од страна на Матеј, ниту пак оној кој го напишал бил очевидец за настаните поврзани околу Исус. Неговиот автор или автори оваа евангелие го напишале според раните извори од тоа време, и како главен извор за пишување на овој текст било земано евангелието според Марко и документот Q[1][3][4].

Содржина

[уреди | уреди извор]

Евангелието по Матеј, во споредба со другите три, се одликува со подетално опишување на чудата што ги направил Исус Христос за време на неговиот живот. Ова се должи на фактот што истото било, пред се, упатено до еврејските преобратеници и оттука, неговиот автор се обидува да докаже дека преку личноста на Исус се исполнети пророштвата од Стариот завет.

На почетокот на евангелието е прикажан родословот на Исус Христос, почнувајќи од Авраам до татко му Јосиф. По свршувачката на Јосиф и Марија, таа останува бремена, по што Јосиф размислува да ја ослободи од брачната обврска, но на сон му се јавува ангел кој му кажува дека таа е оплодена од Светиот Дух. Марија го раѓа Исус во Витлеем, а непосредно пред тоа, во Ерусалим пристигаат тројца мудреци од исток кои му кажуваат на царот Ирод за раѓањето на детето кое ќе биде новиот цар. Мудреците ја наоѓаат куќата во која се раѓа Исус, му се поклонуваат и му принесуваат подароци. На Јосиф повторно му се јавува ангел, кој го предупредува да побегне во Египет, зашто на детето му се заканува смртна опасност. Во меѓувреме, исплашен од зборовите на мудреците, царот Ирод ги убива сите машки деца на возраст до две години во Витлеем и околината. По смртта на Ирод, Јосиф со семејството се враќа во татковината, но наместо во Јудеја, тие се населуваат во Назарет, во областа Галилеја. Во тоа време, во пустината проповеда Јован Крстител, кој го крштева Исус во реката Јордан. Во тој миг, над Исус се појавува Светиот Дух во вид на гулаб, а глас од небото објавува дека тој е Синот Божји. Духот го носи Исус во пустината, каде ѓаволот го искушува во текот на 40 дена, но без успех. Потоа, Исус се враќа во Галилеја и таму почнува да проповеда и да ги лечи болните. Нему му се придружуваат браќата Симон (наречен Петар) и Андреја, како и браќата Јаков и Јован. Исус се качува на планина и проповеда за молитвата, за постот, за откажувањето од земните задоволства и за посветеноста кон Бога. Проповедите на Исус предизвикуваат големо внимание и него го следи многуброен народ. Истовремено, тој прави повеќе чуда, како: излекувањето лепрозни, фатени и бесни луѓе, смирувањето на бурата при преминот преку езерото и оживувањето на умрена девојка. Во тоа време, Исус ги собира своите 12 ученици и ги назначува за апостоли со задача да проповедаат и да ги лекуваат луѓето. Тој, пак, сведочи пред луѓето за делото на Јован Крстител и кажува параболи за царството божје. Кога царот Ирод го заробува Јован Крстител и наредува да му ја отсечат главата, Исус оди на пусто место, следен од народот и учениците и во таа прилика прави неколку чуда: нахранува илјадници луѓе со пет леба и две риби, оди по водата и лекува болни. Тој им ја соопштува на учениците својата судбина: страдањата, смртта и воскресението, а исто така, во нивно присуство се преобразува, светејќи со голема светлина и разговарајќи со Мојсеј и со пророкот Илија.[5]

Следени од многуброен народ, Исус и учениците доаѓаат во Ерусалим, каде тој влегува во храмот и служејќи се со параболи ги напаѓа свештениците, кои сакаат да му наштетат, но се плашат од народот. На своите ученици, пак, им ги опишува знаците со кои ќе бидат најавени крајот на светот и неговото второ доаѓање, кога тој ќе им суди на народите при што праведните ќе влезат во божјото царство, а грешниците ќе одат во пеколот. Свештениците планираат да го погубат Исус, а неговиот ученик Јуда Искариот се нафаќа да го предаде за награда од 30 сребреници. За време на последната вечера, Исус им кажува на учениците дека ќе биде предаден, а потоа се моли претчувствувајќи го својот крај. Тогаш пристигнува Јуда во придружба на многу луѓе, кои го заробуваат Исус и го носат кај првосвештеникот Кајафа, а таму, свештениците и насобраниот народ го обвинуваат, навредуваат и го тепаат. Во таа прилика, за да се спаси себеси, апостолот Петар трипати се одречува од својот учител. Заробениот Исус го предаваат на управникот Понтиј Пилат, а Јуда се кае за предавството и ги враќа парите, а потоа се беси. Пилат не сака да го осуди Исуса, но насобраниот народ, поттикнат од свештениците, бара смрт за него така што Пилат најпосле попушта. Тогаш, војниците го исмејуваат и измачуваат Исуса по што го носат на ридот Голгота каде го распнуваат на крст. Насобраниет свештеници и народот го исмејуваат и навредуваат Исуса, но тогаш се стемнува и тој умира, а потоа почнува земјотрес и многу умрени излегуваат од гробовите. Еден следбеник на Исус, Јосиф од Ариматеја, го зема неговото тело и го погребува, а свештениците бараат Пилат да постави стражари на гробот на Исус за неговите ученици да не можат да го земат телото. Третиот ден по смртта, во недела наутро, Марија Магдалена и друга жена, исто така со име Марија, одат на гробот на Исус и таму здогледуваат ангел кој им го покажува празниот гроб, кажувајќи им дека Исус воскреснал. Одејќи да ги известат неговите ученици, двете Марии го среќаваат Исус. Свештениците, пак, ги поткупуваат стражарите да кажат дека телото на Исус го украле неговите ученици. По веста за воскресението, Исусовите ученици одат во Галилеја каде го среќаваат Исус, а тој ги испраќа да им проповедаат на народите.[6]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. 1,0 1,1 Amy-Jill Levine (2001), p.372-373
  2. Howard Clark Kee (1997), p. 448
  3. Brown, Raymond E., 1997, pp. 210-211
  4. Bart Erhman (2004), p. 92
  5. „Новиот завет на нашиот Господ Исус Христос“, во: Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 5-29.
  6. „Новиот завет на нашиот Господ Исус Христос“, во: Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 29-42.