Послание до Филипјаните

Од Википедија — слободната енциклопедија

Послание на апостол Павле до Филипјаните — книга од Новиот завет напишана од Апостол Павле во Рим во периодот од 61 или 63 година[1].

Древномакедонскиот град Филипи се наоѓал кај денешното село Рахче во Кавалско, Егејска Македонија, на 15 км од брегот на Егејско Море. Градот Филипи бил средиште на жива културна, верска и трговска дејност. Низ него поминувале сите поважни патишта што го пресекувале Балканскиот Полуостров, вклучувајќи го и Вија Егнација, кој ја пресекувал Македонија од едниот до другиот крај. Според некои истражувачи, Филипи е првиот град во Европа, каде што било проповедано и прифатено христијанството.

Уште со самото пристигнување во Филипи, апостолот Павле и неговите соработници започнале да го проповедаат новото учење. Тоа тие го правеле надвор од градот кај една река, каде што месните жители имале обичај да излегуваат на молитва. Првите слушатели на апостолот Павле биле, пред сё, антички Македонци, кои, по стар обичај излегувале надвор од градот, да се молат кај реката. Тешко е да се прифати дека надвор од градот, имало еврејска синагога или пак некаков друг помал молитвен дом на евреите, каде што тие се молеле и дека имено во тој молитвен дом Павле го проповедал новото религиозно учење. Мислењето дека во Филипи апостолот Павле проповедал исклучиво помеѓу антички Македонци, се прифаќа од голем број видни проучувачи на Библијата, меѓу кои е и истакнатиот теолог Шинц.

Според христијанската традиција, прва која го прифатила христијанството во Македонија била Света Лидија Македонка.

Содржина[уреди | уреди извор]

Апостолот Павле, во свое име и во име на соработникот Тимотеј се обраќа до верниците во Филипи, искажувајќи ја својата љубов и приврзаност кон нив. Најпрвин, апостолот ја истакнува својата неуморна активност во проповедањето на Евангелието и ги повикува верниците да истраат во верата заедно со него. Тој им порачува да бидат сложни и едномислени, да прават добри дела во името на Исус Христос и да работат на своето спасение. Бидејќи е затворен, апостолот ги известува верниците дека ќе им го испрати Тимотеј за кого кажува пофални зборови, а веќе им го испратил соработникот Епафродит. Во продолжение, тој кажува дека постојано го следи примерот на Христос за да достигне совршенство како него и така да го заслужи воскресението. Затоа, ги повикува верниците да го подражаваат него и да ги занемарат телесните потреби, подготвувајќи се за вечниот живот. На крајот, пред да ги поздрави, апостолот им заблагодарува на жителите на Филипи за помошта која му ја даваат во текот на неколку години.[2]

Цитати[уреди | уреди извор]

Не грижете се за ништо, туку во сè преку молитва и молба со благодарност искажувајте ги своите просби пред Бога!
А знаете и вие, Филипјани, дека во почетокот на проповедањето на Евангелието, кога заминав од Македонија, ниедна црква не беше со мене во давање и примање, освен единствено вие.
Но сепак правам едно: го заборавам она што е зад мене, а се стремам кон она што е пред мене; трчам кон целта: за наградата на горното призвание од Бога во Христа Исуса.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Harris, Stephen L., Understanding the Bible. Palo Alto: Mayfield. 1985.
  2. „Новиот завет на нашиот Господ Исус Христос“, во: Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 248-251.